Прејди на содржината

Металика

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Metallica)
Metallica
Металика на концерт во Лондон, 2008 г.
Од лево кон десно: Кирк Хамет, Ларс Улрих, Џејмс Хетфилд и Роберт Трухиљо
Животописни податоци
ПотеклоЛос Анџелес, Калифорнија, САД
ЖанровиТреш метал, хеви метал, спид метал, хард рок
Период на активност1981 – денес
ИздавачиВорнер Брос, Електра, Вертиго, Мегафорс, Сони (за Јапонија)
СоработнициЕкобреин, Егзодус, Флотсам и Џетсам, Инфекшс Грувс, Ледер Чарм, Мегадет, Рок Стар Супернова, Спастик Чилдрен, Суисајдал Тенденцис, Воивод, Ози Озборн, Лу Рид
Мреж. местоwww.metallica.com
Членови
Џејмс Хетфилд
Ларс Улрих
Кирк Хамет
Роберт Трухиљо
Поранешни членови
Рон Мекговни
Дејв Мастејн
Клиф Бартон
Џејсон Њустед
Изворното лого на Металика, користено скоро на сите нивни студиски албуми

Металика (англиски: Metallica) — американска хеви-метал музичка група од Сан Франциско, Калифорнија. Нивната музика е спој на треш и спид метал, со доста агресивни текстови и брза изведба. Основана е во октомври 1981 година, по објавениот оглас на Ларс Улрих во еден локален весник, на кој одговорил Џејмс Хетфилд. Во денешната постава на бендот освен споменатите двајца, членуваат уште Кирк Хамет и Роберт Трухиљо. Освен Хетфилд и Улрих, во првата постава на бендот членувале уште Дејв Мастејн и Рон МекГовни. Мастејн и Мекговни не се појавуваат на ниту еден студиски албум. Поранешни членови на Металика кои имале придонес барем на еден студиски албум биле Џејсон Њустед и покојниот Клиф Бартон.

Во првите години од нивното основање, тие биле предводници на треш метал движењето, музика која била претежно непозната и во тоа време социјален и општествен феномен. Ги освоиле симпатиите на обожавателите и музичката критика со нивниот трет студиски албум Master of Puppets (1986), кој бил оценет како највлијателен и „најтежок“ треш метал албум. На големата музичката сцена се пробиле со нивниот петти студиски албум Metallica (познат и како Црниот албум), кој во првата недела од издавањето продал 650 илјади плочи во САД и се искачил на првото место на најпродавани албуми на Билборд Хот 100 табелата. Во полза на неговиот комерцијален успех говорат вкупно продадените 16 милиони оригинални примероци во САД и преку 30 милиони во светот. Овој импресивен успех на табелите придонел Металика да прерасне во глобална атракција и да ги исполнува сите седишта до последно место за време на нивните настапи во живо.

Целокупната дискографија на Металика вбројува 9 студиски албуми, од кои пет се нашле на првото место на најпродавани албуми според Билборд, 13 ДВД изданија од концерти, како и една соработка со Лу Рид и една плоча со преработени верзии на култни хеви метал и хард рок композиции. Имаат свирено на преку 20 светски турнеи, а на последната нивна турнеја од 2008 до 2010 г. направиле финансиски обрт од 217 милиони долари. Во април 2009 година се примени во Рокенрол куќата на славните. Официјалната статистика во врска со нивната продажбата на албуми говори дека Металика во 2008 г. ја надминале бројката од 100 милиони продаден музички материјал низ светот.

Металика низ годините успеала да изгради лојално следбеништво и огромни фан-бази во многу земји од светот. Заедно со Мегадет, Слеер и Антракс ја сочинуваат големата Треш четворка, која е одговорна за популаризирање и етаблирање на хеви металот на глобалната сцена. Тие воедно важат и за еден од ретките претставници на екстремниот хеви метал што успеале да ги придобијат симпатиите на поголем дел од музичките експерти. Поради тој факт, во нивната збирка имаат собрано 9 Греми награди, како и две награди на MTV за најдобар видео запис за рок нумера. Групата во моментов работи на нивниот најнов, 10. по ред студиски албум, кој би требало да излезе во почетокот на 2014 година.

Во 2012 година, Металика формирале своја сопствена независка издавачка куќа Blackened Recordings, која ги обезбедила правата врз сите нивни студиски изданија.

