Прејди на содржината

Правопис и правоговор на македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Првото издание на Македонскиот Правопис од 1945 (стиснете за да го отворите во целост)
Македонска фонетика и фонологија
Македонската буква и глас „ѕ“.
Гласови
Писмо
Поврзано


Правописот и правоговорот на македонскиот јазик, познати како ортографија и ортоепија, се стандардните јазични норми на секој јазик со кои се наведува правилниот говор и правилното пишување. Под правопис се подразбира правилен начин на пишување т.е. правилна употреба на графичките знаци и на интерпункцијата во даден јазик, како и правилна примена на сите законитости според кои се утврдуваат правилата. Сето ова се сфаќа како унифициран збир на правила за пишување на зборовите. Правоговорот се дефинира како правилен изговор на напишаното и на кажаното. Правоговорот налага секој зборувач на еден јазик да ги почитува правоговорните норми. Правописот на македонскиот јазик од моментот на својата стандардизација претрпел неколку измени, односно имало мали измени во правописот во 1945, 1950, 1970 и 1998 година.[1] Во февруари 2016 година бил претставен новиот правопис на македонскиот јазик, подготвен од 48 учесници, а објавен од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.[1] Во 2017 г. излегло второ издание на овој правопис, кое е ставено на располагање на посебен портал на НУБСК.

Природа и развој на македонскиот правопис

[уреди | уреди извор]
Блаже Конески

Во лингвистиката, правописните правила се категоризираат во една од трите главни типови: фонетски или фонолошки, морфолошки и етимолошки правопис. Фонетскиот правопис се однесува на гласот или се управува според гласот и таков вид на правопис има во македонскиот, српскиот, хрватскиот или албанскиот јазик. Со други зборови, во овој вид на правописи се пишува како што се чита. Во основа на морфолошкиот правопис лежи строежот на зборот т.е. без разлика како се изговара, секоја морфема си ја задржува основната форма и таков правопис е на пример бугарскиот. На крај, етимолошкиот правопис е правопис кој се заснова на постара пишана форма на еден јазик, како што е англискиот или францускиот правопис. Важно е да се напомене дека нема ниту еден правопис кој е чист по природа, односно мора да има елементи од најмалку еден друг вид на правопис покрај основниот.[2]

Правопис на македонскиот литературен јазик од 1991 г.

Правописот на македонскиот јазик се занимава со правописните правила, нивно изучување, подобрување и одржување. Во склоп на македонскиот правопис спаѓа правописот на самогласките и согласките, употреба на голема буква, слеано и разделно пишување на зборовите, делење на зборови, скратеници, транскрипција, интерпункциски знаци и правописни знаци.

Од големо значење се залагањата на Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски, а посебно се истакнуваат Ѓорѓија Пулевски и Крсте Петков Мисирков, кој во својата книга „За македонцките работи“ одвојува статија во која ги изјавува своите ставови за начинот на формирање на македонски литературен јазик. На Првото заседание на АСНОМ, 2 август 1944, е донесено решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Комисијата за јазик и правопис своите ставови ги формулирала во Резолуција донесена на 3 мај, а усвоена на 5 мај 1945 година. Заслугата на Блаже Конески за кодификацијата на македонскиот литературен јазик е во тоа што создал „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Речник на македонскиот литературен јазик“, како и „Правопис на македонскиот литературен јазик“, подготвен заедно со Крум Тошев, кој е озаконет на 7 јуни 1945.

Пишување на гласовите

[уреди | уреди извор]

Македонската азбука има 31 буква, колку што има гласови во македонскиот литературен јазик.

Аа, Бб, Вв, Гг, Дд, Ѓѓ, Ее, Жж, Зз, Sѕ, Ии, Јј, Кк, Лл, Љљ, Мм, Нн, Њњ, Оо, Пп, Рр, Сс, Тт, Ќќ, Уу, Фф, Хх, Цц, Чч, Џџ, Шш

Едначење по звучност

[уреди | уреди извор]

Според звучноста, согласките се делат на безвучни, звучни и гласници (сонанти). Безвучните и звучните согласки образуваат корелативни парови.


а) звучна + безвучна = две безвучни (пред + пријатие = претпријатие)
б) безвучна + звучна = две звучни (сват + ба = свадба)

Обезвучување на крајот на зборот

[уреди | уреди извор]

При изговор, доаѓа до обезвучување на крајот на зборот, и покрај тоа што се пишуваат звучните (леб, град, мраз).

