Лимон
Лимон | |
---|---|
Лимоново дрво со цвет и плод. | |
Научна класификација | |
Царство: | Plantae |
Нерангирано: | Magnoliophyta |
Нерангирано: | Eudicotidae |
Нерангирано: | Rosidae |
Ред: | Sapindales |
Семејство: | Rutaceae |
Род: | Citrus |
Вид: | C. × limon |
Научен назив | |
Citrus × limon, честопати C. limon (L.) Osbeck |
Лимонот (лат. Citrus × limon) е име за дрво и плод од родот Citrus (фамилија Rutaceae). Тој е вид на мали зимзелени дрвја, со потекло од Азија. Елипсовидниот, жолт плод на лимоновото дрво се користи за кулинарски и некулинарски цели ширум светот, првенствено поради неговиот сок.[1] Пулпата и кората се користат за готвење и печење. Сокот од лимон содржи околу 5-6% лимонска киселина, со pH околу 2.2, давајќи му кисел вкус на сокот. Киселиот вкус на сокот го прави клучна состојка во разни видови на пијалаци и храна, како што се лимонада и колач од лимон.
Историја на култивација
[уреди | уреди извор]Потеклото на лимонот е непознато, иако се верува дека лимоните првобитно биле одгледувани во Асам (регион во североисточна Индија), северна Бурма или Кина.[1] Студија за генетското потекло на лимонот потврдила дека растението е хибрид помеѓу горчливиот портокал (кисел портокал) и цитронот.[2][3]
Лимонот влегол во употреба во Европа преку јужна Италија за време на Стариот Рим во вториот век,[1] но не бил широко култивиран. Околу 700-тата година лимонот се проширил прво во Персија, а потоа во Ирак и Египет.[1] Првите литературни записи за оваа овошка потекнуваат од арапските записи за земјоделство од 10 век, а во раните исламски градини дрвото било користено како украсно растение. Поширокото распространување на лимонот во арапскиот свет и средоземниот регион се случува меѓу 1000 и 1150 година.
Првото значително одгледување на лимони во Европа започнало во Џенова во средината на 15 век. Лимонот подоцна бил воведен во Америка во 1493 година, кога Кристофер Колумбо донел семиња од лимон на островот Хиспаниола во тек на едно од неговите патувања. Шпанските освојувања низ Новиот Свет помогнале во распространување на лимонот. Тој главно се користел како украсно растение и за медицински цели. Во 19 век, лимонот сè повеќе се култивирал во Флорида и Калифорнија.[1]
Во 1747 година, експериментите на Џејмс Линд на морнари кои боледувале од скорбут, вклучувале додавање на сок од лимон во нивната исхра��а, иако витаминот Ц сè уште не бил познат.[4]
Потеклото на зборот "лимон" може да е од Блискиот Исток. Зборот влече корени од старо-францускиот збор limon, италијанскиот збор limone, од арапскиот збор laymūn или līmūn, и од персискиот līmūn, кој е заеднички термин за агруми, а е сроден со санскритскиот nimbū ("лимета").[5]
Вариетети
[уреди | уреди извор]Лимонот се одгледува ширум светот, со голем број на вариетети. Разликите помеѓу новите вариетети се само во нивниот надворешен изглед, додека нивните хранливи својства и стопанското значење се непроменети. Лимонот ретко се користи како свежо овошје, па промените во вкусот со добивање на нови вариетети не се многу важни. За индустриска употреба е добар било кој вариетет, освен можеби оние вариетети кои не се доволно трајни, па поради тоа мора веднаш по берењето да бидат искористени. Таков вариетет е хибридот меѓу црвениот и слаткиот лимон, чии плодови се слатко-кисели, а поради тоа одгледувачите ги користат како свежо овошје. Нивниот плод мора да се потроши за два-три дена по бербата, поради што овој вариетет е скоро непознат.
