Прејди на содржината

Брокат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Преработка од 19:05, 19 декември 2024; направена од Uvtarex (разговор | придонеси)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Брокат со цветен дезен изработен со златни конци
Балдахин околу кралскиот кревет во Версајската палата

Брокат е скапоцена, сјајна и тешка, обично свилена ткаенина. Се карактеризира со живописни релјефни обрасци, најчесто со цветни или апстрактни мотиви.[1] Брокатната ткаенина порано се ткаела рачно, во многу сложени дизајни, а денес се изработува со ткаење со разнобојни конци во жакард техника. Жакард техниката на ткаење се карактеризира со релјефна шара на лицето од ткаенината со мотивот изработен со долги „пливачки“ нишки при што позадината останува сосем глатка. Ткаенината понекогаш е проткаена со златни или сребрени нишки, таканаречена срма . Денес, брокатот се изработува од вештачки материјали, а освен срма може да се користат и конци направени и од други метали. Брокат се користи за изработка на свечена облека, свештенички литургиски одежди, традиционални источни кимона и декоративен текстил. [2]

Етимологија

[уреди | уреди извор]
Кинеска империјална брокатна наметка од 18 век.

Зборот „брокат“ доаѓа од латинскиот збор, што значи „испакнат“. [3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Портрет на маж во брокат наметка ( Џовани Белини, околу 1800 година)

Технологијата на изработка на брокатни ткаенини доаѓа од Кина, од крајот на 13 век. Технологијата на изработка на брокатот била најстрого чувана тајна, чие откривање било казниво со смрт. Меѓутоа, откако по кинеските, и индиските ткајачи ја совладале техниката, и благодарение на блиските трговски врски меѓу Индија и Европа, оваа скапоцена ткаенина стигнала и до византиските трговци кои ја рашириле низ целиот свет. Оригиналната техника на изработка на брокат е многу сложена, па во тоа време се верувало дека оваа ткаенина може да ја направат само луѓе од Истокот. Поради ова, како и поради сложениот дизајн и времето потребнo за негова изработка, брокатот бил многу скап, па затоа брокатната облеката била привилегија на владетелите, високите свештеници и богатите.Поради тоа, таа била синоним за кралскиот двор, аристократија, богатство и луксуз. [4]

Најстарите парчиња облека изработени од брокат датираат од 1588 година. [3] Брокатни ткаенини направени во текот на средниот век се пронајдени во Кина, Јапонија, Грција и Италија. Тие биле направени од свила, а мајсторите ткајачи ги ткаеле рачно на разбои. Ткаенината често била украсена со скапоцени камења и рачно изработен вез .

Со пронаоѓањето на жакард разбој во 1801 година брокат можел да биде масовно произведуван, што ја направило ткаенината поевтина и подостапна за пошироката популација. Но, сепак и понатака останала ткаенина што ја користеле само богатите, поради трошоците за производство и специфичниот и напорен начин на одржување.

Денес, брокатните ткаенини се многу подостапни и се користат како ткаенини за опремување на домот, односно покривки за мебел, драперии, перници и слично. Поради својот елегантен изглед, брокат сè уште се користи за изработка на свечена вечерна облека и свештенички одежди. [5]

Изработка на брокатна ткаенина

[уреди | уреди извор]
Изработка на брокат на рачен разбој
Голем разбој за правење традиционален кинески брокат Јунџин, кој е вклучен во списокот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на светот
Жакард разбој

Брокатната ткаенина се карактеризира со мотив направен од разнобојни или метални нишки, или и од двете. За време на ткаењето се создаваат шари (мотиви), така што тие формираат плиток релјеф на лицето од ткаенината. Во основа може да биде која било ткаенина, бидејќи шаблонот на брокатот е само вметнат помеѓу конците на ткаенината. Сè до појавата на жакард разбојот на почетокот на 19 век, брокатните ткаенини се ткаеле на обични рачни разбои, а мотивот бил додаван посебно со специјални ткаечки совалки. Конците кои се користеле за изработка на мотивот се навивале на мали дрвени совалки, при што за секоја боја се користела посебена совалка. Конците на мотивите се вметнуваат меѓу основните нишки на јатокот и на тој начин се испреплетуваат со основата на ткаенината. Овие дополнителни нишки се користат само на деловите од ткаенината каде што е вметнат шаблонот. [6] Ткаенините што се користат за изработка на брокатот обично се изработени во наједноставните техники на ткаење - сатенско или кепер ткаење. [1] Затоа на опачината се гледаат различни преплети и ткаенината не е иста од двете страни како кај дамаст, кој исто така се ткае на жакард разбој. Кај брокатот, опачината може да биде мазна или да се гледаат вткаените нишки, исечени или долги, речиси како реси. [5]

Оригиналните брокатни ткаенини се скоро секогаш густи, тешки и сјајни. Тајната е во нишките од злато, сребро или други метали вткаени во свилената основа, што ги прави силни и еластични. Златото е исклучително податлив метал и може да се провлече во многу тенки нишки, и ткаенината направена на овој начин е фантастично скапа. Во последно време ова скапо предиво е заменето со легури со помала содржина на благородни метали, а основата е заменета со помеки материјали, кои се поудобни за носење, а самата ткаенина го задржува истото богатство на бои и дезени. Брокат од ликра се појави релативно неодамна, кој за разлика од класичната верзија не е груб и тврд и многу добро се истегнува. Свилениот брокат денес се користи само за свечена облека. Во принцип, својствата на ткаенината зависат од додатоците. Колку се посјајни влакната, толку е потврда, а со додавање на лурекс, предиво што наликува на метал, станува поеластично. [4]

Одржување на брокат

[уреди | уреди извор]

Во зависност од видот на влакна што се користат во ткаењето, некои брокати може да се перат рачно, додека други мора да се одржуваат професионално, односно хемиски . Поради методите на ткаење што се користат за создавање на сложени обрасци, брокатната ткаенина често се собира кога е влажна. Хемиското чистење е секогаш префериран метод, особено за тапацир на мебел или скапа облека. При рачно перење, секогаш постои ризик да се скинат конците од кои се исткаени шарите, поради триење, виткање и извиткување при цедењето. Ткаенината може лесно да се оштети и при сушење, бидејќи тежината на висечката влажна ткаенина може да предизвика и кршење на конците. Затоа брокат измиен во вода секогаш се суши на рамна површина. Брокатните ткаенини не треба да бидат изложени на сончева светлина и високи температури, па доколку се перат, треба да се перат само во ладна вода и да се сушат во сенка. Овие ткаенини може да се пеглаат, но секогаш од задната страна и преку заштитна газа, за да не се оштетат рељефните мотиви. [5]

  1. 1,0 1,1 „Brocade“. Encyclopaedia Britannica. Посетено на 10. 5. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  2. „brokat“. Hrvatska enciklopedija, mrežno izdanje. Leksikografski zavod Miroslav Krleža. Посетено на 10. 5. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  3. 3,0 3,1 „brocade“. MERRIAM-WEBSTER DICTIONARIES. Посетено на 10. 5. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  4. 4,0 4,1 „Brocade - tkanina králů a císařů“. wikienx. Посетено на 11. 5. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)
  5. 5,0 5,1 5,2 Leverette, Mary Marlowe (16. 12. 2020). „How to Care for Brocade Fabric Clothes and Accessories“. The Spruce. Посетено на 10. 5. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |access-date=, |date= (help)
  6. „Complex weaves“. Encyclopaedia Britannica. Посетено на 10. 5. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]