Формирање (1981-1982)

[уреди | уреди извор]

Во 1981 година Ларс Улрих објавил оглас во весникот The Recycler со којшто барал заинтересирани музичари за формирање на бенд од жанрот на хеви металот. Било напоменато дека бендот би свирел музика слична на онаа од Дајмон Хед и Ајрон Мејден. Прв на огласот одговорил Џејмс Хетфилд на позицијата вокал и ритам-гитарист. Хетфилд со себе го донел и Хју Тенер од претходниот негов бенд Ледер Чарм. Иако бендот сѐ уште немал комплетна постава, Улрих побарал согласност од еден свој пријател, инаку сопственик на издавачка куќа, Брајан Слегел, да им дозволи на снимат своја песна за компилацискиот албум Metal Massacre. Слегел дал одобрување, а Улрих и Хетфилд започнале со првите музички активности.

Официјално бендот бил формиран во октомври 1981, пет месеци откако се запознале двајцата основачи Улрих и Хетфилд. Подоцна во The Recycler бил објавен и втор оглас за позицијата соло-гитарист. На овој оглас одговорил Дејв Мастејн. По добиените предлози Металика и Метал Манија, Улрих го одбрал името Металика за име на новоформираниот бенд. Занимливо, оригиналното име на групата се пишувало со едно „л“ на латиница, но поради недоразбирање со организаторот на свирката, во најавниот флаер бендот бил запишан со двојно „л“. Иако биле доста лути на луѓето кои стоеле позади настапот, сепак тоа име останало да фигурира до ден денес како нивно официјално.

Официјално првото јавно појавување на Металика било на 14 март на Radio City во Калифорнија, заедно со новиот басист Рон Мекговни. По извесно време местото на МекГовни, кој го напуштил бендот поради неговиот агресивен звук, го преземал Клиф Бартон. Условот под кој Бартон се приклучил на Металика бил целата постава да се пресели во Сан Франциско, на што останатите членови се согласиле, најмногу поради цврстата одлучност да го имаат Клиф во составот. Ова бил првичниот состав на Металика, но набрзо Дејв Мастејн бил исфрлен од бендот поради алкохолизмот и недоволната соработка со останатите членови. На негово место доаѓа Кирк Хамет, поранешниот член на Егзодус.[1]

Музичка кариера

[уреди | уреди извор]
Ларс Улрих, еден од основачите на Металика

Kill 'Em All (1983)

[уреди | уреди извор]

Во мај 1983 Металика заминуваат во Њујорк, за да го снимат својот прв албум, Metal up Your Ass, под продукцентската палка на Пол Курцио. Токму во овој период членовите од бендот одлучуваат да го исфрлат Дејв Мастејн поради неговото недолично однесување и проблеми со алкохолот. Испразнетото место на главен гитарист го пополнил Кирк Хамет од Егзодус.

Во почетокот, нивната намера била албумот да се вика Metal up Your Ass, но поради негодувањето на дистрибутерите да ја издадат плочата под тоа име, албумот бил преименуван во Kill 'Em All. Издаден бил преку издавачката куќа Megaforce Records во Америка и Music for Nations во Европа.

Албумот се пласирал на 120-то место на Билборд 200 листата за најпродавани музички албуми. Албумот бил промовиран со турнејата Kill 'Еm All for One. Иако овој проект не бил инстант финансиски успех, успеал да ја промовира Металика како движечка сила на андерграунд сцената.[2] Истата година Металика настапиле како предгрупа на концертот на Веном во гратчето Зволе, близу Амстердам, пред 7000 публика. Тоа воедно била и нивната прва поголема свирка на европско тло.

Ride the Lightning (1984-1985)

[уреди | уреди извор]
Првото музичко издание на Металика по смртта на Клиф Бартон
Металика на Damaged Justice турнејата (1989)

Вториот студиски албум наречен Ride the Lightning, бил снимен во студиото Sweet Silence во Копенхаген, Данска. Во продажба бил пуштен во август 1984. За разлика од првиот албум, темпото било забавено, се вметнале акустични гитари, текстовите обработувале посериозни теми. Накусо кажано - Металика музички созреале. Попознати песни покрај водечкиот сингл „Creeping Death“ се и третата нумера „For Whom the Bell Tolls“, баладата „Fade to Black“ и инструменталката „The Call of Ktulu“. За разлика од нивниот деби-албум, продукцијата и квалитетот на песните во Ride the Lightning биле на многу повисоко ниво. Ако со Kill 'Em All го најавиле своето доаѓање, со Ride the Lightning го зацементирале својот статус на предводници на треш метал движењето. Позитивните реакции околу новиот албум биле поттик нивното музичко творештво да го подигнат на уште повисоко ниво со нивниот претстоен албум.[3]

Master of Puppets (1986-1987)

[уреди | уреди извор]

Успехот на втората издадена плоча не минал незабележан. Металика набрзо потпишале договор со Електра Рекордс, а како најава за новиот, трет по ред албум, го реиздале првенчето Kill 'Em All, со две бонус песни. Во март, 1986 г. бил пуштен во продажба Master of Puppets, кој се нашол на 29 место на Билборд списокот на најпродавани албуми во САД.

Денес, овој албум се смета како највлијателно музичко остварување од овој жанр и како албум кој најмногу придонел за дооформувањето на треш металот. Добар дел од музичката критика го рангира Master of Puppets како најдобро остварување на овој музички колектив. Експертите и обожавателите посебно ги истакнуваат брзината и агресивноста на песните, како и феноменалниот перформанс на басистот Клиф Бартон. Песната со носечкиот наслов „Master of Puppets“ е изведувана буквално на секој нивни настап во живо, додека моќната балада „Welcome Home (Sanitarium)“ и воведната нумера „Battery“ се исто така задолжителен дел од нивната сет-листа.[4]

...And Justice for All (1988-1990)

[уреди | уреди извор]

По ненадејната смрт на Клиф Бартон, за нов басист во бендот бил назначен Џејсон Њустед. По оваа аудиција, Металика се вратиле во студиото за снимање на албумот ...And Justice for All. Овој албум бил најкомлексен во дотогашното нивно музичко портфолио, бидејќи една песна траела по седум минути во просек, а аранжманите биле премногу сложени за треш метал песни. Новиот член на бендот, Џејсон Њустед бил незадоволен од пристапот кон музиката, најмногу поради тоа што речиси сите негови идеи околу структурата на песните биле игнорирани. Се појавиле забелешки и околу продукцијата на албумот, бидејќи бас гитарата речиси и да не се слушала.

Содржински гледано, композициите зборуваат за политичката и социјална неправда, цензура на говорот и осуда за милитантните ставови. Критиката го смета овој проект како најава за прогресивните години во нивниот творечки опус, кои следеле подоцна.[5] За промоција на албумот била организирана голема американска турнеја, насловена како Damaged Justice. На овој албум се наоѓа и легендарната хеви метал балада „One“, која својот култен статус го потврдила со Греми наградата за „Најдобар Метал Перформанс“ во 1990 г. Тоа признание ќе биде повод за Металика да го сними својот прв видео запис за споменатата песна. Тој спот ќе предизвика лавина негодувања помеѓу постарите нивни обожаватели, кои биле на ставот дека бендот почнал премногу да се комерцијализира. Спотот за песната бил заснован на исечоци од филмот Johnny Got His Gun.

Metallica (1991-1994)

[уреди | уреди извор]
Изведба на „Of Wolf and Man“ во живо
Металика на концерт во Сакраменто

Во времето кога се снимал овој албум, меѓу обожавателите попознат како Црниот Албум, Металика веќе беше етаблирана на хеви метал сцената. За продуцент беше назначен Боб Рок, кој претходно соработувал со култни музички имиња како Аеросмит и Бон Џови. Овој проект чинеше 1 милион долари и за време на неговото снимање, тројца од членовите на Металика се развеле. По долго одлагање, плочата излезе во август 1991 г. и дебитираше на местото број 1 во десет земји од Европа и Северна Америка.

Општо прифатено е мислењето дека овој албум е причината за комерцијализирање на хеви метал музиката и издигнување на Металика на меинстрим сцената. За овој факт говори и податокот дека вкупно 30 милиони копии се продадени на светско ниво, од кои 16 милиони во САД, што го прави The Black Album најпродаваниот музички албум во последните 20 години.[6]

На ова ЦД се наоѓаат трите најпознати песни на бендот: „Enter Sandman“, „Sad but True“ и „Nothing Else Matters“. По ова следуваат две светски турнеи за промоција на албумот, кои ќе траат 4 години и ќе вбројуваат преку 400 концерти во живо.[7] За време на еден концерт од турнејата, Џејмс Хетфилд се здобил со сериозни изгореници на раката како последица на пиротехнички инцидент на сцената. Поради неможност да свири на гитара, на местото на ритам гитарист привремено ќе дојде Џон Маршал од Metal Church, додека Хетфилд иако повреден, сепак ќе пее за време на преостанатите настапи од турнејата.

Load & ReLoad (1995-1999)

[уреди | уреди извор]

Поради долгата турнеја, следниот албум на Металика постојано се одложувал. Во летото 1994 г. членовите направиле краток одмор од музичките активности, за на почетокот на 1995 г. започат со подготовка на материјал за претстојниот студиски албум. Во овој период, од маркетиншкиот менаџмент на групата се решиле членовите на Металика да излезат во јавноста со изменет имиџ, т.е. кратко потшишани и да земат учество на повеќе фестивали на алтернативен рок. Втората поголема промена била смената на класичното лого на Металика со она од омотот на албумите Load & ReLoad.

Поради тоа што Металика снимиле преобемен музички материјал кој не можел да биде издаден на едно ЦД, во консултации со издавачката куќа се решиле од тој проект да произлезат два последователни албуми. Тие биле пуштени во продажба 1996 и 1997 г. одделно и биле брз финансиски и комерцијален успех. Песната „Until It Sleeps“ од Load биле прва песна на Металика која се пробила во Топ 10 песни на Билборд листата, додека од ReLoad најзабележителни песни биле сингловите „Fuel“ и „The Memory Remains“.

Кусата пауза (2000-2002)

[уреди | уреди извор]
Металика на концерт во Лондон, 2003 година
Концертот во Ротердам, 2009 година

Додека Металика ги правеле последните подготовки пред почетокот на студиските сесии за новиот албум, басистот Џејсон Њустед соопштил дека го напушта бендот. Официјалното негово објаснување поради кое ја донел одлуката беше дека му бил потребен одмор од динамичниот начин на живот како член на Металика. Но, вистинската причина за неговото заминување се претпоставува дека бил жестокиот вербален конфликт со Џејмс Хетфилд. Повод за таа расправија било тоа што Њустед трошел премногу време со Екобреин, вториот негов бенд по Металика во тоа време. Хетфилд сметал дека кога сите членови би почнале да се занимаваат со такви проекти, од Металика не би останало ништо.

Освен заминувањето на Њустед, тежок удар за Металика претставувала и терапијата на која заминал Хетфилд поради проблеми со алкохолот. Сите планирани концерти и проекти во студиото биле откажани поради неизвесната судбина на бендот. Од 2001 г. групата земала принуден одмор поради отсуството на двајцата членови. По закрепнувањето на Хетфилд, Металика повторно се обединиле во 2003 година. Била направена аудиција за нов басист, по што било решено Роберт Трухиљо да биде замената за Џејсон Њустед. Со оваа екипа Металика влегле во студиото за изработка на долгонајавуваниот студиски диск.

St. Anger (2003-2007)

[уреди | уреди извор]

Во 2003, Металика го издале нивниот долго одлаган осми студиски албум, насловен како St. Anger. Иако албумот го поларизирал критичкото и јавното мислење, нивната турнеја Madly in Anger with the World од 2004 г. била голем успех. Бил снимен и документарниот филм Some Kind of Monster поврзан со изработката на истоимениот албум, како и со причините за неофицијалното распуштање на бендот.

Овој албум бил проследен со многу контроверзи и забелешки од обожавателите поради смената на музичкиот правец и изоставање на гитарските соло делници. Ни музичките експерти не го дочекале со воодушевување новиот музички правец на бендот. Меѓу оние елементи од нивната музика кои биле особено критички нагласени, спаѓале невообичаената нова техника на тапанарот Ларс Улрих, како и целокупниот звук кој повеќе наликувал на алтернативен метал. И покрај сите јавни критики и остри коментари на нивна сметка, истоимената песна од албумот, „St. Anger“ добила Греми награда во 2004 г.

