Прејди на содржината

Тодор Циповски - Мерџан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тодор Циповски - Мерџан
Роден 16 ноември 1920
Тетово, Македонија
Починал 19 септември 1944(1944-09-19) (возр. 23)
Беличица, Македонија

Тодор Пецов Циповски (16 ноември 1920 - 19 септември 1944) познат со прекарот „Мерџан“ — македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој на Југославија.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Роден бил во 1920 година во Тетово. Потекнувал од мошне сиромашно занаетчиско семејство. Заради тешката економска состојба морал да го напушти својот дом на дванаесет години и да појде на печалба во Белград. Тешкотиите и неприликите на тогашниот живот го изградиле како силна и борбена личност. Во 1940 година бил примен за член на СКОЈ.[1]

Учество во НОБ

[уреди | уреди извор]

На почетокот од 1941 година како член на СКОЈ е уапсен од белградската полиција. Од затвор е пуштен по капитулацијата на Југославија, април 1941 година. Од Белград веднаш доаѓа во Тетово и стапува во врска со партиската организација. Извесно време работел и во Скопје како член на месната скоевска организација, а во јануари 1942 година е примен за член на КПЈ.

Во 1942 година преминал да работи во Тетово. Во јули 1942 година станал член на Околискиот комитет на Партијата во Тетово, а подоцна и негов секретар. На оваа должност останал сè до смртта. Во текот на 1942-43 година Околискиот комитет на КПЈ за Тетово бил долго време без врска со Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Но благодарение на Циповски револуционерите од овој крај, иако отсечени од покраинското раководство, останале доследни на револуционерната борба. Тогаш се покажал како добар организатор и одличен раководител. На 19 март 1943 година во неговата куќа е одржана првата седница на ЦК на КПМ.

Во август 1944 година Циповски е делегат на Првото заседание на АСНОМ.

Загинал херојски на 19 септември 1944 година при нападот на балистите над селото Беличица, Мавровско.

За народен херој на Југославија бил прогласен на 11 октомври 1951 година.[2]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1602 стр.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 409

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Димче Савевски, „Тодор Циповски-Мерџан: време, живот и дело“, Архив на Македонија, „Матица македонска“, Скопје, 1997.
  • „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 405-409