Прејди на содржината

Римска митологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Римската митологија)
Глава на божицата на мудроста Минерва, пронајдена во Бат во Англија.

Римската митологија односно митските верувања на луѓето од Стариот Рим, може да се рече дека се состои од две фази: првата, кога Римјаните имале автентични верувања и божества, и подоцнежната втора фаза кога речиси целосно ги пресликале грчките богови во својата митологија.

Раните римски верувања

[уреди | уреди извор]

Римјаните немале систем на систематски раскажувања за боговите и односите помеѓу нив, сè додека не ги презеле грчките приказни. Од друга страна, тие имале:

  • високо развиен систем на ритуали, свештенички здруженија и храмови за нивните божества,
  • богат систем на историски митови за основањето и растот на нивниот град Рим вклучувајќи и улоги на луѓето, со повремени божествени интервенции. Тие дури немале ни збор за вулкан, но подоцна го создале од името на богот на огнот - Вулкан.

Раните божества

[уреди | уреди извор]

Римскиот митолошки модел вклучувал многу различен начин на определување и размислување околу боговите од грчкиот. На пример, кога би можеле да го прашаме Стариот Римјанин за божицата Церера, тој не би ви раскажал некоја приказна за божицата какви што развивале Грците, но би рекол дека таа имала свои свештеници, наречени фламени, кои биле подредени на фламените на Јупитер и Марс, но надредени на фламените на Флора и Помона. Тој би можел да раскаже и дека Церера е во група со две други земјоделски божества, Либер и Либера, и дека и служат други помали божества: на жетвата (Месор), на сеењето (Инситор), плевењето (Саритор), итн.

Значи, изворната римска религија била составена не од приказни, туку од сложена хиерархија на поврзани односи помеѓу боговите.

Оваа изворна религија со време се менувала поради воведувањето на конфликтни верувања во подоцнежниот период на Рим, особено под влијание на старогрчката митологија.

Раната митологија за историјата на Рим

[уреди | уреди извор]

Спротивно на непостоењето на приказни за боговите, Старите Римјани имале богато милје на легенди за основањето и раниот развој на градот. На овие домашни традиции, подоцна им надградиле и делови од грчките легенди.

Пример за ова се Енеидата напишана од поетот Виргилиј помеѓу 29. и 19. г.п.н.е. која раскажува легенда за Ениј, тројанец кој патувал во Италија и станал предок на Римјаните. Уште еден пример се првите книги на Тит Ливиј (59.п.н.е. - 17.н.е.) кој пишувал за историјата на Рим од основањето (за кое се верувало дека се случило во 753.п.н.е.).

Домашни Римски и Италски богови

[уреди | уреди извор]

Римската ритуална пракса разликувала две класи на божества - главни, кои биле 30 на број, за секој од нив имале фиксна дата од календарот кога го славеле неговиот ден, и нови, за кои подоцна решиле дека треба да ги прославуваат, поради некој настан или потреба. Покрај овие две класи, постоеле и многу помошни божества кои „служеле“ за определени работи, нпр. жетва, орање и сл. Речиси за секоја работа постоело „помошно“ божество кое се повикувало на помош кога таа работа се изведувала.

Карактерот на божествата и начинот на прославување го отсликувале секојдневниот живот на Римјаните. Во раниот период на Рим, кога жителите сѐ уште главно се занимавале со земјоделство, и божествата повеќе биле заштитници на земјоделството. Така, Ларес го штител полето и куќата, Палес - пасиштата, Сатурн - сеењето, Церера - растот на житата, Промона - овошките, а Консус и Опс - жетвата. Дури и семоќниот Јупитер, врховниот бог на римјаните, бил замолуван да помонгне со дождовите и сонцето за да ги помогне фармите и лозјата.

Покрај тоа, Римјаните сакале и да војуваат, па имале две божества за кои верувале дека им помагаат во војните: Марс, богот на војната и Квиринус - заштитник на војската.

На чело на најСтариот Римски пантеон биле Јупитер, Марс и Квиринус, и нивните свештеници биле од највисок ранг. Потоа следеле Јанус богот на вратите, почетоците и краевите (по кој е именуван месецот јануари) и Веста - божица на срцето, домот и семејството. Подоцна и Минерва, божицата на мудроста, медицината, трговијата, занаетите, поезијата и музиката се придружила помеѓу најважните божества.

Прифаќање на странски божества

[уреди | уреди извор]

Како што се ширело Римското Царство, така и Римјаните усвојувале божества кои им припаѓале на други народи. Но, никој не извршил посилно влијание од античките грци. Особено се засилило влијанието во римската митологија по освојувањето на Стара Грција во 150.г.п.н.е. Најважните римски божества биле изедначени со грчките, а биле преземени и други, нови. Покрај тоа, божествата попримиле човечка форма, а ги усвоиле и приказните за нивните односи и врски на античките грци.

Позначајни божества од Римскиот пантеон

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]