Прејди на содржината

Староегипетска митологија

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија

Староегипетска митологија или староегипетска религија — различни религиозни верувања и ритуали кои се практикувале во Древен Египет, од преддинастичкиот период, па сè до прифаќањето на христијанството. Не постоела една единствена религија во Древен Египет, туку тоа биле различни локални култови посветени на конкретни божества. Повеќето од нив биле фокусирани на обожување на едно божество, иако го прифаќале постоењето и на други божества, па оттаму египетската религија често се смета за политеистичка. Постојат и кратки периоди во кои владеел монотеизмот.

Христијаните ја нарекувале египетската религија паганство, а овој термин се користел и од следбениците на кеметизмот, современ реконструиран облик на древната египетска религија.

Боговите Озирис, Анубис и Хор, цртеж во гробница.

Историја

[уреди | уреди извор]

Старо Кралство

[уреди | уреди извор]

Периодот на Старото Кралство најчесто се смета дека го опфаќал временскиот период кога Египет бил под владеењето од третата до шестата династија, од 2686 г. п.н.е. до 2134 г. п.н.е. Тоа бил почетокот на највисокото ниво на културен развиток кој го постигнале древните Египќани, чии културни корени се проширувале до шест илјади години порано, во праисторијата. Божества од Старото Кралство се:

  1. Енеад од Хелиополис, чиј главен бог бил Атум, подоцна наречен Атум-Ра;[1]
  2. Огдоад од Хермополис, каде главниот бог бил Тот;
  3. Тријадата Кнум-Сатис-Анукет од Елефантин, чиј главен бог бил Кнум;
  4. Тријадата Амон-Мут-Конс од Теба, чиј главен бог бил Амун;
  5. Тријадата Птах-Секмет-Нефертем од Мемфис, која не е вообичаена поради тоа што боговите не биле поврзани пред да се формализира тријадата, каде главен бог бил Птах.

Пирамидалните текстови (околу 25-23 век п.н.е.) содржеле магии или „искажувања“ кои главно биле наменети за да ги заштитат останките на фараонот, за оживување на неговото тело после смртта и за да му помогнат да се искачи кон небото. Како такви, се квалификуваат како светски најстари познати религиски текстови, кои за малку ги надминуваат сумериските химни за Енхедуана. Ковчежните текстови претставуваат погребни текстови кои се поврзани со пирамидалните текстови и датираат од првиот среден период.

Средното Кралство

[уреди | уреди извор]

Култот кон Амон пораснал за време на Средното Кралство. Санусрет III (1878 г. п.н.е.-1839 г. п.н.е.) изградил убав религиозен храм во Абидос, кој иако е сега уништен, од релјефите кои се зачувани се гледа високиот квалитет на декорациите. Бил воздигнат на степен на божество при крајот на Средното Кралство и бил обожуван од фараоните од Новото Кралство.

Ново Кралство

[уреди | уреди извор]

Кога започнал периодот на Новото Кралство, Огдоад и Енеад биле споени во една синкретизирана космологија. Во Енеад, Озирис е мажот на Изида и брат на Сет, каде сите биле правнуци на богот-создател Атум, а во овој систем Хор не е присутен. Во Огдоад, Озирис не е присутен, а Хор е син на Атум, богот-создател. Кога Енеад и Огбоад се споиле, Ра и Амон се идентификуваат како едно битие, создавајќи го Амон-Ра, а во почетокот Хор е сметан за петтиот брат на Озирис, Изида, Нефтис и Сет. Сепак, мајката на Хор, Хатор, постепено се поистоветувала со формата на Изида, што довело Хор да се смета за син на Изида, со тоа и син на Озирис.

Атенизам

[уреди | уреди извор]
Фараонот Ахенатен и неговото семејство се молат на Атен

За време на владеењето на Ахенатен (Аменхотем IV) (1350-ти до 1330-ти години п.н.е.) се појавил мал интервал на монотеизам, кој се задржувал на египетското божество на сонцето Атен. Атен типично се прикажува како сончев диск од кој на сите страни излегуваат сончеви зраци. Ахенатен изградил нов главен град во Амарна со храмови посветени на Атен. Тоа претставувало симболичен чин со кој Ахенатен сакал да создаде ново место каде ќе се слави Атен. Промената на религијата постоела до смртта на Ахенатен, со што старата религија брзо била повратена за време на владеењето на Тутанкамон и бил направен обид да се избрише името на Акенатен од историјата поради неговите еретички дејства.

Доцен период

[уреди | уреди извор]

После падот на династијата Амарна, пантеонот од новото кралство преживеал како доминантна религија до освојувањата на Ахаменидите. Во тој период била стандардизирана Египетска книга на мртвите. Од записите на грчкиот историчар Херодот добиваме бледа слика за владеењето на Камбиз, каде кралот се опишува како луд, безбожен и суров.[2] Херодот веројатно се потпирал врз локалната традиција која ја одразува огорченоста на Египќаните, особено на свештенството за декретот на Камбиз каде се спречуваат кралските давачки кон египетските храмови за време на владеењето на Амасис. За да се задржи поддршката на моќната свештеничка класа, Дариј I (522-486 година п.н.е.) го отповикал декретот на Камбиз. Пред 486 г. п.н.е. во Египет избувнува бунт кој е задушен од Ксеркс I во 484 година п.н.е. Поради бунтот провинцијата била подложена на сурова казна.

Кога Александар Македонски го освоил Египет, заминал на поклонение кон пророчиштето на Амон во оазата Сива. Пророчиштето го прогласило Александар за син на Амон-Ра.[3]

Египетската религија продолжила да напредува и за време на Птоломејскиот период, кога некои култови биле синкретизирани со грчките традиции, паѓајќи под влијание на хеленистичката магија. За време на римското владеење (од 30 година п.н.е.) ситуацијата во голема мера останала неизменета. Римјаните за разлика од Птоломејците ги почитувале и ги заштитувале египетските религиски обичаи, иако постепено бил воведуван империскиот култ од римската држава и императорот. Египетската религија навлегла во период на опаѓање по прифаќањето на христијанството во првиот век од нашата ера. Остатоците од локалните традиции останале да постојат во традиционални делови како хиерархиите во храмовите, кои не биле гонети, но постепено биле потиснати од раното христијанство. Последните ликови од египетската религија опстојале до 5 век, како што е опишано во хиероглификата.

Оживување

[уреди | уреди извор]

Со појавувањето на неопаганството во XX век, создаден е облик на реконструирана древноегиптска религија наречена кеметизам.

Главен концепт

[уреди | уреди извор]
Египетска божица мајка Изида, слика на гроб, околу 1360 година п.н.е.
Стела на која се прикажани двете тријади на богови.

Теологија

[уреди | уреди извор]

Египетската религија главно е политеистичка, и подразбира верување во повеќе богови и божици, познати како „нетер“ (бог) и „нетерет“ (божица). Повеќето од овие божества контролирале одредени аспекти од природата. На пример, богот Ра и божицата Хатор биле сметани за божества на Сонцето. Некои божества, пак, биле поврзувани со конкретни области или градови во Египет. Божестватa од египетскиот пантеон понекогаш имале конфликтна улога. Како на пример, лавицата Секмет која била пратена од Ра да ги уништи луѓето кои се побуниле против него, а подоцна станала бестрашен заштитник на кралството, на животот во целина и на болните. Уште посложена е улогата на Сет. Разгледувајќи ја митологијата за Сет од модерна перспектива, особено за митологијата околу односот на Сет со Озирис, лесно може да се утврди Сет како главниот злосторник и изворот на злото. Сепак, не било секогаш така, бидејќи Сет претходно имал улога на уништувач на Апоп, во служба на Ра, а со тоа и во служба за одржувањето на Маат (вистина, правда и хармонија).

Не постои едно главно божество за цел Египет.

Најзначајните богови се:
Други божества:
  • Нефтида, божица на подземното царство
  • Нут, божица на небото
  • Тефнут, божица на водата и плодноста
  • Шу, бог на воздухот
  • Апоп (Апеп) - кобра, зол демон, темница и хаос
  • Маат (Ма’ат или Мает) - ги штити вистината, правдата и хармонијата, понекогаш претставена и како божица
Фараоните

Фараонот или кралот на Египет, бил согледуван и како божество и имал улога на посредник помеѓу египетскиот народ и боговите. Неговото значење било толку големо, што египетскиот збор за „крал” се однесувал само за фараонот, додека кој било владетел од друга земја едноставно се нарекувал „големиот поглавар.”[4] Фараоните во древен Египет се сфаќани како божество и така се третирани. Едно општо верување било дека фараоните се инкарнација на богот Хор додека се живи[5], а на богот Озирис по смртта.

