Прејди на содржината

Јегуновце

Координати: 42°4′24″N 21°7′24″E / 42.07333° СГШ; 21.12333° ИГД / 42.07333; 21.12333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Јегуновце

Средишниот дел на Јегуновце

Јегуновце во рамките на Македонија
Јегуновце
Местоположба на Јегуновце во Македонија
Јегуновце на карта

Карта

Координати 42°4′24″N 21°7′24″E / 42.07333° СГШ; 21.12333° ИГД / 42.07333; 21.12333
Регион  Полошки
Општина  Јегуновце
Област Долен Полог
Население 705 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1215
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28032
Надм. вис. 395 м
Јегуновце на општинската карта

Атарот на Јегуновце во рамките на општината
Јегуновце на Ризницата

Јегуновце — село и административно седиште на истоимената општина, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Во него се наоѓа фабриката „Југохром“, која долги години повеќе не е во функција.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Егуновце во XIX век. Името доаѓа од Егуменовци што е изведено од егумен или игумен со значење за старешина на манастир.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Сретселото на Јегуновце

Ова големо село се наоѓа во североисточниот дел на областа Долен Полог, сместено непосредна на левата страна на реката Вардар и претставува седиште и средишно место на истоимената општина.[3] Селото е рамничарско, бидејќи лежи на алувијалната рамнина на Вардар, на надморска височина од 390 метри. Од градот Тетово е оддалечено 20 километри.[3]

Низ селото поминува регионалниот пат 2234, кој ја поврзува Скопската Котлина со Полог.

Селото се наоѓа во рамница, лево од реката Вардар. Северно од Јегуновце започнува Дервенската Клисура. Водата за пиење, мештаните ја добивале од плитки бунари (длабоки 1 до 2 метри).[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Пашина Бавча, Челакоо, Селиште, Бозиче, Дубрава, Зука, Црна Река, Ачково, Ракити, Фејзоо Лукинче, Драгајнца, Делба, Драгањак, Дуб, Бучеј, Паљеник, Гумења, Пладниште, Вир, Злокуќане, Долче, Фојник, Дупник, Златица, Косматица, Дворачки Дол, Градиште, Марков Камен, Маркоа Чешма, Олуш, Уши, Ќумуриште, Старо Ѓубре, Цер, Дубрава, Шаини Нивчиња, Рамниште, Присој и Осој.[4]

Селото има збиен тип, а куќите се поделени во две маала: Горно и Долно Маало.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]
Комбинатот ХЕК „Југохром“ погледнат од селото Подбреге

Во Дервенската Клисура, на десната страна од Вардар, на околу еден час пеш од Јегуновце се наоѓа месноста Градиште (кота 715 м.). Тоа е високо варовничко возвишение со слаби остатоци на ѕидини (цигли и камен) и ќерамиди. Околу Градиште постојат дупки во кои некогаш се правел вар (варници). Утврдувањето на јегуновскиот атар служело за чување на преминот низ клисурата. Околу Градиште се наоѓаат месностите Волчји Камен, Марков Камен и Маркова Чешма. За последните две се верува дека го носат името по Крале Марко.[4]

Јужно од селото, во насока кон соседното Подбреге, се наоѓа месноста Селиште. Денес, таму се наоѓаат ниви, а остатоци од старини нема. Жителите не знаат дали таму некогаш имало село.[4]

Денешното Јегуновце го основале доселени родови. Први кои се доселиле биле предците на родот Пепелкои, кои биле од Пештер, денес пусто селиште на планината Жеден. По нив дошле и доселеници од други места. Во втората половина на XIX век, селото имало 16 православни домови.[4]

Во 1945 година, во пожар во селото изгореле 25 куќи, кои потоа веднаш биле обновени.[4]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 9,9 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 665 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 239 хектари, а на пасиштата незначителен дел.[3]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во селото работи комбинатот ХЕК „Југохром“, има продавници и други услужни објекти.[3] Во селото работи и бензинска станица „Макпетрол“, а на реката Вардар е изградена МХЕ „Градиште“.

Кон крајот на XVIII и XIX век, Јегуновци станало чифчиско село. Некои од последните сопственици на имотите биле Есад-паша, Мемет-паша, Акик-паша и Јусуф-бег. Првиот живеел во селото Желино, а останатите во градот Тетово. Крајот на чифлизите бил во 1912 годи��а.[4]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948369—    
1953448+21.4%
19611.068+138.4%
19711.134+6.2%
19811.194+5.3%
ГодинаНас.±%
19911.048−12.2%
1994868−17.2%
2002846−2.5%
2021705−16.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Јегуновце живееле 110 жители, сите Македонци.[5] Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Јегуновце имало 192 жители, Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Јегуновце е село во Шемшевска општина и има 29 куќи со 332 жители, Македонци и Албанци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.[8]

