Брач
Географија | |
---|---|
Место | Јадранско Море |
Координати | 43°19′N 16°38′E / 43.317° СГШ; 16.633° ИГД |
Архипелаг | Далматински Архипелаг |
Површина | 396 км2 |
Највисоко место | 780 м |
Највисока точка | Видова Гора |
Држава | |
Жупанија | Сплитско-далматинска жупанија |
Најголема населба | Супетар (pop. 3,326) |
Демографија | |
Население | 13.956 (2011) |
Густина | 35 /km2 (91 /sq mi) |
Етнички групи | Хрвати |
Брач (хрватски: Brač; латински: Bretia, Brattia; италијански: Brazza; чакавски: Broc) е хрватски остров во Јадранско Море и се наоѓа пред градот Сплит. Има површина од 395 км2 и е најголемиот остров во Далмација, а трет по големина во Јадранско Море.
Географија
[уреди | уреди извор]Брач е најголемиот среднодалматински остров. Островот е долг околу 40 км, а широк просечно 12 километри. Тој е трет по големина остров во Јадранско Море. Од копното е одделен со Брачки канал, кој е широк 6 до 13 км, и има најголема длабочина од 78 метри. На запад се наоѓа островот Шолта, од кој е одвоен со т.н. Сплитски врати, а на југ е одвоен од островот Хвар со Хварскиот канал, кој има длабочина од 91 метар.
Островот настанал пред околу 100 милиони години во периодот креда, но дури во холоценската епоха станува остров. Изграден е претжно од варовнички карпи, но со ерозија и таложење настанале и други видови на земја, така да денес се наоѓа и песоклива земја, бреч, глина и црвеница.
Највисокиот врв е Видова гора, кој има 778 метри надморска височина и е истовремено највисокиот врв од сите други на јадранските острови.
Клима
[уреди | уреди извор]Климата на островот зависи од неговата положба, и има одлики на типична средоземна клима: летата се топли и сушни, а зимите се кратки и благи. Брач спаѓа во најсончевите региони во јадранското подрачје (помеѓу Хвар и Сплит), и има просечно околу 2700 сончеви саати годишно. Просечната зимска температура изнесува 9 °C, а летната околу 25 °C. Во просек два дена годишно врне снег, но не се задржува повеќе од 10 саати. Ветерот бура дува до март, а тој период во народот е познат како три марчански бури. Во лето, скоро секојдневно дува приморскиот благ ветер маестрал, во народот наречен и маештрал. Врнежите се почести во внатрешноста на островот, и на неговата источна страна, па во Сутиван годишно наврнува околу 700 мм дожд, а во местото Дол околу 1400 мм. Просечната температура на морето во лето изнесува 24 °C, а во зима околу 14 °C. Бидејќи на островот нема поголеми населби, ниту индустрски капацитети, загадување скоро и да нема.
Потекло на поимот
[уреди | уреди извор]Потеклото на името на островот Брач не е познато. Се претпоставува дека потекнува од илирскиот збор брентос што значи елен, бидејќи Старите Грци го нарекувале Елафус од зборот елафос, што е старогрчки назив за елен. Римскиот историчар Полибиј го нарекувал островот Бретиа, а римскиот историчар Плиниј Постариот го нарекувал Братиа, а во патописот на Антониј од 4 век островот се споменува под името Брактиа. Брач бил означен на мапата на Клавдиј Птоломеј, од 2 век, и на картата наречена Појтингерова табла од 4 век под името Братиа. Византискиот цар, Константин Порфирогенит, во описот на своето царство во 9 век, островот го нарекол Барзо, а за него и за Хвар кажал дека се „најубави и најплодни“ од сите јадрански острови.
Население
[уреди | уреди извор]Според последниот попис на населението од 2011 година, на Брач живееле 14.434 жители.[1] Во средниот век, бројот на римско - илирското население почнал полека да опаѓа, а се населувале Неретваните и посебно Хрватите, кои се денес доминантно население на островот. Најзастапено е чакавското наречје со неговите различни веризии (чакавски, чокавски, цакавски и цокавски), а на крајниот исток на островот се зборува со штокавско наречје. Според податоците на Јеролим Корнер, гувернер на островот во 1682 година, на Брач имало 5.222 жители, од кои 1688 биле мажи, 2040 биле жени, 890 биле машки деца, а 604 биле женски деца. Пред крајот на Млетачката република бројот на жителите се качил на 10.988, а најголем број на жители е забележан во 1900 година, кога на островот живееле 24.000 жители.
