Прејди на содржината

Преспански договор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Преспански договор
Потпишување на договорот од министрите Никола Димитров (лево) и Никос Коѕијас (десно), зад нив се премиерите на двете држави
Потпишан17 јуни 2018 (2018-06-17)
МестоНивици, Преспанско, Егејска Македонија
На сила од12 февруари 2019 (2019-02-12)
ПреговарачиНикола Димитров
Никос Коѕијас
Странки
Јазицианглиски јазик
Целосен текст
Преспански договор на Викиизвор

Договор од Преспа, Спогодба од Преспа или Преспански договор — меѓународен договор потпишан од министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, и посредникот на ООН за спорот за името на Македонија, Метју Нимиц, на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, Егејска Македонија, на Преспанското Езеро. Договорот ја раскинува Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Тој треба да биде решение за спорот помеѓу Грција и Македонија и да воспостави стратешко партнерство меѓу двете држави. Според договорот, Република Македонија го промени своето официјално и уставно име во Република Северна Македонија, ерга омнес, а Грција го призна државјанството на соседната земја како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, се согласи да го именува официјалниот јазик на соседната земја како македонски, и се обврза да не го попречува членството на соседната земја во меѓународните организации.[1]

Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година (англиски)

Една од републиките на СФР Југославија кои се осамостоиле била и Република Македонија. Третирајќи го како иредентистичко прашање, Република Грција ја спорела употребата на името Македонија од страна на Република Македонија, а биле вклучени и некои други идентитетски прашања. Разни чекори на властите во Република Грција и Република Македонија довеле до продлабочување на спорот меѓу двете земји, кој траел речиси три децении.[2]

Република Македонија била примена како земја-членка на Обединетите нации на 8 април 1993 година, но не под уставното име туку под привремената референца „поранешната југословенска Република Македонија“ (на англиски: the former Yugoslav Republic of Macedonia). Односите меѓу двете земји биле подобрени со потпишувањето на Времената спогодба на 13 септември 1995 година во Њујорк, која, меѓу другото, ги формализирала билатералните односи меѓу двете земји, а Република Македонија го отстранила своето дотогашно знаме на кое било претставено сонцето од Кутлеш и го усвоила денешното знаме со сонце со осум проширувачки зраци.

Одредени чекори преземени од владите на двете држави влијаеле на влошувањето на односите меѓу двете земји. Владата предводена од Никола Груевски, избрана во декември 2006 година, водела политики кои се објаснуваат со терминот „антиквизација“, така што го сменила името на аеродромот во главниот град Скопје во Аеродром „Александар Велики“, а во рамките на проектот „Скопје 2014“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје бил поставен споменикот „Воин на коњ“, висок 14,5 метри, којшто го претставува античкиот крал Александар Македонски. Сепак, новата влада на Република Македонија од 2017 година, на чело со Зоран Заев, покажала подготвеност да ги реши разликите со Република Грција и да ги подобри односите меѓу двете земји.

Содржина

[уреди | уреди извор]
Целосна интегрална верзија на Договорот од Преспа (англиски)

Договорот налага Република Македонија да го промени своето уставно име во Република Северна Македонија (англиски: Republic of North Macedonia), со превод на сите јазици, државјанството да биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, а официјалниот јазик на државата да продолжи да се именува како македонски јазик и да биде признат и од Република Грција. Ова го потврдил и Зоран Заев, кој истакнал дека со договорот ќе се признае македонскиот јазик во Обединетите нации, а граѓаните ќе се нарекуваат како и порано, македонски.[3] Согласно Преспанскиот договор, кодовите на земјата остануваат MK и MKD, со исклучок на регистарските таблици, каде се применува NM или NMK. Во договорот се споменува дека термините Македонија и македонски можат да се употребуваат за територијата, јазикот, народот, историјата, културата и наследството на Република Северна Македонија. Се предвидува формирање на Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, како и подобрување на дипломатската, политичката, економската, образовната, полициската и одбранбената соработка.[4] Исто така, во член 7, точка 4 од договорот се споменува дека и двете држави признаваат дека нивното соодветно разбирање на поимите „Македонија“ и „македонско“ се однесуваат на различен историски контекст и културното наследство. Кога се упатува на Грција, овие термини ја означуваат областа и луѓето од нејзиниот северен регион, како и елинската цивилизација, историја и култура на тој регион. Кога се упатува на Република Македонија, овие поими ја означуваат нејзината територија, јазик и народ, со своја, различна историја и култура. Членот 8, точка 2 дефинира употреба на симболи кои другата држава ги смета за нивни, со кои се бара Македонија да го разгледа статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурите на нејзината територија, и доколку на било кој начин се однесуваат на античката елинска историја.[5]

