Прејди на содржината

Славко Нинов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Славко Нинов
Роден(а)1945
Починал(а)25 јануари 2019(2019-01-25) (возр. 73–74)
Скопје, Македонија
Занимањеглумец

Славко Нинов ( 1945 - 25 јануари 2019 во Скопје) — македонски глумец, поранешен директор на драмата при МНТ и изведувач, најпознат по извонредните толкувања на стихови од македонските поети како Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и др.

Починал по кратко и тешко боледување во Скопје на 25 јануари 2019 година.[1]

Тој е татко на Јанко Нинов, односно епископот Давид Стобиски.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Нинов бил роден во 1945 година. Целиот работен век од 1965 година до пензионирањето Славко Нинов го поминал во Македонскиот народен театар, а во периодот од 1988 до 1993 година ја извршувал функцијата директор на Драмата при МНТ.

Покрај улогите во 50-тина претстави на репертоарот на МНТ, Нинов бил познат по извонредните интерпретации на стихови од македонските поети Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, како и на делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Тој ги читал стиховите на бројни странски поети кои учествувале на Струшките вечери на поезијата, а често бил присутен и на промоциите на делата од македонските автори. Тој бил и еден од основоположниците на културната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Првите улоги на сцената на Македонски народен театар Славко Нинов ги остварил во 1965 година во претставите „Дон Цезар од Базан“, „Македонска крвава свадба“, а потоа настапил и во „Ревизор“ (1966), „Случајот во Виши“, „Време од вашиот живот“, „Антигона“, „Сенка“ (1967). Во избраната театрографија може да бидат спомнати и претставите „Мајка“ (1968), „Печалбари“, „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Венецијанскиот трговец“ (1970), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Животот на Галилеј“ (1972), „Ѕидот водата“, „Деца на сонцето“ (1973), „Потоп“ (1974), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Отепвачка“ (1976), „Студенти“ (1977), „Суд“ (1978), „Кенгурски скок“, „Лов на диви пајки“ (1979), „Автобиографија“, „Реферат“, „Беседа“, „Круг“, „Кандид“ (1980), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Макавејските празници“ (1983), „Големиот брилијантен валцер“ (1986). Покрај глумечките улоги, Нинов направил адаптација на претставата „Македонски монолог“ (1979), а ги превел текстовите за претставите „Зора на истокот“ (1991) и „Мартолозот“ (1992).

Учествувал во снимањето на филмовите „Враќање од рајот“ (1969), „Ветар во кутиче кибрит“ (1970), „Вител“ (1972), „Илинка“ (1975), “Учителот' (1980), „Првите цутови“ (1981) и „Бог да ги убие шпионите“ (1993). Учествувал и во снимањето на познатата телевизиска серија „Волшебното самарче“ (1975), „На наш начин“ (1985).

Славко Нинов е инспирација на краткиот расказ „Глас со боја на тукушто помината болка“ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[2]

  1. По кратко и тешко боледување на 74 годишна возраст почина глумецот Славко Нинов.[мртва врска]
  2. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 424.