Прејди на содржината

Бронза

Од Википедија — слободната енциклопедија
Орудија од бронзеното доба

Бронза[1][2] или туч[3][4] — назив за голем број легури на бакарот, најчесто со калај, но и со други елементи како што се фосфор, манган, алуминиум и силициум. За исклучок се смета легурата со цинк која обично се нарекува месинг. Пред да биде откриено железото бронзата била најважна суровина за изработка на орудија, па според неа и бронзеното доба го добило своето име.

Употреба на бронзата

[уреди | уреди извор]

Еден долг период од развојот на цивилизацијата е наречен Бронзена ера во која ка��енот бил заменет со предмети од бронза. Тешко е да се каже кога почнала а кога завршила Бронзената ера која, најверојатно, се појавила во различно време во одделни делови од светот. Во Средоземјето, бронзата започнала да се употребува најмалку 3 000 години п.н.е. Сè уште не е јасно како луѓето ги откриле предности на бронзата во однос на бакарот, но се претпоставува дека до тоа дошло случајно. На почетокот, бронзата се произведувала во ограничени количества поради реткоста на каситеритот (оксидна руда на калајот). Поради поголемата раширеност на минералите на арсенот, во некои подрачја, на пример во Египет, бронзата била најчесто легура на бакар и арсен. Се претпоставува дека рудници за калај имало во Мала Азија, но со мало производство, а набргу тие рудници биле исцрпени, па калајот се увезувал од Британија. Со појавата на Железната ера, бронзата била истисната од употреба, иако таа се користела и понатаму за добивање на одредени производи, како што се камбаните.[5]

  1. „бронза“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „бронза“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. „туч“Дигитален речник на македонскиот јазик
  4. „туч“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  5. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XLIII-XLIV.