Прејди на содржината

Роман со кокаин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Роман со кокаин
Корица на првото издание
АвторМихаил Агеев
Изворен насловРоман с кокаином
ЗемјаФранција
ЈазикРуски
ЖанрОбразовен роман
Издадена
1934

„Роман со кокаин“ (руски: Роман с кокаином) е роман од рускиот писател Михаил Агеев. Романот за првпат бил објавен во 1934 година, излегувајќи во повеќе продолженија во „Илустриран живот“ (Иллюстрованная жизнь), а потоа, првиот дел бил објавен во списанието „Броеви“ (Числа), додека две години подоцна, романот било бјавен како посебно издание. Во 1980-тите, се појавил францускиот превод на романот, а потоа следувал и англискиот превод. Македонскиот превод е објавен во 2007 година, од издавачката куќа Темплум.[1]

Технички податоци

[уреди | уреди извор]

Романот е објавен како 52 книга на библиотеката „Магма“. Преводот од руски јазик е направен од Павел Попов. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 224 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи ознаката ISBN 978-9989-189-02-9. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“. На крајот од книгата се наоѓа белешка за авторот и делото, додека на задната корица е даден кус осврт врз делото.[2]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот содржи неколку поглавја: [3]

Дејството на романот се одвива во Москва, за време на Првата светска војна и го прикажува животот на главниот јунак Вадим Маслеников, од неговите гимназијалски денови (на шеснаесеттина години) па натаму. За време на средношколските денови, Вадим е еден од главните лица во неговиот клас. Станува збор за правдољубиво, сиромашно момче кое е опседнато со сексуалноста. Истовремено, тој се однесува многу лошо кон мајка му, срамејќи се од нејзината сиромаштија. По завршувањето на гимназијата, Вадим ја запознава Соња во која неизмерно се вљубува. Поради неговата огромна љубов, тој не е во состојба да има сексуален однос со неа и дури подоцна, кога таа го кани во својот дом и го запознава со сопругот, воден од љубомората, тој започнува механички да одржува сексуални односи со неа. Гледајќи дека нивната љубов полека се гаси, Соња му пишува писмо на Вадим, со кое ја прекинува врската. Разочаран, Вадим случајно пробува кокаин, а потоа станува целосно зависен од дрогата. Најпосле, како последица на постојаното шмркање на кокаинот, Вадим е физички исцрпен и постојано доживува халуцинации. Еден ден, во зимата 1919 година, по неколку неуспешни обиди да се одвикне од дрогата, тој се појавува во една воена болница. Таму му кажуваат дека за неговото лечење би било посоодветно да го префрлат во психијатриската клиника, но за тоа е потребно одобрение од раководителот Буркевиц, кој е пријател на Вадим од гимназиските денови. Вадим одбива да преноќи во болницата за да го почека одобрението и се враќа дома, каде испива чаша со голема доза на кокаин и умира. Утредента, неговото мртво тело го носат во болницата, а во џебот од палтото наоѓаат ситни парички и тетратка со белешки, на која е напишано: “Буркевиц одби”.[4]

  1. ”Белешка за авторот и делото”, во: Михаил Агеев, Роман со кокаин, Темплум, Скопје, 2007, стр. 218.
  2. Михаил Агеев, Роман со кокаин, Темплум, Скопје, 2007.
  3. Михаил Агеев, Роман со кокаин, Темплум, Скопје, 2007.
  4. Михаил Агеев, Роман со кокаин, Темплум, Скопје, 2007.