Прејди на содржината

Црвеноглаво свраче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Црвеноглаво свраче
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Сврачиња
Род: Lanius
Вид: Црвеноглаво свраче
Научен назив
Lanius senator
Linnaeus, 1758

     Лето      Зима[2]
Младенче црвеноглаво свраче
Lanius senator - јајца

Црвеноглавото свраче (научLanius senator) е член на семејството сврачиња (Laniidae). Се размножува низ јужна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, Близок Исток и северозападна Африка, а зимно време се сели во тропска Африка.

Мажјакот на црвеноглавото свраче, како што му кажува името, има црвеникавопортокалова круна до тилот, а другото перје му е црно, бело и сиво. Најкарактеристична е главата што под црвената круна е со црна маска врз очите и челото, а образите и грлото се бели. Клунот му е црносив. Крилјата му се црни со бела линија; грбот, над опашката е сив, а долните делови му се светли, кремавобели, со портокалова нијанса од страните.[3][4]. Кај расата L. s. badius која живее во западен Медитеран, недостасува белата линија на крилото. Женката е генерално слична со мажјакот, но побледа. Така, круната е често светлоцрвеникавокафеава, а поназад кафеавосива, маската на очите зазема помалку простор и има црвени дамки. Покрај тоа, на градите и од страните често (но не секогаш) има потемна избразедена шара. Понекогаш женките во нивниот изглед не се разликуваат од мажјаците. Младенчињата до првата зима се избразденошарени со нијанси на сиво и кафеаво. За разлика од возрасните кои се карактеристични, младенчињата може да се помешаат со сивото свраче. И кај двата вида горниот дел од телото е кафеав, но кај црвеноглавата боите се помалку заситени, а на врвот изгледа многу посветло, бидејќи има многу сиви линии. Маската е бледа и заматена, стомакот белосив со потемни многубројни линии.[3][5]

Мажјакот е долг околу 19 см и тежи 28-52 грама.[5].

Огласувањето на овие птици може да биде многу различно зашто тие често го имитираат пеењето на другите птици. Кога се вознемирени имаат серија силни и бучни извици, која може да се опише како крекс-крекс или скеер-скеер. Интензитетот на крикот зависи од степенот на возбуда. Пеењето му е прилично гласно и мелодично, измешано со кликнувања и чкрипења. Најчесто пее еден мажјак, а женката може да ја повтори неговата песна.[5].

Поведение

[уреди | уреди извор]

Начинот на живот на црвеноглавото свраче е типичен како за сите сврачиња. Тоа е темпераментна и бучна птица, а карактеристично е што се перчи на некое подигнато место од каде го набљудува пленот. Кога е меѓу густите лисја тешко може да се види и покрај гласните звуци што ги испушта. Не формираат јата, а во сезоната на парење може да се види парот или семејството како група.

Живеалиштето на оваа птица се сувите и топли отворени предели, со трева и грмушки и по некое дрво. Живеат на суви карпести падини, во маслинови насади, рабови од шуми, покрај патишта и сл. од 100 до 1.000 метри надморска височина.

Оваа птица се храни речиси исклучиво на големи инсекти, меѓу кои најмногу со скакулци, бубачки, како и мравки, оси и пчели, пеперуги, вилински коњчиња, лебарки, богомолки, а повремено јаде пајаци, скорпии, црви, полжави, а уделот на ’рбетници е многу мал. Повремено ловат гуштери , разни мали глодачи, жаби и др. Ретки се случаите на уништување на гнездата на малите врапчевидни птици, како и јадење растителна храна - овошје (црници и сливи).[3][5]

Размножување

[уреди | уреди извор]

Половата зрелост овие птици ја достигнуваат при крајот на првата година. Моногамни се, но кога ќе се вратат на истата територија од минатата година, обединувањето со истиот партнер е ретко. На местата за размножување пристигнуваат прво мажјакот и може да почне со изградба на гнездото, но во исто време ѝ се додворува на женката и ја поканува да му се придружи во изградбата. Неговото додворувачко прикажување е бавен цик-цак растреперен лет, и пеење со крикови. Може да пее и од гранка каде ги крева пердувите на главата.

Гнездото го прават на хоризонтална гранка на дрво или во грмушки. Најчесто е на висина од 5 метри, но ако нема опасности го сместуваат ниско. Тоа е во облик на чашка, направено од разни растителни материјали - гранчиња, корења, суви стебленца, растителни влакна. За разлика од гнездата на другите видови сврачиња, ова често користи свежи билки. Го постила со парчиња мов, лишаи, волна, пајажина, влакна, а понекогаш и свежо цвеќе или вештачки материјали.

Најчесто имаат едно легло годишно, но ако се уништи првото легло можат да произведат второ. Несат 3-9 јајца, кремави со зеленикава или розовикава нијанса, но и маслинавозелени, црвеножолти, црвенкавокафеави или сивкавожолти, со темни дамки.

Само женката ги инкубира јајцата 14-16 дена, а мажјакот повремено ѝ носи храна. Понекогаш таа сама оди во потрага по храна, оставајќи го гнездото без надзор до 45 минути. Малечките се испилуваат истовремено, a првите 9 дена па до оперјувањето, мајката е постојано со нив и ги загрева. Кога малку ќе потпораснат и мажјакот почнува да ги храни. На возраст од 15 дена почнуваат да го напуштаат гнездото, но родителите и понатаму помагаат во исхраната. Се случува целото семејство да лета заедно при преселбата.

  1. BirdLife International (2012). Lanius senator. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Tony Harris & Kim Franklin (2000). Shrikes and Bush-Shrikes. Helm. ISBN 0-7136-3861-3.
  3. 3,0 3,1 3,2 Дементьев, Г. П.; Гладков, Н. А. (1953). Птицы Советского Союза. 6. Советская наука. стр. 49—53.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. Mullarney, Killian; Lars Svensson; Dan Zetterström & Peter J. Grant (2000). Птицы Европы. United States: Princeton University Press. стр. 326. ISBN 978-0-691-05054-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Harris, Tony (2000). Shrikes and Bush-Shrikes. Christopher Helm Publishers Lt. стр. 180–184. ISBN 0713638613.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]