Прејди на содржината

Рационални очекувања

Од Википедија — слободната енциклопедија

Рационалните очекувања во новата класична макроекономија се однесуваат на современата конфронтација во макроекономијата на релацијата помеѓу новата класична макроекономија и новата Кејнзијанска економија. Новата класична макроекономија е школа која што потекнува од неолиберализмот и израснува врз традициите на модернизмот. Таа претставува посебна макроекономска школа која што го релалативизира значењето на модерните фактори за економијата, кои можат да бидат причина за бизнис циклуси само во услови на модерното изненадување.

Адаптибилни и рационални очекувања

[уреди | уреди извор]

Што се однесува до очекувањата коишто имаат фундаментално значење во макроекономијата, денес современата економска теорија распознава два основни вида на вакви очекувања:

  1. Адаптибилни очекувања, коишто се формираат со пресликување на трендовите на економските процеси и појави од минатото во иднината. Според ваквите очекувања луѓето ги предвидуваат на пример идните стапки на инфлација со пресликување на стапките на инфлација од поблиското минато.
  2. Рационални очекувања, кои поаѓаат од претпоставките дека луѓето, врз основа на бројните информации што ги имаат за движењата во економијата, коректно ја предвидуваат иднината без никакви систематски грешки.

Хипотеза за рационални очекувања

[уреди | уреди извор]

За новата класична макроекономија е значајно и тоа што антиципирањето на иднината го врши врз основа на рационалните очекувања. Како најзначајни претставници на новата класична макроекономија во САД се споменуваат професорите Роберт Лукас и Томас Сарџент, додека во Велика Британија најзначаен во новата класична макроекономија е професорот Патрик Минфорд. Сепак како вистински творец на хипотезата на рационалните очекувања се смета Џон Мјут. Тој ја формира хипотезата на рационалните очекувања во својата позната статија од 1961 година „Рационалните очекувања и теорија за движењето на цените“. Сублимирано неговата хипотеза гласи вака :

  • За да се објасни доволно едноставно како се формираат очекувањата, ние ја развиваме хипотезата дека тие суштински се нешто како предвидувањата на релевантната економска теорија.
  • Основата на хипотезата за рационалните очекувања на Џон Мјут е дека очекувањата односно предвидувањето на иднината, во мера во каоја тие се фундирани врз добри, квалитетни информации, суштински се идентични со предвидувањата на една коректно изведена економска теорија, што значи дека се доаѓа до резултати кои се еднакви со оние кои во иднина де-факто ќе се случат.

Хипотезата на рационалните очекувања математички може да се формулира на следниот начин :

Пте = Пт + Ет
Пте – антиципирана стапка на инфлација во перодот меѓу т и т+1
Пт – делотворна, фактички остварена стапка на инфлација во периодот меѓу т и т+1
Ет – термин што укажува на грешки произлезени од неизвесноста при антиципирањето на иднината

По Мјут хипотезата на рационалните очекувања се развива неверојатно брзо. Во раните седудесетти години следат придонесите на Лукас, Сарџент, Валтерс и Блек. Кон крајот на седумдесеттите оние на Милфорд, Бел и Бинстук, Дорнбуш, Фелпс и Тејлор, а во раните осумдесетти на Лонг и Плосер. Сите тие развивајќи го концептот на рационалните очекувања, го применуваа во моделите кои го објаснуваа начинот на функционирањето на одделни сегменти на економијата или пак на економијата во целина.

Во овој контекст секако најзначајни се придонесите на Лукас и Сарџент, водачите на новата класична макроекономија, кои увидувајќи го големото значење на рационалните очекувања го развија концептот до фаза на негова практична применливост во економските модели и од него извлекоа значајни консеквенци за начинот и брзината на урамнотежувањето на пазарите, за интеракцијата на релација економска политика на Владата и формирање и формирање на очекувањата.

Битни одлики на хипотезата за рационалните очекувања се:

  • Учесниците во економскиот живот, врз основа на општите познавања на начинот на функционирањето на економијата, врз основа на следењето на настаните во економијата, промените во економската политика, иднината ја предвидуваат коректно без притоа да прават систематски грешки.
  • Предвидувањата на учесниците во економскиот живот, доколку се засновани на квалитетни информации, не отстапуваат од предвидувањата на самата економска наука.
  • Рационалните очекувања не се сепак синоним за совршени предвидувања на иднината. Грешките се можни пред сè поради некомплетност на информациите, но таквите грешки во просек тендираат кон нула.
  • Економските политики кои ги имплементираат владите имаат силно влијание врз начинот на формирање на очекувањата.
  • За разлика од адаптабилните, рационалните очекувања се свртени кон напред.
  • Луѓето се рационални. Ако луѓето коректно ја предвидуваат иднината, тие брзо им се приспособуваат на промените и преземаат неопходни мерки за да ги елиминираат несаканите последици од новонастанатата ситуација.

