Банана
Банана | |
---|---|
Бананино дрво кај Луксор, Египет. | |
Родители | Musa acuminata × Musa balbisiana Colla 1820 |
Сортна група | погл. Список на сорти на банани |
Потекло | Југоисточна Азија, Јужна Азија |
Банана е име на род на зелјести растенија (лат. Musa) и на економски значаен вид (Musa sapientium) од семејството на бананите (Musaceae). Истото име се користи и за плодот на овие растенија, кој луѓето го користат во исхраната како овошје.[1][2]
Бананата е овошје кое од ботаничко гледиште претставува бобинка.[3] Таа е плод на неколку големи зелјести, скриеносемени, монокотиледони растенија од родот Musa.[4] Во некои земји, бананите се користат за варење, и тогаш се нарекуваат плантани. Ова овошје варира според величина, боја и цврстина, обично е издолжено и свиткано, со мек плод, богат со скроб и покриен со лушпа која може да биде зелена, жолта, црвена, пурпурна или кафена кај зрелите плодови. Плодовите растат во групи кои висат од врвот на растението. Скоро сите модерни, јадливи банани се партенокарпени (безсемени) банани кои потекнуваат од два диви вида - Musa acuminata и Musa balbisiana. Научните имиња на најчесто одгледуваните видови се: Musa acuminatа, Musa balbisiana и нивниот хибрид Musa × paradisiaca, што зависи од нивната геномска градба. Постарото научно име, Musa sapientum, повеќе не е во употреба.
Природната животна средина на видовите од родот Musa се тропските предели на Индомалајската биогеографска област и Австралија, а се претпоставува дека првобитно почнал да се култивира во Папуа Нова Гвинеја.[5][6][7] Бананите се одгледуваат во најмалку 107 земји во светот,[8] првенствено поради плодот, а во помала мера поради производство на влакна, вино од банани, пиво од банани или како декоративно растение.
Не постои јасна разлика помеѓу термините "банана" и "плантани". Во Америка и Европа под терминот "банана" се подразбираат меки, слатки десертни банани, посебно од групата Кевендиш, кои се и главен извозен производ од земјите каде се одгледуваат. Спротивно на тоа, сортите од родот Musa со поцврсти плодови и побогати со скроб се нарекуваат "плантани". Во други региони, како што е Југоисточна Азија, се одгледуваат други типови на банани кои се употребуваат во исхраната, така да оваа поделба ниту е корисна ниту се употребува во локалните јазици.
Терминот "банана" се користи и како заедничко име за други растенија кои го создаваат овој плод.[4] Терминот може да се примени и за другите членови од родот Musa, како што се: скарлет банана (Musa coccinea), розова банана (Musa velutina) и Феи банана (Musa × troglodytarum). Овој термин може да се однесува и на членовите од родот Ensete, како што е снежната банана (Ensete glaucum) и, економски значајната, лажна банана (Ensete ventricosum). И двата рода се припадници на фамилијата Musaceae. Бананите се вреден извор на витамин Б6, витамин Ц и калиум.
Потекло на поимот
[уреди | уреди извор]Се претпоставува дека зборот "банана" е со западноафриканско потекло, веројатно од зборот banaana од волофскиот јазик, а во другите светски јазици влегол во употреба преку шпанскиот или португалскиот јазик.[9]
Особености
[уреди | уреди извор]Бананата е најголемото зелјесто цветно растение. Личи на дрво, но тоа што би се нарекло стебло е, всушност, квазистебло и претставува оска опфатена со дршките на листовите што излегуваат од еден краток ризом поставен во основата. Всушност, тука се работи за монокотиледонска "голема трева", а не за дикотиледоно дрво.[10] Култивираните банани варираат во однос на висината, што зависи од видот и условите на одгледувањето. Бананите растат на различни типови на почва, потребно е само земјиштето да биде длабоко барем 60 сантиметри, да има добра дренажа и да е растресито.[10] Најголем број од растенијата имаат висина од околу 5 метри, со варијација од "џуџестиот Кевендиш", со висина од околу 3 метри, до "Грос Мичел", со ви��ина од 7 или повеќе метри.[11] Листовите се спирално распоредени и можат да пораснат до 2.7 метри во должина и 60 сантиметри во ширина. Тие лесно се кинат под влијание на ветер, што е причина за нивниот специфичен изглед на папрат.[12]
Кога растението ќе порасне, ризомот престанува да произведува нови листови и почнува да формира цветни оски или класови.[10] Секое квазистебло нормално создава еден клас познат како "срце на бананата". Понекогаш може да се формираат неколку класови, а само едно растение на Филипините има создадено пет класови.[13] По зреењето, квазистеблото умира, но потомството нормално се развива од основата, така да целокупното растение е повеќегодишно. Во плантажниот систем на култивација, за да се одржи растојание помеѓу изданоците на растенијата, му се дозволува само на еден изданок да се развие.[10] Класот може да содржи многу чашкини ливчиња помеѓу редовите на цветовите. Женските цветови (кои по оплодувањето се развиваат во плодови) се јавуваат во редови високо на изданокот (блиску до листовите), за разлика од редовите на машките цветови. Толчникот е инфериорен, што значи дека венечните листови и другите цветни делови се јавуваат на врвот на толчникот.
Плодовите на бананата се развиваат од срцето на бананата, во голем висечки грозд, составен од слоеви (наречени "раце"), со околу дваесетина плодови во ред. Висечкиот грозд, кој се состои од 3 до 20 слоеви, комерцијално се нарекува сноп на банани и може да тежи 30-50 килограми. Поединечните плодови (познати како банани или "прсти") во просек имаат околу 125 грама, од кои 75 % е вода и 25% е сува материја.
Плодот се опишува како кожеста бобинка.[14] Тој содржи надворешен заштитен слој (кора или кожа) со бројни долги и тенки влакна (флоемски снопови), кои се протегаат долж целиот плод меѓу кожата и внатрешната содржина која се јаде. Внатрешниот дел е, обично, со жолта боја и може надолжно да се подели во три дела кои одговараат на внатрешните делови на трите плодника. Кај култивираните вариетети, присуството на семињата е намалено до толкава мера да практично ги нема; нивните остатоци се мали црни дамки во внатрешноста на плодот.[15]
Бананите природно се многу слабо радиоактивни,[16][17] но во поголема мера од останатите овошја, што се должи на високата содржина на калиум и малите количина на изотопот калиум-40, присутен во природниот калиум.[18]
Таксономија
[уреди | уреди извор]Родот Musa прв го опишал Карл Лине во 1753 година.[19] Се претпоставува дека Лине името го зел од името на лекарот на римскиот цар Август, Антониј Мусе, или, пак, го адаптирал арапскиот збор за банана, арап. موز, mauz.[20] Родот Musa е класифициран во фамилијата Musaceae, а APG III системот (анг. Angiosperm Phylogeny Group) ја класифицира оваа фамилија во редот Zingiberales, кој е дел од кладот на монокотиледоните растенија. Родот Musa содржи околу 70 вида, кои се наведни во Светскиот список на одбрани растителни фамилии (анг. World Checklist of Selected Plant Families), при последното ажурирање од јануари 2013 година.[21] Некои од овие видови даваат јадливи плодови, додека други се одгледуваат како декоративни растенија.[22]