Јегуновце е големо село, коешто во 1961 година броело 1.068 жители, од кои 965 биле Македонци, 36 Албанци, 25 Срби, 18 Хрвати, 6 Словенци и 17 други, а во 1994 година имало 868 жители, од кои 785 биле Македонци, 42 Роми, 29 Срби, 1 Влав и 11 други.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Јегуновце живееле 846 жители, од кои 804 Македонци, 21 Ром, 13 Срби и 8 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 705 жители, од кои 631 Македонец, 3 Албанци, 14 Роми, 6 Срби и 51 лице без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Јегуновце:

Година Македонци Албанци Роми Власи Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 369
1953 443 0 0 0 3 2 448
1961 965 36 25 42 1.068
1971 1.026 16 54 12 26 1.134
1981 1.042 5 101 0 13 33 1.194
1991 933 0 75 0 21 19 1.048
1994 785 0 42 0 29 11 868
2002 804 0 21 0 13 8 846
2021 631 3 14 0 6 0 51 846

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Јегуновце е македонско село.[4]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Пепелковци (1 к.), најстар селски род. Потекнуваат од предокот Анто. По машка линија овој род е изумрен, па сега во него живее Дамјан, кој бил посинет од Долна Лешница, таму припаѓал на родот Кузмановци. Подалечно потекло од Порече (Сушица или Брезница); Котлинци (20 к.), се делат на Вучковци, Јовановци, Димовци и Трајковци. Доселени се од сега албанското село Котлина кај Качаник. Го знаат следното родословие: Коле (жив на 37 г. во 1947 година) Вељо-Блаже-Анто-Вучко, предокот кој се доселил. Имаат иселеници во Тетово (две семејства); Ѓорчевци или Смиљановци (3 к.), имаат исто потекло како и претходниот род; Батовци (2 к.), доселени се од селото Сопотница на Косово. Го знаат следното родословие: Божин (жив на 50 г. во 1947 година) Нако-Томо-Трпче, предокот кој се доселил. Имаат иселеници во Бугарија (едно семејство); Машоски или Димушои (5 к.), доселени се од селото Копаница во подножјето на Жеден. Го знаат следното родословие: Стојан (жив на 45 г. во 1947 година) Спасо-Цветко-Димуш, основачот на родот; Кашовци (3 к.), не знаат од каде се доселени; Ѓуклевци (1 к.), доселени се во турско време од селото Старо Село; Гуштероски (1 к.), не знаат точно од каде се доселени, го знаат следното родословие: Трајко (жив на 73 г. во 1947 година) Коце-Стојко, кој се доселил. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Рикаловци (5 к.), доселени се од селото Подбреге, уште подалечно потекло имаат од селото Кучково во Скопско. Имаат иселеници во Белград (едно семејство); Муловци (3 к.), доселени се во 1918 година од селото Вратница; Ѓоргијовци (1 к.), доселени се во 1921 година од селото Старо Село, таму припаѓале на родот Краговци; Пејчиновци (2 к.), доселени се во 1922 година од селото Беловиште, таму припаѓале на истоимениот род; Машкоќевци (1 к.), доселени се од селото Вратница; Серафимовци (1 к.), доселени се во 1925 година од селото Раотинце, таму биле староседелци; Цветан (1 к.), по потекло се од селото Сопотница на Косово.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Јегуновце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото претставува административно седиште на Општина Јегуновце, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со додавање на поранешната Општина Вратница. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така седиште на Општина Јегуновце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шемшево, во која покрај селото Јегуновце, се наоѓале и селата Жилче, Јанчиште, Копанце, Озормиште, Подбреѓе, Прељубиште, Раотинце, Сиричино, Туденце и Шемшево. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Јанчиште, во која влегувале селата Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Подбреѓе и Раотинце.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2117 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 748 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 726 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Црквата „Св. Архангел Михаил“ во Јегуновце со селските гробишта
Археолошки наоѓалишта[14]
Цркви[15]
Реки[16]
  • Бистрица — извира на Шар Планина, десна притока на Вардар

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Јегуновце

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]
  • ФК Југохром, оформен во 1952 година, долги години има настапувано во 2 МФЛ. Има постигнато повеќе успеси на различни нивоа. Клубот кој беше најголем спортски амбасадор за селото и општината повеќе од 70 години.
  • ФК Металург Јегуновце, вториот помал клуб од пониска категорија од село Јегуновце, кој моментално не егзистира.
  • ФК Јегуновце, моментален младински фудбалски клуб и академија, се натпреварува само во млада категорија.
  • КУД Извор - Јегуновце, културно уметничко друштво кое се занимава со македонската народна музика, исто така е амбасадор на селото во странство.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 102. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 141. Посетено на 8 февруари 2022.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 462–464.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 211.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp.122-123.
  7. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 24.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 февруари 2022.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 8 февруари 2022.
  14. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 420. ISBN 9989-649-28-6.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 13. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]