Прејди на содржината

Адам Загајевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Адам Загајевски
Adam Zagajewski
Адам Загајевски во 2014 година
Роден/а21 јуни 1945
Лавов, Полска (денес Украина)
Починат/амарт 21, 2021(2021-03-21)
Краков, Полска
Занимањепоет, есеист, преведувач
Националностполска
Значајни наградиЗлатен венец на СВП (2018) Награда на принцезата на Астурија (2017)
Грифинова поетска награда (2016)
Награда Хајнрих Ман (2015)
Нојштадска меѓународна награда за литература (2004)
Награда Виленица (1996)
Награда Кошчелски (1975)

Адам Загајевски (полски: Adam Zagajewski; Лавов, 21 јуни 1945Краков, 21 март 2021) — полски поет, романописец, преведувач и есеист. Во 2004 година бил награден со Нојштадската меѓународна награда за литература, во 2016 со Грифиновата поетска награда за животно дело, во 2017 со Наградата на принцезата на Астурија за литература и во 2018 година со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Адам Загајевски е роден во 1945 година во Лавов (од 1 јануари 1946 година дел од Украина), од татко Тадеуш Загајевски и мајка Лудвика Загајевска, родена Турска. Истата година семејството Загајевски било преселено од Лавов во централна Полска во рамките на трансферот на полско население (1944-1946). Тие се преселиле во градот Гливице каде Адам матурирал. Потоа, тој студирал психологија и филозофија на Јагелонскиот универзитет во Краков. Во 1968 магистрирал на психологија, а две години подоцна и филозофија. Работел како асистент на универзитетот за рударство и металургија во Краков.

Во 1967 година го имал своето поетско деби со Музика, поема објавена во магазинот Жиче литерацке (полски: Życie Literackie). Своите дела ги објавува во магазини како Одра (1969-1976) и Твурчошќ (1969, 1971-1973).[1] Во тоа време, се вклучил во книжевното движење Нов бран (Nowa fala), познато и како Генерација 68. Целта на групата било „спротивставување на фалсификувањето на реалноста и присвојувањето на јазикот од комунистичката идеологија и пропаганда“.[2] По потпишувањето на „Писмото на 59-мината“ неговите дела биле забранети од комунистичките авторитети во Полска. Во 1982 година, емигрирал во Париз, но во 2002 година се вратил во Полска заедно со неговата сопруга Маја Водецка и живее во Краков. Член е на Друштвото на писателите на Полска.

Неговото книжевно творештво добило меѓународно признание и било преведено на многу јазици.[1] Претставувајќи го поетскиот лик на лауреатот на Струшките вечери на поезијата 2018, проф. Танушевска од катедрата за славистика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје подвлекла: „Адам Загајевски пишува поезија и есеистика во духот на филозофската и културната ерудиција, а неговата лирика со сигурност може да се опише со категориите на современиот класицизам. Наместо јазични игри се служи со т.н. „семантичка прозрачност“, бидејќи самиот смета дека најважната одлика на поезијата е смислата, а не обликувањето на јазикот… Добро е што полската поезија го има Адам Загајевски. Неговиот бел стих, длабок и рафиниран, насочен кон читателот, допира до многу луѓе во светот. Тој е амбасадор на полската поезија и тоа онаа, како што велат „Полјаците“ од „највисоката полица“. Денес, Загајевски е пред сè поет на убавиот, импресионистички и симболичен израз, преку кој сака да ги дофати различните аспекти на човековиот бит“.[3] Јоахим Баер, критичар во „Светската книжевност денес“ (World Literature Today) посочил дека повторените теми на поезијата на Загајевски ги вклучува „ноќта, соништата, историјата и времето, бесконечноста и вечноста, тишината и смртта“.[4]

Библиографија

[уреди | уреди извор]
Адам Загајевски и Вислава Симборска во 2005 година
  • Известување (1972);
  • Месарници (1975); *
  • Писмо. Ода на мноштвото (1982);
  • Да се патува за Лавов (1985);
  • Платно (1990);
  • Огнена земја (1994);
  • Копнеж (1999);
  • Враќање (2003);
  • Антени (2005);
  • Невидлива рака (2009);
  • Асиметрија (2014).

Проза, есеи

[уреди | уреди извор]
  • Непретставениот свет (соавтор: Јулиан Корнхаузер) (1974);
  • Втора издишка (1978);
  • Солидарност и самотија (1986);
  • Два града (1991);
  • Во туѓата убавина (1998);
  • Одбрана на занесот (2002);
  • Поетот разговара со филозофот (2007);
  • Благо претерување (2011);
  • Поезија за почетници (2017).

Ордени и одличја

[уреди | уреди извор]
  • Командантски крст на редот на Преродена Полска – 2012, за извонредни достигнувања во креативната дејност, како и за публицистичка и издавачка дејност, за заслуги во промовирањето на книжевноста
  • Офицерски крст на редот на Преродена Полска - 2007 година
  • Бронзен крст за заслуги - 1998
  • Златен и бронзен медал за Заслуги во културата Глорија Артис - 2005 година
  • Кавалир на редот на Легијата на честа (Франција) - 2016 за ширење на вредностите што ги брани Франција.
  1. 1,0 1,1 „Adam zagajewski“.
  2. „Adam Zagajewski“. Архивирано од изворникот на 2016-12-28.
  3. поетски-портрет-на-лауреатот-на-злат/?lang=mk Поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2018 година на семрежното место на Струшките вечери на поезијата
  4. „Adam Zagajewski“.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со: