Прејди на содржината

Франсоа Шарл Моријак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Франсоа Моријак
Франсоа Моријак во 1932 г.
Роден/аФрансоа Шарл Моријак
11 октомври 1885(1885-10-11)
Бордо, Франција
Починат/а1 септември 1970(1970-09-01) (возр. 84)
Париз, Франција
ЗанимањеРоманописец, драматург, литературен критичар, поет и новинар
НационалностФранцузин
Значајни наградиГранд при за роман на француската академија
1926
Нобелова награда за литература
1952
Потпис

Франсоа Шарл Моријак (француски: François Mauriac, 11 октомври 1885, Бордо, Франција - 1 септември 1970, Париз, Франција) — француски писател и новинар, член на Француската академија и добитник на Нобеловата награда за литература.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Франсоа Моријак е роден на 11 октомври 1885 година, во Бордо, во имотно граѓанско семејство во коешто владеела строга и побожна атмосфера. Во детството, тој бил малку тажен и осамен. Во родниот град завршил гимназија и дипломирал на факултетот за книжевност, а потоа ги продолжил студиите во Париз.[1] Целиот свој живот Моријак го носел споменот на луѓето и пејзажите од Бордо, на животот во провинцијата, на лозјата и на областа Ланд, коишто подоцна ќе му послужат како рамка за повеќе романи. Неговиот татко, сопственик на лозја, умрел рано, а Франсоа Моријак бил одгледан кај свештеници.[2]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Првите литерарни почетоци Моријак ги направил во поезијата: збирката „Споени раце“, (1909), била поздравена од Морис Барес во „Еко де Пари“.[2] Моријак бил под големо влијание на Фројдовото учење, коешто од 1924 година започнало поинтензивно да се шири низ Франција. Исто така, големо влијание врз него извршиле Пруст и Жид од кои ја презел искреноста и отвореноста кон себе и кон другите, како и сликањето на сето она што го нагрдува човековото достоинство. Откако пред Првата светска војна веќе објавил два романа, по војната објавил низа големи дела кои го прославиле: „Бакнеж на лепрозниот“ (1922), „Генитрикс“ (1923), „Пустина на љубовта“ (1925), „Тереза Дескејру“ (1927), „Змиски сплет“ (1932), „Тајната Фонтенак“ (1933), „Крај на ноќта“ (1935), „Фарисејка“ (1941), „Јагне“ (1954), итн. Како резултат на своето богато творештво, во 1933 година, Морија бил примен како член во Француската академија, а во 1952 година се закитил со Нобеловата награда.[3]

Моријак е еден од најзначајните претставници на француската книжевност меѓу двете светски војни. Некои критичари го сметаат за традиционален романописец во стилот на 19 век, други го вбројуваат во т.н. „католички писатели“, трети го сметаат за претходник на т.н. етичка генерација писатели кои преку поединечните ликови го сликаат општеството, воопшто, а некои го нарекуваат и продолжувач на романтизмот. Еден од најважните елементи во творештвото на Моријак, коишто го приближуваат до традиционалниот роман, е психолошкото проучување на човекот. Притоа, со голема прецизност, тој ги открива тајните предели на човечката душа. Како психолог, Моријак е голем сликар на страстите, особено фокусирајќи се врз љубовниот жар, претераната мајчина љубов дегенерирана во Едиповиот комплекс, брачната, семејната или општочовечката омраза и верскиот фанатизам. Со ретки исклучоци, речиси сите негови книжевни ликови се заробени од демонските страсти при што верниците воопшто не се прикажани подобро од грешниците.[4] Понекогаш, ликовите на Моријак имаат божествена милост дури и кога прават зло. Овој парадокс Моријак го користи во повеќе свои романи, особено во „Црни ангели“ и во „Парижанка“.[2] Всушност, во сите романи на Моријак е присутно барањето на божествената милост и спасувањето од гревовите. Во тој поглед, сите романи го следат истиот тек: заглавување во гнасен грев, немир и, најпосле, пронаоѓање на божјата милост. Но, следејќи го својот уметнички темперамент, Моријак само нејасно го навестува ослободувањето од гревот, а силно и возбудливо го слика она што му претходи на евентуалниот спас. На тој начин, уметникот Моријак го победил идеолог Моријак, со што тој станал голем сликар на човековата природа, наместо просечен католички писател. Неговата дискретност во изразувањето на идеите и силниот уметнички талент чинат симболите во неговите дела да добијат конкретна вредност, со што се елиминира метафизичката смисла на романите. Џиновската фигура на Моријак како психолог понекогаш ја става во сенка неговата умешност како сликар на општеството. Притоа, тој нема милост кон општествената средина што вообичаено се јавува како преокупација во неговите дела: богатите граѓански семејства во Бордо и во провинциските места. Во неговите романи е присутна силна поука, зашто покрај осудата на гордите фарисеи, Моријак порачува дека во хипертрофираните, монструозни ликови може појасно да се согледаат нашите односи со другите луѓе. Со неговите потресни слики на осамените луѓе, Моријак ги повикува читателите да се ослободат од омразата, себичноста и гордоста.[5]

За стилот на Моријак може да се каже дека е еден од најоригиналните, зашто секој негов збор ја одразува неговата слика на светот. Чувствителноста, сензуалноста и воздржаноста ѝ даваат пресуден тон на неговата проза, а луцидноста и горчината, исто така, ѝ даваат посебен белег. Сепак, некои критичари му забележуваат на Моријак дека страда од ограниченост и необновување, зашто во сите негови дела тој ги слика пороците и ниските страсти, а провинциските буржоаски семејства се неговата постојана преокупација.[6]

Моријак бил раскажувач, но исто така и мислител: тој напишал голем број религиозни есеи што сведочат за постојаното испитување на христијанскиот живот и за примената на католицизмот во секојневниот живот. Тој бил ангажиран и храбар писател во името на христијанската милост: како антифашист, со своите статии во весниците ги поддржувал шпанските републиканци, а за време на војната и партизаните. Подоцна, тој бил против колонијалните војни и сè што се коси со човековото достоинство. Во 1954 година, Моријак ја напуштил дејноста на романописец и кариерата ја завршил со својата новинарско-публицистичка работа.[2][3]

  1. Mihailo Pavlović, „O piscu Tereze Deskejru“, во: Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964, стр. 105-106.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Преводи на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2010.
  3. 3,0 3,1 Mihailo Pavlović, „O piscu Tereze Deskejru“, во: Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964, стр. 106.
  4. Mihailo Pavlović, „O piscu Tereze Deskejru“, во: Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964, стр. 106-107.
  5. Mihailo Pavlović, „O piscu Tereze Deskejru“, во: Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964, стр. 107-108.
  6. Mihailo Pavlović, „O piscu Tereze Deskejru“, во: Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964, стр. 108-109.