Историја
[уреди | уреди извор]Археолошките ископувања потврдиле постоење на човечки населби на островот уште од палеолитско време (во пештерата Копачина, која с�� наоѓа меѓу Супетар и Долен Хумац). Не постојат археолошки наоѓалишта од неолитот. Подоцна, во бронзеното и железното време островот го населувале Илирите, кои живееле во внатрешноста на островот и од кој период има сочувани бројни градби (најпознати се Рат кај Ложишќа, Вело Грачишќе кај Селца и Коштило кај Бол).
Во 4 век п.н.е., јадранските острови биле колонизирани од Старите Грци, но на Брач нема знаци за формирање на грчки колонии. Се чини дека тие наминувале попатно на Брач и тоа главно поради трговија со локалното илирско население на Брач. Во прилог на ова се најдените грчки предмети во Вичја Лука кај Ложишќа. Брач бил на поморската рута на трговците кои пловеле од Иса (античка населба на островот Вис) кон античкиот град Салона и на оние кои пловеле кон долината на реката По.
Далмација била освоена од Римјаните во 9-тата година, кога тие конечно ги победиле Далматите. Тие тука формирале своја провинција, наречена Далмација, со главен град Салона, кој бил на копното блиску до островот. На Брач не се најдени поголеми римски населби, но има доста докази за римското присуство на целиот остров, како на пр., цистерни, поила за добиток, садови за вино и маслиново масло, саркофази и остатоци од пристаништа – кај Сплитска, кај Бол и кај заливот Ловречин. На островот населението уште во тој период се занимавало со обработка на камен. Богатите наоѓалишта на квалитетен камен овозможиле развој на оваа дејност, а најважни каменоломи биле Плата, Стражишќе и Расохе. Каменот од тука се носел до пристаништето Сплитска, за да од таму се носи на градилиштата во Салона и Сплит (за изградба на Диоклецијановата палата). За ова сведочат бројните епиграфски споменици на островот.
Откако Салона била разурната од Аварите и Словените, градското население од копното наоѓало засолниште на островот, и се смета дека местото Шкрип било основано од избеганите жители на Салона. Од политички аспект, Брач му припаѓал на Византиското царство.
Во 12 век, Хрватска заедно со далматинските градови влегле во состав на Унгарија, но Брач уште долго време задржал политичка самостојност. Од 1268 до 1357 година, Брач ја признавал власта на Млетците, а потоа и на Австроунгарија, но сепак во овој период тој успеал да задржи дел од самоуправата и дел од старите привилегии. Од 1420 година, цела Далмација, со исклучок на Дубровничката република, влегла под управа на Млетачката република.
До 13 век, самоуправувањето на Брач било со сопствено организирање на власта, сопствени служби на управување и сопствени прописи. На чело на комуната стоел кнез, кој бил биран од благородниците на островот, а кој подоцна бил назначуван од Венеција. Врховната власт и Големиот совет биле од благородништвото на Брач, а покрај овие два органа, постоеле и Мал совет и Совет на мудреците. Седиштето на комуната било во Нережишќа. Покрај советот на благородниците, постоел и совет на народот, но со многу помали права.
Службениот јазик бил латинскиот, но во секојдневието се употребувал хрватскиот. Службените документи и секојдневното писмо било на хрватска кирилица.
Во средниот век, населението на островот се занимавало со сточарство, земјоделство, шумарство, риболов, обработка на камен и трговија. Владеењето на Млетците траело полни 4 века, од 1420 до 1797 година. Турските освојувања, кои во 16 век стигнале сè до јадранското крајбрежје, биле причина за повлекување на населението, кое од копното бегало на островите.
По освојувањето на Босна, населението бегало кон Далмација, а на Брач се населиле жителите на Омиш и Пољичката република, кои во крајбрежниот дел изградиле нови населби: Бол, Милна, Супетар, Суматрин, Сутиван и други, додека старото население се повлекувало во внатрешноста.
Понова историја
[уреди | уреди извор]Во XVIII век, кога во Далмација престанала опасноста од Турците, крајбрежни места на Брач се развиле во мали градови, и се ширела писменоста посебно од манастирите во Повља, Пушиќи,Сумартин и Бол.
