Берген (Долна Саксонија)
Берген (Долна Саксонија)
Bergen | |
Градското собрание на Берген | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Долна Саксонија |
Округ | Целе |
Градски единици | 13 |
Градоначалник | Рајнер Прокоп (ДХС) |
Основни податоци | |
Површина | 163,77 км2 |
Надм. височина | 77 м |
Население | 13.532 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 83 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | CE |
Пошт. бр. | 29303 |
Повик. бр. | 05051 |
Портал | www.bergen-online.de |
Местоположба на градот Берген (Долна Саксонија) во рамките на округот Целе | |
Координати | 52°48′37″N 9°57′40″E / 52.81028° СГШ; 9.96111° ИГД |
Берген (германски: Bergen; долносаксонски: Bargen) — град во округот Целе, во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија. Сместен е во Линебуршкото Поле, оддалечен околу 24 километри од градовите Золтау и Целе.
Градот имал околу 13.642 жители во 2017 година, но членовите на британската војска и нивните семејства не биле вклучени во оваа бројка, поради што се претпоставува дека имал околу 17.000 жители. Овие војници се наоѓаат во база на НАТО надвор од градот, но базата била затворена летото 2015 година како дел од повлекувањето на британската војска од Германија.
Географија
[уреди | уреди извор]Берген се наоѓа во северниот дел од округот Целе, во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија. Сојузниот автопат Б3 поминува низ градот во насока север-југ.
Градски единици
[уреди | уреди извор]Градот Берген се состои од местата: Беклинген, Белзен, Берген, Блекмар, Дистен, Донзен (со делот Волде), Еферзен, Хаген, Хасел, Ниндорф, Офен, Зилце и Вардбемен.
Соседни општини
[уреди | уреди извор]Берген се граничи (од север, надесно): Вицендорф (сместен во округот Хајде), Зидхајде, Ешеде, Целе, Винзен (Алер) и слободната област Лохајде (сите во округот Целе).
Историја
[уреди | уреди извор]Берген бил првпат споменат во документите во 1197 година и бил средиште на областа, како и на окружниот претставник (Amtsvogtei), а подоцна и на кралската хановерска служба. По освојувањето на Кралството Хановер од Прусија во 1866 година, амтот Берген, создаден во 1852 година, бил припоен кон округот Фалингбостел, кој бил создаден во 1867 година. Во окружната реформа од 1885 година, амтот бил пренесен во новосоздадениот округ Целе.
Ако развојот бил спор во текот на средниот век и во раниот дел од новото време, главно поради пожарите во 1354, 1585 и во 1796 година, земјоделската реформа во XIX век и врската на градот до железницата Целе-Золтау, довеле до големи промени. Особено, создавањето на воениот полигон „Берген-Хоне“ во 1935 година го охрабриле почетокот на урбанизацијата, што довеле до промена на Берген од село во мал град, каков што е денес.
Концентрацискиот камп Берген-Белзен се наоѓа во близината на градот.
Денес, градот Берген претставува самостојна општина во округот Целе и заедно со градот Целе е единствена општина со градски статус (доделен во 1957 година). Во општинската реформа од 1971 година, кон Берген биле додадени поранешните општини Беклинген, Белзен, Блекмар, Дистен, Донзен, Еферзен, Хаген, Хасел, Ниндорф, Офен, Зилце и Вардбемен. Со тоа значително била зголемена површината и населението. Првичната површина на градот Берген била 11 км2, а по реформата изнесувала 163 км2.[2]
Население
[уреди | уреди извор]Денес, во Берген живеат околу 14.000 луѓе. До 2015 година, во околината на градот живееле околу 3.000 британски војници со своите семејства.
Политика
[уреди | уреди извор]Градоначалници
[уреди | уреди извор]Берген ги имал следниве градоначалници (Bürgermeister) од 1945 година:
- 9 мај 1945 – 1 ноември 1945: Алберт Репке (CDU) (вршител на должност)
- 4 декември 1945 – 23 септември 1946: Херман Хорнбостел (CDU) (вршител на должност)
- 1 ноември 1946 – 1948: Фридрих Крузе (NLP) (прв избран градоначалник по 1945 г.)