Македонија

[уреди | уреди извор]
Анти-НАТО и про-Бојкотирам графит во Охрид

Македонската јавност реагирала поделено во однос на договорот. Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов истакнал дека нема да го потпише договорот, класифицирајќи го истиот како штетен за земјата и дека истиот значи напуштање на изградените суштински државни позиции: неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.[6] Следниот ден на 13 јуни, откако било прогласено решение, на средба со претседателот Иванов биле премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров кои му го предале договорот. Во медиумите било објавено дека средбата поминала во непријатна атмосфера и истата траела 2 минути, по што претседателот „им ја покажал вратата“ на Заев и Димитров.[7] Иванов за време на посета на Бугарија следниот ден изјавил дека тоа се медиумски лаги и дека откако го добил документот со договорот немал што повеќе да разговара на таа тема бидејќи, како што рекол тој, „за првпат ми беше донесен документ во кој не сум вклучен ниту запознаен“.[8]

Претседателот на најголемата опозициска партија во државата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го карактеризирал договорот како капитулација и дека истиот претставува пораз за Македонија. Тој побарал од Заев обврзувачки, а не консултативен референдум. Мицкоски исто така потенцирал дека опозицијата може веднаш да излезе на предвремени парламентарни избори, доколку претходно „власта ги обезбеди истите услови кои СДСМ ги доби на последните парламентарни избори“.[9] Ден по изјаснувањето дека е постигнато решение за спорот за името, спонтано повеќе здруженија меѓу кои Семакедонски национален совет - Македониум, Христијанско Братство како и навивачката група Комити Запад иницирале протест пред Собранието на Република Македонија.[10] На истиот биле приведени десетмина учесници во протестот кои маскирани со фантомки кон Собранието и кон кордонот од полициски службеници почнале да фрлаат со шишиња, пиротехнички средства, шипки, конзерви и еден молотов коктел, кој не се запалил.[11]

Два часа по потпишувањето на договорот во Нивици на грчка страна, во Битола бил организиран протестен марш од ВМРО-ДПМНЕ на кој учествувале околу 1.500 луѓе. Маршот бил предводен од транспарент на кој бил ставен цитат од Тодор Александров - „Организацијата е народот и народот е организацијата“, а бил претставен и крст на кој пишувало „Република северно од Македонија“.[12][13]

Противниците на договорот во Грција реагирале со низа протести. За време на дебатата за доверба на владата на Алексис Ципрас во грчкиот парламент, пратеникот на крајнодесничарската партија Златна Зора, Константинос Барбариус побарал од грчката војска да ја испочитува дадената војничка заклетва за одбрана на државата и да ги уапси премиерот Ципрас, министерот за одбрана Панос Каменос и претседателот Прокопис Павлопулос што било сфатено како повик за воен пуч. По ваквото изјаснување на Барбариус, претседателот на партијата, Никос Михалољакос во согласност со неговата пратеничка група донел одлука да го отстрани Барбариус од партиската список на Златна Зора, поради тоа што, како што рекол тој, „изјавата на Барбарусис не е во согласност со ставовите на Златна Зора“.[14] По ваквата изјава на Барбариус, државното обвинителство издало наредба за негово апсење, но тој успеал да ѝ побегне на полицијата. Во бегство се упатил со автомобил марка „Волво“ за кој не се знае дали е во негова или во сопственост на грчкиот парламент. Тој возел со брзина од најмалку 180 км кога не застанал на знак на полициска патрола, а за малку ќе предизвикал и сообраќајна несреќа.[15]

За време на потпишувањето на договорот, на патот што води од Преспа кон Лерин, во близина на селото Песодер кое е на триесетина километри од Нивици, група на граѓани меѓу кои и грчки екстремни десничари протестирале против потпишувањето на договорот. Тие се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, а на тоа полицијата ко��стантно реагирала со користење на солзавец за да се растере масата од демонстранти. Во самите инциденти имало осум повредени.[16] Демонстрантите се обиделе и преку шумата да дојдат до местото на потпишување на договорот но таквиот обид бил спречен од грчката полиција. Самите протести траеле цели 4 часа.[17]