По пропаста на Млетачката република во 1797 година, меѓу 1805 - 1813 година била воспоставена француска управа на островот, која траела до падот на Наполеон. Во 1814 година, на Виенскиот конгрес било решено Далмација да ѝ припадне на Австрија.
Во пролетта 1941 година, островот бил окупиран од Италијанците, но веќе следната година биле организирани народноослободителни одбори во сите места и биле преземени борбени акции против окупаторот. Поради тоа Италијанците спровеле терор меѓу населението и опожарувале места (познатиот пожар во Селца е опишан и во песните, пожарот во Ново Село, Пушиќа, Бол и Драчевица).
Во есента 1943 година, Италија капитулирала, а месното население ја разоружало италијанската војска и го ослободило островот. Кон крајот на годината, во октомври, на власт дошле усташите. Во јануари 1944 година, островот бил окупиран од Германците, но веќе во јуни истата година започнал десантот од Вис, па на 18 јули 1944 година бил освоен и ослободен целиот остров Брач, кој влегол како дел од Република Хрватска во состав на СФРЈ.
Распадот на Југославија и војната од 1991 година
[уреди | уреди извор]По распаѓањето на Југославија и создавањето на нови самостојни држави од поранешните републики, нивните граници не биле сменети, и цела Далмација заедно со островите ѝ припаднале на Хрватска. Денес Брач е дел од Сплитско-далматинската жупанија, а административно е поделен на градот Супетар, општините Милна, Сутиван, Нережишча, Постира, Бол, Пучишќа и Селца.
Култура
[уреди | уреди извор]Во периодот на раниот среден век, кога на островот дошле Неретваните и Хрватите, на островот биле изградени неколку манастири и цркви во внатрешноста, од кои денес има неколку сочувани. Општествениот и културниот развој на Брач се гледал во Брачкиот статут од тој период, според кој бил организиран животот на населението меѓу 13 и XVIII век.
Во архитектурата се забележуваат видливи разлики меѓу богатите палати на брачките благородници и скромните живеалишта на рибарите, морнарите и работниците. Во тек на 16 век, биле изградени цели населби на крајбрежјето кои покажуваат одреден степен на урбанистички и културен развој на островското население.
Ренесансата донела просперитет на Брач, како и во цела Далмација. Од овој период останале цркви, црквички и палати, додека ренесансни скулптури и релјефи можат да се видат во голем дел од островските цркви. Познатиот брачки каменоломи ги привлекле славните ренесансни градители и вајари како Јурај Далматинец, Андрија Алеши и Никола Фирентинец, кои твореле во Далмација и оставиле свои дела по целиот остров.
Во втората половина на XIX век, со будење на националната свест биле отворени читални во брачките градови, а ширењето на панславизмот се гледа во подигањето на споменикот на рускиот писател Толстој.
Големиот хрватски писател Владимир Назор (1876 -1949 г.) своето детство го поминал на Брач. Историјата на островот може да се прочита во Брачкиот зборник кој се печати редовно.
Стопанство
[уреди | уреди извор]На Брач отсекогаш биле застапени сточарството, лозарството, одгледувањето на маслинки и преработката на мермер. Уште во римскиот период бил познат брачкиот камен, кој се користел низ целото царство.
Во тек на средниот век, населението се занимавало со земјоделство, шумарство, риболов и трговија. Според статистичките податоци од 1796 година, на островот имало 73 говеда, 94 свињи, 3041 овци и кози, 12 коњи и 750 мулиња и магариња.[2] Во 1780 година на Брач имало 40 бродови, а во 1796 година нивниот број пораснал на 52 и голем број на рибарски и други видови на помали бродчиња.
Во 19 век имало општ просперитет на островот, златното време на лозарството било во 1860 - 1870 години, кога поради болест на француските и италијанските лозови насади, брачкото вино се извезувало во тие земји. Но отворањето на паробродските линии и уништувањето на едрениците било поразително за стопанството и трговијата на Брач. Тоа довело до масовни миграции на Брачаните во Јужна Америка, а посебно во Чиле.
Во 20 век, особено во 1960 - 1970 години, се вовела електрична енергија и водовод на островот, со што се подобриле условите за живот и се стопирала економската имиграција. Голем придонес за ова имал и развојот на патната мрежа, подобрувањето на комуникацијата со копното, со отворањето на редовни фериботски линии, а со тоа се забрзал и развојот на туризмот и стопанството.
