Прејди на содржината

Јован Трифуноски

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Јован Ф. Трифуноски)
Јован Трифуноски
Роден 23 септември 1914
Вруток, Кралство Србија
Починал 1 февруари 1997(1997-02-01) (возр. 82)
Белград, Србија, СР Југославија
Националност Југословен
Народност Македонец

Јован Ф. Трифуноски (Вруток, Гостиварско, 23 септември 1914Белград, Србија, 1 февруари 1997) — еден од најпознатите југословенски антрополози и географи од македонска народност.

Живот и дејност

[уреди | уреди извор]

Трифуноски е роден во гостиварското село Вруток на 23 септември 1914 година. Негов татко е македонскиот комита Филип Трифунов Лулков[1]. Основно училиште завршил во родното село, а гимназија во Тетово и Скопје. Дипломирал во 1939 на антропогеографската група на Филозофскиот факултет во Скопје, а од 1939/1940 ја завршил својата воена служба во Воено-географскиот институт во Белград, каде се здобил чинот Полковник на геодетската професија. Трифуноски есента во 1940 година, тогаш веќе како асистент на факултетот во Скопје, почнува со теренски истражувања на Прешевска Моравица и Прешевскиот Карадаг. Сепак, во мај 1941 година како бегалец од Втората светска војна пристигнува во Белград и станал асистент на Филозофскиот факултет во Белград, каде што останал до август 1946. Потоа се вратил назад на Скопскиот универзитет, а по одбранетиот докторат на Српската академија на науките во 1950 поминува низ сите етапи на универзитетот во кариерата, од доцент до редовен професор. Докторската дисертација на Трифуноски е антропогеографска монографија Кумановско–прешевска Црна Гора и била објавена во 1951 година. Живеел во Белград, Србија, каде што и починал. По независноста на Македонија во неколку наврати ја посетувал Македонија каде вршел некои испитувања. Во една прилика изјавил:

„Физички сум во Белград, но впрочем сум во Скопје и во мојот дом во Вруток на изворот на Вардар. Вруток сега е муслиманско-албанска населба. - Се надевам дека тоа ќе послужи како повод за размислување.“

Трифуноски е автор на многу дела. Има напишано книги како: Качаничка клисура, Горна Пчиња, Скопска котлина (6 книги), Кичевска Котлина, Кривопаланечка област, Горна Пчиња, Врањска котлина (2 книги), Скопска Црна Гора, Кумановска област, Струмички крај, Овчеполска долина, Областа на Бабуна и Тополка, Пиринскиот дел на Македонија и др.

  • Полог, , антропогеографска студија (565 страници) САНУ, 1976 година, која вклучува 142 на специјални населби.
  • Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво /Kočanska kotlina : seoska naselja i stanovništvo, Скопје, 1970[2]
  • Скопско поље. „Насеља и порекло становништва“, 35, Београд, 1955;
  • Варошица Крушево, „Гласник Етографског института САН“, ИВ-ВИ, Београд, 1957;
  • Битолско-прилепска котлина, „Годишен зборник на Географскиот институт“, 17, Скопје,1969;

Неговите книги и дела се богати со огромен број на податоци за потеклото на населението, историјата на местата и стопанските прилики, кои се од извонредно значење за географијaта и историјата на Македонија. Особено значење имаат неговите записи за местата и потеклото на населението во населените места во кои денес живее исклучиво албанско население. Во своите дела користи богат теренски собран материјал, како и наводи од средновековни записи и поменици на македонските манастири, македонски, српски и бугарски истражувачи како Ѓорче Петров, Васил К’нчов, Јован Хаџи-Васиљевиќ и други. Во почетните негови дела веднаш по Втората светска војна се забележува македонскиот национален дух и идеја, кога тој издава дела за географијата на Егејска и Пиринска Македонија. Сепак во неговите дела, кои во најголем дел се на српски јазик, иако тој ја признава националната посебност на Македонците без никакви забелешки, забележително е посрбување (србизирање) и давање на српски призвук и облици на имињата на местата и топонимите во Македонија (пр. Чивлак за с. Чифлик, Ајватовац за с. Ајватовци, Мршевац за с. Мршевци, Бујковац за с. Бујковци, Градовце за с. Градовци итн.) како и пишувањето со отворени и нескриени симпатии кон иселените српските колонисти за нивниот „придонес“ и напредност во селата во кои ги населувала српската окупаторска власт меѓу двете светски војни. Последното негово дело напишано во 1995 година е со наслов „Македонизирање Јужне Србије“[3]. Неговиот творечки опус опфаќа огромен дел на антропогеографски проучувања на Македонија во насока на остварување на идејата на истакнатиот српски географ и етнолог Јован Цвииќ за антропогеографски проучувања на сите населби во Кралството СХС.

  1. „Сто години од сардисувањето на лешочкиот манастир "Св. Атанасиј" (PDF). Македонско Сонце. 26 август 2005. Архивирано од изворникот (PDF) на 2008-07-24. Посетено на 24 ноември 2009.
  2. „Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво“. Посетено на 24 ноември 2009.
  3. http://openlibrary.org/works/OL2228992W/Makedoniziranje_Juz%CC%8Cne_Srbije