Стивен Пиенар
Стивен Пиенар | |||
---|---|---|---|
Лични податоци | |||
Роден на | 17 март 1982 | ||
Роден во | Јоханесбург, Јужна Африка | ||
Држава | Јужна Африка | ||
Висина | м | 1,70||
Играчки податоци | |||
Позиција | среден ред, крило | ||
Повлекување | 1 март 2018 | ||
Младинска кариера | |||
Ајакс Кејп Таун | |||
Кариера* | |||
Години | Клуб | Наст.† | (Гол.)† |
1999-2001 | Ајакс Кејп Таун | 24 | (6) |
2001-2006 | Ајакс | 94 | (15) |
2006-2007 | Борусија Дортмунд | 25 | (0) |
2007-2011 | Евертон | 104 | (9) |
2011-2012 | Тотенхем | 10 | (0) |
2012-2016 | Евертон | 85 | (11) |
2016-2017 | Сандерленд | 15 | (0) |
2017-2018 | Бидвест Витс | 6 | (0) |
Репрезентација ‡ | |||
2002-2012 | Јужна Африка | 62 | (3) |
* Ажурирано на: 17 јануари 2012 ** Ажурирано на: 17 јануари 2012 |
Стивен Џером Пиенар (роден во Јоханесбург, 17 март 1982) е поранешн јужноафрикански фудбалер, играч од средниот ред. Неговиот прекар бил "шило", кој го добил по италијанскиот напаѓач Салваторе Скилачи.
Пиенар играл на позицијата офанзивен играч од средниот ред или крило. Во својата кариера настапувал за Ајакс Кејптаун, Ајакс, Борусија Дортмунд, Евертон, Тотенхем, Сандерленд и Бидвест Витс.
За јужноафриканската репрезентација одиграл 62 натпревари и постигнал 3 гола.
Клупска кариера
[уреди | уреди извор]Ајакс Кејптаун
[уреди | уреди извор]Пиенар е роден во Јоханесбург, Гаутенг. Тој ја започнал својата професионална кариера во редовите на А��акс Кејптаун, некои 1400 км оддалеченост од неговиот дом во Јоханесбург. Тој го привлекол вниманието на Ајакс КТ додека играл за училиштето School of Excellence и бил запрашан дали сака да се приклучи на нивната младинската школа.
Во Ајакс Кејптаун, Пиенар работел со холандскиот тренер Лео ван Веен за кого вели: "Јас имав среќа да ме тренира холандски тренер, кој многу ми помогна да се усовршам... Нему му се допадна начинот на кој јас играв, но во исто време тој го промени мојот менталитет. Ме научи како да се подготвувам за натпреварите, и не само за играта на теренот туку и како да ја подигнам публиката, но пред се, како да играм за тимот".
Ајакс
[уреди | уреди извор]На возраст од 18 години, тој бил купен од страна на холандскиот Ајакс од Амстердам во јануари 2001 година, но на своето деби во Ередивиси чекал до 24 февруари 2002 година - во победата со 1-0 над НАК Бреда. Тој станал клучен играч на тимот кој ја освоил холандската лига во 2002 и 2004 година. Пиенар блескал како еден од најдобрите играчи на Ајакс и се носел рамо до рамо со ѕвезди како што биле Златан Ибрахимовиќ, Максвел, Кристијан Киву, Мидо, Најџел де Јонг, Рафаел ван дер Варт, Весли Снајдер и идните тимски соиграчи од Евертон Џон Хеитинга и Енди ван дер Мејде.
Борусија Дортмунд
[уреди | уреди извор]Во јануари 2006 година германскиот клуб Борусија Дортмунд го ангажирал Пиенар од Ајакс, потпишувајќи тригодишен договор со играчот. Тој бил доведен како замена за Томаш Росицки кој заминал во Арсенал. Во првата сезона на Пиенар во Дортмунд тој го носел дресот со број 10, испразнет токму по заминувањето на чешкиот плејмејкер. Пиенар се мачел да избори место во тимот, но поголемиот проблем бил тој што никогаш не бил прифатен од страна на соиграчите во клубот.[1] Вкупно за Борусија Дортмунд одиграл 27 натпревари и го напуштил клубот по завршувањето на сезоната 2006-2007.
Евертон
[уреди | уреди извор]Пиенар му приклучил на Евертон на заем за сезоната 2007-2008, а подоцна потпишал тригодишен договор од Борусија за унапред договорена сума од 2.000.000 £ по плаќањето на почетна сума за заемот од 350,000 £ во април 2008 година. Пиенар го направил своето деби за Евертон во победата од 2-1 дома над Виган Атлетик на 11 август 2007 година, заменувајќи го од клупата Леон Осман во 73-тата минута. Пиенар го постигнал својот прв гол за Евертон во победата дома со 2-0 над Мидлсбро на 30 септември.[2]
И покрај тоа што пропуштил единаесет натпревари поради повреда, Пиенар бил избран за играч на годината на Евертон за сезоната 2009-2010.
Тотенхем
[уреди | уреди извор]Во јануари 2011 година, два тима биле сериозно заинтересирани да го купат Пиенар од Евертон, Челси и Тотенхем, пред јужноафриканецот да одлучи да им се приклучи на Спарс за сума од 3.000.000 £ на четиригодишен договор. Тој го направил своето деби за Тотенхем на гостувањето кај Њукасл Јунајтед во натпревар што завршил нерешено 1-1. Во август 2011 година, Пиенар заработил повреда на препоните, која го оддалечила од терените за шест недели. Својот прв гол за Тотенхем тој го постигнал во победата со 4-0 над Шамрок Роверс во натпревар од Лигата на Европа одигран на 15 декември.[3]
Враќање во Евертон
[уреди | уреди извор]Во последните часови од јануарскиот преоден рок 2012 година, Пиенар го комплетирал своето враќање назад на Гудисон Парк на договор за шестмесечен заем. Тој го направи своето повторно деби за Евертон во ремито 1-1 на гостувањето кај Виган Атлетик, а веќе следната недела тој го постигнал својот прв гол за време на неговата позајмица откако му донел водство на неговиот тим против Челси. Подоцна Денис Страквалурси го постигнал вториот гол за Евертон заверувајќи ја големата победа на карамелите од 2-0. Пиенар ја завршил сезоната со погодок против Њукасл Јунајтед, а потоа тој ја навел својата желба да остане во Евертон откако ќе му истече позајмицата. И покрај тоа што одигра само 14 натпревари, Пиенар ја завршил сезоната со 6 асистенции, повеќе од било кој играч на Евертон во кампањата. На ова тој додал, четири гола, со што го израмни неговиот најдобар резултат по ефикасност во лигата од сезоната 2009-2010 кога исто така постигнал 4 гола, но пак тогаш одиграл 30 натпревари што е двојно повеќе.
Во јули 2012 година, потпишал постојан договор со Евертон, откако клубот му платил на Тотенхем 4.500.000 £. На 25 август 2012 година, го отворил резултатот во победата со 3-1 над Астон Вила на гости, негов прв гол за Евертон откако по вторпат потпишал со клубот перманентен договор. На 9 декември го постигнал 1000-тиот гол на Евертон во Премиер лигата, во победата со 2-1 над неговиот поранешен клуб Тотенхем.
Својот последен гол во дресот на Евертон го постигнал на 19 октомври 2013, во победата на домашен терен со 2-1 над Хал Сити. Во последните две сезони на Гудисон Парк, Пиенар одиграл само 17 натпревари (во сите натпреварувања) како резултат на многубројните различни повреди кој го измачувале.
Вкупно во својата кариера за Евертон одиграл 229 натпревари и постигнал 26 гола.
Сандерленд
[уреди | уреди извор]На 19 август 2016, Пиенар потпишал едногодишен договор со Сандерленд приклучувајќи му се на својот некогашен менаџер Дејвид Мојес. Тој одиграл 17 натпревари без постигнат гол за црните мачки, а откако клубот испаднал од Премиер лигата неговиот договор не бил продолжен.
Бидвест Витс
[уреди | уреди извор]Тој се вратил во Јужна Африка, потпишувајќи едногодишен договор со екипата на Бидветс Витс во јули 2017,[4] но бил отпуштен шест месеци подоцна.[5] Пиенар официјално се повлекол од професионалното играње фудбал во март 2018.[6]
Репрезентативна кариера
[уреди | уреди извор]Пиенар го направи своето деби за сениорската репрезенрација на Јужна Африка во победата со 2-0 против Турција во 2002 година и оттогаш собрал 62 настапи и постигнал три гола. Тој учествувал на Светските првенства во 2002 и 2010.
Титули
[уреди | уреди извор]Ајакс
[уреди | уреди извор]- Холандско првенство (2) : 2001-02, 2003-04
- КНВБ Куп (2) : 2001-02, 2005-06
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Smith, Alan (22 December 2007). „Steven Pienaar: Confidence is great at Everton“. The Daily Telegraph. London. Посетено на 21 December 2012.
- ↑ Phillips, Owen (30 September 2007). „Everton 2–0 Middlesbrough“. BBC Sport. British Broadcasting Company. Посетено на 29 March 2010.
- ↑ „Resounding Spurs win at Rovers in vain“. UEFA. 15 December 2011. Посетено на 22 December 2012.
- ↑ „Steven Pienaar signs with Bidvest Wits“. ESPN. 5 July 2017. Посетено на 5 July 2017.
- ↑ „Bidvest Wits part ways with former Tottenham Hotspur midfielder Steven Pienaar | Goal.com“ (англиски). Посетено на 1 March 2018.
- ↑ https://www.bbc.co.uk/sport/football/43242011
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Официјална страна на Стивен Пиенар Архивирано на 9 август 2012 г.
- [https://web.archive.org/web/20120124162015/http://www.evertonfc.com/player-profile/steven-pienaar Архивирано на 24 јануари 2012 г. Профил на страницата на Евертон]