Класификацијата на култивираните банани долго време претставувала предизвик за таксономите. Лине, првобитно ги групирал бананите во два посебни вида, во зависност од тоа дали се користат во исхраната. Тој со името Musa sapientum ги означил бананите кои се консумираат како слатко овошје, а со Musa paradisiaca ги означил плантаните. Подоцна, дадени се други имиња на видовите. Овој пристап се покажал неадекватен, затоа што не можел да го опфати големиот број на вариетети кои постојат во Југоисточна Азија, која претставува изворното подрачје од кое се распространил овој растителен род. На многу од овие вариетети дадени им се имиња за кои подоцна се утврдило дека се синоними.[23]
Во серија на истражувања, објавени 1947 година, Ернест Чизман докажал дека видовите на Лине, Musa sapientum и Musa paradisiaca, се, всушност, вариетети и потомци на два диви вида кои создаваат вистинско семе: Musa acuminata и Musa balbisiana. И двата вида прв ги опишал Лујџи Алојзиус Кола.[24] Тој предложил отфрлање на Линеовите предлози за видовите во корист на нова класификација на бананите, која би била во согласност со трите морфолошки различни групи на вариетети. Како прв вид, тој ги предложил вариететите кои ги имаат ботаничките особини на Musa balbisiana, во вториот вид ги предлож��л вариететите кои ги имаат ботаничките особини на Musa acuminate, а во третиот вид, вариететите со особини кои се комбинација на особините на претходните два вида.[23]
Во 1955 година, Норман Симондс и Кен Шеферд предложиле систем на номенклатура, кој би бил заснован на геномот на растенијата. Овој систем ги елиминира сите потешкотии и недостатоци на старите класификациони системи. И покрај ова, првобитните имиња и понатака се во употреба од страна на некои научници и институции, што често може да доведе до забуни.[25]
Моментално прифатените научни имиња за мнозинството култивирани банани се: Musa acuminata Colla и Musa balbisiana Colla, за видовите од кои е добиен хибридот M. acuminata × M. balbisiana, односно Musa × paradisiaca L.[26]
Генерално, модерните класификации на сортите на банани го следат системот на Симондс и Шеферд. Припитомените видови се поделени во групи според бројот на хромозомите и видовите со чија хибридизација се добиени. На тој начин, латундан бананите се ставени во групата AAB, што значи дека сортата е триплоидна и изведена од видовите M. acuminata (A) и M. balbisiana (B). Во 2012 година, тим на научници успеале да добијат нацрт на секвенците од геномот на видот Musa acuminatа.[27]
Историја на култивацијата
[уреди | уреди извор]Во антички времиња
[уреди | уреди извор]Први кои ја припитомиле и одгледувале бананата биле домородното население на Југоисточна Азија и Папуа Нова Гвинеја. Неодамнешните археолошки и палеонтолошки докази од мочуриштето Кук, во провинцијата Западна Висорамнина во Папуа Нова Гвинеја, покажуваат дека култивирањето на бананите потекнува најмалку пред 5000 пр.н.е., а можеби и до 8000 п.н.е.[28][29] Многу е веројатно дека други видови подоцна, и независно, биле припитомени ширум Југоисточна Азија. Затоа, Југоисточна Азија е регионот на примарниот диверзитет на бананите. Пределите на секундарен диверзитет се наоѓаат во Африка, што укажува на долгата историја на одгледувањето банани во овој регион.[11]
Откритието на фитолити во Камерун, кои датираат од првиот милениум пр.н.е.,[30] покренаа, сѐ уште неразрешена, расправа за почетоците на култивацијата на бананите во Африка. Постојат одредени лингвистички докази дека бананите во тоа време биле познати на островот Мадагаскар.[31] Постарите докази покажуваат дека одгледувањето на бананите во Африка не почнале пред втората половина на 6 век од н.е.[32] Меѓутоа, постои веројатност дека бананите биле донесени барем до Мадагаскар, ако не и до источноафриканското крајбрежје, во текот на една фаза на малагашката колонизација на островот од Југоисточна Азија, околу 400 година пр.н.е.[32]
Бананите, исто така, биле присутни и во одредени подрачја ширум Блискиот Исток, во периодот кога почнал да се шири исламот. Ширењето на исламот довело до големо ширење во одгледувањето на бананите. Постојат бројни наводи во исламската литература, почнувајќи од деветтиот век, каде бананите се спомнуваат (во поеми и хадиси). Со почетокот на десеттиот век, бананите се споменуваат во текстови од подрачјата на денешна Палестина и Египет. Оттаму, бананите се шират во Северна Африка и во муслиманска Андалусија. Во текот на средновековието, бананите кои растеле во Гранада се сметале за најквалитетни во арапскиот свет.[33] Околу 650-тата година, исламските освојувачи ја донеле бананата во Палестина. Денес, потрошувачката на бананите значително расте во исламските земји во месецот на рамазанските постови.