Атенизам

Во 14 век п.н.е. во египетската религија постоел период кога фараонот Акенатен го поставил обожувањето на сончевиот диск Атен над сите други божества. Постепено целосно го забранил обожувањето на другите богови, со што ја сменил официјалната египетска религија во вистински монотеизам.[6] Сепак, промените кои ги спровел Акенатен биле во спротивност со синкретичната традиција на претходните египетски верувања што ги отуѓувало обичните Египќани.[7] Така, под водството на наследникот на Акенатен, Египет повторно се вратил кон традиционалната религија.

Космогонија

[уреди | уреди извор]
Египетско сфаќање на вселената.

Голем дел од египетската митологија е изгубен, но од она што денес го знаеме е содржано во нивната космогонија.

Египетските верувања се развивале во продолжение на околу три илјадалетија и се менувале со текот на времето. Египетската митологија се разликува од грчката или римската поради фактот што повеќе божества во Египет имале човечко тело и животинска глава или обратно.

За нив, најважно било да ги изучуваат следните циклуси:

  • циклус на деновите и сонцето кое се преродува секое утро;
  • годишниот циклус со приливот на реката Нил;
  • циклус на животот со раѓање, проследено со смртта.

Првите митови зборуваат дека на почетокот универзумот бил исполнет со прастарите води на хаосот, а тоа е богот Нун. Богот Ре-Атум се појавил од водата, како што земјата на Египет се појавува секоја година после поплавите на Нил. Ре-Атум плукнал, и од тоа излегле божествата Шу (воздух) и Тефнут (влажност). Светот е создаден кога Шу и Тефнут ги родиле двете деца: Нут (небото) и Геб (земјата). Луѓето се создадени кога Шу и Тефнут тргнале да се шетаат по темната пустелија и се изгубиле. Ре-Атум го испратил своето око за да ги најде. Откако биле пронајдени, неговите солзи радосници се претвориле во луѓе.

Геб и Нут биле заедно, но кога Шу слушнал за блудот на неговите деца, ги раздвоил, така што застанал меѓу нив (воздухот се наоѓа меѓу небото и земјата). Тој исто така решил бремената Нут да не може да се породи во ниеден ден од годината. Нут се пожалила кај Тот, кој заради неа се коцкал со богот на месечината Кнос (Кносу) и добил пет дополнителни денови кои ги додал на оние постоечки 360 од годината. Нут родила по едно дете во секој од овие пет дополнителни дена: Озирис, Изида, Сет, Нефтида и Хор.

Братот на Озирис, Сет кој го претставувал хаосот во универзумот, го убил Озирис со тоа што го измамил да влезе во кутија, која потоа е закована и фрлена во Нил. Откако го убил Озирис, Сет го исекол неговото тело на парчиња. Изида ги пронашла повеќето од парчињата и ги погребала под храмот, но претходно го воскреснала Озирис и со него го создала нивното дете Хор. Сет себеси се прогласил за крал, но бил предизвикан од синот на Озирис - Хор. Сет изгубил и бил испратен во пустината. Изида го мумифицирала Озирис, и така тој станал бог на смртта, а Хор станал крал и од него потекнуваат фараоните.

Една друга верзија која ја раскажува Плутарх[8] вели дека Сет направил сандак во кој можел да влезе само Озирис. Потоа тој правел гозба и предложил облог дека никој не може да влезе во сандакот. Озирис бил последниот кој пробал да влезе, но пред да влезе, Сет го прашал дали може да му ја причува круната. Озирис се согласил и влегол во сандакот. Како што легнал во него, Сет го затворил капакот и си ја ставил круната на главата. Потоа го пуштил сандакот во Нил. Изида не знаела за смртта на својот сопруг сè додека не ѝ кажал ветерот. Тогаш го сместила синот на сигурно место и фрлила чинки за никој да не може да го најде. Во потрагата по својот сопруг, едно дете ѝ кажало дека сандак испловил на брегот и дека од него израснало дрво. Дрвото било толку право, што кралот го употребил како централен столб за неговата нова палата. Изида отишла и замолила да го добие телото на својот сопруг и го добила. Богот на подземјето ѝ рекол дека Озирис може да биде крал, но само во подземниот свет.

