Прејди на содржината

Градски парк (Скопје)

Координати: 42°00′36″N 21°25′00″E / 42.01000° СГШ; 21.41667° ИГД / 42.01000; 21.41667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Градски парк
Поглед на шеталиште во паркот
Карта
ВидГрадски парк
МестоСкопје, Македонија
Координати42°00′36″N 21°25′00″E / 42.01000° СГШ; 21.41667° ИГД / 42.01000; 21.41667
Градскиот парк во Скопје помеѓу двете светски војни
Статуа на Гоце Делчев на еден од влезовите во паркот
Статуа на божицата Венера во фонтана во паркот
Паркот во зима

Градски паркјавен парк во Скопје и најголемиот градски парк во земјата. Почнал да се формира некаде во XIX век[1]. Културата на уредување на градини и одгледување цвеќе кај Македонците е стара колку и нивното постоење, но зелени површини од јавен карактер во Скопје се јавуват дури кон крајот на XIX и почетокот на XX век, од кога и датираат првите податоци за градскиот парк.

Историја

[уреди | уреди извор]
Земјотресот во Скопје од 1963 година: Влезот на градски парк со шатори

Паркот е изграден за време на скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша (турски:Hafiz Mehmed Paşa), веднаш по изградбата на занаечиското училиште „Ислахане“, во негова непосредна близина. Почетната зелена површина зафаќала простор од околу 16.000 м2. Дел од оваа прва локација на Паркот постои и денес, тоа е делот околу ресторанот Кермес.

  • 1923 — Австриски парковски градинар го проширува паркот кон Зоолошката градина.
  • 1925 — Инженерот Протиќ организира Управа за гредско зеленило и го проширува Паркот спорет принципите на тн. „Француска школа“.
  • 1931 — Градскиот парк го зазема целиот простор до каналот во непосредна близина на насипот.
  • 1933 — Се уредуваат сите патеки низ целиот Градски парк.
  • 1941 — Првиот дел од Паркот го добива својот конечен облик. Систематско уредување на вториот дел од Паркот започнува со доаѓањето на Д-р Славко Караман како директор на Зоолошката градина. Во негово време е изработен системот за наводнување кој ја користи водата од реката Вардар, изработени се пешачки патеки и збогатена е флората во Паркот.
  • 1941-1945 – Настапува стагнација во проширувањето и уредувањето на паркот. Во овој период директно се оштетени делови од паркот за камуфлирање на единиците на неприателската војска.
  • 1945 – По ослободувањето, заедно со општата изградба и обнова, започнува и обновата и проширувањето на Паркот. Во овој период неговата површина се зголемила на 114 хектари.
  • На 21 јули 1948 година, градено во само два месеца, свечано е пуштено во сообраќај Пионерското вовче, од почетната станица во Градскиот парк.
  • 1963 – По земјотресот се пристапило кон регулација на коритото на реката Вардар за да се спречат идни поплави, Како резултат на тоа се спуштило нивото на подземните води, што довело до сушење на старите дрвја и пропаѓање на новиот дел.
  • 1970Насипот бил завршен и паркот набргу го добил денешниот облик.

Денешна површина која го зазема Градскиот парк е 486,000 м2, и се простира помеѓу улицата Ленинова од исток, Булевар „Октомвриска револуција“ од запад, реката Вардар од север и Булевар „Илинден“ од југ.

Флора и фауна

[уреди | уреди извор]

Реонот на градскиот парк се одликува со посебно ретки и квалитетни насади.

Вегетацискиот состав е изграден главно од видовите кои му припаѓаат на јужноевропското средоземно подрачје. Но се среќаваат и видови од речиси сите страни на светот. Вреди да се издвои гинкото (Ginkgo biloba), последен вид од одамна исчезнатото семејство (Ginkoaceae), жив фосил од 150 милиони години! Во Градскиот Парк се среќава и (Sequoiadendron giganteum) или Џиновска секвоја, за која се вели дека е најголемиот жив организам на планетата! Може да достигне 90 метри во височина и 11 метри во диаметар.

Животинскиот свет е составен дел од фауната на Скопската Котлина, односно животните кои денес се среќаваат во паркот го населувале ова подрачје и пред неговото формирање.

Во Градскиот парк може да се сретнат преку 90 вида птици, од кои дел гнездат во него а дел го користат како попатна станица при нивната миграција. Меѓу другите, можат да се сретнат видови како зелен клукајдрвец, пупунец, ќук, па и некој ретки како што е малиот корморан.

Од цицачите, често и во присуство на луѓе, можат да се видат верверици и ежиња, а по тревниците куповите земја што ги исфрлаат кртовите при копање на нивните ходници. Во езерцата и каналите во Паркот живеат неколку видови жаби и тритони, а неретко може да се забележи и змијата белоушка која се храни со нив, Од рептилите значајно е присуството на скопскиот гекон кој излегува навечер околу светлината на околните објекти каде што лови мушички.

Во летните месеци паркот е дом на огромен број инсекти од кои како поинтересни може да се издвојат еленчето, неколку видови богомолки, скакулци и пеперутки.

  1. Документи за историјата на Скопје. Историски архив — Скопје. 1968.

Поврзано

[уреди | уреди извор]