Руапеху
Руапеху | |
---|---|
Ruapehu | |
Поглед на Руапеху во 2015 г. | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 2.797 м [1] |
Истакнатост | 2.797 м |
Координати | 39°17′S 175°34′E / 39.283° ЈГШ; 175.567° ИГД |
Име | |
Превод | бучна јама[2] (маорски) |
Географија | |
Геологија | |
Старост на карпата | ~200.000 години[1] |
Вид | стратовулкан |
Вулкански лак/појас | Таупо |
Последен избув | 25 септември 2007 г. |
Искачување | |
Прво освојување | 1879 г. од Џ Битам и Џ. П. Максвел |
Најлесен пат | планинарење |
Руапеху (англиски: Mount Ruapehu, од маорски: Ruapehu - „бучна јама“[2]) — активен стратовулкан во Националниот парк Тонгариро, Нов Зеланд. 23 км на североисток од гратчето Охакуне и исто толку југозападно од брегот на езерото Таупо. Геолошки му припаѓа на вулканското подрачје на Таупо. На падините се сместени најзначајните скијалишта на Северниот Остров на земјата и неговите единствени ледници.
Ова е најголемиот активен вулкан во земјата и највисока планина на Северниот Остров со неговите три врва, Тахуранги (2.797 м), Те Хеухеу (2.755 м) и Парететаитонга (2.751 м). Помеѓу нив е вгезден длабокиот и активен кратер кој се полни со вода во периодите помеѓу поголемите избуви.
Вулканска активност
[уреди | уреди извор]Руапеху е претежно составен од андезит и почнал со својата активност пред барем 250.000 години. Во поново време откога постојат записи за него, вулканот прави поголеми избуви на секои 50 години,[3] и тоа во 1895, 1945 и 1995–1996 г. Помалите изливи се почести — барем 60 пати од 1945 г. наваму. Некои помали избуви во 1970-тите произвеле скромно количество на пепел и лахари (калотеци) кои ги оштетиле скијалиштата.[4] Последното забележително избувнување се случило на 25 септември 2007 г.
Во периодите меѓу поголемите избуви, истопениот снег се слева во кратерот и создава топло кисело езеро. При поголеми избуви, оваа вода целосно се исфрла. Позначајните извбиви таложат наноси од тефра и образуваат брана, која потоа прска при преполнување на езерото и истекува како голем лахар. Во 2000 г. е поставен систем за навремено предупредување на надлежните органи за ваквите изливи.
Скијалишта
[уреди | уреди извор]Руапеху има две јавни (наплатни) скијалишта: „Факапапа“ на северната и „Туроа“ на јужната падина — обете најголеми во земјата. Клупското скијалиште „Тукино“ се наоѓа на источната страна на планината и исто така е отворено за јавноста. Скијачката сезона почнува во јуни и трае до октомври, иако ова може да зависи од количеството на снег и временските прилики.
До двете скијалишта се стасува со автомобил и седечки жичници. Имаат патеки со разна тежина, од почетнички до напредни. Факапапа има пет седечки жичници, со ограничени сместувачки капацитети и гостилница во пристапниот влез и освежување на други места по планината. Искачувачите можат да се послужат со планинарски колиби, претежно во сопственост на приватни клубови.
Ледници
[уреди | уреди извор]На Руапеху се сместени единствените ледници на Северниот Остров. Сите се мали, со должина не повеќе од 1,6 м. На број се осумнаесет, вклучувајќи ги оној со кратерот; најголеми од нив се Мангатоетоенуи, Самит Плато и Фангаеху.[5]
Во популарната култура
[уреди | уреди извор]На падините на Руапеху се снимени некои сцени од областа Мордор и планината Ородруин (Кобната Планина) во филмската трилогија Господарот на прстените на Питер Џексон.[6]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „Руапеху“. Глобална програма за вулканизмот. Смитсонова установа. Посетено на 2016-11-12. (англиски)
- ↑ 2,0 2,1 „Volcano Fact Sheet: Ruapehu Volcano“ (PDF). GNS Science. Посетено на 31 December 2013.
- ↑ New Zealand Department of Conservation. „Crater Lake“. Посетено на 2006-10-23.
- ↑ New Zealand Department of Conservation. „Central North Island Volcanoes“. Посетено на 2006-10-23.
- ↑ „Glaciers in New Zealand“. Te Ara: Encyclopaedia of New Zealand. Посетено на 24 November 2012.
- ↑ Sibley, Brian. The Making of the Movie Trilogy The Lord of the Rings, Houghton Mifflin (2002).
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Руапеху“ на Ризницата ? |
- „Руапеху“. Глобална програма за вулканизмот. Смитсонова установа. Посетено на 2008-12-18. (англиски)
- Опасности од вулканот Руапеху — GNS Science (англиски)
- Вулканска камера на Руапеху Архивирано на 29 јануари 2005 г. — секојчасовни слики од GeoNet (англиски)
- Блог за сите избуви на Руапеху од 1995 до денес (англиски)
|