Прејди на содржината

Глигор Јовановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Глигор Јовановски
Глигор Јовановски
Роден(а)јули 17, 1945(1945-07-17)
Нистрово, Македонија,
ЖивеалиштеСкопје
НационалностМакедонец
ПолињаПриродни науки, хемија, спектроскопија
УстановиИнститут за хемија, Природно-математички факултет - Скопје
ОбразованиеПриродно-математички факултет - Скопје, Природословно-математички факултет во Загреб
Теза(1981 (докторат))

Глигор Јовановски (р. 17 јули 1945 година во с. Нистрово, Гостиварско) — македонски професор и научник од областа на хемијата, спектроскопијата и кристалографијата и член на Македонската академија на науките и уметностите.

Образование и работа

[уреди | уреди извор]

Основното училиште го завршил во Маврово, а Педагошка гимназија во Скопје. Во 1969 г. дипломирал хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а магистрирал во 1974 г. на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, каде што и докторирал во 1981 г. По едногодишно волонтирање, од 1971 г. е постојано вработен во Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, минувајќи ги сите наставно-научни звања — од асистент до редовен професор. Акад. Јовановски, покрај другото, бил декан и продекан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на Институтот за хемија и раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки при МАНУ, како и член на Претседателството на МАНУ. Сите овие функции се одбележани со извонредни успеси. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 г.

Научна дејност

[уреди | уреди извор]

Основната научна преокупација на акад. Јовановски е структурната хемија, при што своите резултати тој ги постигнува, речиси подеднакво, со примена на кристало¬графски и на спектроскопски методи, честопати збогатени со теориски разгледувања. Тој е истакнат кристалограф (школуван во светски познатиот центар во Загреб) и активен спектро¬скопичар. Макар што работел на истражувања на различни системи, две различни главни линии на истражување го карактеризираат научниот опус на акад. Јовановски. Според бројот на објавени трудови, а и одгласот што го имале тие, на прво место се истражувањата на сахаринот и неговите соли и деривати, како и на сродното соединение тиосахарин. Имено, од околу 350 статии објавени во светот и посветени на структурните аспекти на хемијата на сахаринот, тиосахаринот и нивните соли и деривати, околу 20% се трудови на акад. Јовановски и на неговата група. Во следната голема група трудови на акад. Јовановски се презентирани резултатите од изучувањето на структурните и спектроскопски одлики на минерали од Македонија, од кои некои се исклучителна реткост во светски размери. Истражувањата на ова поле може да се сметаат за пионерски, затоа што првпат се пристапува кон систематско структурно испитување на минералите од Македонија. Со спектроскопски и дифракциони методи, со атомска апсорпциона спектрометрија и со други методи досега се изучени околу 90 минерали најдени во Република Македонија, при што крајната цел на овие комплексни студии била да се издаде монографија што ќе ги содржи структурните и минералошките одлики на минералите од Македонија, а и да се направи што е можно покомплетна минералошка збирка. Монографијата е веќе објавена во 2012 г., а збирката од минерали изложена во просториите на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (со околу 500 примероци) е не само најкомплетната во Македонија, туку се одликува и со висока естетска вредност. Во меѓувреме поставена е и извонредно убава збирка на минерали од Република Македонија и во Македонската академија на науките и уметностите (околу 100 примероци). За одбележување е и обемниот прегледен труд посветен на идентификацијата на минерали со помош на вибрациона (инфрацрвена и раманска) спектроскопија и на рендгенска дифракција на спрашени обрасци што е објавен во списанието Прилози на МАНУ. Акад. Глигор Јовановски е автор или соавтор на повеќе од 200 трудови, од кои 180 научни трудови објавени во педесетина реномирани светски списанија со фактор на влијание (IF). Објавил и околу 20 стручни трудови. Покрај тоа, на научни манифестации (пред сè во странство) акад. Јовановски, во соработка со постари и помлади соработници, презентирал 218 соопштенија, секциски или пленарни преда��ања, (130 на собири во странство), а одржувал предавања и на странски универзитети. Неодмна, на покана на директорот на Институтот за минералогија и кристалографија при Виенскиот универзитет во Австрија, академик Јовановски одржа предавање за истражувањата на минералите од Република Македонија. Акад. Јовановски досега учествувал (или и сега учествува) во изработката на 45 научноистражувачки проекти, (13 се меѓународни), од кои на три меѓународни и осум домашни бил и раководител. Бил учесник и во два проекта за унапредување на образованието. Како соавтор објавил пет монографии и две универзитетски учебни помагала. Рецензирал стотици трудови за околу 20 реномирани интернационални научни списанија со фактор на влијание и за 4 домашни списанија. Големиот степен на цитираност на резултатите од вкупната научна работа на акад. Јовановски (според Science Citatiton Index, бројот на цитати на трудовите на акад. Јовановски е околу 2200), покажува дека неговите трудови се широко познати и имаат влијание врз научната мисла во областа на структурната хемија – онаа во која тој работи. Тоа, од друга страна, зборува не само за реномето што тој го има (и го зголемува) како научен работник, туку и за реномето на институцијата што има ваков научник во своите редови. Акад. Глигор Јовановски имал и многу успешна наставна активност на додипломските и постдипломските студии, а автор е и на неколку учебни помагала. За одбележување е дека за првпат ги осмислува и воведува предметите Кристалохемија (на додипломските) и Методи за испитување на цврсти супстанци (на постдипломските студии) на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје. Во неколку наврати, при анкетирањето на студентите, акад. Јовановски бил посочуван и избиран за најдобар професор на Институтот за хемија при ПМФ.

Бил главен уредник на Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија. Во моментов е главен уредник на Прилози МАНУ - природно-математички и биотехнички науки, потоа член на уредувачките одбори на три меѓународни списанија од областа на структурната хемија (Chemical Sciences Journal, ISRN Spectroscopy и International Scholarly Research Notices - Analytical Chemistry), како и член на Издавачкиот совет на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering. Акад. Јовановски досега бил ментор на две докторски дисертации, на пет одбранети магистерски труда и на повеќе дипломски работи, при што за одбележување е дека дури и резултатите од дипломските работи чиј ментор е акад. Јовановски речиси секогаш се објавуваат во реномирани меѓународни списанија. Престојувал околу 5 години на странски универзитети (4 години на Универзитетот во Загреб, Хрватска и околу една година на Универзитетот во Упсала, Шведска), а има остварено и два покуси престои (три седмици) на универзитетите во Зиген, Германија и во Софија, Бугарија). За истакнување се и личните особини на акад. Јовановски. Една од неговите основни одлики е речиси совршената организираност на идеите и постапките и способноста да соработува со своите колеги, а и да ги води и поттикнува своите помлади соработници. За личноста на акад. Јовановски карактеристични се и темелноста при извршувањето на сите задолженија (независно од нивната природа), извонредната принципиелност и отсуството на желба за самоистакнување. Член е на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, на Американското хемиско друштво, како и на Хрватското кристалографско здружение, потоа на Европското кристалографска здружение и на Меѓународниот сојуз за кристалографија.

Награди и признанија

[уреди | уреди извор]