Прејди на содржината

Јарило

Од Википедија — слободната енциклопедија
Скулптура на Јарило во Украина.

Јарило (Јура, Јурај, Јежи, Јиржи или Ѓорѓе), наречен и Јаровит или Геровит, е еден од главните прасловенски богови[се бара извор] на растителноста, плодноста и пролетта, а е поврзан и со војната и жетвата.

Единствениот историски извор во кој се споменува ова божество е биографијата од 12 век на германскиот бискуп Ото фон Бамберг, кој се служел со прозелитизам и кој за време на своите експедиции кои ги водел со цел да ги преобрати паганските племиња на вендските и полабските словени во градовите Волгаст и Хавелберг, присуствувал на фестивали во чест на богот на војната Геровит. Името Геровит е најверојатно германско приспособување на оригиналното словенско име Јаровит.

Сепак, култот кон овој бог опстојал во словенскиот фолклор долго после доаѓањето на христијанството. Сè до 19 век, во Русија, Белорусија и Србија се одржувале народни фестивали наречени Јарило, кои се славеле кон крајот на пролетта или почетокот на летото. Овие свечености воопшто не биле од христијански карактер, па дури и некои од првите истражувачи на словенската митологија во нив препознале остатоци од пагански обреди во чест на истоименото божество на пролетта. Во северна Хрватска и јужна Словенија се одржувале слични пролетни фестивали наречени Јурјево, Зелени Јурај или Зелени Јуриј (зелен Георгиј). Во принцип, ова било прослава на денот на Св. Георгиј, но скоро сите елементи од прославата имале паганско потекло и биле доста слични на фестивалите во чест на богот Јарило кај другите словенски народи. Дури и словенските имиња Јури, Јержи, Јурај или Јура не се сметаат за превод на грчкото Георгиос, туку се смета дека се развиле од словенските зборови Јаре, Јарило и Јаровит. Словенскиот корен јар значи пролет или сила, кај Србите рано, кај Пољаците зборот јаре ги означува семињата што се сеат на пролет[1].

Сите овие пролетни фестивали биле во основа слични: на овој ден (денот на Св. Георгиј) група селани оделе во обиколка на селата и нивната околина. Постоеле повеќе начини на кои бил претставен Јарило: како кукла од слама, маж или дете накитени со зелени гранки или пак девојка на коњ, облечена како маж. Се пееле песни што алудирале на враќањето на Јурај/Јарило од далечните земји од другата страна на морето, на доаѓањето на пролетта, среќата, плодноста и богатството.

Со проучувањето и споредувањето на народните текстови поврзани со овие празници со структурите на другите индоевропски митологии, хрватските специјалисти Радослав Катичич и Витомир Белај обновиле повеќе древни словенски митови во врска со Јарило. Тој бил типично божество на раѓањето, смртта и преродбата, за кој се верувало дека се раѓал и умирал секоја година. Неговиот митски животен циклус соодветствувал со годишниот циклус на разни житни растенија, од сеењето па сè до жетвата.

Јарило е син на врховниот словенски бог на громот, Перун. Тој е неговиот изгубен десетти син, кој е роден на последната ноќ од месец февруари, на празникот Velja Noć (Голема ноќ), односно на словенската паганска Нова година. На истата ноќ Јарило бил украден од својот татко и однесен во подземјето, каде што го посвоил и одгледал словенскиот бог на подземјето и добитокот, Велес, непријателот на Перун. Словените верувале дека подземјето било место на вечна пролет, со полиња покриени со трева, каде што Јарило пораснал чувајќи го добитокот на неговиот очув. На митската географска карта на старите словени, подземјето се наоѓало од другата страна на морето, каде што птиците преселници се селеле секоја зима.

Со доаѓањето на пролетта, од другиот свет, односно од онаа страна на морето, Јарило се враќал меѓу живите, носејќи ги пролетта и плодноста во земјата. Неговото враќање се славело и во пролетните фестивали на Јурјево/Јарило кои опстојале и во подоцниот фолклор. Катичич идентификувал една клучна фраза од древните митски текстови која го опишува светото враќање на растителноста и плодноста преку рима (оди/роди) која опстојала во народните песни:

...Кај што Јура/Јаре/Јарило оди, таму полето ќе роди...