Удвојување на согласки

[уреди | уреди извор]

Во македонскиот јазик се среќаваат и удвоени согласки. Како удвоени се јавуваат согласките т, д, с, з, ј, л, м, в и р. За повеќе детали видете: Удвоени согласки во македонскиот јазик.

Елизија е испуштање на гласовите. Најчесто се случува во множински форми (петел - петли; добар - добри).

е
  • Кај именките:
    • Кај именките на -ец
      • старец, старецот - старци; скакулец, скакулецот - скакулци; големец, големецот - големци, но: подлец - подлеци; мудрец - мудреци
    • Кај именките на -ел:
      • котел, котелот - котли; кобел, кобелот - кобли; орел, орелот - орли, но жител - жители; истрел - истрели
    • Кај именките на -ен:
      • ражен, раженот - ражни;
      • камен, каменот - камни, но и камења;
      • скорен, скоренот - скорни
      • но: остен, остенот - остени (и: остење)
    • Кај други именки:
      • јарем, јаремот - јарми (два јарема)
      • пес, песот - пци (два песа)
      • ден, денот - дни (два дена), но и: денови!
    • Кај туѓи зборови на -ер:
      • министер, министерот - министри итн.
  • Кај придавките на -ен: гладен, гладна, гладниот итн.; радосен, радосниот итн., но: дрвен, дрвена итн. (но: дрвна индустрија)
о
  1. Кај именките:
    1. Кај именките лакот - лактот, лакти; нокот - ноктот, нокти;
    2. Кај именките на -ок: потомок - потомци, но: четврток - четвртоци
  2. Кај придавките: редок - ретка; сладок - слатка; близок - блиска, но: висок - висока, широк - широка
  3. Во наспоредни форми: собере - збере
а
  1. Кај туѓите зборови на -изам: комунизам - комунизмот, фашизам - фашизмот
  2. Кај придавките со наставка -ар: бодар - бодриот, добар - добриот итн.
  3. Кај именки на -ар: ветар - ветрот, ветрови. Кај туѓите именки на -ар: метар - метри итн.

Употреба на голема и мала буква

[уреди | уреди извор]

Со голема буква се пишуваат:

  • Почетниот збор на реченицата.
  • Имињата, презимињата и прекарите, имињата на животните и фамилиите.
  • Посвојните придавки изведени од лични имиња со наставките -ов, -ев и -ин.
  • Географските и топографските имиња. Ако се составени од повеќе зборови, сите се пишуваат со голема буква.
  • Имињата на жители на континенти, држави, области, национална припадност, припадници на племиња.
  • Имиња на институции, улици, кејови, плоштади, објекти, организации, фестивали, имиња на книги, уметнички творби, весници, списанија, написи, закони, прописи, документи, како и називите на востанијата, војните, битките и мировите. Голема е буквата само на првиот збор, освен ако не е лично име.
  • Имиња на небесни тела.
  • Кога по две точки (:) следува директен говор.
  • Имиња на празници.
  • Од почит, заменките „вие“ и „ваш“, како и други зборови.

Со мала буква се пишуваат:

  • Жители на населени места.
  • Придавки изведени од лични имиња и географски поими.
  • Имиња на месеци, денови во неделата, годишни времиња.
  • Имиња на училишни предмети.

Правопис на самогласно Р

[уреди | уреди извор]

Гласот р врши служба на самогласка во случаите како: крв, дрво, срце,трн,прв,врв,трча,крт итн. Во почетокот на зборот: ’рж, ’рѓа, ’рска, ’рнка, ’рга, ’рбет. Овие зборови со претставка што завршува на самогласка: за’ржи, на’рга. Со претставка што завршува на согласка: сржи, срска. Значи буквата „р“ некогаш се јавува како самогласка.

Правопис на Ј

[уреди | уреди извор]


1. Ј секогаш се пишува меѓу И и А (исклучоци: заемки како алиас, прилогот иако, слеани зборови како триаголник итн.)
Марија, историја, Македонија.
2. Кога во зборот ќе се најдат три самогласки една до друга, меѓу последните две се пишува Ј.
пееја, знаеја, умееја, успеаја.
3. Кај именките изведени од глаголи со наставката -јач.
пејач, сејач, скијач.
4. Се пишува во формите на заповеден начин.
пиј-пијте, пеј-пејте.
5. Во наставката на глаголскиот прилог -јќи.
одејќи, пеејќи, мислејќи.
6. Ј се пишува во еднинските форми кај некои зборови.
мој, кој, свој, твој, секој...
7. Ј не се пишува меѓу две самогласки од кои втората е Е или И.
мое, мои, бои, крои, шие.

