Прејди на содржината

Агила II

Од Википедија — слободната енциклопедија

Агила II (починал околу 714 година) — визиготски крал на Хиспанија од 710 или 711 година до неговата смрт. Кралството со кое управувал било ограничено на североисток од старото шпанско кралство заради Арапско-берберските инвазии.

Владеењето на Агила е познато единствено од монети и кралски списоци и не е спомнато во сигурни наративни истории. Пронајдени се златни монети од Агила на кои има натписи на кованиците на Жирона, Сарагоса, Тарагона и Нарбона.[1] Бидејќи наративните извори, нумизматиката и кралските списоци го потврдуваат владеењето на Родерик во истите години како Агила, скоро е несомнено дека тие двајца биле кралеви спротивставени еден на друг по државниот удар на Родерик, што може да резултирало или со или од смртта на претходниот крал, Витиза.[2]

Од кралството на Агила останале повеќе монети отколку од на Родерик, но наодите не се преклопуваат територијално и се сомнева дека кралството било поделено помеѓу две фракции, со југозападниот дел (провинциите Луситанија и западен Картагиниенсис околу главниот град Толедо) под Родерик и североисточниот дел (Тараконенсис и Нарбоненсис) под власта на Агила.[3] Не е познато кому му припаднале провинциите Галеција и Бетика. Родерик и Агила никогаш не дошле во воен конфликт; ова веројатно најдобро се објаснува со преокупацијата на Родерик со арапските напади, а не со формалната поделба на кралството.[4]

Во двете продолженија на Chronicon Regum Visigothorum има записи за тригодишно владеење на Агила, веднаш по владеењето на Витиза.[5] Од некои научници дури е сугерирано дека Агила всушност бил син и наследник на Витиза и дека Родерик се обидел да го узурпира престолот од него, дури и дека тој бил совладетел со Витиза од 708 година.[6] Кој било син на Витиза би бил дете во 711 година.[7] Владеењето на Агила веројатно започнало кратко по владеењето на Родерик и траело до 713 или 714 година.

За време на краткото владеење на Агила, арапските напади започнале да го мачат јужниот дел на Хиспанија, каде што владеел Родерик. Родерик се обидел да ги победи, но бил убиен во обидот. Некои приврзаници на Агила можеби го напуштиле Родерик во неговиот последен поход.[8] Заради угнетувачката политика на неговите претходници кон Евреите и големото еврејско население во Нарбоненсис и заради тоа што тој се залагал за да се отстрани Родерик, воениот историчар Бернард Б��храх напишал дека „се јавува искушение да се заклучи дека муслиманите, кралот Агила и Евреите се здружиле, барем привремено, за да го соборат Родерик“.[9]

Можно е едно црковно лице по име Опа да било прогласено за крал во Толедо од страна на соперниците и на Родерик и на Агила, или пред поразот и смртта на Родерик во Битката кај Гвадалета или помеѓу неговата смрт и арапското заземање на Толедо.[4] Без оглед на случајот, скоро цела Хиспанија со исклучок на Галеција, Астурија, земјата на Баскијциte и долината на Ебро паднала во рацете на Арапите неколку години по смртта на Родерик. Во 713 година, Арапите и нивните берберски сојузници започнале со освојувањето на долината Ебро, заземајќи ја Сарагоса. Овие настани се совпаѓаат со крајот на тригодишното владеење на Агила и може да се должат на неговата смрт во битка со напаѓачите.[10] Природата на откривањето на грст монети кај Ел Бовалар кај Леида покажува дека Ел Бовалар најверојатно паднал и бил уништен од напаѓачите во 714 година.[11]

Ардо го наследил Агила, но владеел само во Нарбоненсис северно од Пиринеите и веројатно починал во арапската инвазија на таа област во 721 година.[11]

  1. Collins, Visigothic, 131. According to Thompson, The Goths, 251, two types of coin have been found from the Narbonnese mint.
  2. Collins, Visigothic, 138–39. Thompson, The Goths, 251, believed that Achila succeeded Roderic after his defeat and death, when only the northeast of the kingdom remained under Visigothic control.
  3. Collins, Visigothic, 131.
  4. 4,0 4,1 Collins, Visigothic, 139.
  5. Collins, Visigothic, 132.
  6. Bachrach, 31–32.
  7. Collins, Visigothic, 137.
  8. Bachrach, "A Reassessment", 32.
  9. Bachrach, "A Reassessment", 33.
  10. Collins, Visigothic, 140.
  11. 11,0 11,1 Collins, Visigothic, 212.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Bachrach, Bernard S. "A Reassessment of Visigothic Jewish Policy, 589–711." The American Historical Review, Vol. 78, No. 1. (Feb., 1973), pp 11–34.
  • Collins, Roger. The Arab Conquest of Spain, 710–97. Oxford University Press, 1989.
  • Collins, Roger. Visigothic Spain, 409–711. Blackwell Publishing, 2004.
  • Hodgkin, Thomas. "Visigothic Spain." The English Historical Review, Vol. 2, No. 6. (Apr., 1887), pp 209–234.
  • Shaw, Dykes. "The Fall of the Visigothic Power in Spain." The English Historical Review, Vol. 21, No. 82. (Apr., 1906), pp 209–228.
  • Thompson, E. A.. The Goths in Spain. Oxford: Clarendon Press, 1969.
Владејачки титули
Претходник
Витиза
Крал на Визиготити
711–714
наспроти Родерик
Наследник
Ардо