Лимонот се дели на жолт и зелен, но ова е само комерцијална поделба, бидејќи и двата вида на плод растат на исто дрво. Зелениот лимон се развива од пролетниот цвет, со вештачки предизвикана суша, која мора да трае околу 40 дена, меѓу месеците јуни и јули. На тој начин се добива пролетен плод, кој има тенка зелена кора и многу сочна содржина. Таквиот плод издржува долг транспорт и складирање, што овозможува извоз низ целиот свет. Жолтите плодови, кои се почести на пазарот, растат на истото дрво, само што созреваат во зимскиот период. Со ваквиот начин на култивирање на дрвото, се скратува животниот век на растението, но сепак често се користи бидејќи е комерцијално исплатлив.
Сојот "Bonnie Brae" е долгнавест, гладок, со тенка кора и без семки.[6] Најчесто расте во округот на Сан Диего, САД.[7]
Сојот "Eureka" раѓа изобилно во текот на целата година. Овој сој е најчесто продаваниот лимон во супермаркетите,[8] познат и како "четири сезони" (Quatre Saisons) поради неговата способност да цвета и дава плод во текот на целата година. Овој сој се одгледува и по домаќинствата.[9] Постојат розе Eureka лимони, со розова боја на внатрешниот сочен дел и со зелено-жолта, шарена кора.[10]
Сојот "Femminello St. Teresa" или "Sorrento"[11] потекнува од Италија. Кората на ова овошје е богата со лимонски масла, затоа овој сој се користи за правење на познатиот ликер limoncello.
Сојот "Meyer" е хибрид помеѓу лимонот и, веројатно, портокалот или мандарината. Именуван е по Френк Н. Мејер, кој прв го вовел во САД во 1908 година. Овој сој има тенка кора, и е помалку кисел од претходно наведените соеви. Meyer лимоните бараат поголема грижа при транспортот и затоа не се одгледуваат за комерцијални цели. Зрелите лимони од овој сој имаат жолто-портокалова боја, и се потолерантни на мраз од другите соеви.
Сојот "Ponderosa" е чувствителен на мраз, има дебела кора и покрупни плодови. Најверојатно е хибрид меѓу лимонот и цитронот.
Сојот "Yen Ben" е австралазиска сорта.[12][13]
Особености
[уреди | уреди извор]Лимонот е ниско дрво, со висина 3-6 метри, со голи, кожести, трајно зелени и силно ароматични листови. Младите пупки и цветните ливчиња се виолетови. Плодот е бобинка, со жолта боја, со елиптичен или скоро сферичен облик, внатрешноста му е безбојна со мала петелка на едниот крај и шилест завршеток на спротивниот крај. Кората може да е лесно рапава или глатка, а од внатрешната страна таа е обложена со бела сунѓереста обвивка која се нарекува албедо и не се јаде. Иако растението може понекогаш да се одгледува како украсно растение, сепак неговите насади најчесто се користат за добивање на плодови.
Лимоновото дрво може да раѓа и двапати годишно во соодветно климатско подрачје. Пролетното цветање, од кое се добиваат најдобрите плодови, трае најмалку два месеца, а исто толку време зрелите плодови можат да стојат на гранките додека не се наберат, што дозволува непрекинато берење во тек на цела зима, од ноември па сѐ до април или мај. Другото цветање се предизвикува вештачки, во комерцијалните насади, и трае во тек на август и септември, а плодовите почнуваат да се берат во мај, веднаш по бербата на последните зимски плодови.
Еден лимон содржи околу 57% на јадлива материја, на кората отпаѓа 40%, а на семките околу 3%. Секако дека ова се просечни вредности кои можат да отстапуваат кај разните вариетети. Од тука произлегува дека лимонот не се користи само за довивање на сок и лимонска киселина. Од кората се прави кандирано овошје, се добиваат етерични масла и пектин. Од семињата се добива масло, а остатокот се преработува во храна за животни. Едно возрасно дрво, во поволни климатски услови, дава 600-800 плодови годишно.
