Прејди на содржината

Пиринска Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пиринска Македонија — дел од регионот Македонија кој денес се простира во југозападниот дел на Република Бугарија, совпаѓајќи се со територијата на Благоевградската Област и подрачјето околу селото Бараково, кое денес е во Општина Кочериново, Ќустендилска Област. Зафаќа површина од околу 6.798 км2 (10,18% од географска Македонија).[1]

Административна карта на Пиринска Македонија
Топографска карта со населените места во Пиринска Македонија

Историја

[уреди | уреди извор]
Протест на Македонците во Софија, 1939 година
Мапа од германски историчар за населението на Балканот во 1920-ите. На мапата е прикажано како Пиринска Македонија е претежно населена со Македонци.

Пиринска Македонија e дел од регионот Македонија, кој по Букурешкиот мировен договор во 1913 година ѝ припаднал на Бугарија.[2] Во антиката Пиринска Македонија најпрвин била дел од Пајонија и Тракија, а подоцна станала дел од кралството Македонија. Во римскиот период Пиринска Македонија доживува своевиден процут, за што сведочат повеќето археолошки ископини на антички градови во близината на денешните градови Горна Џумаја (денес Благоевград), Свети Врач (денес Сандански), село Рупите и др. Во средновековниот период Пиринска Македонија била под власта на царот Самуил, Византија и балканските феудалци. Со доаѓањето на Турците, Пиринска Македонија бележи одредена стагнација, но сепак не го напушта својот непокорлив македонски дух. За време на Руско-турската војна во 1877-8 година, северниот дел на Пиринска Македонија ќе потпадне под руската окупациона зона, но по Берлинскиот конгрес ќе ѝ биде вратен на Турција. На подрачјето на Пиринска Македонија е кренато Кресненското (Македонското) востание против османлиската власт во 1878/79 година со центар во Кресна, кое имало силен македонски национален карактер и цел да создаде независна автономна македонска држава. Кон крајот на XIX век на територијата на Пирин со својата чета ќе царува големиот македонски револуционер и великан Јане Сандански (близок соработник на Гоце Делчев и најголем борец против врховизмот) кој е познат под прекарот „Пирински цар“ и кој ќе го изврши познатото грабнување на протестантската мисионерка Мис Стон. По Втората светска војна во времето на владеењето на Георги Димитров, Македонците од Пиринска Македонија ќе добијат целосна културна автономија која требала преку законска рамка да прерасне во територијална и Пиринска Македонија да се обедини кон тогашната СР Македонија како кон матична држава во рамките на балканската федерација.

Според пописот од 2011 населението на Пиринска Македонија (Благоевградска област) брои 341.173 жители. Како мајчин јазик го декларирале бугарскиот 306.118 (89,73%), 19.819 (5,81%) жители го признале за мајчин јазик турскиот, а 9.232 (2,71%) - ромскиот.

Население

[уреди | уреди извор]

Според последниот попис од 2011 година, 814 лица во Пиринско се декларирале како Македонци (0,29%), 544 од нив декларирале македонскиот јазик како мајчин (0,19%), а општо 561 од населението на Благоевградската област декларирале македонскиот јазик како мајчин (0,20%).[3]

Официјални податоци од бирото за статистика на Бугарија за населението во Благоевградската област според пописот во 2011 година[4]

Етнички групи во Благоевградската област

[уреди | уреди извор]

Според информациите од бугарската влада во Пиринска Македонија населението е претежно Бугарско, тоа е заради ксенофобиската асимилациска пропаганда од Бугарската држава. Според други извори бројот на Македонци е поголемо но се негирани заради политички причини.

Етничка група број
%
бугарска 248.613 88,65%
турска 16.774 5,98%
ромска 9.429 3,36%
неизјаснети 2.595 0,93%
друга 1.743 0,62%
македонска 814 0,29%
руска 320 0,11%
украинска 62 0,02%
грчка 54 0,02%
ерменска 26 0,02%
романска 12 0,00%
Вкупно 280.444 100%

Географија

[уреди | уреди извор]

Во целост во Благоевградската област може да се одделат 6 географски целини:

  • Планината Пирин (со планината Славјанка на југ) во средишниот дел на областа.
  • Осоговско-беласичката планинска група, која ги вклучува планините Осогово, Влаина, Малешевска Планина, Огражден и Беласица, преку кои минува границата со Република Македонија.
  • Долината и сливното подрачје на реката Струма западно од Пирин Планина и околината на градот Петрич во плодна широка рамнина (котлина).
  • Долината и сливното подрачје на реката Места источно од Пирин Планина, која исто така во јужниот дел во околината на градот Неврокоп (денес Гоце Делчев) е плодна и пространа рамнина со повисока надморска височина од Петричкото Поле.
  • Наjзападните ридови на планината Родопи на исток од реката Места.
  • Јужниот дел на планината Рила.

