Прејди на содржината

Пиета

Од Википедија — слободната енциклопедија
Оваа статија е за првата и најпознатата статуа Пиета од Микеланџело. Другите три поврзани статуи се Фирентинска Пиета, Ронданини Пиета и Палестринска Пиета.
Пиета од Микеланџело во Базиликата Свети Петар во Ватикан.

Пиета (итал. Pietà) (1499.) од Микеланџело е мермерна скулптура во Базиликата Свети Петар во Ватикан, и таа е прва и најпозната од неколку скулптури од Микеланџело на истата тема. Скулптурата била нарачана од францускиот кардинал Жан де Бијер, кој бил претставник во Рим на 26.август 1498. Статуата требало да претставува надгробен споменик за кардиналот, но била преселена на денешната локација, во првата капела десно од влезот на базиликата, во 18. век.

Оваа позната статуа го претставува мртвото тело на Исус како лежи во скутот на мајка си Марија, по симнувањето од крстот. Статуата се одликува со баланс на ренесансата и натурализмот. Таа е еднo од најдобро обработените дела на Микеланџело.

Структурата е пирамидална, со главата на Марија на врвот. Таа се шири надолу со фустанот на Марија, па сѐ до основата, која е каменот од Голгота.

Фигурите се диспропорционални, поради тешкотијата да се претстави возрасен човек во скутот на жена. Раните од распнувањето се ограничени на мали траги од клинци на дланките и стапалата и на едната страна на телото на Исус.

Марија е претставена како многу млада, иако во времето на распнувањето би требало да имала околу 50 години. Објаснението на Микеланџело било дека таа поради својата невиност останала млада и свежа.

Името на статуата Пиета значи долг или должност. Овде е измешана традиционалната должност која децата ја имале кон родителите, затоа што Марија е мајка на Исус но и негова ќерка бидејќи тој е Бог. Според други извори, името Пиета доаѓа од италијанскиот збор за жалост, жалење или сочувство.

Според некои наводи, брзо по завршувањето на Пиета, Микеланџело начул како некои луѓе меѓу себе зборуваат дека Пиета била од друг вајар. Разлутен и во напад на суета, тој на марамата преку градите на Марија ја врежал следнава инскрипција: MICHAELA[N]GELUS BONAROTUS FLORENTIN[US] FACIEBA[T] (Микеланџело Буонароти Фирентинецот ја направи). Подоцна се покајал поради својот изблик на гордост и се зарекол никогаш повеќе да не ги потпишува делата.

Историја по завршувањето

[уреди | уреди извор]

Првобитно статуата била сместена во Капелата на Света Петронила, која кардиналот ја одбрал за своја гробна капела. Но, капелата била урната за време на реконструкцијата на базиликата од Браманте.

При една преселба на статуата, ѝ биле скршени прстите од левата рака, а ги реставрирал Џузепе Лириони во 1736. година. Во 1972. година извесен ментално пореметен геолог Ласло Тот влегол во капелата и ја нападнал статуата со геолошки чекан извикувајќи „јас сум Исус Христос!“. По овој напад, статуата била макотрпно ре��таврирана, и денес е заштитена со непробоен акрилен ѕид.

Авторизирани реплики

[уреди | уреди извор]
  • Црква на Богородица од тагите во Познањ.
  • Катедрала Свети Јован во Кореја
  • Метрополитенска катедрала на Бразилија, Бразил
  • Катедрала Света Марија, Сиднеј