Правопис на Ќ и Ѓ

[уреди | уреди извор]


1. Ќ се пишува во честичката за идно време ЌЕ.
ќе одам, ќе учам
2. Ќ се пишува во наставката -ЈЌИ.
одејќи, спиејќи
3. Ќ се пишува на почетокот од зборот.
ќебе, ќерка, ќерамида
4. Ќ не се пишува пред И кај туѓи зборови.
кибрит, килим, килибар
5. Ѓ не се пишува пред Е во туѓи зборови.
ангел, Германија, генерал

Правопис на Л и Љ

[уреди | уреди извор]
  1. Л се пишува во зборовите: лут, клун, клуч, лупи...
  2. Пред Ј не се пишува Љ: волја, фотелја, Билјана, неволја, крилја, илјада.
  3. Во еднина: детаљ; во множина: детали.
  4. Во почетокот на зборот, само во коренот љуб-: љуби, љубов, Љубе, Љубен, Љупка, Љубица, Љубојно итн. Во други случаи нема љ: лубеница, луѓе, клун, клуч итн.
  5. Во други случаи: вљубен, пљачка итн.; Иљо, Кољо; Иљка; фељтон, фељтонист.

Правопис на Х

[уреди | уреди извор]

Во литературниот јазик не е преземено од народните говори:

  • хемија, хигиена, Хајнрих Хајне итн.; храброст, поход, доход итн.; Охрид, Пехчево.

Во еден број случаи се создава двојство: дух, воздух, но: задув; поход, доход, но: оди, наоѓа; храна (за разлика од рана!), но: ранениче. Во други случаи не се изговара и пишува во почетокот на зборовите: леб, арно, ајдутин, армоника, убав, убавина итн.

Во средината и на крајот на зборот х или се загубило или преминало во друг глас:

  • в, ф < х:
  1. Од хв-: фрла, фали, фати, фрка;
  2. Од х: дојдов, бев, бевме, но: беа; нивни, јавне итн.; орев - оревот; пазува; мува; уво

Правопис на В и Ф

[уреди | уреди извор]
  1. вистина, вистински; внатре; втор; внук (не: мнук); влезе (не: флезе), но: земе, зеде, зел, презема;
  2. ливче (од лисче), мовче од мост итн.

Во некои дијалекти се загубило: тетоски место тетовски, чоек место човек итн., односно се претвора во ј: зборој место зборови итн.

Правопис на Џ

[уреди | уреди извор]
  1. џ се развило од ж: џвака, џгура итн.
  2. Кај туѓите имиња: Риџвеј и сл. и кај туѓи зборови како се: џин, џигер итн.
  3. Се добива од ч пред звучна согласка: лиџба < *личба
  4. Кај наставката -џија: тутунџија, џамџија итн.

Правопис на Њ

[уреди | уреди извор]
  1. На крајот на зборовите: коњ, сињсин) (боја)
  2. Во множината на именките на -ен: пламење, камење итн.
  3. Кај глаголските именки на -ње: барање, движење итн.
  4. Во неколку именки на -ња: бања, диња, свиња итн.
  5. Во збирните именки (место множина): ремен - ремење, корен - корење итн.
  6. Во наставката -иња за множина на некои именки во среден род на -е: име - имиња; прасе - прасиња итн.
  7. Кај некои несвршени глаголи: мени - мењава; се поклони - се клања итн.

