Прекуморски департмани и региони на Франција
Прекуморски департмани и региони на Франција (француски: département et régions d’outre-mer или DROM) — департмани сместени вон европскиот дел на државата наречен континентална или метрополитенска Франција. Носат речиси ист политички статус како континенталните департмани, но имаат нешто поголем степен на автономија и не се вбројуваат во некои домашни статистики, како што е стапката на невработеност.
Како составен дел од Франција и Европската Унија, прекуморските департмани се застапени во Националното собрание, Сенатот и Економско-социјалниот совет, гласаат за претставници во Европскиот парламент и го користат еврото како своја валута.
Овие единици се разликуваат од прекуморските заедници, кои уживаат полуавтономија.
Секој прекуморски департман е единствен во свој сопствен прекуморски регион (région d'outre-mer) чии надлежности се истовени на регионите во Метрополска Франциј��. Поради ова целосно совпаѓање, овие две единици не се разликуваат во неслужбена употреба, па така француските медиуми речиси без исклучок го користат поимот „прекуморски департмани“ (département d’outre-mer или DOM).
Почнувајќи од март 2011 г. петте прекуморски департмани и региони на Франција се следниве:
- Француска Гвајана во Јужна Америка;
- Гваделуп и Мартиник во Карибите;
- Мајот и Реинион во Индискиот Океан, во водите околу Африка
Гваделуп и Реинион имаат посебни департмански и регионални совети, додека пак Мајот, Гвајана и Мартиник истите се споени во еден совет. Прекуморските департмани се стекнале со овие права со децентрализацијата од 1982 г. според која ним им следуваат регионални совети избрани со гласање, како и други регионални надлежности; меѓутоа, поимот „прекуморски регион“ влегол во службена употреба дури со уставниот амандман од 28 март 2003 г.
Историја
[уреди | уреди извор]Првиот (и краткотраен) обид за воспоставување на прекуморски департмани дошло со Наполеоновото заземање на Република Венеција во 1797 г. која владеела со Јонските Острови. Како и самата Венеција, островите потпаднале под власта на Францускиот директориум и биле поделени на три департмани: Егејско Море (Mer-Égée), Итака (Ithaque) и Крф (Corcyre). Во 1798 г. рускиот адмирал Фјодор Ушаков ги истерал Французите од овие острови; иако Франција успеала да ги поврати во 1807 г. идејата за департманите била напуштена.
Согласно уставот на Четвртата Република од 1947 г. француските колонии Алжир[1] во Северна Африка, Гваделуп и Мартиник во Карибите, Француска Гвајана во Јужна Америка и Реинион во Индискиот Океан биле прогласени за прекуморски департмани. Алжир се осамостоил во 1962 г. а останатите и денес се департмани на Франција.

Прекуморската заедница Свети Петар и Микелон била прекуморски департман од 1976 до 1985 г. Секој од петте прекуморски департмани има помеѓу 200.000 и милион жители; само Свети Петар и Микелон има 6.000, поради што му е доделен статус на заедница.
Мајот првично бил прекумроска заедница, а станал департман на 31 март 2011 г. согласно изјаснувањето на граѓаните на референдум одржан две години претходно.
Население
[уреди | уреди извор]Година | Нас. | ±% |
---|---|---|
1950 | 720.000 | — |
1960 | 949.000 | +31.8% |
1970 | 1.194.000 | +25.8% |
1980 | 1.286.000 | +7.7% |
1990 | 1.566.000 | +21.8% |
2000 | 1.865.000 | +19.1% |
2010 | 2.148.000 | +15.2% |
Извор:[2] |
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Israel in Search of a War: The Sinai Campaign, 1955-1956, стр. 39, Moti Golani, Avi Shlaim, Sussex Academic Press 1998
- ↑ Изгледи за светското население: Преработка од 2010 г. (англиски)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Министерство за прекуморски департмани и територии (француски)
- Минати и сегашни измени во прекуморските управни единици на Франција како департманите и регионите (француски)
|
|