Прејди на содржината

Ацо Караманов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ацо Караманов
Роден 31 јануари 1927
Радовиш, Кралство СХС
(денес Македонија)
Починал 7 октомври 1944(1944-10-07) (возр. 17)
во близина на Берово
Ацо Караманов како пишува поезија.

Ацо Караманов (Радовиш, 31 јануари 1927 - 7 октомври 1944) — македонски поет и учесник во НОБ.

Караманов е роден во Радовиш, како најстаро дете во семејството на Васил и Софија.[1] Кога имал само три месеци, неговото семејство го напуштило родното место поради службата на таткото и отишле прво во Белград, потоа и во други места низ Србија, но во село Велико Орашје се задржале повеќе години. Таму, Ацо го завршил основното образование и благодарение на неговиот учител кај малиот Караманов рано се јавила љубовта кон книжевноста. Своите први стихови тој ги напишал уште во второ одделение, односно на 9-годишна возраст.

Согледувајќи ги предиспозициите на Ацо Караманов, неговиот учител лично го одвел да го полага приемниот испит во гимназијата во Смедерево кој го положил со одличен успех. Во прво време, тој живеел сам со мајка му во Смедерево, а потоа кога татко му добил служба во Скопје, се преселиле во Македонија. При крајот на учебната 1937/38 година се запишал во Првата машка скопска гимназија.

Во 1941 се вклучил во СКОЈ и активно учествувал во растурање летоци и други акции. Од првиот ден на окупацијата изразил спремност за борба против фашизмот. Како скоевец посетувал илегални состаноци на кои се проучувале материјали, за целите на народноослободителната борба на народите на Југославија. За време на одморите, меѓу часовите, јавно заземал негативен став према фашизмот. Развил активност за опфаќање нови симпатизери и активности за ослободителното движење. Особена активност пројавил во разобличувањето на фашистичките младински организации какви што биле: Браник, Легионер, Отец Паисиј и други.[2] Кон крајот на мај 1944 година семејство се преселило во родниот Радовиш.

На 5 септември 1944 станал член на четвртиот баталјон на Четвртата македонска ударна бригада. При формирањето на Педесеттата македонска дивизија на НОВЈ, на 17 септември 1944 година во селото Митрашинци, бил прераспределен во нејзината Тринаесеттата македонска бригада[3] каде партизанувал само 32 дена. Загинал на 7 октомври 1944 година во борбата против германските фашисти кај селото Смојмирово, Беровско. Бил тешко ранет кога извршувал извидничка акција и потоа ѕверски избоден со бајонети од германските војници,[4] на денот кога го испејал и последниот стих „Ние и кога умираме треба да пееме“.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Овој талентиран писател живеел само 17 години, но неговите хумани пораки запишани во стихотворбите остануваат да сведочат за творечкиот талент, за детската визија за поубавиот свет, за недосонуваното и недоживеано слободарско утро.

Во текот на својот живот Караманов не објавил ниту една поетска или прозна книга, но колку што сега е познато, од него се сочувани околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки, дневнични записи и епистоларија (писма и дописки).[5] Меѓу зачуваните поетски творби се: Приказна (1943/1944), романот Трупот со сини очи, незавршениот роман Човекот што испил арсеник, дневник, есеи, осврти и писма.[3]

Низа години по Втората светска војна за него се знаело само како за револуционерен поет кој пишувал естрадна лирика, верувајќи во создавањето на еден нов и поинаков свет. По заслуга на Милан Ѓурчинов и Радивое Пешиќ, негови школски другари, денес се достапни делата:

  • „Црвена пролет“, издадена во 1963, 1984 и 1989 година;
  • „Прозните записи“, издадена во 1981 година;
  • „Сребрените соништа“; и
  • „Големата песна на Ацо Караманов“, издадена во 2006 година.

Караманов покрај пишувањето исто така се занимавал и со цртање на карикатури.

Делото на Караманов е напишано на српскохрватски и на бугарски јазик. Според студија на проф. Александар Јорданов, поранешен амбасадор на Бугарија, во македонските архиви се чуваат непреведени бугарски текстови на поетот, посветени на национални херои од бугарската историја, како што се Васил Левски, Христо Ботев и слични.[6]

Чествување

[уреди | уреди извор]

Ацо Караманов е личност чие име го носат една улица во Скопје и во Радовиш, детската градинка во Радовиш, општинската установа „Центар за култура - Радовиш“, еден фолклорен ансамбл (ФА „Ацо Караманов“).

Во негова чест, секоја година се одржуваат „Караманови средби“ кои ги поврзуваат поетите од сите балкански земји, па и пошироко.

  1. Милан Ѓурчинов „Парадокси и тајни на една виорна младост“, Утрински весник, 30.01.2007
  2. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив - Скопје. 1969. стр. 73. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. 3,0 3,1 Ристовски, Блаже (2009). Македонска енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 671–672. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958.CS1-одржување: датум и година (link)
  4. „Спомен книга за загинатите борци во НОВ и од фашистичкиот терор од Радовиш и Радовишко“, Радовиш, 1986, 25 стр.
  5. „Александар – Ацо Караманов - избор од творештвото“. Архивирано од изворникот на 2015-11-15. Посетено на 2015-08-07.
  6. Алекс Данов, Непознатият Караманов – принос към българо-македонските литературни отношения. Фактор.бг. 23 април 2018.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]