Практична примена

[уреди | уреди извор]

Роберт Лукас ја откри вистинската вредност на рационалните очекувања и нивната практична применливост. Лукас тврди дека економската политика што ја спроведува владата има силно влијание врз начинот на формирањето на очекувањата во економијата. Но, според Лукас, конвенционалните методи на оцена на економските политики не даваат одговор на прашањето како промените во политиките влијаат врз самите очекувања. Ова е сублимат на т.н. критика на Лукас, која има три значајни аспекти:

  1. Адаптабилните очекувања не се најсоодветен начин на антипицирање на иднината. Користејќи ги адаптабилните очекувања, луѓето ја предвидуваат идната инфлација врз основа на просечната динамика на пораст на инфлацијата во минатото.
  2. Обратно, во економијата со висока стапка на инфлација токму рационалните очекувања, кои силно зависат од самите економски политики и навестените промени во нив, можат да бидат значаен фактор на брзо намалување на инфлацијата, а со тоа и намалување на дезинфлаторните трошоци, доколку владата, која ужива висок кредибилитет, најави рестриктивна монетарна и фискална политика.
  3. Двете опишани состојби само потврдуваат колку е големо значењето на рационалните очекувања во реалниот економски живот, односно колку е силно нивното влијание врз фактичките економски текови.

Врз основа на теоријата на рационалните очекувања се појави школата на новата класична макроекономија и таа се темели врз два основни постулати и тоа:

  • пазарите се урамнотежуваат многу брзо, односно моментално
  • антиципирањето на иднината се заснова врз рационалните очекувања.

Од причина што оваа макроекономија претпоставува дека со помош на флексибилност на цените и платите економијата може да се доведе до состојба на целосна вработеност, школата се нарекува класична, бидејќи слично на класичната економија, тврди дека цените на добрата и услугите и на платите се флексибилни нагоре и надолу. Таквата флексибилност на платите и цените ја води економијата кон целосна (полна) вработеност и овозможува нејзино функционирање на нивото на тн. потенцијален бруто-домашен производ. Називот пак, нова школа произлегува благодарение на тоа што оваа макроекономија претпоставува дека со флексибилноста на платите и цените, ќе дојде до урамнотежувањето на пазарите и дека тоа ќе се случи моментално.

Како флексибилноста на цените и платите ги урамнотежува пазарите?

[уреди | уреди извор]

Познато е дека во современи услови номиналните плати се утврдуваат на почетокот на секој период и остануваат фиксни за целиот период, бидејќи е навистина не рационално и скапо работодавачите и синдикатите перманентно да преговараат за нивната висина. Притоа платите се фиксираат на рамниште коешто овозможува урамнотежување на пазарот на трудот.

Бидејќи работниците се заинтересирани за одржување на реалното ниво на платите, на почетокот на периодот платите се индексираат со очекуваниот пораст на цените (антиципираната инфлација) и се фиксираат токму на тоа ниво.

Меѓутоа, ако цените порастат повеќе од очекувањата, претпријатијата ќе профитираат, односно ќе бидат во состојба да го зголемат поризводството во услови на фиксирани номинални плати кои меѓутоа се под реалното рамниште. Но ваквата ситуација, според претставниците на новата класична економија, не ќе може долго да се одржи. На почетокот на следниот период платите ќе се усогласат односно ќе се фиксираат на ниво коешто го антиципира порастот на цените за тој период.

На овој начин флексибилните цени и плати го урамнотежуваат, „чистат“, пазарот. Невработеноста во ваква ситуација егзистира на нивото на природната стапка на невработеност, која ја покажува долгорочната тенденција на вистинската стапка на невработеност – фактички таа е стапка на невработеност којашто не ја забрзува инфлацијата НАИРУ. Овој едноставен пример го покажува големото значење на рационалните очекувања за функционирањето на економијата.

Кон почетокот на седумдесеттите години на XX век, со појавата на феноменот на стагфлацијата, се покажа дека стабилните односи помеѓу инфлацијата и невработеноста не се валидни на долг рок. Во тој период најпрвин Фелпс, а потоа и Фридман излегоа со тврдењето дека Филипсовата крива на долг рок е вертикална линија на нивото на природната стапка на невработеност. Ова нивно откритие потврдува дека зголемувањеро на понудата на пари на кус рок предизвикува промени во реалните фактори (инвестициите, производството и вработеноста), а на долг рок инфлација, односно општ пораст на нивото на цените. Појавата и развојот на Лукасовиот концепт за рационалните очекувања ја засили аргументацијата за егзистенција на нестабилни односи помеѓу инфлаијата и невработеноста на долг рок.

Основата за дистинкција помеѓу Филипсовата крива на кус и долг рок денес се токму рационалните очекувања, очекувањата за инфалција се константни – поради едноставниот факт што просечниот тренд на пораст на стапката на инфлација во поблиското минато едноставно се пресликува, се експлоатира во иднината. Кај Филипсовата крива на долг рок, меѓутоа, очекувањата за инфлацијата се еднакви на актуелната инфлација. Така, доколку економските субјекти коректно ја антиципираат инфлацијата (што е основна пертпоставка на рационалните очекувања), ако предвидат, да кажеме, 6% пораст, тогаш оптото подигање на цените ќе биде вградено и во платите. Тоа ќе предизвика контракција на агрегатната понуда и сите реални фактори, вклучувајќи ја тука и вработеноста, односно невработеноста, ќе се вратат на првобитното рамниште. Но, рамнотежата ќе се воспостави на повисокото општо ниво на цените. Ова покажува зошто Филипсовата крива на долг рок е вертикална линија.

