Секулица
Секулица Сакулица | |
Амбар Маало на селото Секулица | |
Координати 42°02′42″N 22°03′22″E / 42.04500° СГШ; 22.05611° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Кратово |
Население | 95 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1360 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 14022 |
Надм. вис. | 591 м |
Секулица на општинската карта Атарот на Секулица во рамките на општината | |
Секулица на Ризницата |
Секулица (во минатото често како Сакулица) — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото кое е повеќе познато под името Сакулица, најверојатно потекнува и доаѓа од личното име Секула.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во крајниот југозападен дел на територијата на Општина Кратово, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Пробиштип.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 700 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 18,2 километри.[2]
Во селото се спојуваат регионалниот пат 29277 и регионалниот пат 2247. Оваа местоположба на селото и благодарение на овие патишта, кои се основна врска за повеќе села во западниот дел на Општина Кратово, му овозможиле да се развие како средиште за селата околу него.
Всушност, Сакулица е село од разбиен тип чиишто маала се издигнуваат на надморска височина од 550 до 700 метри. Средишното маало каде што минува асфалтниот пат и се наоѓаат училиштето и повеќето општествени установи е сместено на зарамнет предел опкружен со повеќе ридови од сите страни.
За него македонскиот револуционер Ѓорче Петров, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, запишал дека е сместено во подножјето на Црн Врв, односно помеѓу Црн Врв и кумановскиот пат, а со крајните маала тоа се доближува до селата Стубол, Тополовиќ и Филиповци.[3]
Средниот дел е на 2 ½ - 3 часа растојание од градот Кратово. Селото е многу растурено, има обиколка околу 3 ½ часа и е разделено на следните пет маала: Грковци на каменливо место во подножјето на Црн Врв, Стубленци така наречено зашто се доближува до Стубол, Вуковци чиешто население води потекло од еден прадедо Вукан од кого произлегло и името на маалото, Крстевско така наречено според името на некојси Крсте, родоначалник на неговите жители и Анџиско Маало така наречено зашто под него имало ан – Сакулички ан – на патот за Куманово кај излезот на Сакуловската Река во долината на Крива Река. Покрај овие маала, во денешно време постојат и: Амбар Маало веднаш под ридот Градиште (560 м.н.в.), Новаковци и Николовско Маало. Местото меѓу маалата во селото и околу нив е ридско. Некогаш ридовите како и Црн Врв биле покриени со густи „дубрави“ (дабови шуми), но сега тие се покриени со грмушки, а дрвја има малку.[3]
Ридовите кои го заокружуваат селото Секулица од сите страни ги носат следните имиња: Градиште (560 м.) на север, Минев Рид (565 м.) на северозапад, Стојменов Рид (597 м.) на запад, Горно Градиште (730 м.) на југозапад, Тасевица со врвот Ветерник (785 м.) и Средни Рид (694 м.) на југ, Барски Рид (702 м.) на југоисток, забележителниот Црн Врв (1115 м.) на исток и ридот Чука (697 м.) на североисток.
Историја
[уреди | уреди извор]Во пишаните извори Сакулица се сретнува во турските пописни даночни дефтери од XVI и XVII век кога селото потпаѓало под вилаетот Кратово и било хас - сопственост на султанот (падишахот) во Ќустендилскиот санџак.[4] Во XVI век Секулица имало статус на царски хас и во него живееле 22 македонски христијански семејства и 19 неженети кои произведувале до 50 товари пченица, мешано жито, граор, коноп, грозје, вино, бостан и одгледувале свињи и пчели за што плаќале данок од 4.335 акчиња.[4]
Според записите на Ѓорче Петров, некогаш целото село било собрано во Анџиското Маало каде што е селската црква, а неговото растурање се случило неодамна. Порано селото се состоело само од три маала, меѓу кои главно било Анџиското.[3]
Околу 1880 година многу од селаните биле затворени, а останатите жители во селото биле угнетени од власта. По извесно време некои семејства се одделиле од селото и се населиле погоре каде што ги основале двете нови маала – Грковци и Крстевци. Целото село кон крајот на XIX век имало 65 македонски куќи, сите чифлиг на еден бег. Сакуловчани некогаш биле луѓе со весел дух и биле прочуени свирачи и играчи во цело Кратовско. Сепак, во последно време тие опаднале со духот главно поради сиромаштијата во која ги втурнале поседниците на селото со тешките давачки.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 18,2 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 709 хектари, на шумите отпаѓаат 517 хектари, а на пасиштата 472 хектари.[2]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во селото има услужни објекти.[2]
Населението на Секулица се занимава со земјоделство, сточарство како и со занаетчиски услужни дејности. Од поледелството најзастапено е одгледувањето на жита, грав, компир, додека од сточарството застапено е одгледувањето на крави и кози. Дел од жителите се занимаваат и со услужни и занаетчиски дејности како градежништво, ѕидарство, автопревоз, сеча на огревно дрво, електричарство итн. Како средишно место за повеќе околни села во Секулица работи и продавница.