Правопис на броевите

[уреди | уреди извор]

1. Бројот 6 се пишува со т на крајот: шест
2. Кај десетките: 50 - педесет, 60 - шеесет, 90 - деведесет.
3. Кај стотките: 100 - сто, 200 - двесте, 300 - триста, потоа сите стотки ја имаат наставката -стотини, 400 - четиристотини, 500 - петстотини, 600 - шестотини. Исто е и кај приближните: 600-700 - шест-седумстотини.
4. Се пишува: илјада, но: милион, милијарда, билион.
5. Сложените броеви што се поврзуваат со и се пишуваат одвоено.
23 - дваесет и три, 174 - сто седумдесет и четири, 1266 - илјада двесте шеесет и шест.
6. При членување: двата (двете), трите, петте, шесте, деветте; додека кај стотките е различно: стоте, двестето, тристата, па потоа: четирите стотини, петте стотини, шесте стотини итн.
7. Кај бројноста за лица: двајца, тројца, четворица, па потоа: петмина, шестмина, седуммина, осуммина, деветмина итн.

Слеано и разделено пишување на зборовите

[уреди | уреди извор]

Два или повеќе одделни збора добиваат ново значење откако ќе се спојат во еден сложен збор. Во зависност од степенот на срастување, овие зборови може да се пишуваат слеано или со цртичка меѓу компонентите.

Слеано пишување

[уреди | уреди извор]

1. Сложените именки и придавки поврзани со самогласките О и Е се пишуваат слеано.
2. Именките и придавките со прв дел: пол-, полу-, се пишуваат слеано.
3. Сложените именки или придавки кај кои првата компонента е број или бројна придавка.
4. Сложените именки од кои првата компонента им е глагол во заповедна форма.
5. Сложените именки и придавки на кои првата компонента им е заменска форма.
6. Имињата на празниците во чиј состав влегува зборот „ден“.
7. Сложените именки кај кои како прва компонента се јавуваат туѓите зборови: авио, авто, астро, хидро, микро.
8. Сложените именки кај кои втора компонента се грам, литар, метар.
9. Сложените придавки на кои првата компонента им е прилог.
10. Слеано се пишуваат и зборовите чија втора компонента е -пат, -пати.
11. Слеано се пишуваат и придавките: социјалдемократски, средновековен; како и сложените прилози: вчеравечер, едноподруго, отсега, напролет, предвид, претпладне, сосила, поинаку, понекогаш.
12. Негацијата НЕ се пишува слеано со придавки, прилози и именки. Со глаголите, негацијата НЕ не се пишува заедно. Исто така, не се пишува заедно со глаголскиот прилог.
13. Претставките ПО- и НАЈ- за образување компаратив и суперлатив се пишуваат слеано.
14. Сложените релативни сврзници добиени од заменките кој, чиј и што: којшто, којашто, коешто, коишто, чијшто, чијашто,чиешто, чиишто.[3]

Разделено пишување

[уреди | уреди извор]

1. Негацијата НЕ со глагол или глаголски прилог се пишува разделено.
2. Кратките заменски форми зад именките со роднинско значење.
3. Поздравите што се составени од два или повеќе збора (исклучок: добровечер).
4. Разделно се пишуваат и: сѐ уште, на пример, од сѐ срце.
5. Одделно се пишуваат релативните сврзници: кај што, каде што, како што, колку што, каков што, каква што, какво што, какви што.[4]

Делење на зборот на крајот од редот

[уреди | уреди извор]

Делењето се бележи со цртичка (-) во истиот ред, а во новиот го пишуваме остатокот од зборот.

Слоговите можат да бидат отворени и затворени.
а) Отворени се оние слогови што завршуваат на самогласка.
ра-ка
б) Затворени се оние што почнуваат и завршуваат со согласка.
вер-ник

Зборот го делиме онаму каде што завршува слогот.


1. Кога ќе се најдат две самогласки една до друга, тие се разделуваат.
бур-жо-а-зи-ја, пе-ат
2. Кога ќе се најдат две согласки една до друга, тие се разделуваат.
кос-ка, пот-тик-ну-ва.
3. Наставките: -ски, -ство и -ствен, се пренесуваат целосно во новиот ред, без разлика дали слогот завршува на самогласка или согласка.
тргов-ски, чув-ство
4. Наставките: -штво, -шки, -чки, треба (не смеат да се делат)- да се пренесат целосно.
чове-штво/, ма-шки/

Интерпункција

[уреди | уреди извор]

1. Точка се пишува на крајот од расказните реченици и на крајот од речениците со кои се искажува блага заповед;
2. Правописно, точка се пишува кај скратениците;
3. Кога набројуваме, зад редните броеви (ако се напишани со арапски цифри);
4. Кај датумите, ако се напишани со арапски цифри, се пишува точка, а ако се напишани со римски не се пишува точка.

