Прејди на содржината

Немезида (митологија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Немезида
Νέμεσις
Статуа на Немезида во Лувр од II век
Заслужена одмазда
Симболвага, тркало, меч, бич, лак и стрела, узди
СопружникЗевс
РодителиНикта
или Никта и Ереб
Браќа/сестриМом, Морос, Танат, Хипнос, Харон, Онеири, Хеспериди, Кери, Мојрите, Апата, Филота, Герас и Ерида
ДецаЕлена од Троја
Римски панданИнвидија

Немезида (или Немсис) (грчки: Νέμεσις) во строгрчката митологија е божица на одмаздата која казнува по заслуга.

Немезида уште е нарекувана и Рамнонта (божица на Рамнонт, гратче во Атика, каде што било нејзиното светилиште, северно од Маратон) и го претставувала духот на божествената одмазда против арогантните (оние кои покажувале ароганција кон боговите). Се појавува и со името Адрастеја, со значење - неизбежност.[1] Во антиката била персонифицирана како безмилосна одмаздничка судбина: божица на одмаздата. Зборот νέμειν (немин), значи „да се добие она што се заслужило“.[2]

Митологија

[уреди | уреди извор]

Според Хесиод, Немезида е ќерка на Никта, која ја родила со многуте други браќа и сестри, а заради лутината кон титанот Крон кој го кастрирал својот татко Уран, и му ја презел власта. Тогаш Никта по пат на партеногенеза, освен Немезида ги родила и: Мом (вината, критиката), Морос (судбината, проклетството), Танат (смртта), Хипнос (сонот), Харон, Онеирите (сништата), Хесперидите (вечерите), Керите (насилнaта смрт), Мојрите (судбината), Апата (измамата), Филота (дружењето, нежноста), Герас (староста) и Ерида (караницата, раздорот).

Како ќерка на Ноќта (Никта), Немезида била присутна секаде каде што се кршела Правдата (Темида). Секаде ја следи Срамот (Ајда) и кога човечкиот род сосема ќе се расипе, овие две божици засекогаш ќе ја напуштат Земјата и ќе се вратат меѓу боговите на Олимп. Немезида е стога и девствена божица. Ги казнува суетата и горделивоста, па затоа го казнила и убавиот Нарцис. Ја менува судбината на луѓето и ги опоменува да бидат умерени. Немезида ги дарувала луѓето со среќа или несреќа, според нивните заслуги. По тоа, таа се разликува од Ериниите, кои само ги казнувале луѓето. И покрај тоа што дарувала среќа, Немезида почесто казнувала, што е во тесна врска со постапките на луѓето и нивните карактери. Особено ги казнувала оние кои ќе ја прешле границата, т.е. оние кои не знаеле да ја ценат ненадејната среќа и благосостојба, па си дозволувале другите луѓе да ги прават несреќни.

Според едн мит, Зевс сакал да ја придобие љубовта на Немезида, но таа бегала од него и преку копно и преку море, преобразувајќи се во разни животни. Кога се преобразила во гуска, Зевс ја стигнал преобразувајќи се во лебед, така спојувајќи се со неа. Од таа врска излегло сино јајце од кое се родила убавата Елена[3].

Немезида била особено почитувана меѓу Јонците. Двете нејзини најпознати светилишта биле во Смирна и во Атика (во Рамнонт). Подоцна, во хенско-римската епоха, под влијание на религискиот синкретизам (спојување на религиите), станала универзално божество сродно со Кибела, Адрастеја и Изида. Особено била почитувана за време на одржување на игрите, за да бдее над правилата и да го прогласува победникот. Исто така, особено ја почитувале војниците. Нејзините статуи најчесто се наоѓаат во гимназиумите, амфитеатрите и на хиподромите.

  1. Есхил, Окованиот Прометеј 936; Еврипид, Резус 342
  2. Entry economy in the Online Etymological Dictionary
  3. Цермановиќ-Кузмановиќ, А. & Драгослав Срејовиќ, 1992 Лексикон на религии и митови, Современа администрација, Белград

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]