Денес е вистинска реткост групата во живо да отсвири некоја од песните кои се наоѓаат на овој диск. Статистиката говори дека ова е најнепопуларниот албум на Металика според вкупната продажба на примероци од ова издание. По две изминати години од нивното повторно обединување, во кои снимиле нов албум и направиле светска турнеја, 2005 била година за одмор на Металика. Одржале само два концерти таа година, додека остатокот го минале во кругот на нивните најблиски.

Death Magnetic (2008-2011)

[уреди | уреди извор]

Во 2006 г. беше објавено дека Боб Рок првпат во 15 г. нема да продуцира студиски проект на оваа група, туку таа одговорност ќе ја преземе Рик Рубин. Во 2008 година излезе и најновиот албум на Металика насловен како „Death Magnetic“ на кој се појави и третата „верзија“ на познатата песна „The Unforgiven III“.

Албумот беше меѓу првите пет најпродавани музички ЦД-а за таа година, со тоа што во првите три дена успеа да продаде 490 илјади копии. Со тој потфат, Металика стана првиот бенд во модерната музичка историја со пет последователни број 1 албуми.[8]

Во декември 2011 г. составот прослави 30 години успешна кариера со 4 последователни концерти, каде како специјални гости се појавија Дејв Мастејн (поранешен член), Џејсон Њустед (поранешен член), Скот Јан (гиратист на Антракс), Џони Буш (поранешен вокалист на Антракс) Ози Озборн, Апокалиптика, Дајмон Хед и други големи имиња од хеви металот. Во таа прилика ги објавија и четирите песни кои не се најдоа во конечниот избор на песни за ова ЦД, во форма на мини-албум насловен Beyond Magnetic. Откако членовите на бендот ќе завршат со снимање на документарецот посветен на нивните кариери, се враќаат во студио за почнување со подготовки за наредниот студиски диск. Тој би требало да биде пуштен во продажба на почетокот на 2014 г.

Контроверзите со Напстер

[уреди | уреди извор]
Улрих бил најгласен во изјавите против Напстер

Во 2000 г. Металика откриле дека демо верзијата на нивната песна „I Disappear“, која се нашла на саундтракот за филмот Невозможна мисија 2, била пуштена во радио етерот без претходно да биде официјално објавена. Барајќи го изворот од каде била преземена песната, дознале дека Напстер (мрежно место за симнување музика) бил доставувач на композицијата, а воедно и на тоа мрежно место можел да се симне целиот музички каталог на бендот. Веднаш била покрената кривична постапка против Напстер за музичка пиратерија и кршење на авторските права на композициите кои припаѓале на бендот.

Во кривичната пријава не биле обвинети конкретни лица, туку целата мрежа на луѓе кои стоеле позади тој проект. Обвинението било во три точки и во него се барало сите корисници на тој интернет посредник кои нелегално симнувале музички содржини од Металика (335 илјади корисници), да бидат блокирани и оневозможени да го повторат делото. На овој процес се приклучил и продуценто Д-р Дре, кој исто така побарал оние 230 илјади корисници кои симнувале негови песни да бидат исклучени од страницата на Напстер.

На 11 јули, 2000 г. федералниот суд во Калифорнија заседавал по овој предмет и донел одлука интернет посредникот Напстер да биде привремено исклучен за 48 часа, до донесување на конечна одлука. Во меѓувреме, германската корпорација Бартелсман БМГ направила обид да го купи Напстер за 94 милиони долари. Не успеала, бидејќи судот проценил дека Напстер бил банкротиран и практично оневозможил услужникот да добие нови сопственици. Раководните луѓе на Напстер се согласиле да ги отстранат корисниците кои симнувале музика од артисти кои тоа не го дозволувале. Со тоа случајот завршил во корист на Металика.

Овој судски процес предизвикал многу контроверзи и поделени мислења во американската јавност. Голем дел од обожавателите на Металика биле бесни и протестирале пред судот во кој течела постапката. Нивниот став бил дека бендот направил големо богатство благодарение на нив, а сега сакал дополнително финансиски да ги оштети. На MTV музичките награди во 2000, Ларс Улрих бил исвиркан од страна на публиката кога се појавил на сцената да ги додели наградите. Марлон Вејанс, домаќинот на церемонијата, направил мал сатиричен скеч со Ларс Улрих во кој се исмева овој случај. Истиот скеч бил емитуван пред почетокот на наградите. На бината се појавил и Шон Фенинг, создавачот на Напстер, во маица со логото на Металика, велејќи дека ја позајмил маицата од негов пријател, а ако му се допаднела, би ја купил. Овој случај бил повод и за анимираниот филм NapstallicA, каде се исмева ставот на Металика во врска со Напстер.