Урамнотежувањето на пазарите во современите пазарни економии е значаен елемент за новата класична макроекономија. Инаку пазарите се урамнотежени кога невработеноста постои само на ниво на природна стапка на невработеност.

Бизнис циклуси

[уреди | уреди извор]

Како дел од новата класична макроекономија се појавуваат и теоретичарите на реалните бизнис циклуси. Тие во целост ги прифаќаат сите постулати на новата класична макроекономија. Како најзначајни претставници на оваа школа се спомнуваат Едвард Прескот, Фин Кидланд и Чарлс Плосер.

Современата макроекономија е поврзана со теоретичарите на реалните бизнис циклуси поради нивните два значајни придонеси:

  • проблемот на доследноста, односно недоследноста на економските политики низ времето
  • теоријата за реалните бизнис циклуси.

Голема заслуга која што ја имаат теоретичарите на реалните бизнис циклуси е тоа што тие отидоа еден чекор понапред во објаснувањето на рационалните очекувања врз економската политика, од причина што го имаат откриено проблемот што всушност се нарекува доследност на економските политики низ времето.

Макроекономска и монетарна политика

[уреди | уреди извор]

Развојот и примената на концептот на рационалните очекувања имаа силни импликации врз економската политика. Најзначајните импликации на учењето за рационалните очекувања врз економските политики можат да се сублимираат на следниот начин:

  • економските политики се неефикасни
  • рационалните очекувања имаат силно влијание врз реалните дезинфлациони трошоци
  • макроекономските политики се значајни за зголемување на агрегатната понуда

Ако економските субјекти се способни коректно да ја предвидат иднината, вклучувајќи ги тука промените во економската политика на владата, и брзо да реагираат на новонастанатите промени, тогаш економската политика е неефикасна и често бескорисна. Во вакви услови управувањето со агрегатната побарувачка преку мерките на монетарната и фискалната политика нема никаква смисла. Притоа анализата на претставниците на рационалните очекувања посебно е свртена кон ��фикасноста односно неефикасноста на мерките и инструментите на монетарната политика. Тука може да се издиференцираат две специфични ситуации со кои мое да се покаже дека монетарната политика е неефикасна.

  • Првата се однесува на антиципирано зголемување на понудата на пари, односно кога владата соопштува дека има намера да ја зголеми понудата на пари.
  • Втората се однесува на неантиципирано зголемување на понудата на пари, односно владата не навестува зголемена понуда на пари.

Секоја редукција на инфлацијата е врзана со реални дезинфлациони трошоци. Неокејнзијанците сметаат дека реалните дезинфлаторни трошоци во современите економии се високи поради рестриктивната буџетска и монетарна политика, понекогаш комбинирани со политика на доход и особено поради фактот што цените и платите се нефлексибилни надолу. Во таква ситуација без оглед на смалената агрегатна побарувачка, пазарите тешко се урамнотежуваат, а рамнотежата се воспоставува на пониско рамниште со евидентно губење на БДП и работни места.

За претставниците на новата класична економија пак, дезинфлационите трошоци можат да бидат многу мали, а коефициентот на жртвување дури да тендира кон нула, доколку монетарните власти уживаат висок кредибилитет и репутација и доколку и буџетската политика е компатибилна со монетарната политика. Многу економисти најдуваат висок степен на корелација помеѓу степенот на независност на централната банка и ниските стапки на инфлација, (колку е поголема независноста на централната банка толку е пониска стапката на инфлација).

За претставниците на рационалните очекувања, управувањето со агрегатната побарувачка преку мерките и инструментите на монетарната и фискалната политика по правило нема посебна смисла. За нив е значајна агрегатната понуда и стимулирањето на потенцијалниот БДП. Во овој домен посебен придонес може да дадат микроекономските политики преку зголемување на поттиците за работа и инвестирање.

  • Maarten C. W. Janssen (1993) "Microfoundations: A Critical Inquiry". Routledge.
  • Hanish C. Lodhia (2005) "The Irrationality of Rational Expectations - An Exploration into Economic Fallacy". 1st Edition, Warwick University Press, UK.
  • John F. Muth (1961) "Rational Expectations and the Theory of Price Movements" reprinted in The new classical macroeconomics. Volume 1. (1992): 3-23 (International Library of Critical Writings in Economics, vol. 19. Aldershot, UK: Elgar.)
  • Thomas J. Sargent (1987). "Rational expectations," The New Palgrave: A Dictionary of Economics, v. 4, pp. 76–79.
  • N.E. Savin (1987). "Rational expectations: econometric implications," The New Palgrave: A Dictionary of Economics, v. 4, pp. 79–85.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]