Спорност

[уреди | уреди извор]

Во еден дел од македонската научна јавност (пример, професорките по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, проф. Тања Каракамишева, проф. Биљана Ванковска и професори Игор Јанев и Саво Климовски) ваквиот „договор за идентитет“ во суштина мора да се смета (по себе) за незаконски (те. спротивен на основните ius cogens норми, т.е. императивното право на суверенитетот врз државно-правниот идентитет и неотуѓивост и неприкосновеност на националниот идентитет), и може еднострано да се раскине преку дипломатските според Виенската конвенција на ОН за правото на договори од 1969 година имајќи предвид дека не е во согласност со Повелбата на Обединетите нации и судските ставови на Меѓународниот суд на правда во Хаг.[18][19]

Референдум

[уреди | уреди извор]
Билборд на кампањата „Излези ЗА Европска Македонија“ во Дебар на албански јазик
Постер на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) за кампањата „Бојкотирам“ во Струга

Референдум во Македонија за таков договор со Грција се најавувал уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа во јуни 2018 година.[20][21] Имено, и самиот договор предвидува референдум. Според член 1, точка 4, по потпишувањето на договорот, Македонија, ако одлучи така, ќе одржи референдум. Според член 2, точка 4, потточка b (ii), поддршката на Грција за поканата на Македонија за влез во НАТО е условена, имено со исходот од референдумот, доколку Македонија одлучи да го одржи истиот.[22]

На 30 јули 2018 година, со 68 гласови „За“ и без „Против“ и „Воздржан“, без присуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја напуштиле собраниската сала, Собранието донело одлука за распишување референдум за консултирање на граѓаните, кои треба да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ преку опциите „За“ и „Против“.

Карта на која процентуално се претставени гласовите „За“ на референдумот по општина

Најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ тогаш рекла дека фактот дека референдумот ќе биде консултативен отвора можност резултатите да се толкуваат по слободна волја. Нивниот пратеник Никола Мицевски пак рекол дека „референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста“.[23]

Референдумот се одржал како и предвиденото, на 29 септември гласале болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во домашен притвор како и дијаспората, а на 30 септември сите останати граѓани на Македонија. Право на глас имале 1.806.336 гласачи. На референдумот гласале 36,91 отсто од населението односно 666.743 граѓани. Од граѓаните кои излегле и гласале, „За“ заокружиле 609.813 граѓани, а „Против“ биле 37.700 граѓани. Имало 19.221 неважечкo ливчe.[24] Според властите, референдумот претежно поминал во мирна атмосфера. Биле регистирани неколку инциденти, повеќето со неовластено снимање и фотографирање гласачи, закани и напади врз гласачите.[25][26][27]

Ратификација

[уреди | уреди извор]

Ратификација од македонскиот парламент

[уреди | уреди извор]
Указот за прогласување на Законот за Ратификација на Договорот, објавен само со фуснота и без потпис на Претседателот, Службен весник на Република Македонија од 14 јануари 2019

Законот за ратификација на Преспанскиот договор во Собранието на Македонија беше гласан два пати, еднаш на 20 јуни 2018 година и на 5 јули истата година, откако претседателот Ѓорѓе Иванов првично одбил да го потпише. Тој истото го стори и откако Законот со 69 гласа „за“ бил повторно изгласан во Собранието. По неколку месеци чекање, на 14 јануари 2019 г. Законот бил објавен во „Службен весник“ само со потписот на собранискиот спикер, Талат Џафери.

На 11 јануари 2019, со 81 глас „за“ Собранието ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со амандманот 33, зборовите „Република Македонија се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“.