Со сигурност се знае дека бананите биле одгледувани во христијанското кралство Кипар, во доцниот средновековен период. Италијанскиот патописец, Габриел Каподилиста, во 1458 година, позитивно пишувал за производството на банани на имотите на епископијата во близина на денешниот град Лимасол, а во своите патописи дава описи и на самите плантажи.[34]
Бананите биле воведени во Америка од страна на португалските морепловци, кои ова овошје го пренеле од Западна Африка во 16 век.
Плантажна култивација на Карибите, Централна и Јужна Америка
[уреди | уреди извор]Во 15 и 16 век, португалските колонисти започнале плантажи на банани на Атлантските Острови, во Бразил и во западна Африка.[35] Населението од Северна Америка започнало да консумира банани во мали размери и по многу високи цени, кратко по Граѓанската војна, но, во 1880-тите години, бананите станале пошироко употребувани.[36] Во доцниот викторијански период, бананите во Европа сѐ уште не биле широко познати, иако биле достапни. Жил Верн, во своето најпознато дело "Пат околу светот за осумдесет дена" (1872), со детални описи им ги претставува бананите на своите читатели.
Најраните современи плантажи на банани потекнуваат од Јамајка и околната западна карипска зона, вклучувајќи го и поголемиот дел од Средна Америка. Северноамериканските транспортери, како Лоренцо Дау Бејкер и Ендру Престон, основачите на Бостонската компанија за плодови (анг. Boston Fruit Company), го започнале транспортот во 1870-тите години, но, исто така, учествувале и градежници на железнички пруги, како што е Манор К. Кит, што на крајот кулминирало со формиирањето на мултинационалните, гигантски корпорации, како денешната Chiquita Brands International и Dole.[36] Овие компании биле монополистички, вертикално интегрирани (што значи дека тие го контролирале растот, преработката, транспортот и маркетингот) и обично користеле политички манипулации за изградба на економски енклави (економии кои биле внатрешно самоодржливи, ослободени од данок и извозно ориентирани, со многу мал придонес за локалната економијата). Нивните политички маневри, кои довеле до поимот „банана-држава“ за државите како Хондурас и Гватемала, вклучувале соработка со локалните елити и нивните соперници, за да влијаат на политиката и да бидат марионети на интернационалната политика на САД, особено за време на Студената војна, за да ја задржат политичката клима која била во нивен интерес.[37]
Производство и транспорт на плодот
[уреди | уреди извор]Хранлива вредност на 100 г | |
---|---|
Енергија | 371 kJ (89 kcal) |
22,84 г | |
Шеќери | 12,23 г |
Влакна | 2,6 г |
0.33 г | |
1,09 г | |
Витамини | |
Тиамин (Б1) | (3 %) 0,031 мг |
Рибофлавин (Б2) | (6 %) 0,073 мг |
Ниацин (Б3) | (4 %) 0,665 мг |
Пантот. кис. (Б5) | (7 %) 0,334 мг |
Витамин Б6 | (31 %) 0,4 мг |
Фолна кис. (Б9) | (5 %) 20 μг |
Холин | (2 %) 9,8 мг |
Витамин Ц | (10 %) 8,7 мг |
Минерали | |
Железо | (2 %) 0,26 мг |
Магнезиум | (8 %) 27 мг |
Манган | (13 %) 0,27 мг |
Фосфор | (3 %) 22 мг |
Калиум | (8 %) 358 мг |
Натриум | (0 %) 1 мг |
Цинк | (2 %) 0,15 мг |
Други состојки | |
Вода | 74,91 г |
Флуорид | 2,2 µг |
| |
Постотоците се приближно пресметани според препораките за возрасни лица во САД. Извор: База за хранливост — USDA |
Производството на банани е ограничено на земји од тесен географски појас, кои поседуваат адекватни климатки услови за одгледување на оваа овошка. Бананите се и еден од главните извозни производи на овие држави, во прв ред на Гвинеја, Еквадор, Колумбија, Мексико и други Латиноамерикански држави. Бананите се одгледуваат на плантажи. Земјата би требало да има поголеми капацитети на вода, а плантажите често се оградуваат поради заштита од ветер, за оптимизација на приносот, бидејќи стеблото е многу кршливо. Бербата почнува 80 до 100 дена по цветањето, а бананите задолжително се берат во незрела состојба, дури и кога не се наменети за извоз, бидејќи евентуалното пукање на лушпата и излачување на соковите претставува поволна средина за развој на микроорганизми. Зелените плодови се тешки и без вкус, но се цврсти, и затоа се погодни за транспорт.
