Верзијата за печатење повеќе не е поддржана и може да дава грешки. Подновете си ги бележнците во прелстувачит и користете ја можноста за печатење од самиот прелистувач.

Борис Березовски (руски: Борис Абрамович Березовский, ) бил руски стопанственик кој припаѓа на групата на т.н. руски олигарси.

Борис Березовски
Борис Березовски, 2007 година
Роден(а)23 јануари 1946(1946-01-23)(78 г.)
Москва, СССР
Починал(а)23 март 2013
Сари, Обединето Кралство

Рани години

Березовски е роден на 23 јануари 1946 година во еврејско семејство. Татко му, кој бил единец, бил градежен инженер, а неговата мајка педијатриска медицинска сестра. Семејството на Березовски не било член на Комунистичката партија на СССР, па неговото детство било доста скромно.

Березовски дипломирал математика на Московскиот државен универзитет. Во текот на 1969 година се вработил во Институтот на контрола на науките односно институт кој се занимавал со приблемите при управувањето на руската академија каде довил звање доктор на науки и каде работел повеќе од 20 години. Како научник, има напишано повеќе од 100 трудови на тема теорија на оптимизација и донесување на одлуки.

Березовски бил директор на лабораторија која истражувала автоматизација и компјутерски системи за индустријата. На 23 години се оженил за Нина Василиевна од кој брак се родиле две ќерки: Екатерина и Елисавета. Во 1991 година Березовски се оженил со Галина Бечарова, од кој брак се родиле еден син, Артем и една ќерка Анастасија. Овој брак официјално бил поништен по две години.

Падот на комунизмот

Березовски е добитник на престижната награда Лениониовиот комсомол (годишна руска награда за најдобри дела на млади автори од областа на науката, литературата и уметноста). Во 1989 година се свртел кон автомобилската индустрија, продавајќи стари користени мерцедеси увезени од Источна Германија. По ова, искористувајќи ја новата можност за слободно патување заминал во Западна Германија, каде започнал сам да купува автомобили на старо и да ги носи во Русија каде ги продавал. По паѓањето на комунизмот, Березовски започнал да работи на продажба на софтвер што тој го имал претходно развиено за државната комисија за наука и технологија. Во 1991 година Березовски бил именуван за члан на Руската академија за наука.

Првиот вистински извор на богатство, Березовски го стекнал преку врските стекнати во времето на неговата акаденска активност, со директорот на најголемиот руски производител на автомобилот Лада во компанијата Автоваз. Березовски ја основал компанијата Логоваз, чија цел била унапредување на продажбата.

Березовски продолжил со формирање на првите застапништва на познатите автомобили Мерцедес, Фиат и Волво. Синџирот застапништва бил основан во време кога Русија се соочувала со организиран криминал и рекет за заштита. Честопати, застапништвото на Березовски било цел на напад од страна на чеченски криминалци, кои исто така контролирале произвосни линии во Автоваз. Во 1993 година, неговиот плац во Москва бил цен на напад дури трипати, а во неговите салони биле подметнувани бомби.

По девет месеци, врз Березовски бил извршен неуспешен атентат, кога неговиот автомобил бил кренат во воздух а неговиот личен возач убиен. Во 1993 година, Березовски веќе имал создадено голема бизнис-империја. Едно од неговите претпријатија било СРАА односно Серуска автомобилска асоцијација. СРАА ветувала производство на т.н. народен автомобил кој требало да биде произведен од страна на Автоваз во соработка на Џенерал Моторс.

Во 1995 година, Автоваз го прекинал договорот со Логоваз, а Березовски се свртил кон авионската индустрија, односно кон државната компанија Аерофлот. Благодарение на неговото огромно влијание во Кремљ, тој обезбедил неговите две новоосновен компании во Швајцарија да го финансираат Аерофлот.

Во времето на Елцин

Најголемиот по��ем на Березовски се засновал поради неговото влијание во Московскиот Кремљ и поради личното пријателство со тогашниот претседател Борис Елцин. Во неговот време, Березовски станал еден од најбогатите луѓе во земјата, со започнувањето на приватизацијата[1][2]. Поврзаноста на Елцин со Березовски била зацементирана со финансирањето на вториот том од мемоарите на претседателот „Белешки на еден претседател“ од 1994 година, организирајќи авторскиот хонорар да биде платен на една банкарска сметка во Лондон.

Така, наводно благодарниот Елцин во декември 1994 година потпишал декрет според кој 49% од ОРТ, главната државна телевизиска станица и радиодифузер на Канал 1 се предава на Березовски. Березовски за ова платил на државата 320.000 американски долари. Во наредната 1995 година, Березовски стекнал право на државниот нафтен конгломерат Сибнефт, тогаш шеста најголема нафтена компанија во Русија за цена од околу 100 милиони американски долари. Целата зделка била склучена помеѓу двајца соработници, и тоа Аркадија Бадри Патаркатсишвили и Роман Абрамович.