Богот на сонцето Ра бил најважен меѓу боговите, бидејќи имал суштинско значење за животот на земјата.[9] Според митот, движењето на сонцето преку небото се објаснувало со патувањето на Ра во едреник, а заоѓањето на сонцето се сметало за влегување на Ра во подземниот свет, каде патувал во текот на ноќта.[10] Додека се наоѓал во подземниот свет се сретнувал со Озирис, кој повторно имал улога на бог на воскреснувањето и животот на Ра бил обновен. Ра исто така секоја ноќ се борел со Апеп, змијовиден бог кој го претставувал хаосот. Поразувањето на Апеп и средбата со Озирис го осигурувало изгревањето на сонцето наредниот ден, уште еден настан кој претставувал повторно раѓање.[11]

Религиозни практики

[уреди | уреди извор]
Првиот далновод и колонада од храмот на Изида во Филе.

Уште од најраните периоди на египетската историја постоеле храмови посветени на боговите, а за време на врвот на цивилизацијата такви храмови постоеле речиси во сите градови. Тука биле вклучени посмртните храмови кои им служеле на душите на починатите фараони и храмовите посветени на боговите заштитници.[12] Сепак, немале сите богови свои храмови, бидејќи постоеле многу космички божества кои не биле обожувани од широките народни маси.

Храмовите имале централно значење во египетското општество и за нивното одржување биле обезбедувани многу средства. Фараоните често придонесувале кон храмовите како дел од нивната обврска за да им се оддаде почит на боговите и затоа многу храмови биле многу големи, како на пример Храмот од Карнак, кој претставува најголема религиска градба во светот.[13] Многу храмови главно била градени по ист план. Храмовите кои биле градени по брегот на Нил обично биле ориентирани на оската исток-запад, иако оваа оска обично била израмнета на 90 степени со текот на реката, локалните варијации на текот на Нил значеле дека ориентацијата на храмовите не била секогаш насочена кон вистинските правци.[14]

Во таквите храмови главниот влез обично се наоѓал блиску до кејот на Нил, од каде патот за религиската поворка поминувал низ ѕидовите кои го опкружувале храмот. Освен ова, обично постоеле една или повеќе порти со столбови, проследени со двор опкружен со колонада. Се верува дека во ваквите дворови обичните граѓани се сретнувале со свештениците и дека тука ги донесувале своите дарови. Однатре бил покриен со хипостилна сала, а после салата имало светилиште опкружено со дополнителни соби во кои се одвивале секојдневните работи и ритуали во храмот. Надворешната област на храмот била украсена со обелиск и статуи, а ѕидовите и колумните биле исцртани со релјефи.[15] Целиот пат кој водел од влезот на храмот до светилиштето се согледувал како пат од човековиот свет кон божественото кралство, поради што најсветиот дел од храмот било светилиштето каде постоел олтар со сликата на богот на храмот. Само фараонот и свештениците од висок ред имале право на пристап во светилиштето.

Обично ритуалните принесувања на дарови се извршувале наутро и навечер од страна на фараонот, но најчесто од страна на свештеникот кој имал улога на заменик. При таквите ритуали, пред да се постават принесувањата со храна пред статуите или во салата за принесување пред светилиштето, статуите на боговите биле миени, помазувани и раскошно облекувани. После тоа, откако богот ја примил духовната есенција од принесувањата, самите понуди биле земани и распределени меѓу свештениците.[16][17]

Во имотот на храмот биле вклучени и многу дополнителни градби. Меѓу нив се наоѓала „Kyќата на животот“ каде биле чувани сите свети списи и земски регистри на храмот, а служела и како центар за изучување на различни предмети. Во многу храмови веројатно биле вклучени и санаториуми каде болните доаѓале да бидат излечени од боговите. Во поголемите храмови имало и кујни и работилници за производство на храна и добра за боговите или за практичните потреби на храмот, како и градби за складирање од каде ваквите дејности се снабдувале. Надвор пред имотот на храмот, постоеле големи ниви, каменоломи и рудници кои биле во сопственост на храмот, а кои се употребувале за да се одржува малата економија на храмот.[18]

Свештеници

[уреди | уреди извор]