Хранлива вредност и фитохемикалии
[уреди | уреди извор]Хранлива вредност на 100 г | |
---|---|
Енергија | 121 kJ (29 kcal) |
9,32 г | |
Шеќери | 2,5 г |
Влакна | 2,8 г |
0.3 г | |
1,1 г | |
Витамини | |
Тиамин (Б1) | (3 %) 0,04 мг |
Рибофлавин (Б2) | (2 %) 0,02 мг |
Ниацин (Б3) | (1 %) 0,1 мг |
Пантот. кис. (Б5) | (4 %) 0,19 мг |
Витамин Б6 | (6 %) 0,08 мг |
Фолна кис. (Б9) | (3 %) 11 μг |
Холин | (1 %) 5,1 мг |
Витамин Ц | (64 %) 53 мг |
Минерали | |
Калциум | (3 %) 26 мг |
Железо | (5 %) 0,6 мг |
Магнезиум | (2 %) 8 мг |
Манган | (1 %) 0,03 мг |
Фосфор | (2 %) 16 мг |
Калиум | (3 %) 138 мг |
Цинк | (1 %) 0,06 мг |
| |
Постотоците се приближно пресметани според препораките за возрасни лица во САД. Извор: База за хранливост — USDA |
Лимонот е богат извор на витамин Ц, со тоа што 100 грама задоволуваат 64% од дневните потреби (види табела).
Меѓутоа, другите есенцијални хранливи материи се со занемарлива содржина (види табела).
Лимонот содржи бројни фитохемикалии, вклучувајќи полифеноли, флавоноиди, органски киселини, терпени и танини.[14] Етеричното масло од лимон е бистра, безбојна или слабо жолтеникава течност со специфичен, слабо ароматичен мирис на лимон и горчлив вкус. Се состои од монотерпенскиот јаглеводород лимонен (90%), а мирисот се должи на мирисниот алдехид цитрал, кој го има 3-8%. Во помала мера е присутен цитронелал и други терпени. Под дејство на воздух, маслото се усмолува и добива терпентински мирис, а може да дојде до одвојување на кафеава смолеста маса. Маслото се користи како ароматик и коригенс. Големи количества се трошат во козметичкото и во парфимериско производство и во прехранбената индустрија.[15]
Како и другите агруми, лимонот содржи голем процент на лимонска киселина (околу 47 g/l, во сокот).[16]
Употреба во кулинарството
[уреди | уреди извор]Сокот од лимон, и неговата кора, се користат во различни видови на храна и пијалаци. Целиот лимон се користи за подготовка на мармалади, лимонова сурутка и лимонов ликер. Кришките од лимон и неговата кора, се користат за гарнирање на храна и пијалаци. Кората од лимонот, излупениот површински слој на плодот, се користи за подобрување на вкусот на пецивата, пудинзите, оризот и други јадења.
Сок од лимон
[уреди | уреди извор]Плодот на лимонот содржи 40-50% сок. Бојата на сокот е жолта до бледо зеленикава, а вкусот е кисел. Содржи 8% на лимонска киселина, помали количини на други органски киселини, околу 3% шеќери, и најмногу витамин Ц од сите витамини. Сокот, пред употреба, се пастеризира или концентрира. Пастеризираниот сок е траен, и без конзерванс, најмалку година дена, и се користи како додаток на јадења и пијалаци. Концентрираниот сок, обично, се користи за понатамошна индустриска преработка за готови јадења и пијалаци.
Кора
[уреди | уреди извор]Во Мароко, лимонот се конзервира во тегли или буренца со сол. Солта ја натопува кората, ја омекнува и создава заштитен слој, така да плодовите не се расипуваат долго време. Конзервираните лимони се користат на различни начини во подготовката на храна. Конзервираниот лимон се користи, исто така, и во сицилијански, италијански, грчки и француски специјалитети.
Листови
[уреди | уреди извор]Листовите од лимон се користат за подготовка на чај, и при подготовка на марени меса и морска храна.