Формата на пиринскиот дел на Македонија е неправилна. Растојанието меѓу најоддалечените точки во правец север - југ, изнесува 87 километри и се наоѓа во источниот дел на областа, додека растојанието меѓу најоддалечените точки во правец исток - запад, кое се наоѓа во јужниот дел, изнесува 111 километри.[1]

Источната граница на Пиринска Македонија, која е долга 130 километри, сета е планинска, започнувајќи на јужниот дел на планината Доспат, продолжувајќи во северен правец по високиот доспатски и западнородопски гребен и планинските врвови.[5] Оваа граница претставува вододелница на сливните подрачја на реките Места и Марица, а истовремено е и административна граница кон соседните области Смољан и Пазарџик, како и етногеографска граница помеѓу Македонија и македонскиот народ од една и Бугарија и бугарскиот народ и неговите субетнички групи како што се родопските Помаци. Северната граница на Пиринска Македонија е долга околу 95 километри и започнува да се протега од изворишниот дел на реката Места и нејзината вододелница со Марица, продолжувајќи кон запад преку планинските врвови Ангелов Врв (2715), Царев Врв (2390) кои ги одделуваат планините Пирин и Рила, а воедно и реките Рилска и Благоевградска Бистрица, навлегува во долината на реката Струма кај Горна Џумаја (Благоевград) и искачувајќи по Влаина Планина на границата со Република Македонија.[5] Како и западната и оваа граница на Пиринска Македонија има административно и етногеографско значење во однос на Бугарија и нејзините етногеографски и административни области, Ќустендил и Софија и шопската субетничка група. Источната и северната граница на Пиринска Македонија, се изразити и целосно планински, јасно одвојувајќи ја Пиринска Македонија од бугарските области, при што овие граници се природни и многу тврди, минувајќи низ најголемите планински масиви на Балканот и во Европа.[1] Западната граница во должина од 94 километри, која има секундарно значење и претставува државна граница со Република Македонија, од Влаина Планина и Пијанец води кон југ по вододелницата на речните сливови на Брегалница и Струма и се искачува на билото на Малешевски Планини по врвови високи 1932 (Кадиица), 1744 и 1404 метри, за преку планината Огражден да се спушти во Струмичкото Поле и сечејќи ја долината на реката Струмешница да заврши искачувајќи се по гребенот на планината Беласица.[1] Јужната граница на пиринскиот дел на Македонија, која е долга 150 километри, започнува на гребенот на Беласица на тромеѓата меѓу Македонија, Грција и Бугарија, односно трите делови на Македонија и продолжува кон исток преку врвови високи 1892 и 2030 (Калабак) метри, при што се спушта и ја сече долината на Струма во Рупелската Клисура, па продолжувајќи преку Рупелската и Гоцевата Планина и јужните ограноци на Пирин, се спушта и ја сече долината на Места кај градот Неврокоп (Гоце Делчев), за да заврши на јужното било на Доспат.[1] Оваа граница е државна граница на Бугарија кон Грција, меѓутоа нема никакво географско значење.[1]

Список на населените места во Пиринска Македонија

[уреди | уреди извор]

Банско, Гостун, Добриништа (Добриниште), Кремен, Места, Обидим, Осеново, Филипово

Бабјак, Белица, Гарван (Златарица), Гољово (Гал’бово), Дагоново, Краиште, Кузово, Лутово (Љутово), Орцево, Палатик, Хахњово (Горно Краиште), Черешево (Черешово)

Ајдарово (Изгрев), Бело Поле, Бистрица, Бучино, Габрово, Горна Џумаја (Благоевград), Дебочица, Делвино, Делијазмино (Зелендол), Дреново (Дренково), Добрава, Еленово, Клисура, Крџево (Б’лгарчево), Лешко, Лешница (Обел), Лисија, Логодаж, Марулево, Моштанец, Падеш, Покровник, Селиште, Хасарлак (Рилци), Хрсово (Горно Хрсово), Церово

Баничан, Брезница, Буково, Даг Чифлик (Добротино), Јуч Дурук (Делчево), Корница, Л’жница, Мусомишта (Мосомиште), Неврокоп (Гоце Делчев) Нов Чифлик (Борово), Папас Чаир (Попови Ливади), Цирополе (Господинци)

