Прејди на содржината

Женската поворка Иванденка од Ресен

Од Википедија — слободната енциклопедија

Женската поворка Иванденка од Ресен е културно наследство со националка класификација за Духовно културно наследство- со издаден податок од УЗНП 3.1.2.2.42. [1]

Датирање

[уреди | уреди извор]

Женската поворка Иванденка од Ресен, врз основа на расположливите податоци, не може со сигурност и точност да се утврди од кога датира, т.е. да се утврди староста на овој архаичен обреден комплекс. Првите пишани податоци се јавиле од почетокот на 20 век, но од искази добиени од испитаници од теренски истражувања, прославата на овој празник датирала уште неколку генерации наназад.

Опис на доброто

[уреди | уреди извор]

Празнувањето на празникот Иванка имал исклучително долга традиција во регионот на Горна Преспа, но подоцнежното негово празнување било лимитирано само на територијата во градот Ресен.

Обредната комплексност на празнувањето на Иванка била исклучително сложена и претставувала своевиден збир на обредно-магиски постапки кои имале своја намена и цел, и кои имале и извршувале одредена функција. Анализата на овој комплекс покажува дека тој во себе интегрира поголем број на обредни содржини кои во минатото биле далеку побогати, но кои за жал постепено се редуцирале. Таков бил случајот со обредното берење цвеќе, обредното налевање на вода во ѓумовите, репертоар на пригодни иванденски песни, кој бил речиси наполно напуштен и заборавен.

Празнувањето на Иванка започнувало на 5.јули, кога се формирале групи на девојчиња, кои оделе по домовите и собирале разни посни продукти, од кои следниот ден, на 6.јули, во една од куќите на девојчињата од групата, се приготвувал ручек. На ручекот на кој присуствувале повеќето девојки, жени и мали деца, се пееле бројни пригодни песни. Овој елемент од празнувањето на „Иванка“ се сметал за своевиден рецидив од некогашните обреди на премин.

На 6.јули се вршела обредната активност т.н. обредно собирање на цвеќе- наваличе, кое подоцна се користело за изработка на кукла, Иванка. Овој елемент од обредниот комплекс бил директно поврзан со летната рамноденица, но и со чудотворната и опотропејска моќ на билките и растенијата.

Празнувањето на Иванка било и во врска со празнувањето на летната солистиција, која во системот на годишни празнувања се ставала се ставала во корелација со празнувањето на зимската солистиција, како два најважни моменти од циклусот на годишните празнувања во народната традиција.

Од друга страна, пак, како пандан на летната солистиција, во рамките на христијанската религија се појавува празникот на раѓањето на Свети Јован Крстител, чиј датум се п��истоветува со датумот на кој се празнува празникот Иванка, додека пак неговиот пандан т.е. празник на прослава во зимската солистиција е Божиќ.

Иако ваквата поставеност на односите и релациите со силно влијание на христијанството во одредени сегменти, сепак бројот е минимален и незабележителен, што може да биде показател на претхристијанско потекло и за неговата старост.

Вредност и значење на доброто

[уреди | уреди извор]

Празнувањето на овој празник и подготовката на куклата „Иванка“ како нејзин препознатлив симбол биле единствени од ваков вид на територијата на Македонија.

Присуството на мноштво архаични елементи кои зборуваат за културните и цивилизациските вредности на населението од регионот, но и од Македонија, секако се уште еден дополнителен елемент за одредување на неговата вредност и значење.

Критериуми за валоризација на доброто

[уреди | уреди извор]

Критериуми кои се однесуваат на својствата на доброто

[уреди | уреди извор]
  • Автентичност - изразена преку оригиналноста на целокупниот концепт на доброто;
  • Реткост - во однос на квантитативната застапеност на слични Иванденски прослави;
  • Единственост - која се изразува по однос на застапеноста на доброто исклучително на територијата на градот Ресен, и никаде на друго место на територијата на Македонија, со свои специфични облици и посебен творечки израз;
  • Интегралност - изразена преку високиот степен на единство на функциите и облиците каде интеракцијата со средината е постојано присутна со единствена цел да обезбеди здравје, среќа и просперитет на вклучените поединци, но и на заедницата во целост;
  • Старост - изразена преку архаичноста на облиците во рамките на обредниот комплекс;


Критериуми кои се однесуваат на функциите на доброто

[уреди | уреди извор]
  • Воспитно образовна функција;
  • Научна функција;
  • Културна функција;
  • Комуникациска функција;
  • Информативна функција;

Критериуми кои се однесуваат на значењето на доброто

[уреди | уреди извор]
  • Културно значење;
  • Културно-историско значење;
  • Уметничко значење;
  • Научно значење;
  • Општествено значење;

Критериуми за категоризација на доброто

[уреди | уреди извор]
  • Уникатноста - на празнувањето на Иванка произлегува од фактот што тој претставува единствен рецидив од ваков вид кој во оваа форма е присутен и денес;
  • Исклучителност - изразена преку сложениот обреден комплекс кој во себе интегрира повеќе значајни елементи со една иста функција- обезбедување здравје, среќа, личен и колективен просперитет;
  • Впечатливост - изразена преку впечатливоста на надворешниот изглед на поединечните елементи, а особено на главниот елемент, куклата Иванка, како дел од традиционалната култура на населението во Преспа;
  • Влијателност - изразена преку влијанието врз профилирањето на локално, регионално, па и национално обележје;
  • Поврзаност - изразена вертикално, преку присутноста на мноштво елементи карактеристични за претхристијанскиот период, но и нивно зачувување и/или трансформација сè до денес. Хоризонталната поврзаност би претставувала една поширока културна и цивилизациска придобивка на народите од ова поднебјесо свои локални специфични обележја;


Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Вражиновски, Танас, „Речник на народната митологија на Македонците“, Институт за Старословенска култура и Матица Македонска, Скопје, 2000;
  • Етнологија на Македонците, МАНУ, Скопје, 1996;
  • Словенска митологија“, Енциклопедиски речник, Редактори: Светлана М.Толстој, Љубинка Раденковиќ, Белград, 2001;
  • Нова Македонија, Нашите краишта, „Преспа, овочна градина“, VIII, 27, 1961;
  • Неделков, Ј.Љупчо, „Симболичниот статус на природата во обредите од животниот циклус кај Македонците“, Социјални и духовни аспекти на материјалната култура, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“- Скопје, Природно-математички факултет, Институт за етнологија и антропологија, Скопје, 2009;
  • Спировска, Лепосава, „Кон проучувањето на обичајот Тајане во некои места во Македонија“, Македонски фолклор, год.VI, бр.12, Скопје, 1973;
  • Стојанова, Мери, „Празникот Иванка- континуитет и промени“, Хоризонти, Универзитет „Св.Климент Охридски“, Битола, год.VI, бр.6, Битола, 2010;
  1. /Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје