Прејди на содржината

Атентат врз Александар Стамболијски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Атентатот врз Александар Стамболијски бил извршен на 14 јуни 1923 година во селото Славовица, Бугарија. По извршениот преврат во државата било извршено жестоко и сурово погубување на водачот на БЗНС и бугарски премиер, Александар Стамболијски и неговиот брат Васил Стамболијски.[1] Главна улога во ликвидирањето на Стамболијски имал Воениот сојуз, но таквите политички случувања биле искоритени од страна на Тодор Александров и ВМРО за да се ослободат од својот непријател, со што директно биле вмешани во овие случувања.

Хронологија

[уреди | уреди извор]
  • За време на Деветтојунскиот преврат, кој бил најмногу концентриран во престолнината Софија, претседателот на владата Стамболијски се наоѓал во вилата на неговото родно место, Славовица, во близината на градот Пазарџик.
  • Кон селото Славовица се упатил одредот на поручникот Попов, кој добил наредба од новата власт во Софија да го уапси Александар Стамболијски. Настанала вооружена престрелка помеѓу двете вооружени групи, која поради подобрата положба и вооружување на обезбедувањето на Стамболијски, завршила со нивна победа.
  • Стамболијски охрабрен од првобитниот успех и лојалноста на неговите приврзаници, решил да дејствува. По негова наредба на Стамболијски, биле истрелани противградобијни ракети, по што за кратко време се собрале неколку илјади приврзаници на земјоделската влада. Бројот на вооружените луѓе во селото Славовица и неговата околина изнесувал околу 1500 селани спремни за одбрана на земјоделската влада и нејзиниот претседател.
  • Сменетиот бугарски премиер, се решил со неколку илјадната војска на негови приврзаници да го нападне градот Пазарџик. Додека траел земјоделскиот поход на Пазарџик кон селанската армија успеал да се приближи вооружениот одред на мајорот Попов, кој повторно се судрил со приврзаниците на Стамболијски, но поради бројната надмоќност на последниот, повторно бил поразен и покрај дополнителната воена помош што ја добил од превратниците. Во такви услови градот Пазарџик бил заобиколен од три страни од војската на Стамболијски, кој бил сигурен во воената победа и заземањето на градот. Во опсадата тој добил помош и од неговиот брат Васил Стамболијски, којшто застанал на чело на еден дел од вооружените формации. И кога потпаѓањето на градот во земјоделски раце веќе било речиси извесно, на помош на опсадените приврзаници на новата власт им дошло воено засилување од гарнизонот во градот Пловдив и тоа токму од страната на градот која не била опсадена. Надмоќната и добро вооружена војска на Деветтојунските превратници, која имала и поголемо воено искуство од селанската војска на земјоделскиот водач, извојувала победа пред градот Пазарџик и целосно ги разбила своите противници.
  • Александар Стамболијски останал само со неколкумина свои најверни приврзаници и неговиот брат Васил. Пред постојаните потери кои настојувале да му влезат во трагата на Стамболијски, групата се упатила во правец на неговото родно село Славовица. Овде Стамболијски решил групата да се растури, по што и покрај настојувањата на неговите другари преку планинските превои да побегне надвор од земјата, тој останал и со надеж дека ќе биде уапсен и однесен во престолнината Софија, каде се надевал на праведен третман од новата власт.
  • Воените кругови блиски до превратниците, со директна наредба на генералот В'лков, во таа област испратиле специјален одред со задача Александар Стамболијски да биде фатен жив. На чело на тој одред биле поставени полковникот Славејко Василев и капетанот Иван Харлаков.
  • Стамболијски сам талкал по околните села и преправајќи се дека бил трговец со дрва од селаните успеал да дознае за дефинитивниот преврат во државата. Во обидот да помине низ селото Голак, тој бил препознаен од едно воловарче, кое го пријавило на најблиските органи на власта и така сменетиот бугарски премиер паднал во заробеништво на новата власт во Бугарија. Стамболијски паднал во заробеништво на Славејко Василев.
  • Со автомобил Александар Стамболијски бил одведен во воениот гарнизон во Пазарџик, каде приврзаниците-офицери на новата власт се обиделе да го линчуваат.
  • Најтешкиот дел од заробеништвото на Александар Стамболијски започнал од моментот кога неговите мачители го одвеле во вилата во родното село Славовица, каде започнале суровите измачувања.

Прва верзија

[уреди | уреди извор]
Четата на Величко Велjaнов (во средината) и Крсте Лазаров (втор од лево кон десно). Оддесно на Лазаров со пушка на колена е Петар Станчев.

Постојат две верзии за тоа кој бил одговорен за инквизиторските методи применети против земјоделскиот водач. Според едната, главната улога во тоа ја имала ВМРО, повикувајќи се на податокот дека во вилата на Стамболијски во селото Славовица од страна на капетан Харлаков му била прочитана смртната казна на водачот на земјоделците од името на ВМРО и Воената лига, по што и покрај противењето на Стамболијски започнале сурови измачувања врз него и неговиот брат.

