Владо Поповски
Владо Поповски | |
---|---|
Министер за одбрана | |
На должноста 4 септември 1992 – 20 декември 1994 | |
Претседател | Бранко Црвенковски |
Претходник | Трајан Гоцевски |
Наследник | Благоја Ханџиски |
Министер за правда | |
На должноста 20 декември 1994 – 29 мај 1997 | |
Претседател | Бранко Црвенковски |
Претходник | Туше Гошев |
Наследник | Ѓорѓи Спасов |
Министер за одбрана | |
На должноста 26 ноември 2001 – 1 ноември 2002 | |
Претседател | Љубчо Георгиевски |
Претходник | Владо Бучковски |
Наследник | Владо Бучковски |
Министер без ресор | |
На должноста 2002 – 2006 | |
Претседател | Бранко Црвенковски Хари Костов Владо Бучковски |
Лични податоци | |
Роден(а) | 21 септември 1941 Долно Дупени, Кралство Албанија |
Националност | Македонец |
Вероисповед | Православен христијанин |
Владо Поповски (роден на 21 септември 1941 во Долно Дупени, Ресенско) — македонски професор на Правниот факултет во Скопје и политичар. Поповски бил министер за одбрана, министер за правда, и директор (основач) на Агенција за разузнавање на Република Македонија[1], како и член на Советот за безбедност на Република Македонија. Во 1991 година бил член на Стручната група која го подготвила текстот на Уставот на Република Македонија.
Професорска кариера
Поповски основното образование го завршил во Штип, како и два класа гимназија, а последните ва класа гимназија во Скопје со одличен успех. Правен факултет завршил во Скопје. Магистарски студии завршил во Скопје со просечна оценка 10 (десет). Магистрирал на тема: „Политичките институциии и општествено-политичките системи на Стара Грција“. Докторирал на тема: „Национално-политичкиот профил на македонското-ослободително движење до ТМОРО“ со што се стекнал со докторат по историски науки.
Бил избиран како: асистент и научен соработник на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје; за вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје; и за вонреден и редовен професор на Правниот факултет во Скопје. Држел настава по предметите: Основи на марксизмот, Политички систем на Југославија и на политичка социологија – на филозофскиот факултет; Историја на правото, Современа европска и македонска историја и Историја на дипломатијата – на Правниот факултет во Скопје – на правните студии, на политичките студии и на студиите по новинарство.
Бил шеф на Катедрата по Историја на правото и римско право; раководител на политичките студии при Правниот факултет; и декан на Интерфакултетските студии по новинарство. Бил член на Сенатот на „УКИМ“ Скопје; член на Матичните комисии за формирање на воената академија „Михајло Апостолски“ и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Политички ангажман
Професор д-р Владо Поповски бил еден од тројцата автори на работниот текст на Уставот на Р Македонија донесен на 17 ноември 1991 година, како и еден од тројцата овластени застапници на претседателот на Р Македонија, Киро Глигоров, како предлагач за донесување на нов Устав на Р Македонија, во постапката за негово донесување пред уставната комисија на Собранието на Р Македонија и во постапката на самото тоа Собрание. Исто така, Поповски бил еден од двајцата советници на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски при донесувањето на Охридскиот рамковен договор и еден од двајцата негови застапници во постапката пред уставната комисија на Собранието и пред самото Собрание при донесувањето на амандманите на Уставот на Р Македонија предложени од претседателот Трајковски врз основа на Охридскиот рамковен договор.
На двајцата споменати претедатели на Репбулика Македонија, како и на премиерот Никола Груевски, извесно време, им бил советник за правни и политички прашања. Во два мандати бил член на Советот за безбедност на Р Македонија од редот на членовите што ги именува претседателот на Републиката.
Во Владата на Република Македонија двапати бил министер за одбрана (септември 1992 - декември 1994 година и ноември 2001 – ноември 2002 година), и министер за правда (декември 1994 - април 1997).
Професор д-р Владо Поповски бил прв директор на Агенцијата за разузнавање на Р Македонија (од април 1997 до март 1999 година) во кој период таа била основана и формирана како посебна установа во правниот и институционалниот систем на Република Македонија.