Денес на островот населението освен со туризмот, кој е главната стопанска гранка, се занимава и со обработка на познатиот брачки камен - познати се каменоломите кај Пучишќа. Се унапредил и риболовот, па денес годишниот улов е околу 1000 тони, а рибата делумно се конзервира во фабриките во Пострим и Милни. На Брач денес има околу 500 000 маслинови дрва[3] и се интензивираат преработувачките капацитети за добивање на маслиново масло. Се обновува и запоставеното шумарство и сточарство.
Брачки камен
[у��еди | уреди извор]Брачкиот камен - мермер е познат во целиот свет по својот квалитет.[4] Традиционалната обработка на каменот е заменета со современа технологија. Прозводството во 1950-тите години било околу 5000 м3 на камени блокови, а денес се произведуваат 17 000 м3 камени блокови и преку 500 000 м2 на стругани камени плочи.
Спорт
[уреди | уреди извор]- Рагби клуб Брач
- Ватерполо клуб Пучишќа
- Фудбалски клуб Постира Сарди
- Фудбалски клуб Јадран Супетар
- Карате клуб Брач
- Боќарски клуб
Познати личности
[уреди | уреди извор]- Владимир Назор, поет и политичар (1876 -1949 година)
- Бранислав Дешковиќ, вајар (1883 -1939 година)
- Дасен Врсаловиќ, археолог (1928 -1981 година)
- Иван Рендиќ, вајар (1849 -1932 година)
- Андронико Лукшиќ, чилеански претприемник
- Ида Стипшиќ Јакшиќ, моден творец
- Жан Јакопач, музичар
- Ивица Јакшиќ - Пуко, уметник
- Стјепан Пулишелиќ, основач на социологија на Загребскиот универзитет и најплоден чакавски поет
- Иво Шкариќ, фонетичар
- Иве Марковиќ-Кора, поет
- Андре Доротиќ
- Гајо Булат
- Душко Кечкемет
- дон Тончи Матулиќ
- Јерко Матулиќ
- Петар Хрануели
- Бранимир Доротиќ
- Антонио Рендиц
- Иво Маринковиќ Славко
- Андре Јутрониќ
- Јеролим Блаж Боначиќ
- Фране Боначиќ
- Матко Треботиќ
- Јурај Боначи
- Бранко Лентиќ
- Милан Лентиќ
- Иво Лентиќ
- Лука Боначиќ Дориќ
- Бранко Белан
- Јакша Петриќ
- Петар Сканси
- Анте Чедо Мартиниќ
- дон Никола Етеровиќ
- Миро Качиќ
- Трифун Боканиќ
- Рамон Диаз Етеровиќ
- Николас Миховиловиќ Рајчевиќ
- Доминго Миховиловиќ Рајчевиќ
- Џон Овен Доминис
- Томислав Остоја
- Антонио Скармета
- Јорјо Цериниќ
- Звонко Мишковиќ
Занимливости
[уреди | уреди извор]- Брачкиот мермер бил користен за изградба на многу познати објекти, како на пример, Диоклецијановата палата во Сплит, и влезот на зградата на Обединетите нации.
- На островот има бројни книжарници. Според статистиките на Брач, има просечно 5 книги по глава на жител поради што овој остров е најдобро снабден со книги од сите други хрватски острови.
- Брачаните се познати по својата скржавост, затоа има многу вицови на таа тема.
Манифестации
[уреди | уреди извор]- Денови на боб и блитва, гастрономска манифестација која се одржува во Супетар, Мирци и Сплитска.
- Vanka regule, спортски и филмски фествал кој се одржува секоја година во Сутиван.
Литература
[уреди | уреди извор]Brački zbornik br. 6, Dasen Vrsalović-Povijest otoka Brača, Skupština općine Brač, Supetar 1968.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Popis 2011“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-03.
- ↑ Garagnin, Giovanni Luca (2012). Riflessioni Economico-Politiche Sopra La Dalmazia. Nabu Press. ISBN 1277868344.
- ↑ „Sveto drvo: maslini oblici u čast“. Slobodna Dalmacija (хрватски). Посетено на 2018-12-16.
- ↑ McLane, Daisann (1999-12-26). „Frugal Traveler; A Rare American Tourist In Croatia“. The New York Times (англиски). ISSN 0362-4331. Посетено на 2018-12-16.