Прејди на содржината

Лав (филм од 2016)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Лав“
РежисерГарт Дејвис
Продуцент
Главни улоги
Музика
КинематографијаГрег Фрејзер
МонтажаАлександре де Франчески
Студио
Дистрибутер
Премиера10 септември 2016 (2016-09-10) (Торонто)
25 ноември 2016 (2016-11-25) (САД)
19 јануари 2017 (2017-01-19) (Австралија)
20 јануари 2017 (2017-01-20) (Обединето Кралство)
Времетраење118 минути[1]
Земја
Јазик
Буџет12 милиони долари[2]
Бруто заработка76.3 милиони долари[3]

Лав (англиски: Lion) — драма филм од 2016 година, во режија на Гарт Дејвис по сценарио на Лук Дејвис, засновано на автобиографската книга Долг пат до дома на Сару Брирли. Во главните улоги се појавуваат Сани Павар, Дев Пател, Руни Мара, Дејвид Венам и Никол Кидман.

Филмот премиерно бил прикажан на филмскиот фестивал во Торонто на 10 септември 2016 година а потоа бил нашироко издаден на 6 јануари 2017 година. Филмот добил главно позитивни критики, и остварил заработка од 76 милиони долари во светски рамки. Лав добил шест номинации за Оскар на 89. доделување на наградите, и тоа за најдобар филм, најдобар спореден глумец (Пател), најдобра споредна глумица (Кидман), најдобро адаптирано сценарио, најдобра оригинална музика и најдобра кинематографија. Тој исто така бил номиниран во пет категории на БАФТА наградите, победувајќи во две, и тоа во категориите најдобар спореден глумец (Пател) и најдобро адаптирано сценарио.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во 1986 година, Сару, петгодишно момче, живее со својот постар брат Гуду, со својата мајка и со помладата сестра во Кандва, Индија. Гуду и Сару крадат јаглен од товарни возови за да можат да купат млеко и храна. Една ноќ Сару го следи својот брат кој иде да работи и тие стигнуваат на блиската железничка станица, каде Сару изморен легнува да спие на една од клупите. Гуду решава да го остави Сару на железничката станица и му вели да го чека тука и дека брзо ќе се врати. Кога Сару ќе се разбуди, тој го бара Гуду и се качува во еден воз, во кој мисли дека е неговиот брат. Тој повторно заспива во едно од купињата во возот, кој тргнува без ниту еден патник. По неколку дена возење, Сару пристигнува во Калкута, оддалечен 1600 километри од дома, каде не го разбира локалниот бенгалски јазик. Тој чека на шалтерот за да дојде до билет за да се врати дома, но службеникот не го препознава името на неговото село, кое Сару вели дека се вика „Ганешталај“.[4] Тој се обидува да спие во тунел од железничката станица заедно со други улични деца, но во текот на ноќта доаѓаат полицајци кои ги бркаат. Само Сару успева да побегне бидејќи е доволно мал за да се протне низ отвор од една порта.

Сару продолжува да лута по градот, но ја сретнува Нур, навидум љубезна жена која го носи во својот стан и го храни. Таа му вели дека еден човек, Рава, ќе му помогне да се врати дома. Рава ги посетува и го гушка Сару, и ѝ вели на Нур дека Сару е тип на момче какво што тој бара. Следното утро, Нур се обидува да го нахрани Сару, но тој повеќе не и верува. Тој бега од нејзиниот дом пред Рава да дојде и го земе. Сару запознава едно младо момче кое го носи во полиција. Не можејќи да го лоцираат неговото семејство, тие го сместуваат во сиропиталиште. Три месеци подоцна, Сару ја запознава г-ѓа Суд, која му вели дека објавила за него во локалниот весник кој го читаат 15 милиони луѓе, но никој не се јавил да го побара. Таа му соопштува дека пар од Австралија сака да го посвои и започнува да го подучува англиски јазик. Тој одлетува за Хобарт, Тасманија и ги запознава своите нови родители, Џон и Сју Брирли. Една година подоцна, парот посвојува уште едно момче, Мантош, кое има проблеми да се прилагоди во новата средина, покажува значи на бес и самото се повредува.

Дваесет години подоцна, Сару, сега студент, се преселува во Мелбурн за да студира хотелски менаџмент. Тој започнува врска со Луси, која е американска студентка. За време на ручек со индиски пријатели во нивниот дом, тој гледа џелеби во кујната, специјалитет кој го помни од своето детство. Тој се доверува на пријателите дека е посвоен, и тие му предложуваат да го побара својот роден крај во Индија преку интернет алатката Google Earth. Сару започнува да пребарува но со текот на времето, ја прекинува врската со Луси, обземен од мислата низ какви емоции неговото семејство морало да помине кога тој исчезнал.

Сару ја посетува Сју, чија здравствена состојба се влошува, и дознава дека таа можела да раѓа деца, но се одлучила да им помогне на оние деца на кои им е потребна помош, верувајќи дека веќе има премногу луѓе на Земјата. Сару го поминува најголемиот дел од своето време пребарувајќи го својот роден крај, но безуспешно. Една вечер, прегледувајќи по Google Earth, тој го забележува составот на карпи каде работела неговата мајка, и потоа ја наоѓа областа каде што тој живеел: областа Кандва и местото Ганеш Талај. Тој конечно и кажува на Сју за неговата потрага, и таа целосно ги поддржува неговите напори.

Сару се враќа во својот роден крај, каде има емоционална средба со својата биолошка мајка и сестра, но дознава дека Гуду починал. Филмот завршува со слики на вистинскиот Сару кој се вратил во Индија во февруари 2012 година, како и на средбата на Сару и Сју со биолошката мајка. Гуду починал од удар од воз истата вечер кога тие отишле на железничката станица. Нивната мајка никогаш не се откажала од надежта и верувала дека еден ден нејзиниот син ќе се врати дома, и никогаш не се преселила од селото. Сару, подоцна дознал дека тој погрешно го изговарал своето име, кое всушност било Шеру, деминутив од шер, индискиот збор за „лав“.

  1. Lion (PG)“. British Board of Film Classification. December 2, 2016. Посетено на December 2, 2016.
  2. „Lion, Starring Sunny Pawar, Dev Patel, Nicole Kidman, and Rooney Mara, Notches Four Golden Globe Nominations (Including Best Picture) and Zurich Film Festival Diversity in Film Award“. Vanity Fair. Посетено на January 5, 2017.
  3. „Lion (2016)“. Box Office Mojo. Посетено на February 20, 2017.
  4. Jennings, Ken (April 27, 2015). „How Google Maps Helped One Man Find His Long-Lost Family“. Conde Nast Traveler. Conde Nast. Посетено на January 11, 2017.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]