Бидејќи фараонот бил посредникот на Египет со боговите, теоретски сите свештеници делувале во негово име. Всушност, за време на Старото и Средното Кралство не постоела одделна класа на свештеници, а наместо тоа многу државни службеници ја вршеле оваа должност неколку месеци од годината пред да се вратат на своите секојдневни должности. Професионалното свештенство се проширило дури во Новото Кралство, иако поголем дел од свештениците од низок ред и натаму работеле само привремено.[19] Сепак, како што растело богатството на храмовите, се зголемувало и влијанието на свештенството, додека не станало речиси конкурентно со моќта на фараонот. При политичката поделба на третиот среден период, првосвештеници на Амон дури биле назначени и за важечки владетели на Горен Египет.[20]

Свештениците обично биле мажи. Во периодот на Старото Кралство, многу жени од богати семејства имале значајни свештенички улоги, обично во храмовите на женските божества. Сепак, во периодот на Средното Кралство жените биле помалку застапени во јавниот живот, а после тоа многу жени кои биле вклучени во активностите на храмовите имале многу помалку важни улоги, како пејачки или музичарки за време на религиозните церем��нии.[21]

Свештениците биле поделени во неколку различи класи. Една од најважните поделби била меѓу „слугите на боговите”, на кои им бил дозволен пристап до светилиштето на храмот и „прочистувачите” кои ја немале таа дозвола. Должноста на прочистувачите често се состоела од неритуални задачи, улога која првенствено ја имале државните службеници. Во свештенството постоеле и неколку специјализирани улоги, како на свештеникот-лектор кој ги рецитирал формулите по кои се извршувале ритуалите. На врвот од хиерархијата во секој храм стоел првосвештеник или „првиот слуга на богот”. Првосвештениците често биле назначувани од страна на фараонот, но должноста често била пренесувана од татко на син и постепено станала наследна. Сите свештеници биле платени со парцели земја кои биле во сопственост на храмот и со дел од дневните принесувања на храна. Постоеле и многу луѓе кои биле вработени во храмовите, како што биле земјоделците и занаетчиите кои го снабдувале храмот со сите негови потреби, како и музичари и рецитатори кои помагале при ритуалите. Сите вработени бил плаќани со дел од приходот на храмот.[22]

Свештениците при нивното активно служење во храмот строго се придржувале кон стандардите на ритуалната чистота. Од нив се барало да ги избричат главите и телата, да се мијат неколкупати дневно и да носат само чисти ленени наметки. При служење на одредени богови, постоеле и одредени начини на однесување, како на пример свештениците да се воздржуваат од јадење одредена храна. Од свештениците не се барал целибат, но од сексуалните односи станувале нечисти додека не извршеле понатамошно прочистување.[23]

Задгробен живот

[уреди | уреди извор]
Египетски погребни фигури.

Египет имал високо развиено сфаќање за задгробниот живот со ритуали за подготовка на телото и душата за вечниот живот после смртта. Египќаните верувале дека аспектот „ка“ на душата треба да се спои со „ба“ за да го поддржи „ак“, за да си го пронајде своето место меѓу ѕвездите.[24] Ова значи дека балсамирањето и мумифицирањето се практикувале за да се зачува идентитетот на умрениот во задгробниот живот.

Телото на умрениот се обложувало однатре и однадвор со смола заради зачувување, а потоа се виткало со завои, украсени со религиозни амајлии и талисмани. Внатрешнитe делови од стомакот, како и белите дробови се чувале одделно во посебен ќуп. Само срцето се оставало на своето место, затоа што се сметало дека е дом на душата. Процесот на мумификација обично траел седумдесет дена.[25]

Мумифицирањето се извршувало на малкумина одбрани, повеќето од кралското семејство. Забележано е мумифицирање на животни, било како миленичиња на семејството или како претставници на божествата. Како мумии денес можат да се најдат: ибис, мачка, крокодил, еден вид нилска риба, сокол и бабун.

По смртта на човекот, Анубис (богот на мумифицирањето) ја води душата во салата за пресуда во Дуат, а срцето на починатиот кое претставува доказ за моралноста на умрениот, се мери со пердув, што ја претставува Маат (концептот на вистина и ред). Доколку исходот е пожелен, починатиот се води пред Озирис, богот на задгробниот живот во Аару, но доколку пресудата е негативна демонот Амит („јадач на срца“ - дел крокодил, дел лав и дел нилски коњ) го уништува срцето и сопственикот останува во Дуат. Срцето кое при мерењето било полесно од пердувот се сметало за чисто срце, кое не тежело од вина или гревови предизвикани од постапките на човекот за време на животот, со што се добивала пожелна пресуда. Доколку срцето било тешко со вина и грев од животот на умрениот и тежело повеќе од пердувот, му било давано на Амит да го изеде. Според верувањето на Египќаните не постоел човек во задгробниот живот без срце, бидејќи срцето било центар за разум и емоции, за разлика од мозокот кој за време на мумификацијата бил отстрануван и исфрлан. Многупати се случувало одредено лице да биде погребано со срце сурогат кое го заменувало нивното срце при церемонијата на мерење на срцето.

