Егејска Македонија
Егејска Македонија |
||||
---|---|---|---|---|
|
||||
Химна: „Славна Македонија“ |
||||
Карта на Егејска Мкедонија
|
||||
Главен град | Солун | |||
Најголем град | Главниот град | |||
Службен јазик | грчки | |||
Признаени регионални јазици | македонски | |||
Уредување | Регион во Грција | |||
• | Управник на Западна Македонија | Теодорос Карипидис | ||
• | Управник на Централна Македонија | Апостолос Ѕиѕикостас | ||
• | Управник на Источна Македонија и Тракија | |||
Површина | ||||
• | Вкупна | 34,356 км2 | ||
Валута | Евро | |||
Се вози на | десно |
Егејска Македонија (Μακεδονία του Αιγαίου), (уште и Беломорска или Приморска Македонија) — дел од окупираната територија на Македонија по Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, денес во состав на Република Грција.[1] Претставува најголем регион во денешна Република Грција според површина и втор регион според број на население. Официјално се нарекува како Македонија (грчки: Μακεδονία), бидејќи сметаат дека тоа е единствениот ентитет кој има право да го носи името Македонија. Ова е една од причините за грчко-македонскиот спор околу името на Македонија, кој бил решен во 2018 година со контроверзниот Преспански договор.
Егејска Македонија зафаќа околу 34.356 км2 или околу 51% од територијата на регионот Македонија. На запад се граничи со Албанија преку планините Грамошта (Грамос) и Корбец (Трикларио), на југ и југозапад оградена од планините Пинд и Олимп се граничи со грчката област Тесалија, на југоисток излегува на Егејското Море, на исток преку реката Места се граничи со областа Тракија, а на север се граничи со Република Македонија (Вардарска Македонија) и Бугарија (Пиринска Македонија).
Административна поделба
Според актуелната административна поделба на Република Грција, Егејска Македонија не претставува една административна единица, туку е поделена на три покраини, кои се нарекуваат: Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Најголем град во Егејска Македонија е Солун. Тој е седиште на покраината Централна Македонија.
Западна Македонија
Покраината е позната по планините: Неред со врвот Вич (2.128 м), Сува Гора, Корбец, Пинд, Грамошта, северните падини на Олимп јужните падини на Ниџе, Дурла и Каракамен. Во овој дел се наоѓа и најјужниот дел на Пелагонија односно Леринското Поле. Карактеристични за овој регион се многуте езера како Островското, Петерското, Костурското, Рудничкото и Малото Преспанско Езеро.
Административна поделба на окрузи:
Централна Македонија
- Поврзано Централна Македонија (Грција)
Територијата на Централна Македонија се состои во 84% од огромното плодно Солунско Поле или Кампанија. Во овој дел се вбројуваат и Пајак Планина, Мегленската Котлина и Циганската Клисура. Низ овој дел Вардар го завршува својот тек и се влева во Егејското Море кај Солун.
Административна поделба на окрузи:
Источна Македонија и Тракија
Источниот дел на Егејска Македонија може да се одликува со две големи реки: Струма и Места, како и релативно ниски планини и ридести предели како Круша, Карадаг и други. Од околиите на оваа покраина, само две се во Егејска Македонија:
Административна поделба на окрузи:
Овие се под надлежност на државното владино М��нистерство на Македонија и Тракија.
Областа се граничи со соседните области Тесалија и Епир.