Така, кон крајот на 1995 година, 49% од компанијата биле продадени на лицитација на нив, а останатиот 51% требало да остане на државата три години, а во текот на тој период тие да го финансираат односно целосно да менаџираат со Сибнефт. Доколку долгот не биде отплатен, тогаш законската сопственост ќе припадне во рацете на заемодавците. Така, на крај формално компанијата паднала во сопственост на Березовски и неговите партнери.

Березовски активно се вклучил во политичкиот живот на Русија. Тој во голема мера придонел за втората победа на претседателот Елцин против неговиот противкандидат Генадиј Зјуганов. Телевизијата, според многумина одиграла важна улога во изборната кампања. Една од највлијателните личности во текот на кампањата била ќерката на Борис Елцин, Татјана која соработувала со Березовски.

Веќе по изборите, во 1996 година Березовски бил на врвот од својата моќ и станал заменик-секретар на Националниот совет за безбедност, чија задача му била да го реши чеченскиот спор. Сепак, во 1997 година влијанието на Березовски навидум започнало да се намалува кога тој бил отпуштен од Советот за безбедност.

Во времето на Путин

Во 1999 година на функцијата в.д. претседател дошол Владимир Путин. По неговото доаѓање, Березовски започнал својата моќ да ја насочува кон новата политичка личност на Русија. Во почетокот, односите помеѓу Березовски и Путин биле на големо ниво. Во една изјава, Путин изјавил за Березовски дека добил: брат кој никогаш го немал. Според некои, Березовски бил човекот кој му помогнал на Путин да се искачи на власт[3].

Сепак, по доаѓањето на Путин, една од неговите први одлуки била да се спротивстави на олигарсите. Така, во текот на 1999 година, генералниот обвинител на Русија отворил кривичен предмет против Березовски.

Во текот на 1999 година, полицијата извршила повеќе од 20 упади по канцелариите на Берерзовски во Москва. Березовски започнал да се гони главно поради Аерофлот, односно главно поради големите милионски суми на пари кои Березовски ги испраќал во швајцарските банки, прекршувајќи ги руските закони за девизи. Така, на 6 април 1999 година бил издаден налог за апсење на Березовски. Во налогот се наведувало дека тој наводно канализирал 250 милиони американски долари од Аерофлот кон компанијата Андава, во негова сопственост. Во тоа време, Березовски се наоѓал надвор од земјата, па по неговото враќање тој не бил уапсен туку сам отишол во Јавното обвинителство. На 26 април 1999 година Березовски бил обвинет и му било одземено правото да ја напушти Москва. Во јули 2000 година, од страна на една ревизорска куќа, тој бил ослободен од обвинувањата, барем делумно и покрај тоа што руските власти продолжиле со истражувањето.

Истата година, во 1999 година, Березовски станал пратеник со кое му бил обезбеден имунитет од судско гонење. По приведувањето на Гусински, Березовски отворено започнал да го критикува претседателот Путин[4][5], за да на крај, по само шест месеци, поднесе оставка од функцијата пратеник.

Првиот директен судир со Путин бил откако неговата телевизија емитувала интервју со жените и децата на морнарите кои загинале кога атомската подморница Курск потонала при кое 118 членови од екипажот загинале, а во меѓувреме наводно Путин бил на одмор на Црно Море, емитувајќи репортажа како тој скија на вода. По големата наводна расправија која се случила во Кремљ, Березовски откажал да ја продаде својата телевизија на државата, а на 17 октомври тој повторно бил испрашуван во Јавното обвинителство околу Аерофлот.

Една недела подоцна, Березовски се качил на својот приватен авион и заминал за Ница. Така, во текот на есента Березовски започнал да живее во една голем вила во Антиб, Азурниот Брег. Во октомври државата му ја запленила неговата викендица во Москва, а на 1 ноември било покренато обвинение против него за да се појави на судско рочиште во Москва. Две недели подоцна, Березовски изјавил дека нема намера да оди во Москва главно поради тврдењето дека обвинувањето против него биле политички мотивирани. Русија побарала помош од Интерпол, кој издал по него потерница. Кога заканата започнала да се зголемува, Березовски со претходен договор заминал во Лондон.

Животот во Лондон

По пристигнувањето во Лондон, Березовски како прва задача имал како да си го заштити своето богатство. Тој сè уште имал голем удел во Логоваз, Аерофлот, Сибнефт, Русал и телевизијата ОРТ.