Првата од боговите која го забележала враќањето на Јарило помеѓу живите била Морена, божица на смртта и природата, ќерка на Перун и сестра близначка на Јарило. Морена и Јарило се заљубувале и си се додворувале во низа традиционални и прифатени ритуали, кои словените ги имитирале во своите обичаи на додворување или при свадбите. Светата свадба помеѓу братот и сестрата, двете деца на врховниот бог, се славела на денот на долгодневицата, во словенските земји познат како Ивање или Иван Купала. Оваа света заедница на Јарило и Морена, божества на растителноста и природата, ветувала изобилие, плодност и среќа на земјата, а исто така значела и привремено примирје меѓу двата врховни богови Перун и Велес, кои ги означувале рајот и подземјето. На тој начин, сите митски предуслови биле исполнети за обилна и благословена жетва на крајот на летото.

Сепак, бидејќи животот на Јарило бил поврзан со животниот циклус на житариците, по жетвата (која ритуално се сметала како убиство на плодовите), и самиот Јарило умирал. Во легендата ова се објаснува со фактот дека Јарило ѝ бил неверен на својата жена, па затоа таа (или татко ѝ Перун, или пак некој од нејзините девет браќа) го убива како чин на освета. Оваа прилично грозна смрт е всушност обредно жртвување. Морена користи делови од телото на Јарило за да си изгради нова куќа: ова е митска метафора која алудира на подмладување на целиот космос, концепт доста сличен на оној од митот за Имир од скандинавската митологија, џин од чие тело боговите го создале светот.

Сепак, без својот маж, Морена се претвора во стара вештерка, страшна и опасна божица на смртта, на студот и зимата која доаѓа, и конечно умира при крајот на годината. На почетокот на следната година, и таа и Јарило повторно се раѓаат и митот повторно започнува.

Особености

[уреди | уреди извор]

Преку споредбата со балтичката митологија и од словенските фолклорни прикази, може да се заклучи дека Јарило бил поврзан со месечината. Неговата донекаде палава природа, која завршува со неверство кон својата жена, била споредувана со фазите на месечината.

Катичич и Белај разоткриле уште една интересна одлика на Јарило. Тие, со внимателно проучување на народните песни кои се изведувале за време на пролетните фестивали и описот за тоа како Јарило/Јура се враќа помеѓу живите, откриле еден навидум нелогичен елемент: Јарило е секогаш прикажан како оди (клучна фраза во старите митски текстови), а сепак, тој исто така е опишан и како пристигнува на коњ. Ова не е грешка во текстовите. Во народните прикази е нагласено присуството на коњ (во белоруските фестивали, на пример, младо момче,(девојка на коњ, облечена како маж), го претставувала Јарило[2]) и фактот дека Јарило долго време одел и нозете му биле покриени со рани. Според ова, тој е коњаник кој оди, што е во основа апсурдно. Сепак, треба да се забележи дека:

  • во историските описи на западнословенското паганство, често се споменуваат свети коњи кои се чувале во храмовите и се користеле за претскажување. Се претскажувало врз основа на тоа како коњот одел меѓу редица копја забодени во земјата.
  • според некои обичаи во балтичките и словенските свадби, коњот го претставувал младоженецот.
  • во некои словенски народни песни, гневна млада жена, поради неверството на својот сопруг ��бива коњ или пак им наредува на своите браќа да го убијат за неа.

Сето ова ги наведува Катичич и Белај да заклучат дека Јарило бил замислен како коњ, со што може да се објасни очигледната апсурдност во песните: тој може да оди и во исто време да пристигне на коњ, поради тоа што и самиот наликува на коњ. Можеме само да претпоставиме како старите словени го замислувале овој митски херој, можеби како кентаур.

Јарило и христијанското влијание

[уреди | уреди извор]

По доаѓањето на христијанството, можеби поради сличноста на имињата, Јарило бил поистоветуван со Св. Георгиј. Но, причината за ова поистоветување најверојатно била поради тоа што Св. Георгиј најчесто бил претставен како витез на коњ кој убива змеј, додека пак словените верувале дека Јарило наликувал на коњ и дека некое време живеел во зеленото подземје со својот очув Велес, кој бил замислен како божество кое наликува на змија или змеј. Друга причина е тоа што во некои легенди Св. Георгиј неколкупати умира и воскреснува. Но, бидејќи Јарило, како божество на растителноста и жетвата бил од голема важност за словенските земјоделци и селани, христијанството никогаш не го уништило овој култ. Затоа, во фолклорот на многу словенски земји, пролетните фестивали кои го славеле неговото враќање од подземјето, останале речиси исти како во паганските времиња.

  1. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр.143 - 144
  2. Нина Анастасова - Шкрињариќ, Словенски пантеон, Нина Анастасова - Шкрињариќ, Менора, Скопје, 2004, стр. 174

Поврзано

[уреди | уреди извор]