Дискографија

[уреди | уреди извор]
Студиски албуми
Година Наслов Пласман Сертификат
1983 Kill 'Em All 120 3 x Платинест
1984 Ride the Lightning 100 6 x Платинест
1986 Master of Puppets 29 6 x Платинест
1988 ...And Justice for All 6 8 x Платинест
1991 Metallica 1 16 x Платинест
1996 Load 1 5 x Платинест
1997 ReLoad 1 4 x Платинест
2003 St. Anger 1 2 x Платинест
2008 Death Magnetic 1 2 x Платинест
2016 Hardwired...To Self Destruct
2023 72 Seasons
Албуми во живо
Година Наслов Пласман Сертификат
1993 Live Shit: Binge & Purge 26 /
1999 S&M 2 5 x Платинест
2009 Orgullo, Pasión, y Gloria: Tres Noches en la Ciudad de México / /
2010 The Big Four: Live from Sofia, Bulgaria 1 2 x Платинест
Компилации
Година Наслов Пласман Сертификат
1998 Garage Inc. 2 5 x Платинест
2011 Lulu 36 /
Мини албуми
Година Наслов Пласман Сертификат
1987 The $5.98 E.P.: Garage Days Re-Revisited 28 Платинест
1990 Creeping Death / Jump In The Fire / /
2004 Some Kind of Monster 37 /
2010 Six Feet Down Under / /
2010 Six Feet Down Under Part II / /
2010 Live at Grimey's / /
2011 Beyond Magnetic 29 /

Членови на бендот

[уреди | уреди извор]

Металика е составена од вокалистот и ритам-гитарист Џејмс Хетфилд, водечкиот гитарист Кирк Хамет, тапанарот Ларс Улрих и басистот Роберт Трухиљо. Единствено Хетфилд и Улрих се членови на оригиналната постава, заедно со Дејв Мастејн и Рон Мекговни. Поради непремостливите недоразбирања и конфликти со Мастејн, Мекговни ја напушта Металика, а на негово место доаѓа басистот Клиф Бартон. Алкохолизмот и агресивното однесување биле причина Дејв Мастејн да биде набркан од групата, а за главен гитарист да биде назначен Кирк Хамет од Егзодус. По ненадејната смрт на Бартон за време на нивната турнеја во Шведска, Металика организирале аудикција за нов бас-гитарист. Џејсон Њустед бил нивниот избор, кој останува со нив сè до 2001 год, кога поради обврски кон неговиот нов бенд Екобреин ја напушта Металика. На негово место бил регрутиран Роберт Трухиљо, кој е член и до денешен ден.[9]

Моментални членови

Поранешни членови

Сите членови на бендот од неговото основање
[уреди | уреди извор]
  1. Encycmet: Metallica complete biography
  2. Allmusic Review: Kill ′Em All
  3. Ultimate Classic Rock: Metallica Perform Reverse ‘Ride the Lightning’ Set at Orion Festival
  4. Song Facts: Master Of Puppets by Metallica
  5. CD Universe: Metallica - ...And Justice for All Audio CD
  6. Ultimate Guitar: Metallica: 'Black Album' Is Highest Selling Since 1991
  7. Metallica World: Metallica Tour Dates 12/10/91 - 05/07/92 "Wherever We May Roam Tour"
  8. Ticket News: Metallica makes history with 'Death Magnetic' sales
  9. „Metal Eater: Metallica Interview with Robert Trujillo by Tony Antunovich (February 2009)“. Архивирано од изворникот на 2012-10-11. Посетено на 2012-09-17.
  • Кираци, Стефан; Металика (2004). So What!: The Good, The Mad, and The Ugly. Бродвеј. ISBN 0-7679-1881-9.
  • Кристи, Јан (2003). Sound of the Beast: The Complete Headbanging History of Heavy Metal. HarperCollins. ISBN 0-380-81127-8.
  • Пилсбери, Глен (2006). Damage Incorporated: Metallica and the Production of Musical Identity. Routledge. ISBN 978-0-415-97374-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]