Сиваш
Сиваш Гнило Море | |
---|---|
Заливот Сиваш | |
Подрачје | Азовско Море |
Координати | 46°05′N 34°20′E / 46.083° СГШ; 34.333° ИГД |
Речни извори | Салгир |
Сливни земји | Украина |
Најг. должина | 200 км |
Најг. ширина | 35 км |
Површина | 2.560 км2 |
Прос. длабочина | 0,5 - 1 м |
Најг. длабочина | 3 м |
Соленост | 22-87‰ |
Сиваш или Гнило Море (украински: Сиваш, Гниле Море, кримскотатарски: Sıvaş, Çürük Deñiz, Съваш, Чюрюк Дениз) — залив во западниот дел на Азовското Море. Тој го одделува полуостровот Крим од соседниот континентален дел. Низ него поминува границата меѓу Република Крим и Херсонска Област во Украина. Името Сиваш во превод од кримскотатарски јазик значи кал, нечистотија.
-
Сателитска снимка на заливот
-
Карта на заливот
Географија
[уреди | уреди извор]Сиваш е одделен од Азовското Море со долг и тесен песочен полуостров, наречен Арабатска Стрелка. Поврзан е со морето со два теснеци. Северниот е Генически Теснец, а јужно од него е и вториот теснец Промоин. Во најзападниот дел заливот ги заплиснува бреговите на Перекопскиот Мореуз, кој пак го одделува од Црното Море. Тесниoт Чонгарски Теснец го дели Сиваш на источен и западен дел. Се состои од 11 малку солени и многу солени заливчиња. Неговата должина изнесува околу 200 километри, а ширината едвај од 2 до 35 километра.
Површината на заливот е околу 2.560 км². Тој е исклучително плиток. Неговата најголема длабочина е околу 3 метра, а средната длабочина е едвај 0,5 — 1,0 метар. Во летните месеци водата силно се загрева и дава миризба на гнилеж. Од таа причина често се нарекува и Гнило Море. Поради интензивното испарување водата во заливот е со висока соленост. Околу 100 км² од вкупната површина на заливот се островчиња, а уште 560 км² периодично се покриени со вода.
Сиваш се полни со вода од Азовското Море и во многу слаба мерка од реките и потоците кои се влеваат во него. Бреговите му се ниски, рамни и мочурливи. Во текот на летото рабовите на бреговите се покриваат со сол.
Дното е покриено со слој кал со дебелина од околу 5 метра. Соленоста варира од 22 ‰ на север до 87 ‰ на југ. Водите на заливот се богати на хлорни соединенија, натриум, магнезиумов бромид, магнезиумов сулфат и други соли.
Вкупните залихи на сол се проценети на 200 милиони тони. По бреговите на заливот се наредени фабрики за добивање на сол, минерални соли и производство на фосфатни ѓубрива.
Флора
[уреди | уреди извор]Водите на заливот можат да добијат црвеникава боја што се должи на микроалгите Dunaliella salina кои не се растворливи во сол. Источните делови се со пониска соленост и се погодни за развој на трски и други растенија кои сакаат влага [1].
Големите острови во централниот дел на Сиваш се покриени со степска вегетација како лале, пелин, жалфија, Agropyron cristatum, виук[1].
Бреговите на заливот се обраснати од растенија отпорни на сол Salicornia, Tripolium, тегавец, Limonium, лобода[1].
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Крим
-
Солани (1820)
-
Советски војници го минуваат Сиваш во Втората светска војна
-
Плитките води на Сиваш
-
Сиваш во црвениква боја поради микроалгите Dunaliella salina
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 V. Siokhin; I. Chernichko; V. Kostyushyn; N. Krylov; Yu. Andrushchenko; T. Andrienko; Ya. Didukh; V. Kolomijchuk; L. Parkhisenko; R. Chernichko; T. Kirikova (2000). V. Siokhin; V. Kostyushyn (уред.). Sivash: the lagoon between two seas (PDF). ISBN 9058829960. Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-05-12. Посетено на 2017-05-12.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Сиваш — национален парк Архивирано на 9 август 2017 г.
- Сиваш, или Гнило Море
- Езеро Сиваш Архивирано на 4 февруари 2013 г.
|