Ратификација од грчкиот парламент

[уреди | уреди извор]

На 25 јануари 2019, Парламентот на Грција ја изгласал ратификацијата на Преспанскиот договор со 153 гласа „за“, 146 гласа „против“, и 1 воздржан.[28]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Потпишан договорот за името, Заев: поместивме планини“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 17 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  2. FYROM Name Issue Архивирано на 14 јули 2018 г., Hellenic Republic, Ministry of Foreign Affairs
  3. „Заев: Постигнавме договор - Република Северна Македонија, со македонски јазик и македонски идентитет“. Кајгана. 12 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  4. „Конечен договор за решавање на македонско - грчкиот спор за името и за стратешко партнерство“. Влада на Република Северна Македонија. Посетено на 15 август 2020.
  5. Влада на Република Северна Македонија. Целосен текст на Конечниот договор за решавање на македонско - грчкиот спор за името и за стратешко партнерство.
  6. „Иванов нема да го потпише договорот за името со Грција“. Дојче Веле на македонски јазик. 13 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  7. „По 2 минутната средба со Заев и Димитров, Иванов им ја покажал вратата“. Курир. 13 јуни 2018. Архивирано од изворникот на 2018-06-19. Посетено на 17 јуни 2018.
  8. „Иванов: Не сум бил вклучен во договорот, сами нека си го завршат“. Република. 14 јуни 2018. Архивирано од изворникот на 2018-06-24. Посетено на 17 јуни 2018.
  9. „Мицкоски: Договорот е капитулација за Македонија“. Сител. 12 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  10. „Протест во Скопје против договорот за менување на името“. Сител. 13 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  11. „Десетмина приведени по вчерашните протести пред Собранието“. Телма. 14 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  12. „ВМРО-ДПМНЕ со цитат од Тодор Александров го почна протестот против договорот за името“. Сакам Да Кажам. 17 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  13. „Јас и по цена на животот нема да го прифатам капитулантското дело на Заев, рече Мицкоски на протестот против договорот за името“. Сакам Да Кажам. 17 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  14. �� „Пратеникот на Златна зора кој повика на воен пуч исфрлен од партијата“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 15 јуни 2018. Посетено на 17 јуни 2018.
  15. „Пратеникот на „Златна зора" и побегнал на полицијата“. Нова ТВ. 16 јуни 2018. Архивирано од изворникот на 2018-07-26. Посетено на 17 јуни 2018.
  16. „Осуммина повредени во Нивици по судирот на демонстрантите и полицијата“. Република. 17 јуни 2018. Архивирано од изворникот на 2018-06-25. Посетено на 17 јуни 2018.
  17. „Преку шумата се обиделе да дојдат до шаторот кај Заев и Ципрас: Инцидентот во грчка Преспа траел цели 4 часа“. Република. 17 јуни 2018. Архивирано од изворникот на 2018-06-25. Посетено на 17 јуни 2018.
  18. Види за незаконитоста на Преспанскиот договор во JPSIR 2019
  19. Види I. Janev, Prespa Agreement And Its Effects On Macedonian Right To National Identity: An Act of Ethno – Genocidal Termination of the National Identity, Lambert Academic Publishing. 2021. ISBN 978-620-4-71741-8.
  20. „Нема доволно време Македонија да стане членка на НАТО во јуни, вели Коѕијас“. Сакам Да Кажам. 18 април 2018. Посетено на 3 октомври 2018.
  21. „Стојам зад предлогот Република Илинденска Македонија, кажа Заев по водачката средба и најави референдум“. Сакам Да Кажам. 19 мај 2018. Посетено на 3 октомври 2018.
  22. „Процедурите во Договорот со Грција кои се однесуваат и на зачленувањето на Македонија во НАТО“. Академик. 12 јули 2018. Посетено на 13 август 2021.
  23. „Референдум на 30 септември“. Дојче Веле. 30 јули 2018. Посетено на 1 октомври 2018.
  24. „На референдумот гласале 666.743 граѓани, „За" гласале 609.813, „Против" 37.700“. Сакам Да Кажам. 1 октомври 2018. Посетено на 1 октомври 2018.
  25. „Инциденти на гласањето за референдумот“. 24 Вести. 30 септември 2018. Посетено на 1 октомври 2018.
  26. „Австралија: Закани и навреди за гласачите на референдумот“. Дојче Веле. 29 септември 2018. Посетено на 1 октомври 2018.
  27. „Фејсбук-малтретирање на оние кои гласаат на референдумот во дијаспората“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 29 септември 2018. Посетено на 1 октомври 2018.
  28. „Υπερψηφίστηκε με 153 "ναι" η συμφωνία των Πρεσπών“. Kathimerini.gr. 25 January 2019. Посетено на 2019-01-25.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]