Кила или хернија (латински: hernia) е испупчување (испакнување) на перитонеумот надвор од стомачната шуплина, во која можат да бидат и делови на стомачните органи. Надворешната кила се испупчува низ стомачниот ѕид под кожата низ преформирани отвори (килна врата) или низ отвори настанати од повреда, операција и сл. Испупчениот дел на перитонеумот (килна вреќа) поминува низ вратата или каналот на килата, и во него како содржина се наоѓаат стомачните органи, најчесто црева, стомачната кошулка (марама) и др.[1]
Кај внатрешната кила килната врата и вреќа се наоѓаат во самата стомачна шуплина и не излегуваат надвор од неа.
Природена кила се создава заради мани во развојот на некои делови од телото (на пр. кила кај папочната врвца, природена препонска кила и др.), додека во текот на животот кила се стекнува обично заради ненормални анатомски односи на идните килни врати, односно канали. Кила настанува и од силно напнување на стомачните мускули (кашлање, работници-носачи и дувачи на стакло).
Болните, кои боледуваат од кила, често имаат чувство на напнатост и непријатност при одење и станување, патат од обструкции, имаат повремено болки. Со време содржината на килната вреќа сраснува со ѕидот на вреќата, со што се отежнува состојбата на болниот. Во килата можат да се развијат воспалителни промени, може да дојде до застој на столицата и, што е најопасно, компликација на килата, до уклештување. Уклештувањето на килата го загрозува животот и единствено успешно се лечи со итна операција. Излегувањето на килната содржина може да се спречи со појас за кила (брахериј). Килата успешно се лечи со оперативно отстранување на килната вреќа и пластично покривање на килната врата, односно канал. Најчести се препонските кили (hernia inguinalis, т.е. ингвинална кила), феморални кили (кила на надколеницата), потоа папочни кили (кај мали деца и дебели жени), кила на браздата на стомачниот ѕид (вентрална кила), кила на дијафрагмата (хијатална, кила кај која килната вреќа влегува во градната шуплина) и др. Кај лажна кила (hernia spuria) се испупчуваат органите на стомачната шуплина низ отворот на стомачниот ѕид без содејство со перитонеумот. Поимот кила го вклучува и испупчувањето на градните органи низ ѕидот на градниот кош (хернија на торакалниот ѕид), испупчување на мускулите низ отворот на мусклулната обвивка, испупчување на содржината на черепната шуплина низ дефекти во черепните коски и др.