Прејди на содржината

Горни Подлог

Координати: 41°57′52″N 22°23′0″E / 41.96444° СГШ; 22.38333° ИГД / 41.96444; 22.38333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Горни Подлог

Поглед на Горни Подлог

Горни Подлог во рамките на Македонија
Горни Подлог
Местоположба на Горни Подлог во Македонија
Горни Подлог на карта

Карта

Координати 41°57′52″N 22°23′0″E / 41.96444° СГШ; 22.38333° ИГД / 41.96444; 22.38333
Регион  Источен
Општина  Кочани
Област Кочанско Поле
Население 571 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2307
Повик. бр. 033
Шифра на КО 13010
Надм. вис. 314 м
Слава Илинден
Горни Подлог на општинската карта

Атарот на Горни Подлог во рамките на општината
Горни Подлог на Ризницата

Горни Подлог — село во Општина Кочани, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во јужниот дел на Општина Кочани, од десната страна на реката Брегалница.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 314 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено само 4 километри, па дури може и да се смета дека припаѓа на неговата рурбална зона.[2]

До селото води асфалтен пат, кој се двои од експресниот пат Штип-Кочани (А3).

Горни Подлог е изразено низинско село, сместено југозападно од градот Кочани и во непосредна близина на Долни Подлог на запад и Мојанци на југ. Во минатото, водата за пиење доаѓала од три бунари на длабочина од 2-3 метри.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Горни и Долни Лаки, Мокра, Кукудина, Владичко Поле, Долно Поле, Мојанско Поле, Стари Лозја и Пазарски Пат.[3]

Селото има збиен тип, поделено на Горно и Долно Маало. Долно Маало е поново, создадено по 1945 година.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Споменик на НОБ во селото

Според денешното население, селото не е многу старо. Било основано од македонски доселеници на земјата на некои чифликсајбии. Како најстари родови се сметаат Ефремови, Лазареви и Нановци. Сите тие дошле на почетокот на XIX век, додека предците на останатите родови дошле подоцна.[3]

Горни и Долни Подлог некогаш биле едно село, но потоа Кочанска Река го издлабила коритото помеѓу нив и оттогаш тие се посебни села. Во поново време, реката повторно го променила своето корито и сега тече северно од овие села. Во близина на селото се познава напуштеното речно корито.[3]

За време на отоманскиот период, Горни Подлог останало македонско село. При ослободувањето од Турците во него имало 25 македонски куќи. Сите мештани работеле на чифлиците.[3]

Во минатото, селото често страдало од излевањето на Кочанска Река. Големи поплави се случиле во 1926 и во 1936 година. Од 1952 година престанале поплавите, бидејќи за реката било ископано ново корито.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Објектот на поранешната земјоделско-сточарската задруга „Моша Пијаде“

Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од само 2,7 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 244,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 8,5 хектари, а на шумите помалку од еден хектар.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него има продавници и угостителски објекти.[2]

Атарот на селото до 1912 година припаѓал на турските чифликсајбии, а Македонците немале своја земја. Чифликсајбиите живееле во Зрновци и во Кочани. Последни од нив биле од Зрновци: Љатив-бег, Бари-бег, Зула-бег, Риза-бег, Тасим-ефенди и Амет-паша. Имињата на чифликсајбиите од Кочани не се памтат. Тогаш и некои кочански мештани (Македонци) купиле своја земја.[3]

Во социјалистичкиот период, во селото постоела земјоделско-сточарската задруга „Моша Пијаде“, која била надлежна и за селото Долни Подлог и Мојанци.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948435—    
1953531+22.1%
1961668+25.8%
1971713+6.7%
1981747+4.8%
ГодинаНас.±%
1991758+1.5%
1994749−1.2%
2002704−6.0%
2021571−18.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горни Подлог живееле 230 жители, сите Македонци.[4]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Горни Подлог имало 280 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[6]

Селото е средно по големина, но со пораст на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 668 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 749 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, селото имало 704 жители, од кои 702 Македонци, 1 Србин и 1 Влав.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 571 жител, од кои 538 Македонци, 2 Бошњаци, 4 останати и 27 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 230 280 435 531 668 713 747 758 749 704 571
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Горни Подлог е македонско православно село. Сите родови во селото се доселеници.[3]

Според истражувањата од 1960 година, родови во селото:

  • Родови доселени во текот на турското владеење: Ефремовци (5 к.) и Газарци (3 к.), потекнуваат од ист предок. Доселени се од селото Тркање; Наневци (11 к.) и Лазаровци (5 к.), доселени се, но не знаат од каде; Кузмановци (3 к.), Витановци (2 к.) и Зашовци (2 к.), порано биле еден род. Доселени се, но не знаат од каде; Андовци (3 к.), Таневци (3 к.) и Тоневци (3 к.), доселени се од селото Мојанци; Теренчанци (5 к.), доселени се од селото Теранци; Манчевци (3 к.) и Денковци (2 к.), доселени се од селото Долни Подлог; Атанасовци (3 к.), доселени се од селото Безиково; Ѓерасимовци (2 к.) и Уткинци (2 к.), доселени се од селото Соколарци; Мустревци (2 к.), Комарци (1 к.) и Тасевци (1 к.), порано биле еден род, и доселени се од селото Мојанци; Домазетовци (3 к.), Андовци (3 к.), Чанданци (3 к.), Миајловци (1 к.), Грашковци (5 к.) и Давидовци (2 к.), сите овие родови се доселени, но не знаат од каде.
  • Родови доселени од 1912 до 1946 година: Грковци (2 к.), доселени се од селото Мојанци; Рашковци (2 к.), доселени се од некое село Чурилек кај Делчево; Маријинци (3 к.), доселени се од селото Облешево; Сандо (1 к.), доселени се од селото Пашаџиково; Лазар (1 к.), доселени се од селото Полаки; Шутевци (5 к.), доселени се во 1942 година од селото Пресека; Безинковци (2 к.), доселени се во 1946 година од селото Безиково; Малин (1 к.), доселени се од селото Речани; Трајан (1 к.), доселени се од селото Касир на Осогово.

Поновите доселеници главно добиле и се населиле на земјата добиена од државните власти. Во селото постои и едно бегалско семејство од Егејска Македонија. Тоа се Самандови (2 к.), од селото Пожар, Леринско.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Во поново време е забележано намалување на бројот на жителите.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

На крајот од XIX век, Горни Подлог било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кочани, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кочани.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кочани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Горни Подлог се наоѓале селата Бања, Долни Подлог, Мојанци, Облешево, Спанчево, Тркање и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Долни Подлог, во која влегувале селата Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци и Тркање.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0862 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 554 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 556 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Цркви[16]
Манастири
Споменици
  • Споменик на НОБ со спомен-плоча

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[3]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 75. Посетено на 19 октомври 2024.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 141-142. OCLC 16745284.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 227.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 октомври 2024.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 19 октомври 2024.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]