Мартин Гулески
Мартин Гулески | |
---|---|
Роден(а) | 6 март 1945 Струмица, СФРЈ (денес Македонија) |
Националност | Македонец |
Награди | Голема годишна награда за архитектура на ААМ (2000) Гран при на БИМАС (2002) |
Зданија | Гимназија „Нова“ |
Мартин Гулески (роден на 6 март 1945 година) — македонски архитект и поранешен универзитетски професор на Архитектонскиот факултет - Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Гулески учел на Архитектонскиот факултет при Политехничкиот институт во Лавов, Украина и Архитектонскиот факултет во Белград, Србија. Од 1991 година тој е постојан соработник на проектантското виро „Ателје Ајвар“ во Скопје. Во својата богата професионална кариера е автор на повеќе од 100 проекти и 20 реализации. Добитник е на Големата годишна награда за архитектура на ААМ во 2000 година, како и Гран при на БИМАС во 2002 година.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Архитект Мартин Гулески е роден во Струмица во 1945 година, а своето основно и средно образование ги завршил во Скопје. Вонучилишните активности во макетарските секции во рамките на основното училиште и пионерскиот дом Карпош претставуваат неизоставен дел од неговото дополнително образование. Првата средба со архитектонските градби е преку изработка на нивни макети се случува во просториите на ателјето на тројца архитекти кои, покрај својата професионална активност, неформално учат неколку ученици од основно училиште за да ја совладаат вештината на изработка на макети од хартија.[2]
Архитектот Гулески дипломирал во 1969 година на Архитектонскиот факултет при Политехничкиот институт во Лавов, Украина на тема „Населба за 1000 семејства“.[3] Студентските години ќе остават значајно влијание врз формирањето на неговиот иден професионален однос, каде што клучно место зазема педагошкиот и професионалниот однос на повеќе професори. Можноста за заедничка работа со нив на реални проекти, задолжителните практични градежни обуки по секоја година, а особено преддипломската практична работа во траење од половина година во едно проектантско биро во градот, го комплетираат неговото професионално образование. Доброволното учество во работата на еден од студентските градежни одреди во траење од два месеца, со успешна реализација на неколку објекти, најдобро сведочат за квалитетот и сестраноста петгодишното образование. Студентскиот престој на Московскиот архитектонски институт, во траење од една учебна година, ги проширува и продлабочува познавањата за состојбите во архитектурата од периодот на советската авангарда и претставуваат база за натамошното усовршување на сопственото образование.[4]
Кариера
[уреди | уреди извор]Својата проектантска кариера Мартин Гулески ја започнува веднаш по дипломирањето, во проектантското биро Пелагонија проект при ГП „Пелагонија“ во Скопје.[3] Во 1972 година е избран за асистент на Архитектонскиот факултет - Скопје на Катедрата за Проектирање на општествени згради. Магистрирал на Архитектонскиот факултет во Белград, Србија во 1986 година на тема „Планирање на станбениот простор од аспект на барањата на демографските промени и социолошките потреби во одредена структура на населението“[3], а во 1991 година го брани својот докторски труд на тема „Проблемот на флексибилноста на просторот на повеќенаменските згради за култура“ на Архитектонскиот Факултет во Скопје, каде што е избран за доцент во 1992 година. Блиската соработка на секој план и во секакви околности со професорите Борис Чипан, Славко Брезоски, Живко Поповски и Михајло Волканов, во текот на повеќе од три децении, претставуваат постојан растеж и надградба на личниот про��есионален профил.[5]
Од 1991 година Мартин Гулески е постојан соработник во Проектантското биро „Ателје Ајвар“ во Скопје. Работата со групата Ајвар претставува натамошна професионална надградба, основа за теоретски поуки во паралелната педагошна и обратно, проверка на учебната материја во практичната дејност. Особено значење во професионалното работење во групата, подоцна и во Ателје Ајвар, имаат двете самостојни изложби 10 и 25 години архитектура во рамките на биеналните манифестации на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) во просториите на Националната галерија Даут-пашин амам и Музејот на современата уметност во Скопје.[5]
Творештво
[уреди | уреди извор]Гулески во својата богата професионална кариера е автор на повеќе од 100 проекти и 20 реализации. Учествувал и е наградуван на повеќе од 20 домашни и меѓународни конкурси. Учествува во работата на летни школи, архитектонски работилници, архитектонски манифестации, изложби, издавачки редакции на архитектонски списанија и е член на различни стручни комисии. Исто така, тој учествува на сите манифестации на ААМ, самостојно но и член на тим. Во сферата на публицистиката објавил повеќе статии во списанието за култура на просторот „А:“ и во списанието „Архитектура и урбанизам“. Како член на постојната рецензентска комисија на Републичкиот завод за унапредување на домаќинството рецензирал над 20 проекти за предучилишни, училишни и здравствени објекти.[3] Тој е добитник на признанија на архитектонски манифестации во Македонија и странство: добитник е на двете најпрестижни награди што ги доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија - Големата годишна награда за архитектура на ААМ во 2000 година, како и Гран при на БИМАС во 2002 година и двете за објектот на гимназијата „Нова“ во Скопје заеднос со проф. арх. Влатко П. Коробар. Во 2008 и 2010 година е дел од тимовите што ја претставуваат Република Македонија на Венецијанското биенале за архитектура и тоа во 2008 година како соавтор на проектот „Метамак отсечоци“, и во 2010 година, како педагог на проектот „Учење од архитектура“.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Гулески, Мартин. „Мартин Гулески: архитект: траги на мислењето, обликувањето, правењето, подучувањето, живеењето ... архитектура“. Скопје. Асоцијација на архитекти на Македонија, 2015. стр. 6-9.
- ↑ Гулески, Мартин. „Мартин Гулески: архитект: траги на мислењето, обликувањето, правењето, подучувањето, живеењето ... архитектура“. Скопје. Асоцијација на архитекти на Македонија, 2015. стр. 6.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Константиновски, Георги. „Градителите во Македонија: XVII - XX век книга втора“. И. П. Табернакул. Скопје, 2004. стр. 88-89.
- ↑ Гулески, Мартин. „Мартин Гулески: архитект: траги на мислењето, обликувањето, правењето, подучувањето, живеењето ... архитектура“. Скопје. Асоцијација на архитекти на Македонија, 2015. стр. 6-7.
- ↑ 5,0 5,1 Гулески, Мартин. „Мартин Гулески: архитект: траги на мислењето, обликувањето, правењето, подучувањето, живеењето ... архитектура“. Скопје. Асоцијација на архитекти на Македонија, 2015. стр. 7-8.
- ↑ Гулески, Мартин. „Мартин Гулески: архитект: траги на мислењето, обликувањето, правењето, подучувањето, живеењето ... архитектура“. Скопје. Асоцијација на архитекти на Македонија, 2015. стр. 8-9.
Литература
[уреди | уреди извор]- Гулески, Мартин. „Мартин Гулески: архитект: траги на мислењето, обликувањето, правењето, подучувањето, живеењето ... архитектура“. Скопје. Асоцијација на архитекти на Македонија, 2015. ISBN 978-9989-615-09-2.
- Константиновски, Георги. „Градителите во Македонија: XVII - XX век книга втора“. И. П. Табернакул. Скопје, 2004. ISBN 9989-937-74-5.