По бербата, бананите се пакуваат и подготвуваат за транспорт. Транспортот најчесто се врши со бродови, оптимално трае 4 до 10 дена, а транспортот подолг од 14 дена сериозно го загрозува квалитетот на бананите. Оптималната температура на транспорт е 11-15 степени Целзиусови, затоа што во овој температурен интервал ензимската активност, која влијае на созревање на плодот, е најмала. Иако респираторната активност на плодот е многу намалена, сепак, таа е на некое основно ниво кое, за да се одржи, потребна е циркулација на воздухот.
Созревање на плодот
[уреди | уреди извор]По приемот на крајното одредиште на транспортот, се пристапува на созревањето на плодовите. Во плодот се случуваат низа хемиски промени, од кои е најважна трансформацијата на скробот во сахароза и гликоза (во помала мера и фруктоза), но највидливата промена е промената на бојата на плодот од зелена во жолта, што е резултат на разградувањето на молекулите на хлорофил, а задршка на жолтите каротиноидни пигменти. Незрелата банана содржи 17-19% скроб и само 2-5% сахароза, гликоза и фруктоза, додека зрелата банана има само 1-4% скроб, а 17-18% од шеќерите. Количината на органски киселини и танини не се менува значително во текот на зреењето. Оптималната температура за созревање на плодовите е 16-20 степени Целзиусови, оптимална влажност е околу 80%, а за некои соеви и до 95%, при што е потребна постојана циркулација на воздухот. Ова е неопходно бидејќи се интензивираат респираторните процеси, а и поради оптимизација на ослободување на споредни производи при процесот на созревање на плодот. Созревањето трае обично 4 до 10 дена и се одвива во посебни наменски комори.
Нутритивен профил на бананата
[уреди | уреди извор]Сировите банани (без кора) содржат 75% вода, 23% јаглехидрати, 1% белковини и занемарливи количини на липиди (види табела). Сто грама банани имаат енергетска вредност од 89 калории и се богат извор на витамин Б6, кој обезбедува 31% од препорачаната дневна вредност, содржат умерена количина на витамин Ц, минерали и прехранбени влакна.