Други употреби
[уреди | уреди извор]Индустриска употреба
[уреди | уреди извор]Лимонот бил примарен комерцијален извор на лимонска киселина, пред да се развие процесот заснован на ферментација.[17]
Како средство за чистење
[уреди | уреди извор]Сокот од лимон може да се користи и за чистење. Пресечениот плод се натопува во сол или во прашок за печиво и со него се чистат бакарни садови. Лимонската киселина ги раствора дамките и, на тој начин, помага во чистењето. Се користи и како санитарен кујнски дезедоранс, при што сокот од лимон освежува, дезинфицира, отстранува маснотии и избелува дамки; кога ќе се помеша со прашок за печиво, може да отстрани дамки од пластичните садови за складирање на храна. Маслото од лимоновата кора се користи за чистење на дрво и полирање. Неговата способност да раствора, се употребува за отстранување на стари восоци, отпечатоци од прсти и нечистотија. Маслото од лимон, заедно со маслото од портокал, се користи за нетоксични инсектицидни третмани.
Пресечениот лимон може да се користи за навлажнување на прстите кај луѓето кои пребројуваат големи количини на пари (благајници).
Во медицината
[уреди | уреди извор]Многу пред развојот на модерната фармакологија, лимонот се употребувал како лек. Се сметало дека има лековито дејство против крварење од отворени рани и за чистење на загноени рани. Уште античките морепловци знаеле за дејството на лимонот во лечење на скорбутот, и затоа на далечните патувања носеле големи резерви од ова овошје.
На Сицилија, која отсекогаш имала проблеми со снабдување со питка вода, често во резервите на питка вода се ставале свежи половинки на лимон. Луѓето од искуство знаеле дека лимонот ја дезинфицира водата, факт кој модерната наука подоцна го потврдила.
Лимонот е една од најкорисните намирници на планетата. Изобилува со витални хранливи состојки и поволно делува на функцијата на црниот дроб, цревата, желудникот, имунолошкиот, нервниот и кардиоваскуларниот систем. Редовното консумирање на лимони може да спречи или да делува благопријатно на некои заболувања, како што се: ларингит, бронхит, грип, настинка, висок крвен притисок, бактериски инфекции, кај бубрежни и жолчни камчиња и др.[18] Високата содржина на селен и витамин Ц, ја зголемува одбранбената моќ на телото, а антиоксидативното дејство го забавува стареењето на ткивата.
Етеричното масло од лимон се користи во ароматерапијата и делува релаксирачки за организмот.[19]
Хортикултура
[уреди | уреди извор]За одгледување на лимонот неопходно е минималната температура да не падне под 7° С, поради што стеблата на лимонот во умерената клима не се плодни во текот на целата година.[20] Дрвото треба минимално да се крои, при што се отстрануваат само прегустите гранки, а со отсекување на највисоките гранки се поттикнува грмушесто растење. Во текот на летото се отстрануваат дел од фиданките, што овозможува убав развој на крошната. При кроењето се отстрануваат непожелните брзорастечки изданоци, наречени водени изданоци, од главните гранки или од средината на растението.[20]
Најголеми произведувачи
[уреди | уреди извор]Во 2014 година, светското производство на лимон (заедно со лимета) изнесувало 16.3 милиони тони. Најголемите светски произведувачи биле Индија, Мексико, Кина, Аргентина, Бразил, кои заедно придонеле за 59% од вкупното светско производство.[21]
Лимонот како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Хемингвеевиот лимон“ (Хемингвејев лимун) - кус расказ на македонскиот писател Митко Маџунков од 1984 година.[22]
- „Лимоновата песна“ (The Lemon Song) - песна на британската рок-група „Лед Цепелин“ (Led Zeppelin) од 1969 година.[23]
- „Лимон“ (Lemon) - песна на британската рок-група „У2“ (U2) од 1993 година.[24]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Плантажа на лимони
-
Лимоново дрво
-
Виолетови пупки и цветови на лимон
-
Цвет од лимон
-
Зрели плодови на лимон
-
Зелен плод
-
Пресечен плод
-
Eureka вариетет со розов сочен дел од плодот.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Lemon“. hort.purdue.edu. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Gulsen, O.; Roose, M. L. (2001-05-01). „Lemons: Diversity and Relationships with Selected Citrus Genotypes as Measured with Nuclear Genome Markers“. Journal of the American Society for Horticultural Science (англиски). 126 (3): 309–317. ISSN 0003-1062.