Дела
Професор д-р Владо Поповски досега има објавено научни трудови: монографии, студии и статии, меѓу кои десет самостојни и дванаесет соавторски монографии; повеќе од четириесет прилози во зборници на научни трудови, од кои повеќето меѓународни; повеќе од 150 статии во домашни и странски списанија, како и во годишници на повеќе научни установи. Покрај на македонски јазик, научните трудови се објавувани и на албански, бугарски, српски, руски, турски, украински и англиски јазик. Нагови научни трудови се препорачани како литература на три странски државни универзитети.[2]
Добитник е на Републичката награда за наука од областа на историските науки "Гоце Делчев".
- „Социјално-политичкиот живот и политичките институции – огледи за политичката пракса на Стара Грција“, Скопје: ИСППИ, 1975 (монографија)
- „Македонското национално-ослободително движење до ТМОРО“ Скопје: Македонска книга, 1989 (монографија);
- „Албанското национално-ослободително движење (1830‒1912)“, Св. Николе: МЦСП, 2012 (монографија);
- „Lëvizja combëtare çlirimitare Shqiptare (1830‒1912)“, Tetovë: Universiteti Shtetëror i Tetovës, 2012 (монографија);
- „Руската и Советската надворешна политика и македонското прашање“, Скопје: Макавеј, 2013 (монографија);
- „Христо Матов“, Скопје: ДАРМ и „Македоника литера“, 2015 (монографија);
- „Христо Татарчев“, Скопје: Филозофски факултет при УКИМ, 2016 (монографија);
- „Изборите и положбата на граѓаните во изборниот процес“, Скопје, 1994 година (монографија);
- „Правилата ‒ Уставот на Македонскиот востанички комитет во Кресненското востание„, Скопје: ИСППИ, 1978 (соавторска книга);
- „Македонската лига и Уставот за идното државно уредување на Македонија од 1880 година“, Скопје: Мисла, 1985 (соавторска книга);
- „Теорија и практика на делегатскиот систем“, Скопје: ИСППИ, 1988 (соавторска книга);
- „Општините во Република Македонија“, Скопје: Мисла, 1999 (соавторска книга);
- „Македонското прашање во документите на Коминтерната“, Скопје: Ѓурѓа. Т. 1. Д. 1. 1999 (еден од составувачите на зборник од документите);
- „Историја на македонскиот народ“, Скопје: ИНИ. Т. 3. 2003 (соавторска книга);
- „Општините во Република Македонија (според новиот закон за локална самоуправа и за територијална поделба на Р Македонија)“, Скопје: ИБДЦ, 2006 (соавторска книга);
- „Македонското прашање во Советската надворешна политика (1922‒1940)“, Проект на Историско-документарен департман на МНР на Руската федерација, Правен факултет „Јустинијан Први“ и Историски факултет при Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Скопје: Правен факултет „Јустинијан Први“, 2008 (еден од составувачите на зборник од документите);
- „Огледи за македонската интелигенција“, Скопје: Макавеј, 2015 (соавторска книга);
- „Локалната самоуправа и територијалната поделба на Република Македонија“; Скопје:Макавеј, 2016 (монографија)
- „The creation of the modern Macedonian state“, Skopje: Македоника литера, 2016 (соавторска книга);
Наводи
- ↑ „www.pf.ukim.edu.mk“. Архивирано од изворникот на 2015-09-24. Посетено на 2010-12-06.
- ↑ „Биографија на ukim.edu.mk“ (PDF).
Политички функции | ||
---|---|---|
Претходник Трајан Гоцевски |
Министер за одбрана на Македонија 4 септември 1992 – 21 декември 1994 |
Наследник Благоја Ханџиски |
Претходник Туше Гошев |
Министер за правда на Македонија 21 декември 1994 – 29 мај 1997 |
Наследник Ѓорѓи Спасов |
Претходник Владо Бучковски |
Министер за одбрана на Македонија 26 декември 2001 – 1 ноември 2002 |
Наследник Владо Бучковски |
|
|
- Луѓе од Долно Дупени
- Родени во 1941 година
- Министри за одбрана на Република Македонија
- Министри за правда на Република Македонија
- Министри без ресор на Република Македонија
- Македонски политичари
- Состав на Владата на Република Македонија од 1992
- Состав на Владата на Република Македонија од 1994
- Состав на Владата на Република Македонија од 2002
- Состав на Владата на Република Македонија од 2004
- Долно Дупени
- Апсолвенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“