Балдево, Горно Дреново, Грмен, Дабница, Дебрен, Долно Дреново, Ковачевица, Крушево, Лештен, Марчево, Ореше, Осиково, Рибново, Скребатно, Фотовишта (Огњаново), Фустане (Хвостјане)

Аврамово, Бел Камен, Бунцево, Јакоруда, Јуруково, Конарско, Иланско (Смолево), Черна Места

Влахи, Кресна, Брезница (Горна Брезница), Долна Градешница, Оштава, Сливница Стара Кресна,

Баскалци, Богородица, Боровичене, Вишна (Вишлене), Габрене, Гега, Горчево, Долене, Долна Крушица, Долна Рибница, Долно Спанчево, Драгуш, Дреново, Дреновца (Дреновица), Елешница (Беласица), Ени Чифлик (Ново Кономлади), Зојчене, Иваново, Јаворница, Јаково, Камена, Капатово, Клуч, Коларово, Крналово, Крнџилица, Кромидово, Кукурахцево, Кулата, Марикостиново, Марино Поле, Масли Чифлик (Кладенци), Мендово, Митино, Михново (Михнево), Орман (Кавракирово), Петрич, Покровник (Дрангово), Право Брдо, Првомај, Припечене (Генерал Тодоров), ’Рждак, Рибник, Робово (Волно), Самуилова Крепост, Димидово (Самуилово), Скрт, Старчево, Струмешница, Тонско Дабе, Тополница (Нова Тополница), Чурилово, Чуричени, Чучулигово, Ширбаново (Рупите)

Бања, Бачево, Годлево, Горно Драглишта (Г. Драглиште), Долно Драглишта (Д. Драглиште), Елешница, Мехомија (Разлог), Недобарско (Добарско)

Белевехчево, Белово, Бождово, В’лково, Врања, Голем Цалим, Голешово, Горна Сушица, Горни Орман (Ладарево), Горно Спанчево, Дебрене, Дере Мислим (Лозеница), Долени, Долна Сушица (Златолист), Долни Орман (Ласкарево), Ѕивгелија (Зорница), Јаново, К’рланово, Калиманци, Катунци, Кашина, Ковачево, Крстилци, Лебница, Левуново, Лески (Вихрен), Лехово, Лешница, Лилјаново, Љубовишта (Љубовиште), Љубовка, Малки Цалим, Манџово (Виногради), Мелник, Ново Делчево, Ново Хоџово, Орман Чифлик (Дамјаница), Петрово, Пиперица, Пирин, Плоски, Поленица, Рожен, Свети Врач (Сандански), Склаве, Спатово, Стожа, Струма, Сугарево, Хотово, Храсна, Хрсово, Черешница, Џигурово

Боголин, Марулево (Ваклиново), В’лкосел, Годешево, Долен, Жижево, Кочан, Крабул (Крибул), Осина, Плетена, Сатовча, Слаштен, Туховишта, Фргово

Брестово, Горно Осеново, Градево, Докатичево, Долна Сушица (Полена), Долно Осеново, Железница, Крупник, Мечкул, Полето, Ракитна, Сенокос, Симитли, Србиново (Брежани), Сухострел, Сушица, Тросково, Черниче

Белица (Илинденци), Велјуштец, Вракуповица, Гореме, Горна Крушица, Горна Рибница, Добри Лаки, Драката, Игралишта (Игралиште), Каменица, Клепало, Колибите, Крпелево, Махалата, Микрево, Никудин, Палат, Раздол, Седелец, Струмјани и Цапарево

Абланица, Беслен, Блатска, Гајтаниново, Копривлен, Л’ки, Лески (Н. Лески), Либјахово (Илинден), Нова Ловча, Парил, Петралик (Петрелик), Садово, Теплен, Тешово, Хаџидимово

Барутин, Брештен, Доспат, Змеица, Касак, Љубча, Црнча, Чавдар

Медени Полјани, Побит Камук, Срница

Македонски весници во Пиринска Македонија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни информации и врски

[уреди | уреди извор]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Трифуноски, Ф. Јован. „Пиринскиот дел на Македонија - краток географски преглед“. Универзитетска печатница, Скопје, 1967. стр. 4
  2. „Pirin Macedonia“. Архивирано од изворникот на 2010-01-28. Посетено на 2010-03-29.
  3. Население по етническа група и майчин език в област: Благоевград.[мртва врска]
  4. Население по етническа група и майчин език в област: Благоевград.[мртва врска]:
  5. 5,0 5,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Пиринскиот дел на Македонија - краток географски преглед“. Универзитетска печатница, Скопје, 1967. стр. 3