- 14 декември 1948 – 1952: Валтер Милер (DP)
- 1952–1956: Вилхелм Брокман (UW)
- 1956–1960: Вилхелм Брокман (DP)
- 1960–1973: Вилхелм Брокман (CDU)
- 1973–1976: Хајнрих Шнајдер (CDU)
- 1976–1981: Валтер Коте (CDU)
- 1981–1983: Франц Кристијан фон Харлинг (CDU)
- 1983 – 31 декември 1997: Хелмут Вегнер (CDU)
- 1 јануари 1998 – 26 април 1998: Адолф Краузе (CDU)
- од 27 април 1998: Рајнер Прокоп (CDU)
Збратимени градови
[уреди | уреди извор]Берген е збратимен со следниве градови:
Исто така, има партнерство со:
Дополнително, пријателски врски одржува со следниве:
Знаменитости
[уреди | уреди извор]Музеј
[уреди | уреди извор]Ремстедхаус (Römstedthaus) — поранешна фарма и денешен музеј посветен на локалната и регионалната историја. Негов фокус е фармерскиот живот до 1900 година. Сместен е во поранешна пушница (Rauchhaus), стара 350 години. Старата фарма била првпат спомената во 1438 година. Во 1831 година, фармата и земјиштето биле изнајмени и фармата продолжила да се користи како пушница до 1912 година. Историското друштво на Берген ја купило куќата во 1912 година. Преписникот Фридрих Ремштет (1849–1930) ја уредил куќата со збирка на праисториските и локални артефакти. Во 1913 година, музејот бил отворен.
Во средината на воениот полигон, западно од Берген, се наоѓа месноста „Зибен Штајнхојзер“ (Sieben Steinhäuser), група на пет долмени од доцната култура на инки (3500-2800 п.н.е.), кој денес е прогласен за споменик на културата.
Суд
[уреди | уреди извор]Од XV век, парохиите Берген и Вицендорф биле дел од заедничкиот судски округ. Од 1437 до 1852 година, тогашните судии биле познати како „гографи“ (Gografen). Биле подредени на фогтот од Целе, кој подоцна станал голем фогт (Großvogtei). Прв гограф бил Лудерман Тундерен (1437–1445). Од 1674 година, уставот на Линебург поставил ограничувања на окружните судови. До крајот на Триесетгодишната војна, приватната резиденција на окружните судии служела и како нивно седиште.
Во 1651 година, старата куќа на Кокше Коте станала официјално седиште на окружниот судија. Во 1653 година, владата ја купила фармата од наследниците на окружниот судија и ја уредила во окружна градба. Во 1709 година, градбата била целосно обновена. Во 1852 година имало одвојување на судската од административната власт во рамките на Кралството Хановер. Оттогаш се спроведува пруското право[3] и постоеле амт (Amt Bergen) и окружен суд (Amtsgericht Bergen). Во бранот на овие реформи, фогтот на Вицендорф бил одвоен од Берген. Првиот окружен судија (Amtsrichter) бил Ернст Август Егерт фон Ешторф. Кај окружниот суд имало административна градба, станбена зграда, окружен затвор и неколку други помошни градби. Во 1945 година имало реформа на германските судови. Окружниот суд во Берген станал дел од окружниот суд на Целе. На 1 јули 1973 година, судот бил затворен.
Градска куќа
[уреди | уреди извор]Во 1975 година, градот Берген ја продал земјата на стариот окружен суд. Првично била користена како младински центар, но имало планови да стане рекреативен центар или градска библиотека. Било размислувано да се пренамени и како полициско училиште. Во 1979 година било одлучено да се продаде старото Градско собрание и тука да се преселат градските службеници. Бидејќи преговорите се одолговлекле и голем број граѓани биле против овој предлог, на крајот се откажал овој план. На 20 октомври 1981 година било одлучено да се изгради ново Градско собрание со сала. Старата окружна зграда од 1653/1709 и окружниот затвор од 1853 година биле зачувани како споменици на културата и интегрирани. Во архитектонски конкурс, Ханс-Јоахим Ерих од Брауншвајг освоил прва награда за дизајнот. Во 1984 година започнале работите по проектот. На 6 декември 1985 година била пуштена во употреба новата Градска куќа. Чинеле над седум милион марки. Има сала за 530 луѓе со сцена, конференциски сали, сала за советот со галерија и други соби. Во салата на советот виси сликата од Фердинанд Брит (1849−1936).