Запирка (,)

[уреди | уреди извор]

Запирка во проширена реченица

[уреди | уреди извор]

1. Со запирка се одделуваат еднаквите делови во реченицата (подмети, предмети, атрибути), како набројување.
Доматите, пиперките, морковите и компирите беа скапи оваа година.
2. Апозицијата се одделува со запирка.
Тони, мојот сосед, има убаво куче.
3. Извиците се одделуваат со запирка.
Оф, нешто ме боцна.
4. Вметнатите зборови и изрази се одделуваат со запирка.
Вие, се разбира, сте во право.
5. Зборовите за обраќање се одделуваат со запирка.
Мамо, јас ќе си легнам.
6. Запирка се става и пред зборовите: то ест, односно, и тоа, како и; пред спротивните сврзници: а, ама, но, туку.
Тој нема да дојде, т.е. не може да дојде. Јас го направив тоа, а не ти.
7. Потврдната честица ДА и одречната НЕ, се одделуваат со запирка кога стојат на почетокот од реченицата.
Да, ќе дојдам. Не, не доаѓам.

Запирка во независносложената реченица

[уреди | уреди извор]

1. Составните реченици се одделуваат со запирка, освен кога се поврзани со сврзникот И. Пред сврзникот И никогаш не се пишува запирка.
Тој дојде, седна и почна да чита.
2. Спротивните реченици редовно се одделуваат со запирка.
Не зборувај, туку слушај.
3. Разделните реченици не се одвојуваат со запирка, освен ако втората е особено истакната или реченицата е премногу долга.
Или слушај ме, или ќе те истепам!
4. Исклучните и заклучните реченици се одвојуваат со запирка.
Сите дојдоа, само тој не дојде. Тој дојде, значи ме сака.

Запирка во зависносложената реченица

[уреди | уреди извор]

1. Сите зависни реченици кога се во инверзија или се вметнати, се одделуваат со запирка.
Кога ќе дојдеш, ќе учиме заедно.
2. Кога се во обичен ред може, но и не мора да се одвојат со запирка. Тоа зависи од потесната или полабавата врска меѓу нив.
3. Исказните и целните реченици никогаш не се одделуваат со запирка.
Тој рече дека ќе дојде. Тој застана да купи леб.

Прашалник (?)

[уреди | уреди извор]

1. Прашалник се пишува на крајот од прашалната реченица.
Ќе дојдеш ли утре кај мене?
2. Се пишува зад прашални зборови и искази.
Кога? Каде? Зошто?

Извичник (!)

[уреди | уреди извор]

1. Извичник се пишува на крајот од извичните реченици.
2. На крајот од речениците со кои се искажува построга заповед.
3. Во речениците со кои искажуваме силна возбуда.
4. Зад извици со кои се искажуваат разни чувства или служат за имитирање звуци или животински гласови.

Две точки (:)

[уреди | уреди извор]

1. Две точки се пишуваат пред набројување.
Денес по распоред имаме: англиски, математика...
2. За директен говор, пред туѓите зборови се пишуваат две точки.
Томе рече: „Денес ќе си одиме порано“.

Точка и запирка (;)

[уреди | уреди извор]

1. Точка и запирка се пишува помеѓу проширени еднородни делови на реченицата, особено кога во нив има запирки.
На состанокот ќе дојдат: Марко, претседателот на класот; Весна, заменикот и Милена, благајникот.
2. Точка и запирка се пишува по зависни реченици кои се однесуваат на една главна.
Кога ќе научиш; кога ќе си ја средиш собата; кога ќе ги напишеш домашните задачи; тогаш можеш да излезеш.
3. Пред сврзниците: но, сепак, меѓутоа, може да се напише точка и запирка, особено ако во реченицата има многу запирки.
Ние му зборувавме, му укажувавме, го молевме; но ништо не помага.
4. Со точка и запирка се одделуваат и разни заклучоци, решенија и сл. кои се набројуваат под точки.
1. -----;
2. -----;
3. -----.

Наводници („ “)

[уреди | уреди извор]

1. Наводници се пишуват во цитати, нечии искази што се претставуваат директно, онака како што се кажани или напишани.
Тој рече: „Денес добро се чувствувам“.
Правописно, ако реченицата завршува со точка, се пишува: наводници - па точка (“.); ако завршува со прашалник, извичник, три точки, тогаш прво се пишуваат тие - па наводниците
Тој праша: „Ќе дојдете кај мене?“

Има исклучок. Видете ја разликата.

