Прејди на содржината

Фариш

Координати: 41°27′13″N 21°48′02″E / 41.45361°N 21.80056°E / 41.45361; 21.80056
Од Википедија — слободната енциклопедија
Фариш

Воздушен поглед на селото Фариш

Фариш во рамките на Македонија
Фариш
Местоположба на Фариш во Македонија
Фариш на карта

Карта

Координати 41°27′13″N 21°48′02″E / 41.45361°N 21.80056°E / 41.45361; 21.80056
Регион  Вардарски
Општина  Кавадарци
Област Раец
Население 9 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1423
Повик. бр. 043
Шифра на КО 11043
Надм. вис. 415 м
Слава Петковден
Фариш на општинската карта

Атарот на Фариш во рамките на општината
Фариш на Ризницата

Фариш (во минатото Вариш) — село во областа Раец, во Општина Кавадарци, на патот помеѓу градовите Кавадарци и Прилеп.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]
Воздушен поглед на селото со селската црква

Името на селото се сретнува во овој облик уште во XVI век (1568-69 г.) во турски документи, а неговото значење се поврзува со личното име Фар(-е, -о) што доаѓа од Теохар или Теофар или пак заемка од романскиот јазик „фар“ за светилник. Како други варијанти на името што се појавувале биле Вариш, но и Варије како што го споменал Евлија Челебија.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Фариш се наоѓа во крајниот северозападен дел на Општина Кавадарци, од левата страна на реката Раец, а чиј атар се допира со подрачјата на општините Чашка, Росоман и Прилеп.[3] Селото е ридско и се наоѓа на надморска височина од 415 метри. Од градот Кавадарци е оддалечено 22 километри.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од А3.

Селото се наоѓа на левиот (присоен) брег на Селска Река, на устието со Скакало, која е притока на реката Раец, пред самата Дреновска Клисура. Водата за пиење во минатото доаѓала од селските чешми и изворите како Селиште, Љиљанина Круша, Мицово и Јанково Кладенче.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Којов Рид, Прогоњта, Фалашково, Стража, Црвен Камен, Смраделок, Даброво Брдо и Дабрави.[4]

Се состои од четири маала: Горно, Крстевско, Долно и Ракатско Маало.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Селото е основано во XIX век, кога жителите на поранешното село Вариш Дервен се раселени под притисок од страна на Арнаутите.[4]

Во Првата балканска војна, од селото имало еден доброволец кој бил дел од Македонско-одринските доброволни чети.[5]

Македонскиот револуционер Пере Тошев бил убиен на 4 мај 1912 година во Дреновската Клисура, на пат од Градско кон Прилеп. Бил погребан на селските гробишта во Фариш во црквата „Св. Богородица“. Во 1994 година, неговите коски биле однесени црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 16,2 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 946 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 278 хектари, а на шумите отпаѓаат 186 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]

Во отоманскиот период, селаните биле чифлигари, но се занимавале и со сточарство, а од 1905 година најголемиот дел биле слободни селани. Селото било познато и по филитни плочи за покривање на куќите, кои се ваделе од долината на Скакало, над водопадот.[4]

Голем дел од селаните оделе на печалба во Романија и во Северна Америка.[4]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948280—    
1953266−5.0%
1961253−4.9%
1971166−34.4%
1981134−19.3%
ГодинаНас.±%
199154−59.7%
199441−24.1%
200223−43.9%
20219−60.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Фариш живееле 500 жители, сите Македонци.[6]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Фариш имало 416 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]

Од Фариш се иселил значителен број од населението и селото преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото броело 253 жители, а во 1994 година 41 жител, од кои 39 биле Македонци и двајца жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 23 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 9 жители, од кои 7 Македонци, 1 Србин и 1 лице без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 500 416 280 266 253 166 134 54 41 23 9
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Фариш е македонско село.

Според истражувањата од почетокот на 1920-тите години, во селото биле застапени следниве родови:[4]

  • Староседелци: Јосифовци (1 к.), Басаровци (2 к.), Опеловци (66 к.), Мекевци (4 к.), Матовци (3 к.), Бадовци (4 к.), Крстевци (6 к.), Галевци (2 к.), Мркевци (1 к.) и Јанковци (5 к.).
  • Постари доселеници: Ракачани (4 к.), доселени се од селото Ракле во средината на XIX век, Дановци (5 к.) доселени се од некое село во Дебарско во средината на XIX век (некои сметаат дека се Мијаци), Ѓошевци (1 к.) доселени се од блиското село Житолуп (сега селиште), Терзијовци (2 к.) доселени се од велешкото село Степанци, Цветковци (1 к.) потекнуваат од домазет Цветко кој дошол од селото Мрамор (сега селиште).
  • Понови доселеници: Пацевци Ораовечки (2 к.), доселени од Раец околу 1890 година, а по потекло од Мрзен Ораовец, Чундевци (1 к.), доселени од Никодин во 1894 година, Силогијовци (1 к.), доселени од Попадија во 1906 година, а таму дошле од Јасеново во 1860 година и Гргљевци (1 к.), дошле од Радобил во 1920 година.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Во текот на 1970-тите и 1980-тите години, од селото е забележано масовно иселување кон поголемите градови, главно Кавадарци и Прилеп.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

На крајот од XIX век, Фариш било село во Тиквешката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кавадарци.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кавадарци.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Дреново, во која покрај селото Фариш се наоѓале селата Возарци, Брушани, Галиште, Грбовец, Дебреште, Добротино, Драдња, Дреново, Кесендре, Мрзен Ораовец, Праведник, Раец, Шешково и Шивец. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Раец, во која влегувале селата Кесендре, Раец и Фариш.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0697 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на кулата.[15]

Во вториот круг на претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 14 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Св. Богородица“
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]
Реки[20]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[4]

Личности

[уреди | уреди извор]
Починати во Фариш

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 193.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 308. Посетено на 18 јануари 2025.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Рајец. Белград: Српска кралска академија. стр. 499-500.
  5. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 648 и 885.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 154.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 104-105.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 јуни 2019.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019 (Втор круг)“. Архивирано од изворникот на 2020-06-10. Посетено на 7 јуни 2019.
  17. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 18 јануари 2025.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 160. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 62. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 59. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]