Градови и број на нивното население во Егејска Македонија
Список на градови во Егејска Македонија според бројот на нивното население | |
1. Солун | 773.180 |
2. Кавала | 58.663 |
3. Сер | 54.266 |
4. Катерина | 50.510 |
5. Бер | 42.794 |
6. Драма | 42.501 |
7. Кожани | 38.591 |
8. Кајлар | 30.017 |
9. Ениџе Вардар (Пазар) | 26.296 |
10. Негуш | 19.870 |
11. Воден | 18.253 |
12. Кукуш | 17.430 |
13. Костур | 14.813 |
14. Лерин | 14.279 |
Историја на Егејска Македонија
На територијата на Егејска Македонија, како и на целата територија на регионот Македонија, население имало уште од старото камено време. Доказ за тоа се пронајдоците во пештерата Камено Гумно (Петралона) на Халкидичкиот Полуостров. Уште од раните времиња на антиката, Егејска Македонија била дел на античка Македонија позната како Долна Македонија. На територијата на Егејска Македонија се наоѓале и македонските кралски престолнини Пела и Ајга.
Во периодот на христијанството токму на брегот на Егејското Море во Егејска Македонија била покрстена првата Македонка Лидија, а низ Егејска Македонија пропатувал и Апостол Павле каде што ги образувал првите христијански црковни општини во Македонија и Европа воопшто. Во периодот на доаѓањето на Словените, солунските браќа Кирил и Методиј ќе ја создадат словенската азбука глаголица врз основа на македонските словенски говори од Солунско. Во средновековниот период територијата на Егејска Македонија, покрај под византиска власт, ќе влезе и во составот на државите на неколку балкански феудалци сè до потпаѓањето под турската власт.
Во турскиот период на владеење на територијата на Егејска Македонија ќе се случи најпрвин Негушкото востание во 1828 година, а свој силен одглас ќе има Илинденското востание особено во западните краишта.
По Балканските војни, според Букурешкиот мировен договор од 1913 година, територијата на Егејска Македонија ѝ се доделува на Грција и од тогаш започнува најтешкиот период во историјата за македонското население на овие простори. Со бескрупулозни и насилни методи во периодот 1913 - 1928 година грчките власти ќе спроведат колонизаторска политика врз Македонците со што ќе го сменат етничкиот карактер на целата област. За време на Граѓанската војна во Грција (1945-1949) дури 14.000 Македонци ќе застанат да се борат во редовите на ДАГ, но тоа ќе се одрази уште покатастрофално врз Македонците со нов бран на насилни протерувања, ѕверски убиства и мачења од страна на грчките монархофашистички власти.
Етнички состав на населението
Година | Население | Македонци православни | Македонци муслимани | Турци | Грци | Евреи | Власи | Роми | Албанци | Други |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1900[2] | 307.240 | 39.532 | 270.600 | 221.772 | 59.560 | 33.284 | 29.588 | 8.875 | 19.310 | |
1904[3] | 896.494 | |||||||||
1912[4] | 326.426 | 41.000 | 295.000 | 234.000 | 60.000 | 50.000 | 30.000 | 9.000 | ||
1913[5] | 370.371 | 274.052 | 236.755 | 68.206 | 44.414 | 25.302 | 15.108 | 8.019 | ||
1920[6];[7];[8] | 500.000 | |||||||||
1949[9];[10] | 195.395 | |||||||||
Македонците во Егејска Македонија
Егејска Македонија денес има околу 2.200.000 жители. Точниот број на лицата што се декларираат себеси како етнички Македонци не е познат, бидејќи при спроведувањето на пописите, не постои графа за националност со наслов Македонци. Според повеќе изјави на раководителите на македонската партија Виножито на чело со Павле Филипов (Воскопулос), бројката на Македонците во Грција се движи до 400.000 луѓе. Сепак поради големите рестриктивни и агресивни асимилациони и денационализаторски мерки кои биле преземани врз Македонците од страна на грчките власти во минатото, голем дел од Македонците во Егејска Македонија се со ниска национална свест, а македонскиот јазик е минимизиран пред сè кај младите Македонци. Најголем број на Македонци живеат во западните и северозападните делови на Егејска Македонија во градовите Лерин, Воден, Костур и нивните околни села. Генерално кажано, грчката влада не признава постоење на македонско малцинство во Грција и поради ова честопати е цел на критики од страна на повеќе странски организации меѓу кои и Хелсиншкиот комитет[1] Архивирано на 9 декември 2006 г.