Иако најчесто се смета дека бананите содржат исклучително висока количина на калиум,[38] оваа количина е релативно ниска во споредба со некои други видови на храна. Зеленчуци со повисока содржина на калиум од десертните банани (358 mg на 100 грама) се: сиров спанаќ (558 mg на 100 грама), печен компир без лушпа (391 mg на 100 грама), варена соја (539 mg на 100 грама), печени портабела печурки (437 mg на 100 грама) и сосови од преработен домат (413–439 mg на 100 грама). Сировите плантани содржат 499 мг калиум на 100 грама. Дехидрираните десертни банани или бананата во прав содржат 1491 мг калиум на 100 грама.[39]
Поединци со алергија на латекс, може да разбијат и алергиска реакција на банани.[40]
Бананата како мотив во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Шега со банани“ — расказ на македонската писателка Цветанка Трпкова.[41]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Banana“. 2009-04-15. Архивирано од изворникот на 2009-04-15. Посетено на 2018-02-28.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ „Fruit Identification Outline“. www2.palomar.edu. Архивирано од изворникот на 2018-02-19. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „Fruit key“. courses.botany.wisc.edu. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ 4,0 4,1 „Definition of BANANA“ (англиски). Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „Tracing Antiquity of Banana Cultivation in Papua New Guinea“. 2007-08-29. Архивирано од изворникот на 2007-08-29. Посетено на 2018-02-28.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ C Nelson, Scot; Ploetz, Randy; Kay Kepler, Angela (2006-01-01). Musa species (banana and plantain). 2006.
- ↑ „Was Papua New Guinea an Early Agriculture Pioneer?“. news.nationalgeographic.com. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „FAOSTAT“. www.fao.org. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „banana | Origin and meaning of banana by Online Etymology Dictionary“. www.etymonline.com (англиски). Посетено на 2018-02-28.
- ↑ 10,0 10,1 10,2 10,3 Stover, R.H. & Simmonds, N.W. Bananas. Harlow, England: Longman. ISBN 978-0-582-46357-8.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ 11,0 11,1 Ploetz, Randy; Kay Kepler, Angela; Daniells, Jeff; C Nelson, Scot (2007-01-01). Banana and plantain – an overview with emphasis on the Pacific Island cultivars.
- ↑ „Banana Trees Banana Plants - Growing Info“. www.bananaplants.net. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ News, ABS-CBN. „Banana plant with five hearts is instant hit in Negros Occ“. ABS-CBN News (англиски). Посетено на 2018-02-28.
- ↑ Smith, James P. (1977). Vascular Plant Families. Eureka, Calif.: Mad River Press. ISBN 978-0-916422-07-3.
- ↑ Information, Reed Business (1962-10-04). New Scientist (англиски). Reed Business Information.
- ↑ „Did You Know that Bananas are Radioactive?“. ThoughtCo. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ Quora. „Yes, Bananas Are Radioactive, And Yes, You Should Keep Eating Them Anyway“. Forbes (англиски). Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „Everything Emits Radiation—Even You | DiscoverMagazine.com“. Discover Magazine. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „World Checklist of Selected Plant Families: Royal Botanic Gardens, Kew“. wcsp.science.kew.org (англиски). Архивирано од изворникот на 2021-04-20. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ Hyam, R. & Pankhurst, R.J. (1995). Plants and their names: a concise dictionary. Oxford: Oxford University Press. стр. 329. ISBN 978-0-19-866189-4.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ „World Checklist of Selected Plant Families: Royal Botanic Gardens, Kew“. wcsp.science.kew.org (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-05-21. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ Bailey, Liberty Hyde (1916). The Standard Cyclopedia of Horticulture: A Discussion for the Amateur, and the Professional and Commercial Grower, of the Kinds, Characteristics and Methods of Cultivation of the Species of Plants Grown in the Regions of the United States and Canada for Ornament, for Fancy, for Fruit and for Vegetables; with Keys to the Natural Families and Genera, Descriptions of the Horticultural Capabilities of the States and Provinces and Dependent Islands, and Sketches of Eminent Horticulturists (англиски). Macmillan.
- ↑ 23,0 23,1 „WebCite query result“ (PDF). www.webcitation.org (англиски). Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-05-30. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „Musa paradisiaca“. 2008-09-05. Архивирано од изворникот на 2008-09-05. Посетено на 2018-02-28.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ „M.M.P.N.D. - Sorting Musa names“. www.plantnames.unimelb.edu.au. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „World Checklist of Selected Plant Families: Royal Botanic Gardens, Kew“. wcsp.science.kew.org (англиски). Архивирано од изворникот на 2019-05-01. Посетено на 2018-02-28.