- ↑ „Genetic origin of cultivated citrus determined: Researchers find evidence of origins of orange, lime, lemon, grapefruit, other citrus species“. ScienceDaily (англиски). Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Bartholomew, M (2002). „James Lind's Treatise of the Scurvy (1753)“. Postgraduate Medical Journal. 78 (925): 695–696. doi:10.1136/pmj.78.925.695. ISSN 0032-5473. PMC 1742547. PMID 12496338.CS1-одржување: PMC-формат (link)
- ↑ „lemon | Origin and meaning of lemon by Online Etymology Dictionary“. www.etymonline.com (англиски). Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Spalding, William A. (1885). The Orange: Its Culture in California: With a Brief Discussion of the Lemon, Lime, and Other Citrus Fruit. With an Appendix on Insects Injurious to Citrus Trees, and how to Combat Them. (From the Work of the Hon. Matthew Cooke) (англиски). Press and Horticulturist Steam Print.
- ↑ Carque, Otto (2006-07). Rational Diet: An Advanced Treatise on the Food Question (англиски). Kessinger Publishing. ISBN 9781428642447. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Admin, Four Winds Growers. „Principal Dwarf Lemon Varieties - Dwarf Citrus Trees, Meyer Lemon, Kieffer Lime, Oranges – Order Online – Four Winds Growers“. www.fourwindsgrowers.com. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Buchan, Ursula (2005). „Kitchen garden: lemon tree“ (англиски). ISSN 0307-1235. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ „variegatedpink“. www.citrusvariety.ucr.edu. Архивирано од изворникот на 2017-12-01. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ „Taste of a thousand lemons“. Los Angeles Times (англиски). 2004-09-08. ISSN 0458-3035. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Taonga, New Zealand Ministry for Culture and Heritage Te Manatu. „1. – Citrus, berries, exotic fruit and nuts – Te Ara Encyclopedia of New Zealand“. teara.govt.nz (англиски). Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Resources, University of California Agriculture and Natural. „New Zealand Citrus“. ceventura.ucanr.edu (англиски). Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Rauf, Abdur; Uddin, Ghias; Ali, Jawad (2014). „Phytochemical analysis and radical scavenging profile of juices of Citrus sinensis, Citrus anrantifolia, and Citrus limonum“. Organic and Medicinal Chemistry Letters. 4: 5. doi:10.1186/2191-2858-4-5. ISSN 2191-2858. PMC 4091952. PMID 25024932.CS1-одржување: PMC-формат (link)
- ↑ Кулеванова, Светлана (2004). Фармакогнозија: фитохемија и природни лековити и ароматични суровини. Скопје: Култура. стр. 577–579.
- ↑ Penniston, Kristina L.; Nakada, Stephen Y.; Holmes, Ross P.; Assimos, Dean G. (March 2008). „Quantitative assessment of citric acid in lemon juice, lime juice, and commercially-available fruit juice products“. Journal of Endourology. 22 (3): 567–570. doi:10.1089/end.2007.0304. ISSN 0892-7790. PMC 2637791. PMID 18290732.CS1-одржување: PMC-формат (link)
- ↑ Hofrichter, Martin (2010-09-13). Industrial Applications (англиски). Springer Science & Business Media. ISBN 9783642114588.
- ↑ „Limun“. alternativa-za-vas.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-03-05. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Cooke, B.; Ernst, E. (June 2000). „Aromatherapy: a systematic review“. The British Journal of General Practice: The Journal of the Royal College of General Practitioners. 50 (455): 493–496. ISSN 0960-1643. PMC 1313734. PMID 10962794.CS1-одржување: PMC-формат (link)
- ↑ 20,0 20,1 „Lemon Tree“. The Art and Science of Horticulture and Gardening (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-03-11. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ „FAOSTAT“. www.fao.org. Посетено на 2018-03-02.
- ↑ Митко Маџунков, Међа света. Београд: Просвета, 1984, стр. 176-177.
- ↑ DISCOGS, Led Zeppelin – Led Zeppelin II (пристапено на 7.1.2021)
- ↑ DISCOGS, U2 – Lemon (пристапено на 7.1.2021)
|