Биосферен резерват Охрид-Преспа
Биосферен резерват „Охрид-Преспа“ | |
---|---|
Поглед на планината Галичица и двете природни езера — Охридското и Преспанското, јадрото на резерватот | |
Координати | 40°59′36″N 20°51′43″E / 40.99333° СГШ; 20.86194° ИГД |
Создаден(а) | 2014 |
Биосферен резерват Охрид-Преспа (официјално наречен: Прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа, албански: Oher – Prespe, Rezerve Ndërkufitare Biosfere) — биосферен резерват околу областите на двете природни езера, Охридско и Преспанско Езеро, кој зафаќа делови од териториите на Македонија и Албанија.
Резерватот бил прогласен во јуни 2014 година и неговата област е комбинација на водени и копнени површини, зафаќајќи површина од 446.244,52 хектари.[1]
Прогласување
[уреди | уреди извор]Областа Охрид-Преспа била прогласена со акламација за прекуграничен биосферен резерват на 11 јуни 2014 година од страна на меѓународниот комитет на УНЕСКО на седницата одржана во градот Јеншепинг, Шведска.[1]
Кандидатурата на областа за биосферен резерват била направена од Билатеријалниот секретаријат за Охридското Езеро, заедно со националните комисии на УНЕСКО во Македонија и Албанија и министерствата за животна средина во двете земји.
Со прогласувањето, областа станала 14. прекуграничен биосферен резерват во светот.
Екологија
[уреди | уреди извор]Прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа вклучува различни еколошки системи, почнувајќи од планински области околу трите езера, до умерено суптропските шуми кои се наоѓаат во пониските надморски височини околу водните површини. Охридско-преспанскиот езерски систем е еден најголемите во Европа од овој вид. Обете езера поседуваат специфична вредност на национално и меѓународно ниво поради нивната геолошка и биолошка уникатност. Охридското Езеро е познато по своите ендемски видови (над 200 вида), а пет од нив се ограничени на микроекосистеми во рамки на самото езеро. Десет од седумнаесетте видови на риби се ендемски, во кои влегува охридската пастрмка.
Постојат и ендемски и уникатни шумски подрачја како што се подрачјата под молика.
Цицачите ја претставуваат втората најважна група на видови, чија заштита е пресудна во прекуграничниот биосферен резерват, вклучувајќи ги: балкански крт, балкански рис, сив волк, кафеава мечка и други. Балканскиот рис е исклучителен редок вид со многу висока симболична вредност. Од птиците, кадравиот пеликан се сретнува во областа. Во Преспанскиот регион живеат повеќе од 260 видови на птици, што претставува една половина од видовите на птици во Европа, а 140 од нив се гнездат во областа.
Социостопански одлики
[уреди | уреди извор]Проценетото население во целиот прекуграничен биосферен резерват изнесува 455.000 жители, претставувајќи област со културни, етнички и верски разновидности. Населбите се наоѓаат само во преодните области и вклучуваат заедници кои се релативно стабилни од демографска гледна точна, но некои од нив (особено градовите Охрид и Струга на самото крајбрежје на Охридското Езеро, и Подградец во Албанија) се посетувани од илјадници туристи во текот на туристичката сезона.
Во Албанија, земјоделството сè уште претставува главна стопанска дејност за мештаните и е присутно во преодните зони, но и во делови од меѓузоната. Од неодамна, преработувачката индустрија значително расте (особено во градот Горица, т.е. Корча), истовремено со традиционалното земјоделство, што предизвикува изградба на нови населби за ова специфично производство.
Примарниот сектор претставува најважно подрачје во целиот прекуграничен биосферен резерват. Во многу области, ситното семејно земјоделство се заменува со поинтензивно производство (како, големите овоштарници во областа на Ресен). Шумарството е важна дејност во планинските делови на областа. Сточарството е уште една важна земјоделска дејност во областа Охрид-Преспа.
Туризмот претставува клучно подрачје за развој на целиот прекуграничен биосферен резерват, каде што градот Охрид е посетуван шест пати повеќе од своето население (42.000 жители) во текот на најпосетените месеци во летото.
Рибарството е уште една клучна дејност со еколошки и стопански влијанија на трите езера.
Градови и општини
[уреди | уреди извор]- Македонија
- Албанија
- Градови: Горица, Подградец, Билишта и Малик
- Помали места: Чернава, Берагожда, Дреново, Хотиште, Одуниште, Центар Билишта, Либовник, Пустец, Булгарец, Милеч, Пирк, Старово, Полјани, Прогун, Проптиште, Рајца, Требиње, Воскоп и Врешта
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „Регионот Охрид-Преспа прогласен за биосферен резерват на УНЕСКО“. Нова Македонија. 11 јуни 2014. Посетено на 20 мај 2016.[мртва врска]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Официјална страница на УНЕСКО (англиски)