I

„Каде одиш?“

„На пазар.“

„Те молам купи ми едно кило краставици.“

„Добро, нема проблем.“

II

Аце рече: „Те видов вчера“. Марио одговори: „Јас не те видов“.

Значи кога директно пишуваме дијалог, точката се пишива во наводниците, а кога има две точки нпред наводниците на пример, тогаш точката е после наводниците.

2. Во наводници се пишуваат: наслови на книги, песни, раскази, весници, списанија, имиња на установи, претпријатија итн.
3. Во наводници се пишуваат и зборовите кажани во спротивна смисла или пак нагласени зборови.

Тој е многу „добар“. (лош)

Како мислиш јас сум „ексцентричен“?Значи кога нагласуваме зборови на крајот од прашални реченици, тогаш тие се пишуваат после наводниците. Ова е исклучок. Во сите други случаи, се пишуваат внатре.

Загради ()

[уреди | уреди извор]

1. Во загради се пишуваат оние зборови, изрази или цели реченици кои дообјаснуваат нешто.
Тој бил во градот Малме (Шведска).
2. Во загради се пишуваат забелешките (ремарките) во драмите.
Лиле (влегува од левата страна): Добар ден!

Црта (тире) (-)

[уреди | уреди извор]

1. Црта се употребува наместо наводници при пренесувањето на туѓи зборови.
- Каде си тргнала? - праша Марко. - Никаде, - одговори Каролина.
2. Црта се пишува пред збор, израз или цела реченица што сакаме да ја истакнеме.
Тој научи за денес, ама - попусто, професорот не го праша.
3. Црта се става и на местото од испуштени зборови.
Ние за волкот - а тој на врата.
4. Црта се става пред показната заменка тоа кога се поврзуваат именскиот прирок и подметот.
Зависта - тоа е најлошата особина на човекот.
5. Пред показните честити еве, ене, ете и пред показните заменки тоа, ова, она се пишува црта кога со нив опфаќаме некое набројување.
Чистиот воздух, прошетките и вежбите - тоа е мојот појадок.
6. Меѓу броевите, наместо предлогот до може да се напише црта.
Тие работат од 10-12 часот.
7. Црта се пишува и меѓу две места за да се означи правецот на движењето од едното до другото место.
Вечерва се случи сообраќајна несреќа на патниот правец Скопје - Велес.

8. Сложенките кои го чуваат своето самостојно значење се поврзуваат со цртичка.
предлог-закон, жиро-сметка, охридско-преспански, три-четири
9. Помеѓу двојни презимиња се пишува цртичка.
Марија Матовска-Стојановска.
10. При префрлање на зборовите во друг ред, пишуваме цртичка.

Апостроф

[уреди | уреди извор]

1. Како правописен знак, апострофот се пишува на местото на изоставен глас во зборот.
м’гла, с��нце
2. На почетокот од зборот пред самогласното р.
’рж, ’рти, ’ржи.

Надреден знак

[уреди | уреди извор]

1. Над самогласката е во кратката заменска форма нас нѐ, за да се разликува од негацијата не.
Кога влеговме, не нѐ забележаа веднаш.
2. Над самогласката е во прилогот сѐ за да се разликува од кратката заменска форма од повратната заменка себе се која често ја употребуваме со повратните глаголи.
Сѐ се случи многу брзо.
3. Над самогласката и кај кратката заменска форма од нејзе ѝ за да се разликува од сврзникот и.
Не ѝ рече ништо и не ѝ дозволи да зборува.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Поврзани напатствија на проектот Википедија:

  • Видоески, Божо; Димитровски, Тодор; Конески, Кирил; Угринова-Скаловска, Радмила (2007). Правопис на македонскиот литературен јазик (XVI. изд.). Скопје: Просветно дело. ISBN 978-608-203-075-3.
  1. „Издаден нов правопис - отворена книга за жив јазик“, Дневник, година XX, број 5992, четврток, 18 февруари 2016, стр. 19.
  1. ^ Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. ^ Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. ^ Б. Видоески, К. Конески, Т. Димитровски, Р. Угриновска-Скаловска (1998). Правопис на македонскиот литературен јазик. Просветно Дело. стр. 57.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]