Димитар Богоевски

Димитар Богоевски - Мите (Болно, Ресенско, 31 октомври 1919 - Болно, 12 септември 1942) — југословенски македонски комунист и поет, народен херој на Југославија. Уште на млади години се вклучил во прогресивните движења, а неговата политичка активност била следена од полицијата и затоа бил прогонуван, апсен и затворан во Битола и во Белград.[1]

Димитар Богоевски - Мите
Роден 31 октомври 1919
Болно, Кралство Србија
Починал 12 септември 1942(1942-09-12) (возр. 23)
Болно, Царство Бугарија

Животопис

уреди
 
Родната куќа на Мите Богоевски која е прогласена за Споменик на културата.

Богоевски е роден во ресенското село Болно на 31 октомври 1919 година во печалбарско семејство. Основно образование завршил во родното село и во Ресен, а во Битола завршил Трговска гимназија. 1939 година се запишал на Економскиот факултет во Белград, но поради финансиски причини го напуштил и се вратил во родното место.

Во 1937 година станал член на СКОЈ во штотуку формираната скоевска група во училиштето. Во 1939 година станува член на Комунистичката партија на Југославија, а подоцна е секретар на регионалниот комитет на КПЈ за Ресен. Поради својата револуционерна активност во 1940 година е уапсен од српската полиција и затворен во Белград на Ада Циганлија. Поради недостиг на докази е пуштен. Во 1942 година е уапсен од бугарска полиција во Ресен. По суровото мачење е ослободен.

Во текот на своето образование, Димитар Богоевски се истакнувал со својот талент за цртање, резбарство, како и со својата поезија. Како поет, тој за првпат се пројавил во 1935 година во прогимназијата во Ресен. Додека се школувал во Битола, Мите Богоевски бил доста активен. Станал член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ“, бил еден од раководителите на младинското раководство во Академијата и доста активен во работата на „Црвената помош“. Во 1936 година, во Трговската академија во Битола, основал кружок за запознавање на прогресивната литература, а во 1937 година станал член на СКОЈ. Во овој период тој го напишал рефератот „За праведните и неправедните војни“, сатиричната песна „Имела“ во која ја исмејува богатата класа и конечно се ориентирал кон пишување на Македонски јазик. Во 1938 година, Богоевски веќе имал напишани педесетина песни, меѓу кои и познатата „Спроти Илинден“.[2] За време на студиите на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет 1939/1940 година, тој станал член на КПЈ. Тогаш го пишувал својот незавршен и необјавен роман „Аристиди Бријана“. Во 1940 година Богоевски се вратил во родното село и станал член на МК на КП на Ресен. По провалата на српската полиција, Богоевски бил уапсен на 16 април 1940 година во Битола. Најпрво бил спроведен во затворот во Главњача, а поради револуцио��ерна активност во Белград бил осуден на робија во затворот Ада Циганлија. Во затворот, Богоевски бил подложен на сурова затворска тортура, но поради недостаток на докази бил ослободен кон крајот на 1940 година. Во ноември 1940 година, по два месеци поминати во затворот на Ада Циганлија, тој бил ослободен и се вратил во Ресен.

По фашистичката окупација на Југославија и поделбата на Вардарскиот дел на Македонија на бугарска и италијанска окупациона зона во 1941 година, Богоевски извесно време работел во Општината во селото Јанковец и бил еден од организаторите на оруженото востание во преспанскиот крај. Заедно со Илија Спировски изработувале фалцификувани лични карти за илегалците и организирал илегални пунктови за поминување на границата.

На почетокот на 1942 година, Богоевски како секретар на Околискиот комитет на КПЈ, најчесто соработувал со Стив Наумов од битолскиот крај. Во Битола одржал состанок со борците на Прилепскиот партизански одред, по што им овозможил да преминат во Преспа. Следен од окупаторските власти, тој бил уапсен на 31 март 1942 година, но во недостаток на докази за неговата активност, тој бил ослободен по десетина дена. По излегувањето од затвор, Богоевски преминал во илегала и продолжил да работи на формирање на нов одред. Богоевски учествувал во формирањето на партизанскиот одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 година, а кога одредот ја растурил планираната илинденска прослава на окупаторската власт во селото Смилево, Битолско, ја напишал песната „Триесет и девет минаја“, посветена на борците од овој одред.

На 12 септември 1942 година заедно со Стив Наумов, во неговото родно село бил опколен од бугарската окупаторска војска и полиција, а тие за да не паднат во нивни раце извршиле самоубиство. Бугарската полиција прво ги погребала во два гроба, потоа ги откопале и ги пренела кај селската црква, а од тука потајно ги однеле кај Ѓавато (под Пелистер) и ги запалила со бензин. До ден денес не се знае нивното гробно место. За народен херој е прогласен на Илинден, 2 август 1949 година.[3]

Творештво

уреди

Богоевски напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен.[4] Во 1935 година додека учел во Ресен за првпат се претставил како поет и тоа со песните „Осамотен патник“, „Несреќен Илија“, „Покрај река“, „Мало коњче“ и „Два врапци“. Познат како „Момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“.

Постои сомнеж, дека по неговото самоубиство, околу педесеттина Македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“ (1938), „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“ (напишана по повод влегувањето на одредот „Даме Груев“ во с. Смилево на Илинден 1942 година), „Разделвачка“ (објавена во весникот „Наша реч“ во 1940 година) и др. Во 1940 година тој испратил голем број стихотворби во весникот „Наша реч“ во Скопје, но била објавена само песната „Разделвачка“.[5] Редакцијата имала намера да му издаде збирка со неговите песни, но во меѓувреме весникот престанал да излегува. Тогаш се изгубила целата архива на весникот, а со тоа и трагата на неговите песни. Во пролетта 1942 година, Богоевски ја напишал песната „Партизанка“, која и заедно со песната „Спроти Илинден“ ги размножил на машина. Подоцна „Партизанка“ станала една од најпопуларните народни песни во Преспанско.

Наследство

уреди
 
Биста на Богоевски во Охрид.

Поради големото општо дело што го направил, во негова чест се именувани многу училишта, установи и улици. Исто така, многу негови бисти се направени во повеќе краеви во Македонија. Детското одморалиште во Претор го носи неговото име.[6] Тој постхумно е прогласен за народен херој и неговата родна куќа во Болно е прогласена за културно наследство.

Училишта кои го носат неговото име се:

Улици кои го носат неговото име се:

Наводи

уреди
  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973.
  2. „БОГОЕВСКИ, Мите | | Македонска Енциклопедија“. Посетено на 2019-05-26.
  3. Народни хероји Југославије. Београд: Младост. 1975.
  4. Не се знае каде е творештвото на Мите Богоевски
  5. Катин, Славе. „Во печалбарскиот крај од Болно до Стипона“. Македонско сонце. Архивирано од изворникот на 12 мај 2019. Посетено на 5 август 2022.
  6. Калабакова, Снежана (20 август 2021). „Недостига детскиот џагор во „Шула Мина", „Мите Богоевски", „Копанки"…“. Нова Македонија. Посетено на 5 август 2022.

Надворешни врски

уреди