Ведел
Ведел
Wedel | |
Пристаништето за јахти Ведел | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Шлезвиг-Холштајн |
Округ | Пинеберг |
Градоначалник | Нилс Шмит |
Основни податоци | |
Површина | 33,82 км2 |
Надм. височина | 8 м |
Население | 34.538 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 1.021 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | PI |
Пошт. бр. | 22880 |
Повик. бр. | 04103 |
Портал | stadt.wedel.de |
Местоположба на градот Ведел во рамките на округот Пинеберг | |
Координати | 53°35′N 9°42′E / 53.583° СГШ; 9.700° ИГД |
Ведел (германски: Wedel) — град во округот Пинеберг, во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија. Се наоѓа на десниот брег на реката Елба, околу 20 км јужно од Елмсхорн и 17 км западно од Хамбург.
Историја
[уреди | уреди извор]Основање и среден век
[уреди | уреди извор]Ведел бил првпат споменат во документ од 1212 година, во кои се споменувале „браќата од Ведел“ како сведоци. Меѓутоа, споменувањето не е точно одредено и останува нејасно дали место со ова име веќе постоело некаде. Артефакти од првите историски периоди посочуваат на постоење населба на местото на градот.
Името означува „нанос на вода“, што означува место каде мора да се премине преку вода, во случајот „Веделер Ауе“, мал поток кој бил пречка на локалниот трговски пат. Првото јасно спомнување на Ведел е во документи од грофот на Шауенбург, член на долносаксонската аристократија, кој владеел со областа до XVII век. Замокот на Шауенбург, изграден во 1311 година и познат како Хацбург (Hatzburg), бил сместен во Холм, кој денес е мала општина во близина на Ведел. Истата година, Адолф VI, гроф на Шауенбург и на Холштајн-Пинеберг потпишал мировен договор во кој им било ветено на владетелите на градот Хамбург, дека нема да има никаква опасност од Хацбург. Како што годините поминувале, важноста на замокот се намалувала и почнувал да се распаѓа. Шауенбург се преместиле подоцна во соседниот град Пинеберг. Самиот замок опстојал до почетокот на XVIII век. Документи од првата половина на XIV век споменуваат воденица и црква во Ведел.
Трговија на говеда
[уреди | уреди извор]Пазарот на говеда во Ведел се развил во еден од најважните сточни пазари во Северна Германија. Продавачите на стока носеле големи коли од цел Јитланд за да ја продадат нивната стока (особено волови) тука и нивниот трговски пат станал познат како Воловски пат.
Скулптурата на Роланд во Ведел е добро познат локален соменик, кој се наоѓа на главниот плоштад. Роланд станал омилен во многу делови на Германија како симбол на растечката независност на градовите од благородништвото. Во Ведел, Роланд ја претставува правдата на пазарот и традиционално продажбите или споровите се решавале во негова близина. Првиот споменик на Роланд бил поставен околу 1450 година и веројатно била едноставна дрвена скулптура. Денешниот споменик веројатно потекнува од 1558 година.
Главната трговска област на сточниот пазар се наоѓала пред преминот на реката Елба. Стоката била продавана на купувачи кои пристигнувале од запад, како и на препродавачи од Фландрија. До 30.000 глави на стока биле продавани во текот на пролетниот пазар, кој траел неколку недели. Ведел страшно го погодила Триесетгодишната војна (1618–1648) и со тоа опаднала сточната трговија. Областа била уништена од војната и животот станал тежок за жителите на областа поради постојаните напади од страна. Детални описи за воениот период се наоѓаат во книгите на поетот и теолог Јохан фон Рист.
Доброобразуваниот теолог станал свештеник на локалната црква во 1635 година. Во Ведел нашол место за да се врати на учењето и да ги продолжи неговите контакти со важни поети и ученици од тоа време. Напишал бројни световни и духовни дела.
Данско владеење и Германија
[уреди | уреди извор]Последниот гроф Ернст од Шауенбург, умрел во 1622 година оставајќи ја власта на областа на данскиот крал Кристијан IV. Во текот на XVII и XVIII век, се случиле повеќе епидемии, пожари и војни. Чумата ја погодила областа неколкупати и Ведел бил разорен повеќепати.
Во 1848 година, поголемиот дел на германското население од Шлезвиг-Холштајн, вклучувајќи го Ведел, се спротивставил на данското владеење со цел да се приклучи на Германскиот Сојуз. Во 1864 година, пруските и австриските трупи ја нападнале областа ставајќи крај на двевековното владеење на Данците.
Местото се препорадило со изборот на градоначалник, основање на училишта, индустријализацијата и обновата на трговијата. Оптичкото претпријатие Јохан Дидрих Мелер била создадена во 1864 година. Трговијата со пиво и дестилирано вино исто така се развила. Во 1875 година, советот побарал статус на град, во моментот кога имал 1.669 жители.
Индустријализацијата продолжила во областа со изградба на фабрика за оружје во 1877 година, која експлодирала и изгорела една година подоцна. Изградбата на железницата во 1883 година придонела за развојот на фабриката за шеќер и германската компанија за вакуум. Населението продолжило да се зголемило и се појавила населба на доселеници, главно од Полска. Младиот град се развивал и културно со основа��ето на јавната библиотека и музејот.
Во XX век
[уреди | уреди извор]До 1909 година, Ведел и Шулау се споиле. Развојот продолжил со изградба на електрана, а во 1930 година била изградена болница. Како и остатокот на земјата, градот бил силно погоден од големата депресија. Пропаднале неколку големи претпријатија: фабриката за шеќер отпуштила 400 работници и вкупната невработеност се искачила на над 20% од населението.
Ова го погодило политичкиот живот во Ведел. Од 1929 година, бројот на политички собири значително се зголемил. Јавните маршови и масовните состаноци на екстремните партии често доведувале до насилни инциденти. Потоа, нацистите ја презеле власта во Ведел, како и во цела Германија. Важните административни згради биле зафатени од нацистите. Партиите СПД и КПД во Ведел, претходно доста активни во Ведел, биле забранети и привремено заминале во отпорот. Многу од нивните членови биле уапсени и поминале неколку години во концентрациските кампови.
Во 1930-тите се случила најважната структурна промена на градскиот пејзаж со изградбата на новото Градско собрание, станбените блокови во близина на наградот и новите населби Нордшлезвиг и Милих.
Втора светска војна
[уреди | уреди извор]Во март 1943 година, Кралските воздушни сили извеле бомбашки напади на градот, со што околу 70% од целиот град бил уништен или оштетен.
Подкамп на концентрацискиот камп Нојенгаме се наоѓал во близина на градот.[2] Помеѓу 13 септември 1944 и 27 септември 1944 година, пет стотина унгарски и чешки Еврејки биле донесени тука и принудени да ја исчистат земјата и работат земјоделство. Подоцна, биле пренесени во кампот Хамбург-Ајделштет. Неколку недели подоцна, на 17 октомври 1944 година, пет стотина мажи биле користени за ископување на антитенковски пречки. Оваа група вклучувала мажи од градот Путен, Холандија. На 20 ноември 1944 година, СС го затворила кампот и ги пренела мажите во Мерен-Ферзен. Во текот на петте недели во кампот, умреле 27 мажи, вклучувајќи 10 од Путен.[3]
По војната
[уреди | уреди извор]Недостиг на станбен простор се појавил откако дошле бегалците од поранешните источни територии на Германија по војната, влошувајќи го проблемот и поради бомбардирањето. Пописот од 1947 година покажал дека Ведел имал 7.902 жители и повеќе од 6.500 бегалци.
Биле преземени големи проекти за решавање на проблемот, вклучувајќи изградба на касарни, за да им се помогне на бегалците и другите бездомни лица. Според планот секое лице добивало 4,9 м² животен простор.
Хамбуршкиот јахт-клуб бил основан во градот во 1960-61 година.
Во 1962 година и повторно во 1976 година, голема плима го погодила Ведел. Како заштита биле изградени брани во 1978 година, кои ги претвориле околните мочуришта во убави патеки за прошетки.
Инфраструктура
[уреди | уреди извор]Денес, Ведел е град со околу 34.000 жители и има развиен културен живот.
Ведел има два музеи, родната куќа на Ернст Барлах и градскиот музеј.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Железничката станица во Ведел го поврзува градот со мрежата на Хамбуршката С-Железница.
Меѓународни односи
[уреди | уреди извор]Збратимени градови
[уреди | уреди извор]Ведел е збратимен со следниве градови:
Прекината соработка:
Од 1982 година, Ведел има соработка со Макете, округ во Танзанија.[4]
Познати жители
[уреди | уреди извор]- Јохан Рист (1607–1667) — свештеник, писател и композитор
- Херман Молкенбур (1851–1927) — политичар
- Рудолф Хекнер (1864–1942) — сликар
- Ернст Барлах (1870–1938) — сликар, вајар и писател
- Хелмут Валтер (1900–1980) — инженер и пронаоѓач
- Фриц Зенгер (1901–1984) — новинар и уредник
- Едуард Шилер (1904–1976) — инженер
- Петер Франкенфелд (1913–1979) — телевизиски водител
- Паул Едвин Рот (1918–1985) — глумец
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Население во разните административни единици на Шлезвиг-Холштајн во 2022 г.“. Статистичка служба за Хамбург и Шлезвиг-Холштајн. јуни 2023. (германски)
- ↑ (германски) Официјален германски список Архивирано на 16 јули 2006 г.
- ↑ (германски) Camp memorial Neuengamme
- ↑ (германски) Список на партнерски градови Архивирано на 19 јули 2011 г.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Ведел на Ризницата ?
- Официјална страница
- Висока школа Ведел
|