Споменици
[уреди | уреди извор]Во средиштето на градот, на Фриденсплац (Friedensplatz, „Плоштад Мир“) веднаш до црквата „Св. Ламберт“ се наоѓаат три споменици:
- Воен споменик за паднатите војници во Првата светска војна, кој бил поставен на 30 април 1922 година.
- Споменик со бела мермерна плоча во чест на загинатите во Фрацуско-пруската војна (1870–1871), кој бил поставен на 22 јуни 1878 година.
- Мировен споменик, кој има интересна историја. Првично поставен за мировните прослави во чест на завршувањето на француската власт. Во Битката кај Лајпциг (октомври 1813 г.), трупите на царот Наполеон Бонапарт биле поразени и бил потпишан Првиот париски договор (30 мај 1814). По налог на принц-регентот (Британецот Џорџ IV) сите цркви славеле мировен фестивал на 24 јули 1814 година. Плоштадот го добил името Фриденсплац („Плоштад Мир“). Дрвениот споменик кој бил поставен бил заменет во 1865 година со друг дрвен споменик за 50-годишнина на Битката кај Ватерло. Подоцна, споменикот бил заменет со цврстата денешна градба.
-
Воен споменик за Првата светска војна
-
Споменик за загинатите во Француско-пруската војна
-
Мировен споменик
Цркви и верски објекти
[уреди | уреди извор]- Лутеранската црква „Св. Ламберт“
- Црквата на Господ
- Римокатоличка црква
- Независна лутеранска црква „Св. Јован“
- Мисионерска служба во Блекмар
Воен полигон
[уреди | уреди извор]Помеѓу Берген, Мајсендорф и Фалингбостел, се наоѓа воениот полигон Берген-Хоне. При создавањето на полигонот, неколку села, вклучувајќи го Хартем, биле евакуирани во 1938 година од германскиот Вермахт, заедно со поединечни фарми. Некои од тие руини може сѐ уште да се видат. Следните години околу 3.600 жители од 25 села морале да ги напуштат своите домови. На источниот крај, близу селото Белзен биле изградени околу 100 бараки, 50 коњушници и 40 големи гаражи. Најголемото село во областа било и е Остенхолц, кое не било отстрането и е како остров во полигонот.
Денес, областа се користи од Бундесверот и другите сили на НАТО.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Берген се наоѓа сојузниот автопат Б3 од Целе преку Золтау до Офелгене близу Букстехуде. Неколку покраински патишта ја опслужуваат областа. Најблизок автопат е А7 достапен преку раскрсницата Золтау-Југ.
Дополнително низ градот поминува железницата Целе-Золтау, која повеќе нема возови, но е многу важна за превоз на стока.
Познати луѓе
[уреди | уреди извор]- Фердинанд Брит (1849-1936) — германски сликар
- Детлеф Клар (р. 1957) — бискуп
- Херман Елерс (1904-1954) — политичар
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Црквата „Св. Ламберт“
-
Римокатоличката црква
-
Поранешната пошта
-
1000-годишен даб
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Населеност на окрузите, општините и месните заедници во Долна Саксонија на 31 декември 2022“. Служба за статистика и комуникациска технологија на Долна Саксонија. јули 2023. (германски)
- ↑ „Stadt Bergen“. Bergen, official town website. Посетено на 28 декември 2015.
- ↑ „Verfassung Preußens vom 31. Januar 1850“. Архивирано од изворникот на 2018-06-04. Посетено на 2019-06-25.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Берген на Ризницата ?
- Официјална страница (германски)
|
|