Многу бргу во Лондон на состанок пристигнал Роман Абрамович кој му понудил да ги продаде своите акции во телевизијата. Според кажувањата на Березовски, суштината на преговорите била судбината на Николај Глушков кој бил приведен на 7 декември 2000 година и одржувал казна затвор поради проневера при неговото менаџирање со Аерофлот. Според него, Абрамович му понудил спогодба според која доколку тој си ги продаде акциите од ОРТ, Николај Глушков ќе биде пуштен од затвор. Според кажувањата на Абрамович пак, на тој состанок сакал единствено и само да му помогне на неговиот некогашен пријател, на негово барање, да ги продаде акциите. Како и да е, акциите биле продадени преку адвокатот Стивен Кертис, кој подоцна починал во хеликоптерска несреќа. И покрај тоа што акциите биле продадени, Березовски не бил задоволен од договорот бидејќи добил премалку пари и бидејќи Глушков не бил ослободен од затвор. На тој начин телевизијата на некој начин била повторно национализирана.

По ова, следувало и продавањето на уделот на Березовски во Сибнефт исто така на Абрамович. До август 2001 година, 250 милиони фунти има биле префрлени на березовски и неговиот партнер Патаркатсишвили.

Истата година, во 2001 година, Березовски побарал политички азил до Министерството за внатрешни работи на Велика Британија, бидејќи по само половина година било испратено барање од руските власти за негова екстрадиција. По добивањето азил на островот, Bерезовски изјавил дека се пушта во мисија со сила да го собори од власт на Владимир Путин. Во Велика Британија, Березовски станал многу близок со Ахмед Закајев. Александар Литвиненко и Александар Голдфарб, формирајќи го т.н. лондонски круг на прогонетите олигарси од стојата матична Русија. Тој ја основал Меѓународната фондација за граѓански слободи.

Во 2007 година, судот во Москва и официјално го прогласил Березовски за виновен во отсуство. Тој бил осуден на шест години затвор и долг кон земјата од $ 9.000.000 кои наводно биле украдени од државната компанија Аерофлот. Од страна на руските власти исто така е обвинет и за учество во неколку убиства, како онаа на Александар Литвиненко и новинарката Ана Политковскаја, како обид да ја дестабилизира земјата и да го дискредитира Владимир Путин. Како одговор на ова, Березовски убиствата ги препишува на режимот на Путин како средство на политичко заплашување. Освен во Русија, налози за негово апсење има издадено и Бразил за проневера, измама и перење на пари. Березовски е под истрага и од страна на швајцарскиот суд од 1999 година. Во текот на 2009 година, Березовски бил обвинет дека во 1994 година присвоил 140 милиони рубли, што им припаѓале на „Логоваз“ и „Автоваз“. Второобвинетиот Јулиј Дубнов бил осуден на девет години затвор.

Березовски во 2009 година пак поднел тужба против Абрамович и побарал отштета од две милијарди фунти, обвинувајќи го својот некогашен партнер дека користејќи „закани и застрашувања“ му ги откупил неговите акции во компанијата по многу пониска цена од онаа на пазарот.

Во 2012 година тој го загубил спорот со Роман Абрамович околу продажбата на акциите во поранешната нафтена компанија „Сибнефт“. Березосвки морал да ги плати огромните судски и адвокатски трошоци и за првпат западнал во долгови.

Наводна вмешаност во Украинските претседателски избори

Во септември 2005 година, поранешниот претседател на Украина, Леонид Кравчук, го обвинил Березовски дека ја финансирал кампањата на Виктор Јушченко обезбедувајќи копии од трансфер на пари од страна на неговите фирми кон фирми поддржувачи на Јушченко. Од своја страна пак, Березовски потврдил дека во Лондон се сретнал со претставници на партијата на Јушченко пред изборите, и дека парите биле префрлени од неговите компании, но одбил да даде изјава дека истите принадлежеле за поддршка на кампањата на Јушченко. Во Украина, финансирањето на една изборна кампања од страна на странски државјани е нелегално. Во септември 2007 година, Березовски започнал судски процес против двајца украински политичари, наводно поради злоупотреба на пари кои тој ги донирал во времето на Портокаловата револуција.

Наводна вмешаност во труењето на Литвиненко

Голем дел од руските медиуми сугерираат дека со смртта на Александар Литвиненко е поврзан Березовски[6][7], за разлика од него, кој тврди дека Русија го наредила убиството. Поранешниот шеф на ФСБ, Николај Ковалјов, за кого Литвиненко работел, изјавил дека инцидентот личи на раката на Березовски[8].

По смртта на Литвиненко, траги од полониум 210 (смесата од кој бил отруен Литвиненко), биле пронајдени во канцеларијата на Березовски[9]. На руските обвинители не им било дозволено да ја испитаат канцеларијата, ниту пак да го испрашуваат на Березовски за случајот[10]. Министерството за надворешни работи на Русија испратило протестна нота до Британија за попречување на руските обвинители во својата работа[11].

Смрт

Борис Березовски на 23 март 2013 година бил најден мртов во својата куќа во лондонската приградска населба Сари. Потврда за смрта на Березовски ја дал неговиот зет. Според неговииот адвокат Александр Добровински за „Раша тудеј“ Березовски извршил самоубиство[12] поради тоа што паднал во големи долгови по судскиот пораз против Роман Абрамович. По ова тој започнал со продажба на неговиот имот за да ги покрие судските трошоци[13].

Неговото тело било пронајдено од страна на неговиот телохранител кој бил поранешен член на Мосад, како што биле и сите негови телохранители[14]. Според неговиот адвокат, Березовски неодамна се изолирал себеси од пријателите[15][16] .

По дознавањето на смртта британската полиција и медиумите првично ја осомничиле Москва за смртта на Березовски[17]. Полицијата формирала тим за формална истрага. Специјалисти по хемиски, биолошки, радиолошки и јадрени материјали биле распоредени во домот на Березовски како "мерка на претпазливост"[13]. Подоцна овие стручнаци не пронашле ништо сомнително[18].

На 25 март полицијата соопштила дека Березовски се обесил и дека немало никаква трага од можно насилство врз неговото тело[19][20]. Сергеј Марков, еден од политичките советници на Владимир Путин ја обвинил британската „тајна служба“ за смртта на рускиот олигарх затоа што тие знаеле дека Березовски сака да се врати во Русија.

Наводи

  1. David E. Hoffman. The Oligarchs. Wealth and Power in the New Russia
  2. 'I am plotting a new Russian revolution' The Guardian. 13 April 2007
  3. „Хроники 1999–2009 гг.: «Обязан посадить»“. «Ведомости». Архивирано од изворникот на 2009-03-26. Посетено на 24 март 2009.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  4. „Boris Berezovsky. The Times“. Архивирано од изворникот на 2011-08-12. Посетено на 2011-07-28.
  5. Boris Berezovsky.Profile: The Independent[мртва врска]
  6. Weaver, John (24 November 2006). „Mafia Hit On The Media“. Atlantic Free Press. Архивирано од изворникот на 2007-10-16. Посетено на 26 November 2006.
  7. (руски)Alexeev, Petr (24 November 2006). „Politkovskaya, Litvinenko, who is next?“. Electorat. Info. Архивирано од изворникот на 2007-02-24. Посетено на 26 November 2006.
  8. (руски)„Who orchestrated plan to discredit Russia?“. Kommersant. 25 November 2006. Посетено на 26 November 2006.
  9. Hall, Ben (28 November 2006). „Polonium 210 found at Berezovsky's office“. MSNBC. Архивирано од изворникот 2007-10-26. Посетено на 1 December 2006.
  10. „Lugovoy case unsubstantial: Russian prosecution“. Russiatoday.com. Посетено на 14 May 2011.[мртва врска]
  11. Send Berezovsky back and we'll help with Litvinenko case, says Russia Архивирано на 12 мај 2011 г. Times Online Посетено на 6 April 2008
  12. „Почина рускиот тајкун Борис Березовски“. Утрински весник. Архивирано од изворникот на 2013-03-25. Посетено на 2013-03-23.
  13. 13,0 13,1 „UK police probe death of Russian oligarch Berezovsky“. ABC News. Australian Broadcasting Corporation. 24 March 2013. Посетено на 24 March 2013.
  14. Smith, Matt; Holly Yan (25 March 2013). „Russian tycoon's death 'consistent with hanging'. CNN. Посетено на 2011-03-25.
  15. „Умер Борис Березовский“. Gazeta.ru. 23 March 2013.
  16. [„Russian tycoon Boris Berezovsky found dead“ Проверете ја вредноста |url= (help). BBC. 23 March 2013. Посетено на 23 March 2013.
  17. Black, Tim (25 March 2013). „Boris Berezovsky and the Evil Empire nostalgists“. Spiked. Посетено на 2013-03-25.
  18. „No radiation found in Berezovsky home“. Australian Broadcasting Corporation. 25 March 2013. Посетено на 25 March 2013.
  19. „Berezovsky death consistent with hanging: police“. Reuters. Архивирано од изворникот на 2015-10-18. Посетено на 26 March 2013.
  20. „POST-MORTEM SHOWS RUSSIAN TYCOON DIED FROM HANGING“. AP. Архивирано од изворникот на 2013-03-28. Посетено на 26 March 2013.