Плаштари
Туникати | |
---|---|
Сино ѕвонче (Clavelina moluccensis) | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Потколено: | Urochordata Giribet et al., 2000 |
Класи | |
Ascidiacea (2.300 видови) |
Плаштари или туникати (науч. Tunicata или Urochordata) — потколено на животни кои се членови на истоимениот поттип на примитивни морски хордови. Постојат околу 2000 познати видови. Ларвалниот стадиум на овие животни се одликува со присуство на нотохорд и грбно нервно стебло, кои отсуствуваат кај возрасната единка. Возрасниот организам се одликува со слој на заштитна секреција околу телото наречена туника (оттука и името на поттипот), која се состои главно од белковината туницин. Плаштарите се чести во живеалишта како што се карпестите брегови, но можат да се најдат и во големи длабочини. Видовите познати како асцидии сочинуваат една класа во поттипот, а всушност и повеќето плаштари спаѓаат во оваа класа. Плаштарите се важни бидејќи се врска помеѓу без‘рбетниците и ‘рбетниците.
Одлики на ларвената и возрасната единка
[уреди | уреди извор]Ларвалниот стадиум, кој најмногу личи на полноглавец, има грбно нервно стебло заштитено во нотохорд, потоа мозок (односно ганглија), жабри, крвни садови и целом (секундарна телесна празнина). Овие одлики на ларвата на плаштарите укажуваат на тоа дека оваа група е повеќе поврзана со хордовите отколку со без‘рбетниците. Слободнопливачката ларва се прикачува себеси за супстрат и поминува низ процес на видоизменување во возрасната форма, губејќи ги притоа повеќето од сличностите со повишите животни.
Возрасната единка обично претставува седентарно животно кое поседува целосен дигестивен систем, срце и циркулаторен систем, жабрена мрежа и редуциран нервен систем. Прекриена е со туника. Вазновидното животно има два сифона - еден кој дозволува водата да навлегува во телесната празнина и другиот низ кој водата излегува надвор. Водата поминува низ филтерски апарат кој ги заробува малите хранливи честички и ги предава на желудникот. Мрежестата жабрена торба го екстрахира кислородот од водата како што таа минува низ неа. Повеќето плаштари се хермафродити, но некои пливачки видови, како салпите, се размножуваат и полово и бесполово (смена на генерации). Колониите може да се образуваат по пат на бесполово размножување, а некои видови образуваат заеднички одводен сифон. Една класа на мали, ларвовидни плаштари се храни со помош на сложена мукозна "куќичка" која го обиколува телото.
Таксономија
[уреди | уреди извор]Плаштарите го сочинуваат поттипот Tunicata во типот Chordata. Асцидиите ја сочинуваат класата Ascidiacea, а салпите спаѓаат во класата Thaliacea. Ларвовидните плаштари кои се хранат со помош на мукозната куќичка ја сочинуваат класата Larvacea.