Според турските документи од XVI век, жителите на Секулица произведувале до 50 товари пченица, мешано жито, граор, коноп, грозје, вино, бостан и одгледувале свињи и пчели за што плаќале данок од 4335 акчиња.[4]
Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својот опширен запис на селото Секулица, дал и прилично обемен опис на неговото стопанство и дејности на населението. Главните занимања на крајот на XIX век, па сѐ до денес, се земјоделството и сточарството. Ниските места се влажни и со дебела црноземна почва поради што сакуловчани садат најмногу пченица и ’рж. Порано еднакво со нив саделе и јачмен, но од пред десетина години, тука како и во околните села тој не се сади главно поради метилот кој го фаќа секоја година. Болеста метил произлегува од едни мали мушички кои притиснати испуштаат сок. Во пролет (околу Велигден) тие мушички му го шмукаат сокот поради што јачменот престанува да расте, побелува и не фаќа леб (зрно). Метилот ги фаќа пролетните јачмени и овеси. Во зарамнините во сите планински села таа болест не постои. Природните јачмени пак измрзнуваат повеќето години. Од пченицата растат црвенката и брицата, којашто се сади само во тие села, а во другите места ретко се среќава. Бидејќи е поубава и поскапа, брицата ја продавале на кумановскиот пазар како поголем. Сакулица од неа произведувала до 600 шиници. Црвенката не вирее кога летото е многу жешко и поради тоа многу години не успева, но воопшто местото е погодно за неа зашто е јак црнозем. Во последно време садењето црвенка почна да се зголемува. Сакулица произведувала до 400 шиници црвенка. Во ниските и јаки места успева и добра пченка. Местото е влажно и богато со трева којашто го храни сакулевскиот добиток.[3]
Во Сакулица на крајот на XIX век имало 1.000 глави овци, 600 глави кози и 200 говеда. Само говеда продавале до 50 годишно. Од продажбата на животинска стока и жив добиток сакуловчани како и жителите на другите околни села, на крајот на XIX век ги покривале ситните домашни трошоци.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Секулица живееле 350 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Секулица имало 376 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[7]
Од селото се иселил голем број од населението и тоа преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото броело 777 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 235 жители и во него живее само македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Секулица живееле 177 жители, од кои 174 Македонци и 3 Срби.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 95 жители, од кои 76 Македонци и 19 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350 | 376 | 724 | 838 | 777 | 660 | 290 | 269 | 235 | 177 | 95 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Секулица, отсекогаш па до денес било населено со Македонци од православна христијанска вероисповед.
Родови кои денес живеат во Секулица, а се групирани во истоимените родовски маала, забележани од Ѓорче Петров на крајот на XIX век се: Грковци, Стубленци така наречено зашто се доближува, но и можеби зашто е основано од доселеници од селото Стубол, Вуковци чиешто население води потекло од еден прадедо Вукан од кого произлегло и името на родот и маалото, Крстевски така наречено според името на некојси Крсте, родоначалник на неговите жители.[3]
Останати родови групирани во маала се: Новаковци, Николовски, Шопавци, како и семејствата Велковски, Стојановски, Лукановски. Речиси сите родови сте староседелски или доселени од околните села во Секулица како средишно место во пределот.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Најголем дел од населението се иселил во Кратово, Скопје и Куманово, а иселеници има и во Пробиштип.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Како село со средишна положба околу повеќе соседни села во Секулица има повеќе општествени установи:
- ПУ „Кочо Рацин“ - Секулица, подрачно основно училиште „Кочо Рацин“, составен дел на ОУ „Кочо Рацин“ - Кратово. Училиштето е деветгодишно и поседува обновена зграда и игралиште.
- здравствена амбуланта
- пошта
- месна канцеларија за различни општи управни работи
-
Амбулантата
-
Основното училиште
-
Поштата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Секулица било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото влегувало во тогашната Општина Шопско Рударе, во која се наоѓале селата Вакуф, Кетеново, Коњух, Секулица, Татамир, Топаловиќ и Шопско Рударе. Во периодот 1950-1952 година, селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Вакуф, Секулица и Татомир.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0918 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 100 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[16]
- Градиште — градиште од доцноантичко време;
- Павлева Воденица — населба од доцноантичко време; и
- Среден Рид — населба од доцноантичко време.
- Цркви[17]
- Црква „Св. Харалампиј“ — главна селска црква
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Секулица
- Марко Секулички — македонски револуционер, деец на ВМРО
- Јордан Секулички — македонски револуционер, кратовски војвода на ВМРО
- Цане Митровски (1920-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стефан Петрушевски (1918-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Санде Смилевски (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ (роден во Строиманци (Светиниколско), доселен во Секулица).
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Амбар Маало
-
Амбар Маало
-
Николовско Маало
-
Пат низ селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уре��и извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 264. Посетено на 29 септември 2022.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 385. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Соколоски, Методија (1980). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 52.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 222
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 септември 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 27 август 2022.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-10-01. Посетено на 1 октомври 2022.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 186. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|