Бидејќи нема официјален попис за тоа колку Македонци живеат во Егејска Македонија, кога ќе споредиме некои историски податоци и денешни статистики, се доаѓа до одредена проценка. Така, во Егејска Македонија, Македонците живеат во околу 420 населени места и сочинуваат околу 12% од вкупното население, па според последниот попис тоа се приближно 280.000 Македонци.
Во Егејска Македонија не постои образование на македонски јазик, а обидите да се создаде Македонски културен центар во Воден, биле спречени од страна на грчката администрација. Во 2006 година во Атина и Солун беше промовирано повторното издание на Абецедарот на современата македонска азбука и јазик, кој за првпат бил испечатен во 1925 година од страна на грчката влада, што е чекор напред во подобрувањето на малцинските права на Македонците во Егејска Македонија и Грција воопшто. Во најново време во јули 2007 македонскиот национален фолклорен ансамбл „Танец“ одржа турнеја низ повеќе места во Егејска Македонија како што се Кајљарско, Мегленско и Леринско, на големо воодушевување и задоволство на тамошните жители Македонци. Оваа турнеја своевидно претставува и прв културен контакт на Македонците од Република Македонија со своите сонародници Македонци кои сè уште живеат во Егејска Македонија, по подолго време од над 50 години.
Општиот став кој владее во Грција е дека тврдењето за постоење на македонско малцинство претставува територијална претензија на Република Македонија.
Општина | Македонци | Вкупно | % на Македонци |
---|---|---|---|
Преспа | 676 | 1.560 | 43% |
Лерин | 25.172 | 32.881 | 76% |
Суровичево | 9.505 | 16.973 | 54% |
Костур | 15.378 | 35.874 | 43% |
Рупишта | 5.904 | 11.802 | 50% |
Нестрам | 1.281 | 2.646 | 48% |
Кајлар | 12.240 | 45.592 | 27% |
Воден | 19.774 | 28.814 | 69% |
Меглен | 10.524 | 27.556 | 38% |
Вртикоп | 5.189 | 20.188 | 26% |
Постол | 15.938 | 63.122 | 25% |
Негуш | 11.585 | 32.494 | 35% |
Бер | 5.933 | 66.547 | 9% |
Гида | 3.431 | 41.570 | 8% |
Гуменџе | 8.007 | 28.493 | 28% |
Кукуш | 2.886 | 51.926 | 5% |
Град Солун | 37.016 | 673.004 | 5% |
Илиџиево | 2.992 | 33.673 | 9% |
Делта | 10.739 | 45.839 | 23% |
Даутбал | 19.052 | 38.317 | 36% |
Капуџилар-Хортач | 13.392 | 70.110 | 19% |
Лагадина | 13.570 | 41.103 | 33% |
Валовишта | 6.800 | 22.195 | 31% |
Долна Џумаја | 12.031 | 21.145 | 57% |
Сер | 14.398 | 76.817 | 19% |
Довишта | 1.808 | 14.664 | 12% |
Нигрита | 1.817 | 20.030 | 9% |
Зелјахово | 2.599 | 12.397 | 21% |
Ениќој | 168 | 9.182 | 2% |
Неврокоп | 3.682 | 7.860 | 47% |
Пресечен | 4.783 | 13.066 | 36% |
Драма | 7.410 | 58.944 | 12% |
Доксат | 149 | 14.516 | 1% |
Бук | 162 | 3.901 | 4% |
Кушница | 349 | 32.085 | 1% |
Кавала | 2.161 | 70.501 | 3% |
Места | 711 | 22.331 | 3% |
Егејска Македонија | 313.002 | 2.386.951 | 13% |
Партии и организации на Македонците во Егејска Македонија
Македонците во Егејска Македонија се организирани во партијата Виножито со седиште во Лерин, и покрај острите репресии од страна на грчките власти. Партијата на Македонците во Егејска Македонија активно се бори за малцинските права на Македонците во Грција преку разни протести во Европскиот парламент и до европските институции и во внатрешниот политички живот на Грција.
