Боро Ангелов
Боро Ангелов(ски) - Ваташки | ||
Роден | 13 ноември 1919 година Ваташа, Кавадарци | |
---|---|---|
Починал | 13 ноември 1954 година | |
Националност | Македонец | |
Познат | Македонски партизан, борец во НОБ. | |
Сопружник | Христина | |
Татко | Ташо Ангелов | |
Мајка | Лена Ангелова | |
Деца | Олга Ангеловска | |
Брат | Димката Ангелов Габерот | |
Брат | Наќо Ангелов-Рочко |
Боро Ангелов - Ваташки (13 ноември 1919[1] во Ваташа — 13 ноември 1954 во ) — учесник во НОВ на Македонија, брат на Димката Ангелов-Габерот и Наќо Ангелов.[2]
Животопис
[уреди | уреди извор]Мошне рано се вклучил во редовите на револуционерното движење. Во септември 1941 година Боро Ангелов во новиот состав на Месниот комитет бил назначен за инструктор по воени прашања. Кон крајот на септември истата година во месноста "Раштани" положил партизанска заклетва и присуствувал на формирањето на партизанскиот одред, но поради не добивање на директива одредот не отпочнал со борбени дејства.[2]
Во март 1942 година по партиската провала што ја направил Тодор Новев од Мрамор, Боро бил уапсен од полицијата и одлежал неколку месеци затвор. Во почетокот на мај 1943 година Боро е еден од првите борци на партизанскиот одред "Добри Даскалов", една од најкрупните партизански единици во тој период во Македонија. Во втората половина на мај 1943 година бил избран за интендант на Третата оперативна зона. На 28 мај истата година од Неготино спровел осум нови борци во партизанскиот одред "Добри Даскалов". Во jyли 1943 година Боро Ангелов заедно со Мито Хаџи Василев, Мито Мицајков и Душко Деловски добиле задача да формираат народно-ослободителни одбори (НОО) и други органи на народната власт по селата во Тиквешијата. Во ноември 1943 година Ваташки е избран за член на Околискиот комитет на КПМ, а во септември 1944 година е поставен за секретар на Околискиот комитет. Поради неговата револуционерна дејност од страна на бугарскиот воен суд во Скопје во негово одсуство бил осуден на смрт.[2]
Повоен период
[уреди | уреди извор]По завршување на војната, поради несогласување со тогашните власти во мај 1949 година е уапсен и како информбировец е испратен на робија во злогласниот Голи Оток каде останал до почетокот на 1952 година. Како последица на злоставувањето во затворот му откажувале бубрезите и на 13 ноември 1954 година починал.[2]
Пронајдено е негово писмо, напишано на манжетната од кошулата на Вано Ралев, негов земјак и пријател од Тиквешијата што пред него бил депортиран во Голи Оток и имал среќа да се спаси и да се врати во Македонија. Вано Ралев бил шнајдер и многу му помагал на семејството на Боро Ангелов. Тој незнаејќи дека носи тајна порака во Скопје ја предал кошулата на Христина (сопругата на Боро) на која имало крв со порака да ја испере. Со перење на кошулата Христина забележала дека се темнее манжетната. Откако ја распарала ја прочитала извезената порака од Боро Ангеловски, која гласи:[1]
„Сине мој. Расти Габер и не се срами од татко ти. За едните станав херој, а за другите издајник. Јас сум обичен комунист и како таков погрешив. Но треба ли да лежам на з��мја гол и да не ме праќаат во болница. Само желбата да те видам тебе и Хриса и да ве прегрнам сине, праи да живеам. Хвала ти Хрисе на скапиот дар. За Габерот. Ве сака Боро. Ц. Затвор, 21.8.1949”[1]
Оваа историска реликвија од 2021 година се наоѓа во Музеј-галеријата во Кавадарци и е лична донација од ќерката на Боро Ангеловски-Ваташки, Олга Ангеловска која живее и работи во Пула, Хрватска. Оваа реликвија била донесена од страна на Д-р Перо Пењушков.[1]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 НМ (2021-08-10). „Габер, сине мој, расти и не срами се од татко ти!“. Нова Македонија. Посетено на 2024-06-18.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 402–403. ISBN 978-608-4621-04-1.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Кошулата на Боро Ангелов-Ваташки - Д-р Перо Пењушков и директорката на Музеј-галеријата, Весна Ѓорѓиева ја претставуваат кошулата.