Виолета Томовска
Виолета (Крнчева) Томовска | |
---|---|
Животописни податоци | |
Роден(а) | 29 март 1945 Битола |
Жанрови | народна музика |
Занимања | пејачка |
Период на активност | 1961 - сè уште |
Виолета Томовска (родена на 29 март 1945 година во Битола) — македонска пејачка на забавна и народна музика.
Животопис
[уреди | уреди извор]Виолета Томовска потекнува од музичко семејство. Основното образование го завршила во Битола, каде учествувала во сите музички секции во училиштето и свирела на мандолина, а подоцна станала и член на КУД „Илинден“ - Битола. Во 1959 година се запишала на Учителската школа во Скопје и се зачленила во КУД „Орце Николов“.
Од 1959 до 1963 година. секојдневно вежбала клавир со нејзиниот вујко Благој Петров - Караѓуле и со нејзината тетка Блага Петрова - Видец. Уште од млади години, таа имала можност да работи со доајените на македонската музика. Во текот на својата кариеа, ги посетила сите земји каде што има македонски иселеници.
Во 1960 година настапила во радиоемисијата „Микрофонот е ваш“ и добила прва награда, што за неа претставувал поттик за понатамошна работа, а со тоа ѝ се остварила желбата да работи во Радио Скопје. Веднаш потоа, Александар Џамбазов за неа ја напишал песната „Пелистерски очи“ со која станала многу популарна.
Во 1961 година Виолета Томовска започнала да настапува со оркестарот на Радио Скопје, а во 1963 година, за првпат снимила песна во Холивуд, во филмско студио, песната „Судбо, судбино“. Наредната 1964 година, снимила плоча со ансамблот „Танец“ како дует Крнчева - Манчевски во РТВ Белград. За кратко време плочата станала хит (златна плоча), а тие двајца станале ексклузивци на куќата. Снимила 15 сингл плочи и многу ЦД-а. Нејзини снимки од забавни и народни песни се наоѓаат во архивите на поранешното Радио Скопје, денес Македонско радио. Била омажена за познатиот македонски снимател Јордан Томовски - Франц (1941 - 2011).[1]
Музичко творештво
[уреди | уреди извор]Томовска има богата музичка кариера во која испеала многу хитови и бисери на македонската староградска песна. Меѓу попознатите се хитовите: „Македонско девојче“, „Ој Вардаре македонски“, "Заиграј со мене ти", Камен да беше срцето", За многу години Македонци", „Ми товарил Дончо“, „Песна ви пеам, Македонци“, "Ах вие луди млади години", "Битола мој роден крај", „Молитва“, „Песната е дар од Господа“ и стотина други. Многу п��сни отпеала и во дует со Кирил Манчевски, Никола Бадев, Наум Петрески и др.
Виолета Томовска е автор или соавтор на повеќе песни:
- За тебе се родив (со Кочо Петровски),
- Песна ви пеам Македонци (со Кочо Петровски и Ѓ. Белџигеровски),
- Каде брзаш животе (со Милан Завков),
- Јанке ле, Јанке убава (со Никола Бадев),
- Запеј песна Македонко (со Кирил Манчевски),
- Мајко ле мила мајчице[2]
- Македонско девојче (со Јонче Христовски),
- Запејте Македонци (Гоце Фест, 1990)
Дискографија
[уреди | уреди извор]Во текот на својата долга кариера, Виолета Томовска ги снимила следниве плочи:
- Violeta Tomovska, RTB, EP 12768.
Награди и признанија
[уреди | уреди извор]Досега настапувала на многу фестивали на кои добила безброј награди од публиката и жири комисиите. Меѓу нив е наградата „Послание за хуманост на Мајка Тереза“, добиена од Граѓанската асоцијацијата „Скопјанката Мајка Тереза“, за нејзината хуманост, како и наградата „Ајри Демировски“, доделена од Битолски весник, по повод манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани за 2009 година“.
Во 2013 година, награда за животно дело "Златна бубамара"
Во 2016 година, на првата ревијална вечер на „Фолк Фест Валандово“, на Томовска ѝ била доделена специјална награда за нејзиниот придонес во афирмацијата на фестивалот и за нејзиното 55-годишно творештво.[3]
Во 2018 година доделена ѝ е наградата „4 ноември“ за животно дело[4].
Во 2018 година, ја добива Наградата за животно дело на фестивалот "Филиграни" за песната "Само песна ни останува".
Во 2019 година доделена ѝ е наградата „Св. Климент Охридски“ за култура и уметност[5]
Во 2021 година, Награда "13-ноември" на град Скопје
Во 2022 година, Медал за заслуги по повод 11-октомври на Република Македонија
Во 2022 година, ја доби Наградата "Жена со трајни вредности"
Во 2023 година, добива награда за животно дело на фестивалот "Гоце Фест"
Активности
[уреди | уреди извор]Виолета Томовска е голем хуманист и е претседател на Здружението „Животна искра“. Дава исклучителен придонес во областа на превенцијата и заштитата од злоќудни заболувања, посебно во организирањето и спроведувањето на активности за унапредување на здравјето на жените. Здружението „Животна искра“ е одликувано со „Медал за заслуги за Македонија“, од претседателот на Република Македонија, во 2008 година[6]. Искажувајќи ја својата хуманост, досега одржала голем број хуманитарни концерти. Член е на „LIONS CLUB“ од Чикаго, САД.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Виолета Томовска: Франц ми замина ненадејно“. скај.мк. 22 декември 2011. Архивирано од изворникот на 2012-01-16. Посетено на 2012-08-21.
- ↑ Violeta Tomovska, RTB, EP 12768,
- ↑ Ѓорге Стојанов, „Го сменивме концептот за да избегнеме кавги за влез во финалето“, Дневник, година XIX, број 5874, петок, 25 септември 2015, стр. 24.
- ↑ Доделени 4-ноемвриските награди во Битола Архивирано на 6 ноември 2018 г. на семережното место на телевизија Тера
- ↑ Ова се добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“[мртва врска]
- ↑ Црвенковски денеска им врачи „Орден за заслуги за Македонија“ на „Танец“ и „Животна искра“[мртва врска], Канал 5 ТВ, петок, 26 декември 2008