Прејди на содржината

Хераклеја Линкестис

Координати: 41°00′39.9″N 21°20′33.0″E / 41.011083° СГШ; 21.342500° ИГД / 41.011083; 21.342500
Од Википедија — слободната енциклопедија
За останати значења на поимот, видете ја страницата за појаснување.
Хераклеја Линкестис

Поглед на остатоците од Хераклеја Линкестидска

Карта

Местоположба 41°00′39.9″N 21°20′33.0″E / 41.011083° СГШ; 21.342500° ИГД / 41.011083; 21.342500
Основни податоци
Место Битола
Општина Битола
Тип

 населба


Период хеленистичко време
римско време
доцноантичко време
Портал „Археологија“

Хераклеја Линкестис — градска населба од старомакедонско време до средниот век. Основана е кон средината на IV век пред н.е. од страна на кралот Филип II Македонски, како важен стратегиски пункт. Остатоците од материјалната култура од старомакедонската фаза на животот археолошки не се доволно истражени.[1]

Хераклеја Линкестис се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба. Името го носи според Херакле, митскиот јунак и родоначалник на македонската кралска династија Аргеади, додека епитетот Линкестис со значење „Линкестидска”, доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди. Сместена во плодна рамнина, од север заштитена од планината Баба, односно ридот Тумбе Кафе и реката Сива Вода на југ, Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Вија Егнација (лат. Via Ignatia) кој ги поврзувал Драч и Босфор. Од Хераклеја патот дијагонално се протегал кон Стоби, а потоа кон Сердика (ден. Софија).

Истражувања

[уреди | уреди извор]
Хераклеја Линкестис
Поглед на дел од античкиот театар, на кој се одржуваат концерти и културни манифестации и во денешно време

„Гладот и несреќите никогаш не ги стасуваат оние главари кои праведно судат и плодовите од својот предан труд тие ги уживаат во изобилство“, извадокот од „Дела и дни“ од Хесиод говори за високиот степен на образованост и културна свест на хераклејците во првата половина на II век од нашата ера, време на исклучителна градежна активност, врзана со владеењето на цар Трајан. Градењето на термата означува и раѓање на една повисока здравствена свест кај тамошните жители. Во таа смисла, термата со право може да се смета за првенче во подоцнежната изградба на аквадуктот и проширувањето на водната мрежа во IV век. Термата располагала со три сали за капење и таа, со минимални исправки, била во употреба и во V век.

Посебно внимание на восхит буди импозантната градба на театарот каде што генијот на искусниот градител од тоа време, Витрубиј, бил доведен во совршенство. Хипотетичките податоци, забележани од археолозите и историчарите на уметноста, говорат за тоа дека почетоците на неговата градба датираат во времето на царот Хадријан, а завршните зафати биле изведени во времето на Антонин Пиј. Повторно, по испробаниот стар рецепт од римската архитектонска кујна, се употребени мермерот, каменот и печената тула, кои на ова монументалната градба ѝ даваат еден неповторлив изглед со впечатлива естетика. Со откривањето на бината, се потврди двојната функција на театарскиот објект - за сценски изведби и за претстави со животни кои биле чувани во трите кафези. За безбедноста на гледачите бил подигнат висок ѕид од ортостати околу орхестрата со метална ограда врз нив. Гледалиштето има дијазома со дваесет редови седишта, а над горниот ред се наоѓал Немезион. Почетната ложа со седишта била помеѓу третиот и седмиот ред. Сцената се состои од пет правоаголни простории и раскошно украсена северна фасада. Театарот бил со капацитет за околу три и��јади посетители од сите сталежи.

Театарот во тоа време одиграл пресудна улога во создавањето на култот на маченикот - христијанин, кој во арената бил фрлан пред изгладнетите ѕверови. Христијаните, поткрепени од длабоката вера во Бога и спасение на душата, со молитва и без страв ја примале маченичката смрт, а тој чин громогласно бил крунисуван од страна на публиката. Крајот на третиот век до средината на четвртиот век е време на варварски напади, време на борба меѓу носителите на христијанската вера и нивните противници - паганите, сè до верскиот мир кога е направен и конечниот успешен обид за примирје.

Немирите не запираат ниту во вековите што следат. Градот ќе биде разурнат и повторно роден налик на митската птица Феникс. Според елементите на материјалната култура, со сигурност може да се тврди дека христијанството послободно пулсирало низ дамарите на градот, каде што црковниот живот започнал успешно да се организира. За тоа најдобро сведочат архитектонските остатоци од самите градби, како и неколкуте списи на епископи од IV век н.е. Уште една поткрепа на ова е и натписот на фонтаната, што е во непосредна близина на театарската зграда со името на епископот Јован, чие име се јавува врежано и во монограмот на еден капител во малата базилика.

На тлото на Хераклеја пронајдени се остатоци од повеќе сакрални објекти кои восхитуваат со својата убавина, посебно со онаа на подните мозаици направени во опус sectile и во опус tessalatum, коишто претставуваат ремек-дела на ранохристијанската уметност од I и VI век.

Станува збор за малата базилика (А), цивилната базилика (Б), големата базилика (В) и цеметријалната базилика (Г) - сместена на околу 250 метри од централното градско подрачје на Хераклеја, покрај која се откриени ранохристијански и средновековни славјански гробници. Како контраст на овие раскошни градби, врз урнатините на стариот театар, биле подигнати профани градби од камен и кал. Нивната важност е во нивната местоположба, што зборува за високиот степен на рационализација на средствата и на просторот, односно за големото градежно искуство стекнато низ вековите наназад.

Посебен интерес буди епископската резиденција, која има трапезоидна форма и нејзиниот распоред е темелен на придобивките на античката традиција. Врска помеѓу епископската базилика и останатите базилики во средниот дел на овој антички град била остварена преку ходник на нејзиниот источен влез. Просториите на епископската резиденција биле распоредени околу централниот двор, во чие средиште се наоѓал бунар. Патосите во сите простории на епископијата се направени во мозаици сложени од ситни каменчиња по принципот tessalatum. Во него се среќаваат најразновидни геометриски шари, розети, меандри, плетенки, рибини коски, плетен крст. Во тој декор се повторуваат мотиви од растителниот и животинскиот свет.

Епископската резиденција била во употреба од IV до VI век од новата ера. На страниците на историјата на овој град биле испишани само настани што сведочат за неговата убавина и спокоен живот во него. За жал, хераклејците ја немале таа среќа подолг период да ги уживаат плодовите на својот труд. Честите и жестоки напади и понатаму продолжувале. Кон крајот на VI век и почетокот на VII век од новата ера, над Хераклеја, по долгогодишните судири со аваро-словенските племиња, завладеала ера на варварства. Така, кобната судбина на овој антички град завршила неславно со раселување на нејзините граѓани на разни страни, што придонело за згаснување на урбаниот живот во градот.

Некогаш велелепен град, сега само урнатина, Хераклеја, како и многу други антички населби во Македонија, доживеала повторно да блесне и посведочи за еден живот и една судбина што ја делеле многу наши предци. Сепак, и како таква денес таа нè остава без здив и со безбројни мисли и воздишки.

Историја

[уреди | уреди извор]
Скулптура во Хераклеја

Градот бил основан во предримскиот период, веројатно од страна на македонскиот крал Филип II или Филип V. Според пишаните извори, по освојувањето на Линкестида, Филип II подигнал тврдина (веројатно Хераклеја) преку која можел да контролира дел од кралството. Исто така постои податок според кој во почетокот на II век пр. н.е., за време на војните со Римјаните, македонскиот крал Филип V изградил неколку тврдини во пограничните области за да ја осигура границата на кралството.

По победата на Римјаните и поделбата на Македонското кралство на четири области (мериди), Хераклеја влегла во составот на четвртата мерида. Највисок степен на цивилизациски развој во време на римското владеење градот доживеал во првите векови на новата ера, кога добива статус на колонија. Во овој период Хераклеја станува силен економско-политички центар со свој постојан римски намесник и со своја римска војска. Сето тоа се одразило врз изгледот на градот, така што во голема мерка била застапена римската архитектура, иако традиционалните влијанија и историските придобивки сè уште давале свој белег на градот.

Во 473 година, при продорот кон југ, Готите предводени од Теодимер ја освоиле и Хераклеја. Малку подоцна (479 година), истите Готи, овојпат предводени од Теодорих, синот на веќе починатиот Теодимер, повторно стигнале до Хераклеја. Жителите на градот се засолнале во некое прибежиште (refugium) во регионот, додека епископот преговарал со Теодорих. Готскиот водач барал храна за своите луѓе, а кога не добил ништо го запалил градот. Не е утврден точниот обем на уништувањето. Во текот на VI век градот повторно бил нападнат од варварите, меѓу кои Аварите и Словените и при крајот на VI век животот во Хераклеја дефинитивно замира.

Објекти, скулптура и мозаик

[уреди | уреди извор]

При проучувањето и истражувањето на наоѓалиштето, откриени се остатоците од некогашниот град, при што е направена реконструкција на неговиот изглед. На северниот крак од форумот се наоѓа портикот на судницата со правоаголна основа на чиј северен ѕид стојат две статути на постаменти и еден постамент без статуа, кои како неми сведоци ја потврдуваат величествената историја на градот. Статуата на Тит Флавил Орест изработена од бел мермер, восхитува со една спокојна убавина во своите марцијални пропорции (биста на Тит Флавил Орест е откриена и во храмот на Тихе, во Стибера). Младото женско тело и вообичаените атрибути за вистина и правда - терзијата и лакот - ја навестуваат Немеза, божицата на правда и судбината. Во грчкиот натпис на ова статуа е кажано дека ова е дар од хераклејската граѓанка Јулија Тертила. Постаментот без статуа со старогрчки натпис е посветен на истата божица, а во рамка е поставен текст, стих од спевот на Хесиод, „Дела и дни“: „Гладот и несреќите никогаш не ги стасуваат оние главари кои праведно судат и плодовите од својот предан труд тие ги уживаат во изобилство“.

Градењето на термата означува и раѓање на една повисока здравствена свест кај тамошните жители. Во таа смисла, термата со право може да се смета за првенче во подоцнежната изградба на аквадуктот и проширувањето на водната мрежа во IV век. Термата се состоела од сала за капење со студена вода - фригидиум на источната страна; сала со млака вода - тепидариум во средината; и многу затоплена сала во која имало врела вода - калдариум и била во употреба сè до V век.

Почетоците на градбата на театарот датираат во времето на царот Адријан, а завршните зафати биле изведени во времето на Антонин Пиј. Со откривањето на бината, потврдена е двојната функција на театарскиот објект - за сценски изведби и за претстави со животни кои биле чувани во трите кафези. За безбедноста на гледачите бил подигнат висок ѕид од ортостати околу оркестрата со метална ограда врз нив. Гледалиштето има дијазома со дваесет редови седишта, а над горниот ред се наоѓал Немезионот. Почетната ложа со седишта била помеѓу третиот и седмиот ред. Сцената се состои од пет правоаголни простории и раскошно украсена северна фасада. Театарот бил со капацитет за околу 3000 посетители од сите сталежи.

На тлото на Хераклеја се пронајдени остатоци од повеќе сакрални објекти украсени со подни мозаици направени во opus sectile и во opus tessalatum, датирани во V и VI век. Станува збор за малата базилика (А), цивилната базилика (B), големата базилика (C) и цеметријалната базилика (D) - сместена на околу 250 метри од централното градско подрачје на Хераклеја, покрај која се откриени ранохристијански и средновековни гробници.

Како контраст на овие раскошни градби, врз урнатините на стариот театар, биле подигнати профани градби од камен и кал. Нивната важност е во нивната местоположба, што зборува за високиот степен на рационализација на средствата и на просторот.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]