Познати Македонци од Егејска Македонија
- Поврзано: Категорија:Родени во Егејска Македонија
- Александар Македонски - роден во Пела (Постол) во 356 година п.н.е., најпознатиот античко-македонски крал кој го проширил македонското кралство до Индија и Египет.
- Крсте Петков Мисирков - роден во с.Постол (Пела) Воденско во 1885 година, најголем македонски национален идеолог, борец за македонската национална самобитност и основоположник на македонскиот литературен јазик.
- Гоце Делчев - роден во Кукуш во 1872 година, најголем македонски револуционер и идеолог на македонското национално-ослободително револуционерно движење.
- Димитар Влахов - роден во Кукуш во 1878 година, познат македонски национален деец, политичар и државник, еден од основачите на ВМРО (Обединета).
- митрополит Теодосиј Гологанов - роден во Трлис, Серско, македонски национален деец и голем поборник за обновување на Охридската архиепископија и за создавање на македонска национална држава.
- Лазо Ангеловски - роден во село Граждено, на 10 август 1925 година. На 19 август 1948 година е стрелан во Лерин од тогашните грчки власти.
- Константин Караманлис - роден на 8 март 1907 во Ќуп Ќој - починал на 23 април 1998, поранешен грчки политичар, претседател и премиер на Република Грција
Наводи
- ↑ Стојановски, Страшко; Љоровски-Вамваковски, Димитар (2017). Грчката „Македонска борба“ и грчката политика во Балканските војни и Букурешкиот договор (PDF). С��опје: МАНУ. стр. 196.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. Софија, 1900. Бројките се сумирани врз основа на податоците за етничката структура во следните кази: Солунска, Берска, Ениџевардарска, Воденска, Кукушка, Лагадинска, Касандра, Света гора, Серска, З'хна, Демир-Хисарска, Драмска, Правишка, Кавалска, Сари-Шабанска, Леринска, Костурска, Калјарска, Анаселичка, Гревенска и Кожанска.
- ↑ DM Brancoff, La Macedoine et Population chretienne, Paris, 1905.
- ↑ Тодор Христов Симовски, „Населените места во Егејска Македонија“, Скопје.
- ↑ Стојан Киселиновски, „Егејскиот дел на Македонија (1913-1989)“, Скопје 1990.
- ↑ Μιχαήλ Χουλιαράκη, Γεωγραφική, διοικητική και πληθυσμιακή εξέλιξις της Ελλάδος 1821-1971, τόμος Γ΄, Αθήναι 1976.
- ↑ National censuses and vital statistics in Europe, 1918-1939
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-11-19. Посетено на 2012-12-09.
- ↑ „Sur la question de la minorité nationale macédonienne en Grèce“, Lazo Moïsov
- ↑ http://macedonian.atspace.com/knigi/lm_mnmg.htm
- D. M. Brancoff, La Macédoine et sa population chrétienne, Paris, 1905.
- http://www.greekhelsinki.gr/english/pressrelease/RP-Press%20Releases-Greece.html Архивирано на 14 март 2008 г.
- http://www.greekhelsinki.gr/pdf/rainbow-english.pdf Архивирано на 9 декември 2006 г.
Поврзано
Надворешни врски
- Егејска Македонија Архивирано на 13 август 2007 г. — Страница на македонски јазик за Егејска Македонија
- Виножито — Официјална страница на партијата на Македонците во Грција
- Стојан Киселиновски „Егејскиот дел на Македонија (1913-1989)“
- Список на некои оригинални македонски топоними
- Македонските називи за населените места во Егејска Македонија - Google Maps
|
|
|
|
|