- ↑ D'Hont, Angélique; Denoeud, France; Aury, Jean-Marc; Baurens, Franc-Christophe; Carreel, Françoise; Garsmeur, Olivier; Noel, Benjamin; Bocs, Stéphanie; Droc, Gaëtan (2012-08-09). „The banana (Musa acuminata) genome and the evolution of monocotyledonous plants“. Nature. 488 (7410): 213–217. doi:10.1038/nature11241. ISSN 1476-4687. PMID 22801500.
- ↑ Gosden, Chris; Hather, Jon G. (1999). The Prehistory of Food: Appetites for Change (англиски). Routledge. ISBN 9780415117654.
- ↑ Denham, T. P.; Haberle, S. G.; Lentfer, C.; Fullagar, R.; Field, J.; Therin, M.; Porch, N.; Winsborough, B. (2003-07-11). „Origins of Agriculture at Kuk Swamp in the Highlands of New Guinea“. Science (англиски). 301 (5630): 189–193. doi:10.1126/science.1085255. ISSN 0036-8075. PMID 12817084.
- ↑ „Evidence for Banana Cultivation and Animal Husbandry During the First Millennium bc in the Forest of Southern Cameroon“. Journal of Archaeological Science (англиски). 27 (2): 151–162. 2000-02-01. doi:10.1006/jasc.1999.0447. ISSN 0305-4403.
- ↑ Nayar, Nm (2010-01-26). The Bananas: Botany, Origin, Dispersal. ISBN 9780470527238.
- ↑ 32,0 32,1 „Africa's earliest bananas?“. Journal of Archaeological Science (англиски). 33 (1): 102–113. 2006-01-01. doi:10.1016/j.jas.2005.06.015. ISSN 0305-4403.
- ↑ Watson, A. (1983). Agricultural innovation in the early Islamic world. New York: Cambridge University Press. стр. 54. ISBN 978-0-521-24711-5.
- ↑ Jennings, Ronald (1992). Christians and Muslims in Ottoman Cyprus and the Mediterranean World. New York: NYU Press. стр. 1571–1640. ISBN 978-0-8147-4181-8.
- ↑ „Phora Ltd. - History of Banana“. 2009-04-16. Архивирано од изворникот на 2009-04-16. Посетено на 2018-02-28.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 36,0 36,1 Koeppel, Dan (2008). Banana: The Fate of the Fruit that Changed the World. New York: Hudson Street Press. стр. 51–53. ISBN 978-0-452-29008-2.
- ↑ „Big-business greed killing the banana“. 2008-05-24. Архивирано од изворникот на 12 јуни 2018. Посетено на 2018-02-28. Наводот journal бара
|journal=
(help) - ↑ „Bananas! Eating Healthy Will Cost You; Potassium Alone $380 Per Year“. Medical News Today (англиски). Посетено на 2018-02-28.
- ↑ „Food Composition Databases Show Nutrients List“. ndb.nal.usda.gov (англиски). Посетено на 2018-02-28.
- ↑ Taylor, James S.; Erkek, Emel (2004). „Latex allergy: diagnosis and management“. Dermatologic Therapy. 17 (4): 289–301. doi:10.1111/j.1396-0296.2004.04024.x. ISSN 1396-0296. PMID 15327474.
- ↑ Цветанка Трпкова, Раздавање на душата. Скопје: Темплум, 2023, стр. 32-36.
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Банани - фамилија
- Готварска банана
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Бананата и нејзината хранливост Архивирано на 29 јули 2013 г. - „Здрава навика“ (македонски)
- Информации за бананата Архивирано на 16 јули 2012 г. - „Кулинар“ (македонски)
- Бананата како комплетен оброк и како лек - „Превентус“ (македонски)
- Статии за трговија со банани на Agritrade Архивирано на 14 февруари 2014 г.
|