Главен инквизитор бил скопскиот војвода на ВМРО, Величко Велјанов - Чичето, заштитен и обезбедуван од триесетина четници на Организацијата. Бугарскиот премиер и неговиот брат биле измачувани, постојано биле принудувани да се збогуваат, биле натерани да си ги ископаат своите гробови, за да на крајот откако со нож му биле исечени ушите и носот, со десетици убоди, Стамболијски бил најѕверски убиен. Измачуваниот земјоделски водач, веројатно со крајни, натчовечки напори пред да почине успеал со крв на еден камен да го напише часот, денот, месецот и годината на неговото убиство: 12 ч. 14 јуни 1923 година [2]

Втора верзија

[уреди | уреди извор]
Местото на кое Александар Стамболијски бил затворен и мачен
Крвавиот натпис од Александар Стамболијски пред неговата смрт

Според втората верзија, пресуден збор за судбината на Александар Стамболијски имал капетанот Харлаков. По негова наредба Стамболијски од неговите мачители најпрвин бил навр��дуван, понижуван, пцуен и омаловажуван, а потоа започнале физичките измачувања со немилосрдно тепање. Стамболијски бил принудуван да ги носи на грб неговите мачители, кои покрај тој срамен чин, го боделе со своите ножеви за да оди побргу, а воедно започнале да го тепаат и со камшици.

Во исто време, во една друга куќа во селото бил фрлен во заточеништво и неговиот брат Васил Стамболијски. По извесно време иследниците му соопштиле дека имаат намера да го однесат кај неговиот брат Александар, на што свесен за нивните намери тој остро се спротивставил, не сакајќи да го гледа со свои очи измачувањето на брата си.

Со употреба на насилни средства Васил Стамболијски бил качен во автомобил и бил однесен во вилата на неговиот брат, каде двајцата, облеани во крв и унакажани од мачење, биле принудени да гледаат еден во друг и да се надеваат дека ужасите ќе бидат прекинати со смрт, која во таа очајна состојба им изгледала како награда и спас од инквизициите.

Но тогаш започнало уште пожестоко и сурово измачување на двајцата браќа. Еден од мачителите со нож му ги отсекол ушите на Александар Стамболијски, друг почнал да му сече делови од нозете, додека трет му забивал нож во градите. За да биде уште поголема агонијата на сменетиот бугарски премиер, мачителите со хируршка точност ги забивале ножевите во телото на жртвата во длабочина што нема да предизвика брза смрт, за да биде продолжено измачувањето.

Врв на садизмот и на инквизиторските методи бил моментот кога иследниците се обидувале да го натераат Александар Стамболијски да јаде делови од своето тело и да ја пие својата сопствена крв. Раскинатите делови од телото на несреќниот земјоделски водач тие му ги давале да ги држи на неговиот брат Васил, кој не можејќи да го издржи тој момент, починал во најголеми маки. Суровостите на крај завршиле со тоа што мртвото тело на Александар Стамболијски било исечено на 75 парчиња.

Останките на Стамболијски

[уреди | уреди извор]

Утредента четниците на ВМРО го закопале мртвото тело на Стамболијски во лозјето на неговата вила. Меѓутоа полковникот Василев по прегледот на вилата и гробот без крст на убиениот, му наредил на капетанот Харлаков и на поручниците Крстев и Сава Савов да ги закопаат посмртните останки на некое поскришно место во близина на реката Марица.

Според некои мислења, постоело и трета промена на локацијата на гробот на Александар Стамболијски, која има елементи на легендарност, бидејќи Стамболијсли имал голема популарност среде широките селански маси во Бугарија. Имено, според неа, по извесно време водите на реката Марица ги откриле посмртните останки на Стамболијски и тие случајно биле пронајдени од некој селанец од околните села. Селанецот ги собрал остатоците од телото на покојниот бугарски премиер и тајно ги закопал во својата нива и за локацијата на гробот ги запознал своите соселани, додека местото на новиот, трет по ред, гроб на Александар Стамболијски останало непознато за новата бугарска власт [3].

Главата на Стамболијски

[уреди | уреди извор]

Во врска со убиството на Александар Стамболијски се провлекувала уште една недоволно испитана работа, а тоа било тврдењето дека по погубувањето капетанот Иван Харлаков лично му ја пресекол главата на починатиот и во торба ја однел во престолнината Софија за да им ја покаже како триумфален предмет на водачите на Деветтојунскиот преврат. И по дваесетина години од настанот Харлаков не дал точен одговор кому му ја однел главата на убиениот бугарски претседател на владата. Според едно мислење главата била однесена во Софија, била шпиртосана и оставена да биде земена од тој што ја нарачал, додека според други таа била однесена некаде во странство, запалена, а пепелта била вратена назад во Бугарија, каде била и закопана [4].

  1. Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  2. Дончо Даскалов, Политически убийства...цит., 84/85.
  3. Убиецътъ на Александъръ Стамболийски говори..., Софија, декември 1944 година, 35.
  4. Убиецътъ на Александъръ Стамболийски говори..., Софија, декември 1944 година, 48.