Текстови

[уреди | уреди извор]
Примерок од египетската Книга на мртвите.

Не постои една религиозна книга или текст во Египет, налик на христијанската Библија или исламскиот Коран, но постојат различни текстови за различна употреба, како што се: „Амдуат“, „Книга на дишењето“, „Книга на пештерите“, „Книга на земјата“, „Книга на долниот свет“, „Книга на портите“, и најпознатата „Книга на мртвите“.

Некои митолошки информации се застапени во храмовите, и покрај тоа што турбулентните настани кои биле застапени во митовите биле во спротивност со вистинската намена на храмовите да ја слават вечната моќ и љубезност на боговите. Освен тоа, Египќаните верувале дека преку запишувањето или прикажувањето на негативните митолошки настани, особено во камен, ќе им се даде моќ на силите на хаосот. Од тие причини постојат зачудувачки малку митови во храмовите. Информации за митологијата можат да се пронајдат на посветени статуи и стели кои им биле понудувани на боговите од страна на поединците, а голем дел информации можат да се најдат и во погребните текстови.[26] Но и покрај тоа, целосни митолошки нарации до нас доаѓаат од грчки или римски извори.[27]

Различни симболи биле користени во древен Египет, а најчесто во облик на талисмани заради заштита од зло. Еден симбол е Хоровото око, друг симбол е анкот и како трет симбол е бубачката скарабеј (лепешкар).

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Johnston, Religions of the Ancient World, стр. 417
  2. known from a Demotic Egyptian text on the back of papyrus no. 215 in the Bibliotheàque Nationale, Paris
  3. Peters, F.E. "The Harvest of Hellenism", стр. 42
  4. Fleming, Fergus; Alan Lothian (1997). The Way to Eternity: Egyptian Myth. Amsterdam: Duncan Baird Publishers. стр. 75. ISBN 0-7054-3503-2.
  5. F. Fleming & A. Lothian, 12, 59
  6. Fleming and Lothian, стр. 43-44.
  7. Wilkinson, Richard H. (2000). The Complete Temples of Ancient Egypt. Thames & Hudson. p. 38-39 ISBN 0-500-05100-3.
  8. Fergus, Fleming; Alan Lothian (1997). The Way to Eternity. Amsterdam: Duncan Baird Publishers. стр. стр. 82. ISBN 0-7054-3503-2.
  9. Wilkinson, Complete Gods and Goddesses, стр. 205, 206.
  10. Wilkinson, Complete Gods and Goddesses, стр. 206.
  11. Fleming and Lothian, Way to Eternity, pp. 38-39.
  12. Wilkinson, Complete Temples, стр. 6-7.
  13. Wilkinson, Complete Temples, стр. 6.
  14. Wilkinson, Complete Temples, стр. 36.
  15. Wilkinson, Complete Temples, стр. 44, 54-68.
  16. Wilkinson, Complete Temples, стр. 86-88.
  17. On the Banks of the Nile, p. 68.
  18. Wilkinson, Complete Temples, стр. 74-75.
  19. Wilkinson, Complete Temples, стр. 90-91.
  20. Wilkinson, Complete Temples, стр. 26.
  21. Wilkinson, Complete Temples, стр. 93-94.
  22. Wilkinson, Complete Temples, стр. 91-92.
  23. Wilkinson, Complete Temples, стр. 90.
  24. Henri A. Frankfort, Kingship and the Gods, University of Chicago Press 1978, стр. 64
  25. Herodotus, Euterpe, 2.86
  26. Pinch, Geraldine (1994). Magic in Ancient Egypt. University of Texas Press. стр. 22. ISBN 0-292-76559-2.
  27. Fleming and Lothian, Way to Eternity, стр. 23.


Статијата „Староегипетска митологија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).